Госпоѓо Шукова, влеговте во трката за градоначалник откако претходно бевте на министерска позиција. Дали министерскиот бекграунд го гледате како предност или недостаток во оваа трка?
Секако како предност земајќи предвид дека не само министерската функција туку моето искуство доаѓа од повеќе од 25 години работа во Министерството. Јас ги поминав сите скалила, од најниското до највисокото, и во целиот тој период поминав низ голем дел на процеси од коишто стекнав големи знаења, се соочив со предизвици, со проблеми и заеднички со колегите наоѓавме решение на тие проблеми. Секако, искуство во областа животна средина на централно ниво може да ви помогне многу во имплементација на проекти на локално ниво.
И како министерка, но и сега во кампањата неколку пати зборувате дека општините се тие што треба да се зајакнат. Од кој аспект треба да се зајакнат општините во однос на животната средина како што е загадувањето со воздухот, управувањето со отпадот?
Централната власт креира политики. Локалната власт е таа којашто ги имплементира политиките. Годиниве наназад видовме недостатоци во однос на имплементација на конкретни мерки и активности, она што е надлежност на единиците на локална самоуправа. Во тој контекст јас зборувам дека единиците на локална самоуправа мора да ги зајакнат своите капацитети. Во однос на техничките капацитети секако за имплементација на законите преку мерки и активности, но секако и преку финансиските капацитети.
Знаеме дека фискалната децентрализација сè уште е на самиот почеток и сè уште општините премногу зависат од помошта од централната власт. Мислам дека тие процеси треба што побрзо да започнат, малку да ги направиме посериозно зајакнати и финансиски општините за да можат сами да спроведуваат мерки и активности, а не да зависат од централната власт.
Дали ете вие како дел од централната власт сметате дека негде потфрливте?
Видете, секогаш има моменти кога ќе сфатите дека сте можеле да направите многу повеќе. Меѓутоа соработката со сите заинтересирани страни, вклучително и општините, невладиниот сектор, мислам дека особено во времето кога СДСМ беше на власт, се подигна на едно повисоко ниво. Ние бевме транспарентни за сите. Ние прашањата и проблемите ги поставувавме на маса и ги решававме заеднички, особено со оние коишто мора да бидат активно вклучени во целиот процес.
Ако станете градоначалничка на Скопје, што е она прво со што ќе се зафатите со работа?
Има неколку сериозни проблеми коишто го мачат Скопје. Еден од проблемите, еве да започнеме, е јавниот превоз којшто не смее повеќе да биде проблем за граѓаните туку мора да се изнајде функционално решение. Јас имам во програмата сериозно решение. Тоа е БРТ системот којшто веќе четири години стои подготвен. За жал, не се реализираше од страна на локалната власт којашто до сега ја водеше ВМРО-ДПМНЕ. Има обезбеден проект, има обезбедени финансиски средства. Треба да се распише само тендерска постапка и за една година тој проект може да почне со реализација. Паралелно на БРТ системот мора да се оди со набавка на нови автобуси. Во програмата имаме планирано 100 автобуси коишто ќе ги ранат БРТ линиите од сите делови на град Скопје.
Имаше противења за овој проект што го направи претходниот градоначалник Шилегов и дел од противењата беа дека треба ревизија на некои делови од линиите. Дали вие ќе правите ревизија или ќе го имплементирате таков каков што е?
Тоа се однесува на втората линија. Првата линија којашто е исток-запад – од Ѓорче Петров до Аеродром – Ново Лисиче, таа е оптимално решение и таа нема потреба од ревизија и таа може веднаш да се спроведе. Втората линија фактички којашто е север-југ, таму ќе треба да се погледне дали ова решение коешто го имаме во моментот е оптималното или ќе треба да има одредени модификации.
Втората линија односно решение за втората линија ќе се работи паралелно на изградбата на првата линија. Има некои размислувања во делот на Кисела Вода, дали втората линија може да влезе во Кисела Вода заради инфраструктурата во моментот и изградените нови објекти во Кисела Вода. Меѓутоа, за тоа има време. Јас велам да започнеме со првата линија, изградбата од Ѓорче Петров до Аеродром, а паралелно да го најдеме најоптималното решение за север-југ.
Кога би возела првата линија?
Треба една година, бидејќи се меѓународни тендери, некаде за да се спроведе постапката за јавна набавка и избор на изведувач. А самата реализација на првата линија може да се направи во период од година ипол до две. Тоа значи дека од денешна перспектива во рок од две и пол до три години првата линија би требала веќе да биде готова.
Скопје е еден од најзагадените градови во Европа и во светот. Вие во вашата изборна програма имате мерки за краток, среден и долг рок. Колку според вас е потребно за да се реши проблемот со загадувањето?
Јас за проблемот со загадувањето зборувам години наназад и секогаш велев дека ова не е краткорочен процес, дека е процес којшто бара време и многу внимание. Секако има мерки коишто можат во наредните неколку години да го намалат загадувањето. Како да речеме, еве ние во програмата предвидовме мерка да се стават филтри на оџаците на домаќинствата. Тоа е краткорочна мерка којашто може да го намали загадувањето на воздухот односно да ги задржи ПМ честичките коишто излегуваат во воздухот. Да речеме, во првата година тоа да бидат помеѓу 5.000 или 10.000 семејства и тоа би биле филтри коишто градот би им ги подарил на домаќинствата. Значи грант филтри, не да треба да ги плаќаат граѓаните.
Потоа, секако со воведување на нов еколошки систем како БРТ-то вие исто така ќе го намалите загадувањето, со решавање на проблемот со отпадот во Скопје, со нов систем на селекција и намалување на количините на отпад вие исто така ќе го намалите загадувањето. Значи тоа се сет на мерки во различни области коишто ќе влијаат директно на намалување на загадувањето, исто така и посериозна контрола на индустријата.
И за колку време може да очекуваме првични резултати?
Првични резултати може да се очекуваат во првите неколку години. Тоа нема да отиде драстично. Да речеме, ако имате, еве сликовито да го опишеме за слушателите, тоа нема да падне можеби за 50%. Меѓутоа полека но сигурно, за неколку проценти во првата година, потоа уште за неколку проценти во наредната година. Меѓутоа, ако сите ние и како граѓани, како поединци, еве ја тргнувам од себе, навистина малку повеќе се грижиме за животната средина, мислам дека можеме да очекуваме резултати. Секој повеќе да користи јавен превоз, да не се возиме секој сам во своето возило. Секој да внимава што гори во својата печка – тоа да биде огревно дрво, да не биде пластика, да не биде гума. Има сет на мерки коишто треба да се спроведат за да имаме ефикасност и да имаме намалување на загадувањето.
Во една од мерките предвидувате и 10.000 нови дрва во Скопје.
Да, тоа е секако, да.
Каде ќе ги садите тие дрва?
Секако повеќе во областите каде што има повеќе урбанизација, бидејќи мислам дека тие маала се задушени и им треба повеќе зеленило и им треба повеќе дрво. Јас сакам да им објаснам на граѓаните, знам дека сите ние сме против сечење на било кое дрво во Скопје. Меѓутоа, во разговори со оние коишто работат со дрвната маса, со шумарските инженери коишто ја разбираат оваа проблематика, кажуваат дека годиниве наназад во Скопје веќе има дрвна маса којашто мора да се исече бидејќи векот на траење им е поминат и да се засадат нови садници.
Во разговори со вакви експерти, мапиравме делови во Скопје каде што ќе треба да има обновување на дрвната маса, а мапиравме и делови каде што нема дрвна маса којашто мора да се засади. Зелените површини, секако, ние ветивме 15 паркови за 15 месеци во мојата програма. Тоа значи ревитализација на неколку постоечки паркови, но и изградба на нови паркови. Точно ги знаеме каде се локациите и каде ќе мора веднаш да се интервенира.
Каде на пример, една-две локации, мапиравте за нови паркови.
Имаме неколку локации како да речеме, јас веќе го посетив паркот во Карпош, тоа е покрај реката Вардар, којшто беше ветуван како мега-парк којшто ќе биде зелен и ќе биде за рекреација и на најмладите и на возрасните. Тој е во сериозно лоша состојба. Парк во Аеродром којшто исто така го посетив пред неколку дена. Значи има повеќе локации каде што и со урбанистичките планови се предвидени да бидат паркови, меѓутоа за жал се во многу запуштена состојба.
Кога сме кај животната средина во однос на управувањето со отпад и на депониите, во програмата наведувате решение за Вардариште и Дрисла веднаш. Кое е тоа решение веднаш и кога е тоа веднаш?
Јас од првиот момент кога излезе проблемот со Вардариште, реков дека Вардариште мора да се загради за да нема достапност на поединци, односно да можат да влегуваат само во возилата на комунална хигиена и да нема можност за запалување на пожари. Секако мора да има сериозен надзор и мора да почне да се расчистува Вардариште.
Согласно сите планови и стратегии што ги правела државата во соработка со локалната самоуправа, Вардариште е предвидена за современа претоварна станица. Сакам да им објаснам на граѓаните, тоа не значи претовар на отпад, само претовар на отпад од помали камиони во поголеми. Тоа значи систем каде што отпадот којшто ќе го селектирате, ќе го спакувате и понатаму ќе си го најде својот тек. Дали ќе се преработува, дали ќе се извезува, бидејќи голем дел од земјите во нашето соседство веќе увезуваат отпад за преработка, кај нас капацитетите се сè уште слаби, меѓутоа мислам дека треба да одиме и во таа насока. Мојата главна девиза и план за Скопје е отпадот да почнеме да го гледаме како ресурс. Тоа ќе значи помалку отпад да депонираме на депониите. Во една догледна точка за 10-15 години ќе зборуваме и за нула отпад на депониите… Меѓутоа мора да почнеме…
Го предвидувате тоа за 2040 година, според вашата програма. А, во однос на Дрисла, кое е вашето решение? Дали евентуално е добро решение и јавно-приватно партнерство?
Можеби во некој догледен период, меѓутоа сега сметам дека не сме спремни за јавно-приватно партнерство бидејќи јавниот-приватен партнер кога ќе преземе еден систем којшто треба да го управува, ќе бара јасни критериуми и стандарди за коишто сметам дека ние сè уште дека не сме спремни. И секако зголемување на цените. Со овие цени коишто ги имаме во моментот, јавен приватен партнер многу тешко ќе може да функционира.
Јас затоа сметам дека ние како средина, значи градот Скопје прво мора да почнеме полека со селекција на отпадот, со ревитализација на Дрисла. Што значи тоа? Дрисла се води како полусанитарна депонија, иако јас сметам дека е и далеку од полусанитарна депонија, бидејќи таму мора да се воспостави добар систем на зафаќање на гасовите – иако има нешто, добар систем на дренажа на водите коишто истекуваат – исцедокот од депонијата, бидејќи во моментот истекуваат во реките коишто се во близина и прават загадување, да има добро затрупување на отпадот. Што тоа значи? Вие ставате неколку слоја, се става земја, се става глина, меѓутоа мора да има добро компактирање и добро зафаќање на гасовите за да нема самозапалување на отпадот и така ќе решите голем дел од проблемите.
Споменавте ревитализација на Дрисла, претходно споменавте филтри за оџаци за домаќинствата. Во програмата исто така имате на пример и обнова на контејнерите, на камионите на комунална хигиена. Од каде ќе најдете пари за градот Скопје ако знаеме дека јавните претпријатија се во долгови?
Јавните претпријатија се во долгови и работат сериозно нефункционално. Ќе мора да има реорганизација на работата на јавните претпријатија во Скопје, вклучително и на Комунална хигиена. Ќе мора да се ослободиме од непродуктивните трошоци, а ќе мора да финансираме во нова опрема. Без разлика што знам дека комуналните претпријатија се во загуби, меѓутоа градот Скопје има сериозен буџет и мислам дека треба да даде приоритет на она што треба да се финансира од буџетот. Според мене, приоритет ќе мора да биде набавка на нова опрема којашто не ја видовме во овие четири години и заради тоа инфраструктурата, односно опремата со којашто работи Комунална хигиена, и камионите и кантите и контејнерите ни се во ваква лоша состојба.
Кога ќе утврдите приоритети за работа на градот во четири години, а според мене приоритетите се јавниот превоз, отпадот и намалување на загадувањето на воздухот и паралелно воспоставување на нови зелени површини и паркови коишто ќе го намалат загадувањето на воздухот, мислам дека има доволно средства. Не велам дека сето друго треба да го запоставиме, меѓутоа во овие четири години ние мораме да му го вратиме прво достоинството на градот, бидејќи со ова градот Скопје веќе не личи на град, личи навистина на некоја периферија, а не на главен град на државата.
Уште една болна тема за Скопје е урбанизмот. Се залагате за конечно носење на нов Генерален урбанистички план и велите дека ќе имате строги правила за да се зачува зеленилото. Што значат тие строги правила? Дали негде, да речеме, ќе има забрани за градба?
Секако дека треба да запре во одредени делови на Скопје урбанизацијата. Она што е битно и во постапката на носење на Генерален урбанистички план кој, за жал, доцни веќе неколку години, а и во постапката на носење на деталните урбанистички планови, е транспарентноста и вклучување на јавноста. Скопје има поставено мрежа на Смарт Скопје, паметно Скопје, што може да обезбеди помеѓу другото и дигитална алатка во носењето на урбанистичките планови како тоа да биде транспарентно, во кој момент да бидат вклучени граѓаните, на кој начин да бидат вклучени граѓаните да ги дадат своите забелешки.
Секако, законите точно уредуваат колку зелена површина мора да има кога градите каков било објект. За жал, мислам дека тоа во голем дел од случаите не се почитува и или се прават импровизации и токму заради тоа недостасуваат зелените површини коишто се потребни околу секој објект којшто се гради. Значи вклученост на граѓаните, транспарентен начин на носење на ГУП и на ДУП-овите е она за коешто јас се залагам и коешто го бараат граѓаните години наназад.
Кандидатите на опозицијата. За многу од овие проекти и планови ќе ви треба соработка со централната власт. Мислите дека ќе воспоставите соработка со ВМРО-ДПМНЕ?
Јас сум човек којшто работи одговорно и транспарентно и којшто секогаш проблемот го комуницира и со оние коишто треба да бидат вклучени во решавање на проблемот, но и со јавноста.
Јас секогаш ги комуницирав сите и во овој случај кога ќе станам градоначалник сметам дека мора да се комуницира со сите и не смеат интересите на партиите да ни бидат пред интересите на граѓаните. Ние мора да комуницираме. Ние не можеме заради лични интереси или заради партиски интереси да дозволиме и во наредните четири години Скопје да биде како што беше во изминативе четири години. Не може да има несоработка помеѓу градоначалникот и советот на град Скопје, помеѓу градоначалникот на град Скопје и помеѓу градоначалниците на општините во градот Скопје. Таа пракса мора да се надмине. Јас ќе воведам нов систем на соработка којшто треба и ќе им даде добри резултати на граѓаните за да се подобрат состојбите во Скопје.