Локалните избори тест за државата: Ќе даде ли право на „глас“ на граѓаните со попреченост?

Гласање на парламентарните избори во 2016 година/Архива

Ги бараат гласовите од целиот електорат, но сите граѓани не можат да стигнат до избирачките места. За политичарите, граѓаните со попреченост се граѓани од втор ред – коментираат нивните здруженија. Тие нотираа дека во 2020 година, 76 проценти од избирачките места не биле пристапни, но и во пресрет на овие избори, ситуацијата велат не е променета.

Пред неколку дена, Методи Митев од Кочани добил телефонски повик од свој сограѓанин, член на една од политичките партии. Тој имал само една цел, да отиде во домот на Методи, кој цела деценија е неподвижен, и таму да се фотографираат.

„Јас му реков дека не може така. Му кажав кога и да посака може да дојде, но тоа да не биде партиски. Му реков нека повели, ако сака да се подобрат условите за лицата како мене во градот“, вели Методи за Радио Слободна Европа.

Раскажувајќи за овој неодамнешен повик, тој објаснува како лицата со попреченост, како што вели, се третирани со поинакви очи од политичарите. Како и претходно, така и сега, во нивните кампањи оваа категорија граѓани не се споменува, а тоа на Методи и нивните соборци не им влева надеж дека по изборите, проблемите би се надминале.

И доаѓањето до гласачките места е небезбедно

Дури и на самите избори, гласањето за нив е вистински предизвик бидејќи се одвива во објекти каде што најчесто нема пристапни рампи.

Видете и ова: Родителите на деца со попреченост бараат статус на „родител - негувател“

Методи е еден од ретките кој е исклучок од ова „непишано правило“. Сепак, доаѓањето до објектот каде што гласа е проблематично и пред сѐ ризично за него – впрочем, како и секој обид за движење низ кочанските улици.

„Имаме доста проблеми во градот, но конкретно на моето гласачко место имам рампа за да влезам и да можам да гласам. Ама доаѓањето до таму е проблем. Нема доволно тротоари, ниту рампи. Едноставно улиците не се слободни, а тоа ме прави небезбеден во моето секојдневие“, вели 43-годишниот соговорник на РСЕ, кој има париплегија.

Иако едвај, тој низ градот се движи со помош на електричен скутер добиен по пат на донации. Дури и кога така ќе успее да стигне до институциите, се соочува со нови бариери.

-Сум одел и до советници и градоначалници, сум им велел „ајде луѓе дојдете со мене да ви покажам каде треба да има рампи и паркинг места“. Во некои институции морам да замолам некој да дојде да ми помогне, замислете и во Центарот за лица со посебни потреби, исто така, нема рампа – додава Методи.

Меморандум за соработка, но системот не соработува

Но, сликата не е ваква само во Кочани, туку и во целата држава, каде никој нема официјален податок колку граѓани имаат попреченост воопшто.

Видете и ова: Бајковити ветувања, скромни очекувања

Претседателката на здружението „Инклузива“, Благица Димитровска, вели дека години наназад бараат регистер кој никако да го види „светлото на денот“. Оттука, не се знае и колку од лицата со попреченост имаат право на глас.

Но затоа пак, ова здружение нотирало дека 76 отсто од гласачките места немаат соодветна физичка пристапност, што значи дека „лице кое користи помагала, не може да пристапи самостојно“.

До овој податок, Здружението дошло во 2020 година кога се одржаа десеттите парламентарни избори, набљудувани од 67 набљудувачи на „Инклузива“ на 230 избирачки места.

„Тоа е огромна бројка на гласачки места, а тие се во најголем број во образовните институции односно училиштата каде што меѓу другото, одат и дечиња со попреченост. Со тоа дополнително се утврдуваат и пречките во образовниот процес“, изјави Димитровска за Радио Слободна Европа.

На помалку од една недела пред локалните избори пак, таа вели дека нема некое подобрување.

„Иако со помал број на набљудувачи, ние ги следиме сите изборни процеси. Нема некое намалување на овој процент. Иако се ставени поголем број рампи, тие сепак не се според стандардите. На пример, косината е поголема отколку што треба, или ширината е несоодветна за да може да се искачи лице кое е придружувано од друг, а кое користи помагало или е во инвладиска количка“, додава Димитровска.

Но решението на проблемот не лежи само во пристапните рампи, бидејќи и во објектите каде што ги има, недостигаат други услови кои се неопходни за граѓаните со телесен инвалидитет.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Скопје низ генерации на неисполнети ветувања

„Во повеќето објекти има скали веднаш од влезот, во самата внатрешност на објектот. Понатаму проблемот е што најчесто се гласа на вториот кат, а нема лифтови. Освен тоа, за да пристапи до гласачкото место, лицето мора да помине по улици каде нема соодветен јавен превоз, има паркирани автомобили и генерално, огромен број проблеми во секојдневниот живот“, додава претседателката на „Инклузива.“

Ова здружение и Државната изборна комисија склучија меморандум за соработка во 2018 година. Целта, како што соопштија тогаш, беше да се зголеми поддршката на граѓаните со попреченост во изборниот процес.

Истата таа година, истражувањето на „Инклузива“ покажа дека 64 проценти од гласачките места во Полошкиот и Североисточниот регион не се пристапни за лицата со попреченост.

Благица вели дека по потпишувањето на меморандум, Државната изборна комисија (ДИК) набавила повеќе од 100 монтажни рампи и три електромоторни транспортери. Според неа сепак, тоа не е доволно.

„Тоа е многу малку. Адаптацијата треба да се направи што поскоро бидејќи овие луѓе немаат каде да излезат ниту и кога не се изборни денови. Објектите најчесто се во надлежност на локалните самоуправи, затоа апелирам до сите идни градоначалници и советници кога нешто ќе градат, да мислат на сите граѓани“, порачува Димитровска.

Судска одлука против државата

Една од невладините организации кои преку мониторинг на терен ќе утврдуваат дали институциите презеле мерки за некакво подобрување на претстојните избори, е и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Прaвната советничка, Тона Карева Толеска за РСЕ вели дека ваквите податоци ќе бидат клучни за да се изврши јавен притисок.

Архивска фотографија - Томислав Бошевски гласа во Битола, локални избори 2014

Обидувајќи се да предочи дека „пристапноста не е техничко, туку прашање на еднаквост и човекови права“, Хелсиншкиот комитет направи и своевиден притисок во 2021 кога поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес.

Идната година, Основниот граѓански суд Скопје пресуди дека Владата и ДИК сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас.

Оваа пресуда, во име на тужените органи, ја обжали Државното правобранителство, по што Апелациониот суд Скопје ја укина првостепената пресуда.

Во повторената постапка, Граѓанскиот суд одлучи дека двата тужени органи сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост, а и по поднесена жалба од Државното правобранителство, Апелациониот суд во октомври 2023, ја потврди во целост првостепената пресуда.

Тона Карева Толеска од Хелсиншкиот комитет, сепак смета дека и покрај оваа судска одлука, суштински промени сè уште нема.

„И покрај јасните препораки и обврски за отстранување на архитектонските бариери и унапредување на пристапноста, голем дел од гласачките места остануваат физички недостапни за лицата со попреченост“, додава Карева Толеска за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Куферчиња, предавства и „српски свет“ – наместо ветувања за чист воздух и улици

Според неа, „оваа состојба јасно укажува дека инклузијата на лицата со попреченост во нашето општество е повеќе декларативна отколку реална“.

„Кога лицата со попреченост не можат да го остварат едно од своите основни демократски права — правото на глас, тоа зборува дека општеството и институциите не ги препознаваат нивните потреби како приоритет. Недостигот од пристапност не е само физичка, туку и симболична бариера, која покажува колку малку се вложува за вистинско учество на овие лица во јавниот и политичкиот живот“, заклучува Карева Толеска.

ДИК доби препорака да ги преземе сите дејствија за соодветно приспособување на гласачките места и од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Апел од Комисијата против дискриминација

Иако оваа препорака беше донесена во 2021 година, Комисијата на неа потсети неодамна преку писмено соопштение во кое апелираше да се исполнат препораките од донесените мислења со кои се утврдува дискриминација.

-Овие мерки и дејствија треба да обезбедат гласачките процедури, објекти и материјали да се соодветни, пристапни и разбирливи за лицата со попреченост, со цел остварување на правото на учество во јавниот и политичкиот живот на лицата со попреченост на еднаква основа со другите – наведува Комисијата во соопштението што го лиферуваше на почетокот на месецов.

Понатаму, Комисијата потсетува и на последните измени на Изборниот законик, каде Член 173-а предвидува дека „за условите за пристапност за сите категории на лица со попреченост до објектите каде што се наоѓаат гласачките места се грижат соодветните институции и органи во чија сопственост се објектите“.

Радио Слободна Европа ја праша Државната изборна комисија, дали при определување на објектите за гласање ја зема предвид нивната физичка пристапност за гласање, но до овој момент до редакцијата не пристигна одговор. Од ДИК не одговорија ниту што е преземено и како е постапено по добиените задолженија од судот.

Гласањето-значаен метод за политичко учество

На оваа судска одлука, оценувајќи ја како пресвртница, потсетува и Институтот за европска политика (ЕПИ) споменувајќи ја во документот „Право за секого, но привилегија за одредени – правото на глас на лицата со попреченост“.

Во документот објавен во декември 2023 година, авторката Ардита Вејсели истакнува дека „иако гласањето не е единственото средство за политичко учество и ангажман, тоа претставува значаен метод за политичко учество, особено за лицата со попреченост“.

Во документот се потсетува и на Конвенцијата за права на лицата со попреченост, која предвидува обезбедување соодветни и пристапни процедури, објекти и материјали, дури и по барање на лицата, да се дозволи помош при гласањето“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Кондарко:Потребен ни е целосно нов Изборен законик

Ја прашавме Државната изборна комисија дали тие имаат нивен податок за пристапноста на гласачките места, но исто како и на останатите и на ова прашање не добивме одговор.

Првиот круг од претстојните локални избори е закажан за 19 октомври.

Во Избирачкиот список се запишани 1.832.415, а вкупно во државата регистрирани 3.480 избирачки места. Од нив, на 132 гласачки места се запишани помалку од десет избирачи. За овие лица гласањето ќе се спроведе на најблиското избирачко место со повеќе од десет гласачи – соопштија членовите на Комисијата на 138. седница минатиот месец.