Достапни линкови

Системот ги турка жртвите во рацете на насилникот


Илустрација.
Илустрација.

Фемицидот во Велес повторно го отвори проблемот за способноста на системот да ги заштити жртвите на насилство. Доволна ли е условна осуда за насилникот, имаат ли центрите за социјална работа доволно пари, располага ли државата со доволно засолништа и советувалишта, се дел од прашањата што се покренуваат откако пред три дена беше убиена 31-годишната Росица.

На 10 септември, скопјанецот Илија Стефановски од Основниот суд во Велес бил прогласен за виновен за загрозување на сигурноста и за насилство врз поранешната партнерка, велешанката Росица Коцева. Со првостепената пресуда, тој добил условна казна. Пет дена подоцна, на 15 септември, Стефановски ја уби Росица и нејзиниот татко, а потоа си го одзеде и сопствениот живот.

Ова е последниот фемицид во Северна Македонија. Реакциите не стивнуваат, како од граѓаните на социјалните мрежи така и од невладиниот сектор. Уште едно убиство кое можеше да биде спречено, порачаа од Платформата за родова еднаквост во која се обединети 20-тина невладини организации.

Пред Росица, јавноста слушаше и за Танкица од Кочани, штипјанката Емилија, Рамајана од Шуто Оризари…

За сите ракциите беа сличи – „можеше да се спаси“. Но, каде и кој потфрла во заштитата што треба да ја пружат институциите пред насилството да заврши фатално?

Проблемот е повеќеслоен – од препознавање на насилството, капацитетите на Центрите за социјална работа и полицијата, до казнената политика, забележуваат и активистите од невладините организации кои се занимаваат со оваа проблематика и дел од оние кои заедно со жртвите водат институционални битки за заштита.

Случајот со Росица – од обвинение и пријави до убиства

Дел од ваквите „аномалии“ на системот се согледуваат и од последниот случај со велешанката Росица.

Според информациите што ги сподели Јавното обвинителство, таа неколку пати пријавувала настани поврзани со поранешниот партнер кој потоа ја уби. Против него во април годинава бил поднесено обвинение за загрозување на сигурноста и за насилство. Тој останал на слобода.

Но, на сила биле други мерки кои насилникот не ги почитувал – и праќал пораки и фотографии, се доближил до нејзиниот дом и го зел и запалил автомобилот на нејзиниот татко. За ова Росица го пријавила во мај, а еден месец подоцна била издадена наредба МВР да обезбеди докази од вештачење на телефонската комуникација и снимки од видеонадзорот. Тие сè уште не се обезбедени од Министерството, тврди обвинителството.

Во меѓувреме, беше изречена пресудата на 10 септември за по пет дена подоцна ја уби и неа и нејзиниот татко и потоа се самоуби.

Дали имало пропусти или не во Министерството за внатрешни работи, министерот Панче Тошковски, рече дека ќе покаже внатрешната контрола. Во гостувањето на ТВ Сител на 17 септември, рече дека му е жал „што живееме во едно општество каде обично институциите си ја префрлаат вината од една на друга“, но прстот го впери кон обвинителството и судот прашувајќи кој во државата предлага и одредува притвор и затвор.

„Треба да почнеме да им веруваме на жртвите“

Северна Македонија меѓу првите во регионот во 2023 година го воведе фемицидот – убиство на жена во родово базирано насилство, како посебно кривично дело во Кривичниот законик. Меѓутоа, во пракса системот затајува уште кога е во прашање препознавањето на почетното насилство – вознемирување, демнење, психичко малтретирање што многу често се проследени со закани по животот на жртвата и нејзините блиските, посочува Елена Димушевска од Националната мрежа за заштита од семејно насилство.

„За ваквите закани многу често се бараат докази за да може воопшто да се поднесе кривична пријава. А, овие форми на насилство најчесто се вербални, нема сведоци, нема докази. Така што, промена на свеста и на довербата која што им ја даваме на жртвите кога тие се охрабруваат да пријават е она што е најклучно. Мора да почнеме да им веруваме“, вели Димушевска за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Начинот на кој се однесуваат институциите, како што се полицијата и Центрите за социјална работа, е почетниот проблем што го детектира и адвокатката Катерина Котеска која долги години застапува жртви на насилство низ градовите во земјава.

„Најмногу проблеми доаѓаат од синдромот на малата средина. Колку и да е големо Скопје или Битола, сите се знаат меѓу себе и многу често доаѓа до непостапување од институциите за да се заштити некој. Тука е и немотивираноста на институциите да се справуваат со проблемот, неукоста на службениците во полицијата и социјалните служби, на судиите …“, посочува Котеска за РСЕ.

Во центрите за социјална работа нема доволно ниту кадар ниту ресурси

И кога е во прашање капацитетот на институциите да се справат со ваквите случаи, нашите соговорнички проблематизираат неколку аспекти.

Адвокатката Котеска посочува дека за ефикасно функционирање повеќе е во прашање организациската поставеност и моментот на контрола – кој и што работи во центрите за социјална заштита.

Но, и човечкиот кадар е недоволен, смета Димушевска додавајќи дека во постапување со овие случаи „секоја жртва заслужува онолку внимание колку што и е потребно“.

„Тоа е првото, а второ е што и тие луѓе треба да имаат ресурси. Ако на жртвата ѝ е загрозен нејзиниот физички интегритет треба да има засолништа достатно и пристапно. Не од Охрид да ја праќаат за Скопје во засолништа. Треба да има доволен број засолништа на национално ниво, но и советувалишта во коишто ќе се обезбедува и психолошка поддршка и придружба“, вели Димушевска.

Ваквите слабости неодамна ги нотираа и од Државниот завод за ревизија (ДЗР) кој ја чешлаше имплементацијата на Истанбулската конвенција и констатираше „недоволна ефикасност на системот за заштита на жените жртви на насилство“.

На пример, дел од наодите на ревизорите се дека во засолништата во државата има само 67 легла од потребните 184. Советувалишта, пак, има 11 од потребните 19. Но и тие не се рамномерно распоредени.

„Во Југоисточниот и Североисточниот регион нема ниту едно легло во засолништата на ЦСР, додека НВО обезбедуваат засолништа само во Скопскиот и Југоисточниот регион. Исто така, во Југоисточниот регион нема воспоставено советувалиште, иако е предвидено едно“, пишува во ревизорскиот извештај од август годинава.

ДЗР забележа и дека не е направена потребната реорганизација во Центрите за социјална работа, има недостиг на кадар, нема систем за лиценцирање на СОС линии за помош, постојат нелиценцирани здруженија, граѓанскиот сектор недоволно е вклучен, ја нема потребната криминализација на психочкото насилство…

Слабости на казнената политика

А, тука е и казнената политика. Иако таа се зајакна, вели Димушевска, слабости има, а најголем е во однос на сторителите што се осудуваат првпат. Според неа, таа е премногу блага, најчесто со условна осуда.

„Ако сакаме како држава да пратиме порака дека имаме нулта толеранција кон насилството, не можеме да дозволиме некој два-три пати да биде осуден и да има кривични постапки против него за вршење насилство, па дури третиот пат да го пратиме во затвор“, вели Димушевска.

Не може, додава таа, и да се смета како олеснителна околност ако некој е татко на две деца, случаи какви што забележале тие како невладина организација.

„Како може да биде олеснително ако насилникот ја тепал мајката на тие две деца?“, прашува таа.

За вакви случаи сведочи и Котеска, која застапувала жртва во случај каде обвинетиот три години добивал условни осуди за кривични дела при семејно насилство.

„Постојано се носат условни осуди на еден ист сторител кој континуирано веќе три години е сторител на семејно насилство врз жртвата“, вели адвокатката.

Кога е во прашање судската пракса, таа ја посочува и второстепената постапка пред апелационите судови на што се губи време.

„На пример, баравме да се изречат мерки, судот ни го одби предлогот. Се жалевме, Апелација го врати на повторно постапување и првостепениот суд пак го одби нашето барање. Повторно се жалевме и тогаш Апелација одлучи мериторно, ја смени пресудата. Во вакви случаи, според мене, не треба да има враќање, туку Апелација треба веднаш да одлучува бидејќи, пример, ние изгубивме два три месеци и за тоа време можеше да се случи и потешко насилство или да заврши фатално“, вели Котеска.

Протест против пропустите на системот

Последниот фемицид во Велес, покрај бурните реакции во јавноста за затајувањето на системот во заштитата на жртвите, предизвика и повици за протест. Активисти и невладините организации од Платформата за родова еднаквост најави собир во попладневните часови на 18 септември во Скопје против, како што велат, „колективниот крах на системот кој дозволува да се случува континуирано насилство врз жени што доведува до фемициди“.

Под слоганот „Ниту една повеќе!“ протестот треба да се одржи пред Министерството за внатрешни работи и во центарот на Скопје.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG