Вкупно 309 кандидати се во трка за 81 градоначалничко место – 80 општини плус Градот Скопје за претстојните локални избори, покажува анализата на податоци од Државната изборна комисија (ДИК).
Карактеристично е што доминираат кандидатите мажи, кои се 277 или 89,64 проценти, додека жени се само 32 односно 10,36 отсто.
Во споредба со локалните избори пред четири години, има мало зголемување на застапеноста на жените – од вкупно 299 кандидати во 2021-та, жени биле 25 односно околу 8,4 проценти.
32-те кандидатки што ќе се борат на овие избори се од 24 општини што значи дека во дури две третини од локалните самоуправи ќе нема жени на гласачките ливчиња. Најмногу ги има во Прилеп – три кандидатки, а по две има во Битола, Велес, Неготино, Центар, Карпош и Кисела Вода.
Кога е во прашање возраста на кандидатите на овие локални избори, пак, највозрасната е Марија Мајкиќ од проруската партија Единствена Македонија, во скопската општина Гази Баба. Најмладиот, пак, кој ќе се обиде да стане градоначалник е Андреј Димитријевски од Левица во Старо Нагоричане.
57 градоначалници не ја „даваат“ функцијата
Во најголемиот дел од општините низ Македонија, граѓаните всушност ќе одлучуваат дали со локалната власт ќе продолжи да раководи истиот кадар или нов. Анализата на имињата покажува дека дури во 57 општини актуелните градоначалници ќе трчаат за нов четиригодишен мандат.
Има и неколку места каде на функцијата ќе се обидат да се вратат поранешни градоначалници, како што се Илинден, Јегуновце, Македонска Каменица…
На чело на Градот Скопје, пак, ќе се обиде да застане, Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој исто така е актуелен градоначалник, но на Кисела Вода.
И министри и пратеници во трка за локалната власт
На Ѓорѓиевски, пак, една од противкандидатките ќе му биде Каја Шукова од СДСМ која беше министерка за животна средина во 2023-2024 година.
Нејзиниот наследник на оваа функција, Изет Меџити, кој покрај министер е и прв вицепремиер во актуелната влада, е кандидат на коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ) во Чаир. Таму тој ќе се соочи со уште еден поранешен министер, Бујар Османи од ДУИ, кој беше шеф на дипломатијата во претходната влада.
Од актуелните функционери, кандидати за градоначалници се и министерот за социјална политика, демографија и млади од ВЛЕН, Фатмир Лимани во Кичево, како и министерот без ресор од партијата Демократски сили на Ромите, Шабан Салиу, во Шуто Оризари.
И заменик-министерот за енергетика од ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ, кој е кандидат во Центар.
На гласачките ливчиња ќе се најдат и неколку сегашни пратеници: Бети Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ како кандидатка за Кисела Вода, Скендер Реџепи од Европскиот фронт за Град Скопје, како и пратениците на Левица – Амар Мециновиќ и Јована Мојсоска за Град Скопје односно Струга.
Новаци со 2.600 жители има шест кандидати
Без конкуренција, најдолго гласачко ливче за градоначалник ќе имаат скопјани. Според објавената листа на ДИК, за Градот Скопје потврдени се 16 кандидатури. Од нив, тројца се независни, а останатите се од политички партии и коалиции.
По девет потврдени кандидатури има во Прилеп и Струга. Прилепчани ќе бираат меѓу четворица независни и петмина кандидати од партии, слично како и стружани.
Битола, пак, има осум кандидати – тројца независни и петмина од партии.
Интересен податок е и дека меѓу општините со најмногу претенденти за градоначалници има и неколку мали места.
На пример, во Долнени, општина која според пописот во 2021 имаше 13.126 жители, има седум кандидати. Новаци, пак, со 2.648 жители има шестмина кандидати.
Инаку, по седум кандидати ќе има и во Куманово, Кисела Вода и Гази Баба, додека по шест во Кочани, Тетово и Шуто Оризари.
Кандидатите за градоначалници и за советници официјално кампањата ќе ја започнат в понеделник, 29 септември. Вчера со ждрепка во ДИК тие ги добија редните броеви за гласачките ливчиња.
Првиот круг од гласањето ќе се одржи на 19 октомври, додека вториот ќе биде две недели подоцна, на 2 ноември.
Во првиот круг треба да бидат избрани новите состави на општинските совети, додека за градоначалник ќе се смета дека е избран оној кој освоил 50 отсто плус еден глас под услов на гласање да излегле барем една третина од гласачите запишани во Избирачкиот список во конкретната општина. Според правилата, ако ниту еден од кандидатите не го исполни потребниот услов, се одржува и втор круг во кој граѓаните бираат меѓу двајца кандидати кои освоиле најголем број гласови.
Претстојните ќе бидат осми по ред локални избори од осамостојувањето на државата во 1991 година.