Достапни линкови

Бакиу: Во цела држава има дивоградби - потребна е анализа дали да се уриваат или легализираат


Бакиу: Се залагам Скопје да се развива периферно и да се ограничи доселувањето
please wait

No media source currently available

0:00 0:18:05 0:00

Бакиу: Се залагам Скопје да се развива периферно и да се ограничи доселувањето

Проблемот со дивоградбите бара системски и инклузивен пристап, кој не смее да биде дискриминаторски, туку да ги опфати сите општини со целосна анализа на состојбата и јасни финансиски импликации, вели во интервју за РСЕ кандидатот за градоначалник на Скопје од коалицијата ВЛЕН, Башким Бакиу.

Господине Бакиу, кој е вашиот главен приоритет од проектите што прв ќе го започнете и би го реализирале во мандатот од четири години?

Mислам дека треба брза интервенција, во смисла на ставање на функција со толкави капацитети кои ги имаат јавните претпријатија за доброто на градот. Особено се забележува нечистотијата во градот, во булеварите, во населените места, во општините коишто се под покровителство на градот Скопје за чистотата, таму мислам дека треба адхок брза интервенција со цел да се стави во некаков ред. Во рамките на мојата програма, јас имам соодветен конкретен план којшто се однесува на сите јавни претпријатија за да се стават во функција на граѓаните и на градот.

Друг проблем којшто не загрижува е исто така и транспортот. Мојот пристап е во ЈСП Скопје да се смени менаџерството и сите тие капацитети што ги имаме да ги ставиме во функција на градот. Исто и во јавниот превоз е потребно долготрајно решение кое што ќе биде во функција за граѓаните, односно да се доведеме до брз, евтин и на време јавен транспорт.

Трет проблем којшто е загрижувачки, а особено се осеќа во рамките на периодот на зимата е заштита на животната средина, чист воздух којшто се неколку фактори коишто влијаат.

Како конкретно вие во рамки на вашите ингеренции и моќ како градоначалник на Скопје би преземале за да го спречите, односно да го намалите загадувањето?

Треба ад-хок интервенција во ставање на функција на актуелните јавни претпријатија. Во случајот ако ги спомнав двете теми што се однесуваат до чистотата, до јавниот превоз, во случајот треба да се види како функционира компанијата за собирање на отпад Дрисла, која за жал пристапот нивен не им е да се врши соодветно селектирање на отпадот, нема јасен пристап во смисла на анализа на актуелните депонии, пошто не е само да речеме кој што стана актуелно Вардариште, има и во неколку средини и простории во рамките на градот Скопје, има во Визбегово, во општина Шуто Оризари и во Сарај и во неколку средини каде што за жал се претварат во депонии.

Тука исто така нема информација, односно едукација и на граѓаните, градот никогаш не пристапил во смисла на селектирање на отпадот. Јас сум гледал примери како пристапиле во неколку европски градови. Значи едукацијата треба од кај населението, од кај домаќинствата, од кај бизнисите.

Но, за да има таков пристап треба и транспарентност, односно консултација на тие таргет групи при креирање на политики. Така да, да има некаков круг во кој штојавното претпријатие Дрисла би било во таква состојба во која што би имале селектиран отпад и на долг рок трансформација на таквото јавно претпријатие за да генерира и енергија, односно да се трансформира во профит. Затоа пристапот може да биде и со јавно приватно партнерство.

Таков случај имаме на пример во Словенија која има регионален центар за собирање на отпад конкретно во рамките на градот Љубљана и истата депонија е трансформирана во компанија која што генерира профит заради промена на пристапот на рециклирање и трансформација на одредениот отпадоци во енергија.

Како во моментов би го опишале градот Скопје во една реченица и според вас во која насока треба да се движи?

Вака со една реченица можеби е тешко да се опише, но кратко речено - градот во моментов е во хаос. Во хаос во смисла поврзано со транспортот, спомнав и со чистотата, хигиената. За жал, особено последните шест месеци е запоставен тој елемент и граѓаните мислам дека заслужуваат да имаат модерен, европски и зелен град, односно модерна европска метропола.

И самиот ја споменавте Љубљана, дел од вашата магистратура во вашето образование е на тема компаративен локален развој, со што имате искуство во однос на европските стандарди на управување. Колку Скопје е далеку од животот којшто го има во Љубљана?

Да, јас бев да речеме еден од среќниците коишто доби и Еразмус Мундус стипендија. Таквата стипендија ми овозможи да студирам во неколку градови во Европа, во Италија, Германија, Унгарија и во Словенија. Конкретно во Словенија престојував во Љубљана. За мене, се уште е еден од најчистите, мал град, убав град и студиите ми беа токму на темата компаративен локален развој.

Тој европски пристап на студирање ми овозможи дури и да идам на студиски посети кај одредени компании, кај одредени јавни претпријатија, институции, било национални или пак на градот Љубљана. Не сме далеку, но се зависи од пристапот на менаџерите во рамките на градот. Тоа што го кажувам јас како искуство во меѓународни организации во коишто се наметнува консултацијата на граѓаните - било да е со анкета, било да е со консултација, било да е со некаков вид на референдум, со цел да се издвојат приоритетите кои се на граѓаните.

Можеме ли во наводници нешто да украдеме позитивно од Љубљана?

Апсолутно, апсолутно, затоа и е мојата кандидатура во случајот. Да не бидам скромен, јас ја гледам мојата предност во рамките и на искуството на темата локален компаративен развој и на искуството на темата децентрализација. Но, зборам од академско и образовно, но и научно искуство во смисла на анализа на процесот на децентрализација и на конкретни проекти имплементирани од меѓународни организации коишто се поврзани исто така на темата општина и децентрализација.

Да го спомнам пристапот и колку сме ние далеку или пак дури и можам да кажам не дека е невозможно, но нема никаква разлика Словенците со нашите граѓани тука, односно скопјани.

Но, се зависи каква тема, какво темпо, каква понуда и начин на работа воспоставуваат самите градоначалници, односно менаџери на градот. Тоа што му недостасувало на градот е вклучување токму на граѓаните во процесот на креирање политика. Сега кога зборам за граѓаните, зборам и за таргет групите.

Господине Бакиу, актуелната градоначалничка на град Скопје, Даниела Арсовска документираше голем број на дивоградби во општина Чаир, која ја управува во моментов градоначалник од вашата коалиција. Доколку станете градоначалник на град Скопје, дали ќе овозможите независна истрага во однос на тоа што е работено во општината?

Зошто го истакнав менаџерството во смисла за да бидеме ние како еден европски град. За жал, често пати суетите на одредени политичари се над приоритетите на граѓаните.

Мислам декаградоначалничката во заминување наместо да се ориентира токму во системско решавање на проблемот и на транспортот и на проблемот со Дрисла и на проблемот на Комунална хигиена, она се наметна и под влијание, можам да заклучам дури и од актуелното раководство или пак мнозинство во коалиција во градот Скопје, се насочи конкретно да се ориентира политички кон одредена општина со цел да таргетира одредени личности.

Таргетираше и проблем - дивоградби.

Апсолутно да, токму во таа насока. Но, во случајот и во според моите анализи и истражувања, не само во градот Скопје, севкупно во рамките на државата, за жал, има дивоградби, и во градот Скопје има дивоградби, и затоа мојот пристап е поинаков.

Јас мислам дека првично треба да се анализира актуелната состојба со цел да се види кај се, колку се, колку има финансиски импликации или да се рушат, или да се најде некој модус и законски да се легализираат, бидејќи во процесот на функционирање на градовите на државата, ние имавме период во којшто заради дивоградбите се донесе закон за легализација во 2011-та.

Но, секогаш пристапот ќе ми биде во смисла да се види колку тоа им штети на граѓаните, колку тоа им штети или пак во случајот на бизнисот или било останати други инволвирани страни.

Бидејќи кога ја спомнуваме Љубљана, токму Љубљана е пример на законскa ограниченост на доселување или пак ограничување за дури и за легални можности да никнат нови згради, што во случајот историски во градот Скопје не е така.

Така да, ние мора да имаме системски пристап, било каков да е, или пак да се сруши или пак да се да се гради, да не биде дискриминаторски, туку да биде инклузивен, да се вклучат сите општини, да се вклучат заедницата на општините ЗЕЛС, да се вклучи бизнис заедницата, да се консултираат граѓаните, да се консултираат невладините организации, да се дискутира во Советот на Градот, бидејќи за жал таква дискусија, такви теми немавме.

Ако се повикувате на споредба со искуството кое што го има Љубљана, сметате ли дека Скопје треба да се движи во насока на намалување на нови градби во град во главниот град, меѓутоа и на некој начин да се ограничи доселувањето?

Јас сум за зајакнување на општините, функционална децентрализација, фискална децентрализација. Јас би ограничил во две насоки, и во смисла на никнување на нови згради и во смисла на доселување во рамките на градот. Е за тоа не може да се пристапи само со со пристап којшто ќе биде мислам наметнат од страна на градот Скопје.

Веројатно ќе има потреба и промена на одредени закони во кои не би ги ограничил одредени човекови права. Но, дури и да има начин на проширување на градот Скопје, тоа би го направил периферно во насока на инвестирање на градот во општините коишто се во административна територија на градот Скопје, но за жал се запоставени и не се не се урбанизирани.

Бидејќи надпопулацијата во смисла во градот Скопје во иднина би создала и останати проблеми. Ние би останале и без вода, бидејќи во случајот во летните периоди има одредени населени места коишто имаат недостиг на вода за 24 часа.

Од 1-ви јануари 2028 година Скопје како главен град треба да ја преземе титулата на Европска престолнина на културата, организација која што пред се бара многу подобрена инфраструктура, европска организација и нормално дека бара пари. Кога зборуваме за сите овие проблеми со кои што се соочува Скопје како главен град, нели е ова преамбициозно за нас да го организираме иако периодот е 1-ви јануари 2028 година?

Да бидеме искрени, ние може да бидеме сведоци дека на претходното владеење не можеме многу да се гордееме со примати кои што би ги земал градот поврзани од организациски аспект во доменот на културата. Посебно ако го споредуваме со соседните земји.

Почнувајќи од Атина, Белград, Приштина и Тирана. Бидејќи сум имал можност да патувам и заради блискоста во Приштина и во Тирана, за жал, тие визави градот Скопје се многу напред случувајќи и во смисла на културно организирање. Само оваа година и во Тирана и во Приштина гостуваа светски ѕвезди од типот на Дуа Липа во кои што нашиот град не успеа да примами ниту една ѕвезда која што ќе биде идентификација за културни активности и кои што би се реализирале во територијата на градот Скопје и би биле атрактивни и за регионот но и за населението кај нас.

Мислам дека ние може да бидеме спремни во 2026 година од јануари за да не бидеме идентификувани со нула во смисла на културни активности. Но, треба сериозен напор, сериозна комуникација, сериозно разгледување и консултација со токму градовите и во регионот и европските градови кои што биле носители на такви активности во доменот на културата со цел да ни помогнат.

Колку советници очекувате во рамки на на советот на град Скопје?

Интересен е натпреварот во рамките на градот Скопје. Гледам дека советничка конкуренцијата во советничките листи е поголема имајќи го предвид моделот на распределба на како да речам на советници визави гласови, нашите анализи и пресметки се дека минимум ќе добиеме шест советнички листи што се доволно ако се анализира гласачкото тело, приврзаниците кои што директно ќе ја ќе ја поддржат советничката листа на коалицијата Вреди.

Но, тука зборам за минимумот бидејќи и знам дека таму има кандидати кои што се докажани во својата професија, докажани со своето искуство и сигурно ќе можат можеби уште минимум дополнително еден или двајца пратеници да привлечат. Нормално гласови кои што можеби претходно биле апатични, неопределени, но сега да бидат прилепени кон коалицијата Вреди.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG