Достапни линкови

Ѓорѓиевски: На Скопје му треба пауза од градење


Ѓорѓиевски: Дрисла нема да се приватизира
please wait

No media source currently available

0:00 0:18:00 0:00

Ѓорѓиевски: Дрисла нема да се приватизира

Ниту едно јавно претпријатие во Скопје нема да се приватизира, уверува кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски. Тој најавува и дека ќе го имплементира БРТ системот во јавниот превоз, а смета и дека во неговиот мандат може да направи парк од депонијата Вардариште. Ова се дел од темите на кои разговараме со Ѓорѓиевски во предизборните интервјуа на РСЕ.

Господине Ѓорѓиевски, кој е вашиот главен приоритет од проектите што прв ќе го започнете и ќе го реализирате во вашиот мандат од четири години?

Со оглед на нетрпението на јавноста, но и граѓаните она што го доживуваат изминативе четири години, а е поврзано со нефункционалноста на Комунална хигиена, јас веќе најавив дека во првите 72 часа ќе спроведеме темелна активност за чистење на Скопје. Мислам дека од најголемите приоритети тоа најмногу недостасува. Секако тука се и останатите проекти коишто јас веќе ги елаборирав во јавноста, но она што прво ќе го направам е ќе го исчистам градот, односно една голема генералка ќе направиме.

Велите генералка во први 72 часа, а во програмата велите и град без депонии. Обиди за чистење на депониите имаше и претходно. Како ќе спречите нивно повторно создавање откако ќе ги исчистите?

Јас имав веќе успешен модел во општина Кисела Вода. Откако утврдивме на почетокот, морам да признаам дека прашање на време беше кога повторно исчистените депонии ќе се претворат во нови жаришта.

Спроведовме еден модел во којшто после темелно чистење и третман на тие површини создадовме на одредени локации паркови. Истото што сакам да го направам со Вардариште и ќе го направам, но и на одредени позиции каде што имаше потреба односно барање од граѓаните создадовме нови паркинг простори, така што решенијата ќе бидат насочени да бидат на долг рок.

Како ќе изгледаат тие системи на долг рок?

Систем на долг рок, на пример, еве можам да ви објаснам за Вардариште. Вардариште ќе биде претворен во еден нов зелен парк, 300.000 квадрати зеленило коишто ќе бидат новите бели дробови на градот Скопје.

Таму е и Лајка, јавното претпријатие Лајка чиишто капацитети ќе бидат за брзо обновени, односно проширени, бидејќи Лајка во моментов има мали капацитети.

Ќе биде нов парк за миленици таму направен дополнително, но ќе има и други манифестации каде што граѓаните, семејствата нивни заедно со нивните дечиња ќе можат да направат еден хуман гест - да си посвојат кученца.

Постојат студии коишто велат дека прво е потребно санација пред Вардариште да се претвори во некаков парк. Дали ќе се водите според старата студија од 2014 за Вардариште или пак планирате некоја нова да спроведете преку јавна набавка?

Јас ја имам студијата од 2014 година којашто де факто треба минимално да се доработи, но тоа не треба да значи да повторно ние уште четири години говориме за проблемот, а тој и понатаму не мачи.

Особено ги мачи жителите од Гази Баба коишто се трујат постојано и жителите од Аеродром, особено делот Ново Лисиче.

Тоа што студијата ќе треба да се доработи не значи дека градоначалникот, јас после ноември месец да ме попречи да ја заградам целата таа територија, да поставам сериозен мониторинг таму, но и да започнам истовремено со чистење на надтоложениот отпад.

Никој не ме попречува во истото. Дополнително ќе треба да се ангажираат на самото место за одгасување компании коишто ќе можат да го спроведат целиот тој процес и верувам дека до крајот на мојот мандат ќе никне таму големиот зелен парк во Скопје.

Кога сме кај депониите, премиерот Мицковски изјави дека решение за Дрисла е јавно приватно партнерство. Депонијата претходно имаше концесионер, за да во 2019 година во времето на Петре Шилегов биде вратена во сопственост на градот. Кој планирате вие да стопанисува со Дрисла? Дали тоа ќе биде градот или можеби се согласувате со премиерот дека таму е потребно јавно приватно партнерство?

Јас од оваа перспектива денеска можам да кажам единствено дека таму мора да се изгради погон за преработка на отпадот. Мора. Ќе ја провериме финансиската состојба на градот откако ќе влезам во градот. Мене ќе ми биде најдраго самите да го направиме тоа, но доколку можностите на градот не дозволуваат ние самите да инвестираме, нормално дека тој проблем не може и понатаму да ги труе скопјани, туку ќе мора да најдеме алтернативно решение.

Дали ќе биде тоа по по пат на јавно приватно партнерство, дали ќе биде некој друг формат, не знам. Но, суштински е важно што градот нема да ја оттуѓи депонија Дрисла, ниту пак како што некои пробуваат политички да профитираат изминатиов период да кажуваат демагогии во јавноста дека ќе се приватизирале јавните претпријатија.

Јас лично сум противник на таквите модели и нема да дозволам ниту едно јавно претпријатие, категорично тврдам, да се приватизира или слична некоја форма на тоа да се спроведе на јавните претпријатија во наредните четири години.

Најавата за новиот Генерален урбанистички план во вашата програма предвидува и рационално ширење на градот. Што точно значи тоа?

Ние имаме одредени зони во градот Скопје коишто се надвор од ГУП. Еве на пример, ќе го споменам Драчево, ќе споменам делови од Волково, ќе споменам и останато делови од Скопје коишто не влегуваат во Генералниот урбанистички план и тоа сметам дека е пропуст од минатото и ние ќе треба да го интервенираме целиот тој момент. Односно, тие пречки од минатото коишто не дозволувале ширење на градот и прогрес на истите населени места да ги отстраниме и да воведеме еден систем во којшто јас ќе можам рамномерно да инвестирам подеднакво во сите населени места во градот Скопје, односно во сите населби.

Од една страна, она што лично мене, а е поврзано со генералниот урбанистички план и неговото носење во перспектива, ми сметало изминатиот период, а ќе го поправам истото, е што му недоставува голема транспарентност на Генералниот урбанистички план. Вклучување на јавноста во истиот, вклучување соодветни стручни лица, но пред се граѓаните да имаат увид на тоа што го планираме за во перспектива затоа што Генералниот урбанистички план не треба да се носи по мерки на партиите, не треба да се носи по мерки на поединци, туку треба да се носи по мерка на граѓаните.

Јас во Кисела Вода покажав во пракса со деталниот урбанистички план во Расадник каде поништивме 99 маркици за градба, каков е мојот стил на делување кога е поврзано тоа со креирање на детални урбанистички планови во минатиов период, но и со генералниот урбанистички план. Во перспектива и само така планирам да продолжам да функционирам како градоначалник на градот Скопје.

Кога зборуваме за рационално ширење на градот, кое е вашето лично мислење? Дали на градот Скопје му треба пауза од градење?

Апсолутно, се согласувам. Ние треба да дозволиме да дише центарот на градот којшто де факто е пренатрупан со градби и мојот концепт е да се шири градот во периферијата, односно делови према Драчево, делови према излезот на Ѓорче. Така што мојот концепт ќе биде што помалку градби во централното градско подрачје.

Дали тоа значи дека во новиот Генерален урбанистички план може да влезе, ако можам така да го наречам, еден вид мораториум на градби во централното градско подрачје?

Па, тоа ќе го одлучиме заедно со стручните лица од фелата. Јас овие одлуки не ги носам сам. Пред се, ќе биде ставено тука предвид мислењето на граѓаните коешто најмногу ми значи. На крајот на денот, јас очекувам и пресудна е поддршката од граѓаните и нормално дека моите чекори би ги насочил кон тоа да биде поддржано од страна на граѓаните и секако да биде, пред се, во нивни интерес.

Стратегијата насловена како визија 2025-2045 година. Во вашата програма надминува пет градоначалнички мандати. Како ќе обезбедите политички па и финансиски континуитет за вашата дводецениска визија?

Во Расадник некој може да одлучи во перспектива да постапи спротивно од тоа што јас сум го дефинирал како цели и стратешки развој на тој дел таму преку меѓународниот конкурс. Но, тоа би значело да се спротиставите на целата јавност и на граѓаните коишто живеат таму и се најмногу засегнати. Истото ќе биде и во градот Скопје.

Мене навистина како еден од помладите, јас не сум премлад, но се сметам за еден од помладите, новата генерација на политичари во државата, сериозно ми смета неизвесноста во било кој од процесите.

Ние, време е да претставиме извесност пред граѓаните и граѓаните да знаат со што ќе се соочат денес, утре, но и за 20 години од денес. Нас неизвесноста изминативе години не доведе во состојба да имаме ваков хаос во градот.

Мораме да ги поставиме стандардите и однапред граѓаните да си ја знаат извесноста, односно што ќе биде она со коешто ќе се соочат во нареден период од своето живеење во главниот град.

Критичарите на ова можеби би рекле дека ова е повеќе политички маркетинг отколку реален план - ваква дводецениска визија, односно дека можеби е начин да се префрли топката и одговорноста на идните генерации за незавршените и нереализираните проекти во првите четири години од мандатот.

Па видете, генерално ова не се однесува на проекти затоа што еве мостот Љубљанска јас не велам дека ќе биде во мојата стратегија. Мостот Љубљанска ветувам дека за шест месеци откако ќе влезам како градоначалник во градот Скопје ќе го довршам и ќе го ставам во функција или булеварот Борис Трајковски према Драчево или Лимак, подземната сообраќајница којашто ја чекаме еве децении веќе, но нема ништо извесно околу тоа.

Ова повеќе се однесува на стандардите и поставеноста на структурата на градот, на суштината на градот, да знаеме градот како треба да се движи, како да се обликува и да не се соочуваме ние со состојби во коишто мораме да носиме ад-хок решенија коишто подразбираат мораториум или било каква постапка на одреден градоначалник, но можеби таа да биде не знам поништена од тој којшто ќе дојде после него. Ова подразбира извесност.

Јас знам дека можеби на неколкумина им пречи извесноста. Сакаат повеќе да живеат во хаос, но јас сум тој којшто ќе донесе и ред во хаосот, но ќе понуди и извесност за нашите граѓани, односно вистинска слика за градот којшто сите го сакаат.

Според податоците во вашата програма, јавните претпријатија на градот Скопје имаат долгови од речиси 100 милиони евра. Како планирате да ја спроведете програмата со 346 проекти за коишто ми се чини дека рековте ќе чинат 180 милиони евра кога почетната позиција ви е толку голема финансиска дупка?

Нема да ми биде едноставна работата нема да ми биде лесно, јас тоа го знам, но истовремено знам дека имам одличен тим којшто стои заедно со мене во ова. Јас сум свесен за овој предизвик, со добра реорганизација, кратење на непродуктивни трошоци, данокот на имот којшто не се наплаќа онака како којшто треба да се наплаќа, дополнително репроценката на данокот на имот којшто планирам да ја спроведам, а тоа е околу 40-тина милиони евра дополнително на годишно ниво плус за градот Скопје, сметам дека ќе бидат надминати сите овие недостатоци од минатото. Градот ќе има сериозен прогрес и развој. И тука дополнително ја сметам и поддршката од владата од страна на претседателот на владата, господинот Мицкоски.

Меѓу најголемите должници со години се ЈСП и Комунална хигиена. Како ќе ги покренете овие претпријатаи да бидат самоодржливи?

Таму треба темелна реформа и реорганизација. А јас сум противник на тоа, луѓето да останат без работа, да се доведеме во состојба да наеднаш има отпуштања во тие јавни претпријатија. Сепак луѓето земаат плата, со години работат таму, но треба да се направи реорганизација во којашто ќе треба да се преквалификуваат дел од вработените, особено оние во административниот дел.

А ќе водиме сметка да секој биде прераспределен на место каде што ќе биде продуктивен. А што се однесува на другите претпријатија, јас сум убеден освен Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје, дека сите треба да работат и можат да работат со заработувачка, особено Водовод и канализација, којашто мене ми е искрено нејасно како може да се доведе во состојба да работи во минус изминатиов период кога знаеме дека сите скопјани за тоа уредно плаќаме.

Една од идеите во јавноста за подобрување на финансиската структура на јавните претпријатија е поскапување на билетот во ЈСП, поскапување на услугите за вода и за комунална хигиена. Дали ќе поскапат овие услуги доколку го добиете градоначалничкиот мандат?

Нема да поскапат услугите. Напротив, услугите ќе останат исти. Јас знам дека ние имаме во регионот најниски и сметки за вода и сметки за ѓубретарина, но истовремено и најевтини билети за транспорт. Но, од друга страна нашиот народ и примањата на нашиот народ не може да се според со некои други европски развиени метрополи и затоа нема да има поскапување.

Но, секој ќе си го плаќа данокот на имот, ќе се направи правилна репроценка како што кажав и секој ќе си плаќа билет во автобусите. Ние ако направиме анализа изминативе четири години можете да видите дека има сериозни пропусти и во однос на наплатата. Значи само градот треба да си ја работи соодветно работата за којашто зема плати, зема даноци од граѓаните, а не ја работи изминатиов период.

Во вашата програма ветивте ревизија и спроведување на, да го цитирам, „предвидениот систем за брз автобуски превоз“ познат во јавноста како БРТ. А вашата партија беше против овој систем кога го предлагаше претходниот градоначалник Петре Шилегов. Како е тоа лошо кога сте во опозиција, а тоа е добар проект кога на власт?

Никогаш јавно не сум го критикувал тоа. Да, имаше недостатоци тој проект. Недостатоците беа тоа што Драчево беше целосно изоставено од линиите односно од покривањето. Исто така и Радишани беше изоставено. Со мали модификации тој проект може да биде добар, односно со вметнување на трасата до Драчево и до Радишани и ќе биде тоа направено.

Мислам дека премногу граѓаните се измачени изминативе 30 години од наши политички надмудрувања во јавноста. Дали нешто било добро, дали нешто било лошо.

Фактичката состојба е дека за спроведување на БРТ системот има веќе одобрен кредит за којшто сите ние плаќаме камати. Ние имаме две опции пред нас. Или да се откажеме од сето тоа и да пропаднат тие камати коишто се плаќани до сега или да влеземе во коштец со тој проблем, да најдеме еден систем на модификација брз во којшто ќе започнеме да го имплементираме проектот. Јас го бирам вториот дел.

Ирелевантно е за мене кој го за започнал проектот, како го започнал. Важно е тој проект да биде корисен за граѓаните. Јас има и дел од проектите коишто се започнати од господинот Коце Трајановски се уште, а не се довршени, како булеварот Борис Трајковски.

Јас не можам да се надмудрувам нови четири години да им одземам живот и време на моите сограѓани и да наоѓам дали е тротоарот метро и 20, метро и 40 како што тоа го праеле во минатото многу политичари. И јас кажувам дека ќе влезам со сите капацитети заедно со мојот тим во коштец таму со проблемите и ќе започнеме за многу скоро да го пробиваме тој дел и конечно да го затвориме тој проблем или мостот на Љубљанска во Карпош со месеци стои за едно поврзување коешто е 700-800 метра.

Ете кажав за многу скоро време за шест месеци, откако ќе влезам во градот Скопје таму ќе имаме еден простор којшто ќе направи поврзување према Скупи и Карпош целосно, коешто им недостасува на граѓаните, ќе го растерети сообраќајниот хаос. Така да сумирам, јас сум многу повеќе поборник да влеземе во коштец со проблемите, да ги решиме без притоа да гледаме чиви проекти биле, кој ги започнал или какви му биле намерите на тој којшто ги започнал. Ако се добри и се во интерес на граѓаните, ние треба да ги довршиме проектите.

Најавувате и нови автобуси додека советниците од вашата партија во изминативе четири години упорно гласаа против таква точка во градскиот Совет. Зошто таква состојба?

За тоа ќе мора да се обратите кај координаторот на советничка група. А, што се однесува на моите најавувања, јас стојам позади моите најавувања. Тоа подразбира 80 нови автобуси коишто Владата ќе ги обнови и ќе ги обезбеди и воспоставување на систем на којшто ќе функционира во градот Скопје.

Конечно да имаме систем на предвидливост којшто ќе подразбира состојба да не е важно кој е градоначалник, но да имаме постојано обновување на возниот парк. Градот не може да се доведува во состојба на целосен колапс како што имаме колапс денес и од друга страна граѓаните не може да бидат заложници четири години поради неуспехот на еден градоначалник.

Каков ребаланс на буџетот планирате да направите ако станете градоначалник?

Брз ребаланс да направиме. Ќе видиме колку ќе ни дозволи времето за тоа во којшто ќе бидат опфатени неколку крупни проекти и отпочнувања на истите меѓу кои и подземната сообраќајница кај Лимак.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG