Кампањата за претстојните локални избори ги изнесе на улица главните политички пораки и ликовите на кандидатите за градоначалници. Kандидатите се рекламираат на клучни сообраќајници и градски улици во главниот град.
За да се закупи претставување на билборд постојат утврдени правила. Градот Скопје и општините им доделуваат определени локации на компаниите кои нудат закуп. Тие на овој начин генерираат приходи, плаќајќи извесна сума како надоместок за изнајмување.
За време на кампањата, фирмите - концесионерите може да понудат само половина (50 насто) од вкупниот број на нивни закупени локации за билборди за платено политичко рекламирање во една општина.
Партиите можат да закупат паноа и билборди според моделот - 40% за владејачките партии, 40% за опозицијата, 10% за оние кои немаат пратенички групи во Собранието и 10% за вонпарламентарни партии и независни кандидати. Но, рекламирањето во изминатите изборни циклуси покажало дека во пракса функционира поинаку.
Според член 78-а став 3 од Изборниот законик се наведува дека:
„Општините, Градот Скопје и правните лица кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди се должни во рок од пет дена од денот на распишување на изборите јавно да ги објават локациите и цените за закуп на рекламните паноа и билборди на своите веб-страници и податоците да ги достават до Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и до Државната комисија
за спречување на корупција, заедно со испечатен извадок од објавата. Цената не смее да се менува за време на изборниот процес и истата не смее да биде поголема од просечната цена за закуп пресметана во последните пет изминати изборни циклуси.“
РСЕ направи проверка на интернет дали сите концесионери постапиле согласно закон. Освен на неколку компании кои изнајмуваат рекламен простор и ги направиле јавно достапни понудите за политичките партии на нивните веб - страници, некои имаат функционална онлајн страница со објавени стандардни ценовници, но, не и посебно за локалните избори. Таков е примерот со „Промар дигитал“. Други понудувачи, како „Маркетинг микс“ од Штип нема функционална веб - страница.
Зголемен интерес во споредба со претседателските избори
За разлика од последните претседателски избори кои се одржаа во 2024 година, на кои во ДИК се пријавија 12 компании со понуди за рекламирање, на овие локални избори интерес покажале пет фирми повеќе или вкупно 17 кои би понудиле простор на кандидатите за градоначалници и советници во градот Скопје и 80 општини во Северна Македонија.
„За овој вид на рекламирање на учесниците освен спроведувањето на ждрепката за просторот, Државната изборна комисија нема никаква законска надлежност и истото не спаѓа во платено политичко рекламирање со државни средства“, одговорија кусо од ДИК.
„Кој е кој“ во бизнисот со билборди?
Од 17-те компании кои доставиле понуди до ДИК има неколку познати компании и нивни сопственици кои учествувале во претходни избори.
Фирмата „Лид Комјуникејшнс", е во сопственост Ненад Јосифовиќ и „КАЛА МЕДИА ДООЕЛ Скопје", компанија која се поврзува со бизнис мрежата на бизнисменот Орце Камчев.
Јосифовиќ има долгорочно деловно партнерство со Камчев, а беше вклучен и во случаите „Империја" и „Плацеви на Водно". Низ годините, фирмата доживеа неколку смени во сопственичката структура. Во 2022 година, во „Кала Медиа„ кратко се појави и рускиот бизнисменот Сергеј Самсоненко, кој со сопругата Ирена е ставен на американската листа на санкции на 16 ноември 2023 година.
„ОК Медиа ДООЕЛ“ е во сопственост на „О.К.ИДЕА ДООЕЛ“, односно на Наташа Савова-Салковска, која исто така се поврзува со Камчев. Тој се појавуваше како сопственик и на „ОК Медиа“ и на „О.К. ИДЕА“ до февруари 2024 година, кога „Орка Холдинг“ е избришана од сопственоста, по неговото ставање на американската црна листа на 19 јули 2023 година.
Политичко рекламирање пријави и „Скрин Медиа“, сопственост на „ЕУРОВИА ХОЛДИНГ ДОО Желино“ и „ЕА ХОЛДИНГ ДОО Желино“ - и двете во сопственост на Ељмедин Адеми.
Фирмата-ќерка „ЕУРОВИА ДООЕЛ Желино“ беше избрана од МНР како најповолен понудувач за 1,8 милиони евра за адаптација на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за Самитот на ОБСЕ, а потоа и како подизведувач на „Бехтел и Енка“ за Коридорот 8. „Скрин Медиа“ е основана во 2008 година, а од јули 2012 до април 2014, како сопственик е евидентиран и Филип Спасовски.
Во моментов, Спасовски е сопственик на „Акцент Медиа“, компанија која во повеќе изборни циклуси, вклучително и актуелниот, нуди простор за политичко рекламирање до ДИК.
Мегаборди - нерегулирани форми на рекламирање
Ченот 78-а од Изборниот законик вели дека „дозволено е политичко рекламирање на рекламните паноа и билборди“. Но, надвор од законот на улиците се забележуваат и други начини на рекламирање.
И за претходните парламентарни и претседателски избори, како и сега за локалните, останаа недефинирани аспекти кои не беа опфатени и дорегулирани во Изборниот законик, како што е надворешното политичко рекламирање преку мегаборди - огромни билборди распослани на фасадите на зградите како и автобуските постојки.
Овој начин на рекламирање со мегаборди е покриен преку Законот за градење и Правнлник на Регулаторната комисија за енергетика.
За поставување на опрема, инвеститорот поднесува барање за поставување со потребна документација, а решението го издава градоначалникот на општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје. Потребната документација и образецот на решението ги пропишува министерот за транспорт и врски.
Во членот 9 од Правилникот за нормите и стандардите за домување во станбените згради е дозволено поставување на плакати, излози, рекламни натписи на станбените згради пишува дека надворешните делови од зградата служат за потребите на сите станари и сможе да се издаваат само со одлука на сопствениците. Висината на закупот, пак, се утврдува со одлука на станарите.
Локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври и 2 ноември во Северна Македонија ќе бидат осми по ред од осамостојувањето на државата во 1991. За 80 општини плус Градот Скопје, има вкупно 309 кандидати од партии и независни листи.