Пожари на депонии и во фабрика за отпад во Трубарево, загадување на воздух, депонии речиси покрај секој контејнер, неизвесност дали ќе возат автобусите од јавен превоз … Во ваква хаотична атмосфера Скопје ги очекува локалните избори на кои ќе се избере деветтиот градоначалник по ред од независноста до сега, што во следните четири години ќе треба да менаџира со локалната власт и јавните претпријатија во главниот град.
„Изборите ви се угушија“, гласеше една од пораките на транспарентите на протестите од граѓанската иницијатива Стоп за Вардариште, кои траат со денови, а со кои се бара конечно справување со истоимената депонија – поранешна градска, а сега дива депонија.
„Не памтам ваков хаос во Скопје, посебно пред локални избори. За кого да гласам? Не ме интересира кампања, сакам конечно да дишеме чист воздух, сакам моето дете безбедно да се враќа од школо, а не да оди по улица затоа што тротоарите се затрупани со ѓубре и непроодни“, вели скопјанецот Игор, жител на Аеродром.
Лавината реакции ги „зовреа“ и социјалните мрежи.
„Пливаме во ѓубре“, „Дојдете пак да ве гласаме“, „Апокалипсата продолжува со засилено темпо. Скопје наутро мириса на запалена пластика, а навечер на внатрешност од камион за собирање ѓубре“, се дел од коментарите на граѓаните.
Политичките партии, пак, веќе се во кампања, кандидатите за градоначалници нижат ветувања и најавуваат чисти општини и чисто и функционално Скопје.
Обвинувања за отпадот и за јавниот превоз
За колапсот со собирањето на комуналниот отпад и за потенцијалниот крах на јавниот превоз поради немање нафта за автобусите, градоначалничката Данела Арсовска, политичките партии и кандидатите за градоначалници, преку прес-конференции и соопштенија вината си ја префрлаат меѓу себе.
Арсовска, која изминатиот период обвинува за блокади од страна на владејачката партија, преку социјалните мрежи ја потсети ВМРО-ДПМНЕ дека токму нивен кадар е претседателката на Управниот одбор на Јавното претпријатие (ЈП) „Комунална хигиена“ и можеле да се јават да реагираат ако сакаат градот да е почист.
„Четири години со 500 членови сите управни, надзорни и училишни одбори на скопските јавни претпријатија и установи ги управуваат ВМРО и ВЛЕН. Обратете се кај нив за хигиената во градот, вработените во претпријатието и метачите со сите сили макотрпно работат и се борат со партиските демони на суетни самобендисани политичари“, вели Арсовска која на изборите во 2021, како независна кандидатка, беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, но за помалку од една година патиштата им се разделија и оттогаш јавноста е сведок на чести јавни преписи меѓу двете страни.
Од Градот Скопје реагираа и за јавниот превоз обвинувајќи дека поради притисоци компанијата „Пуцко петрол“ која има активен договор, прекинува со испораката на нафта за автобусите.
Компанијата, пак, возврати дека испораката прекинува затоа што Градот должи 10 милиони евра.
Последните информации од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје беа дека на 22 септември биле испорачани 20 тони нафта, доволни за вчерашниот и денешниот ден. До објавување на овој текст, РСЕ не доби одговор од директорот на ЈСП, Драги Кушовски, каква е ситуацијата и дали и до кога скопјани ќе имаат јавен превоз.
Во јавните пречкања се вклучија и политичките партии. ВМРО-ДПМНЕ ја обвини градоначалничката Арсовска за неспособност и дека во коалиција со СДСМ и ДУИ го оставаат Скопје повторно без јавен превоз.
Скопје е во тотален хаос и нефункционалност веќе четири години, само поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и нивните кавги со Арсовска, реагираа и социјалдемократите.
Хаосот ќе се одрази и на локалните избори
Целата оваа ситуација, според политичкиот аналитичар Сефер Селими, веројатно ќе се одрази во одредена мера и на локалните избори во Скопје и скопските општини. Пред сè, во македонскиот блок каде доминираат локални теми додека во албанскиот, како што забележува Селими, доминантни се национални прашања.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да го користи ова во своја полза бидејќи успеа на некој начин да се дистанцираа од градоначалничката Данела Арсовска, а од друга страна успеа и да создаде дополнителни проблеми со менаџирањето – со немањето мнозинство во Советот и со наметнувањето свои луѓе во управните одбори во сите овие претпријатија кои пред граѓанските, ги гледаат партиските интереси и прикажувањето на лоша слика за градоначалничката“, вели Селими за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Опозицијата, како што може да се забележи од нејзините реакции на оваа тема, исто така се обидува да ја сврти ситуацијата во своја полза обвинувајќи ја владејачката партија.
Тука се и независните кандидати кои произлегоа од повеќе граѓански иницијативи. Токму тие, смета Селими, може да им „украдат“ гласови на партиите поради револтот со хаосот во Скопје.
„Мислам дека затоа и имаше еден обид од традиционалните партии да создадат пречки за независните листи бидејќи на некој начин тој револтен глас може да се канализира кон независните и тие да добијат поголема поддршка како алтернатива на двете поголеми опции што се нудат во моментот“, посочува Селими.
Колку кандидати има во Скопје и општините?
А, кому ќе му ја дадат довербата, скопјани ќе треба да одлучат за помалку од еден месец. Конкуренцијата за прв човек на Скопје е голема. Според последните информации од Државната изборна комисија (ДИК) за главниот град поднесени се вкупно 17 кандидатури за градоначалник, а од нив досега се потврдени осум. Една е отфрлена, а уште осум остануваат да се допотврдат или отфрлат. За место во 45-члениот Совет поднесени се 20 листи. Досега потврдени се седум, една е отфрлена, а 14 сè уште се непотврдени.
Повеќе кандидати има и во скопските општини. Во Гази Баба, на пример, се потврдени седум кандидати за градоначалници и 12 листи за советници. Во Аеродром и Карпош има по пет кандидати за градоначалници и засега девет односно листи за советници. Центар – четири со девет. Кисела Вода – седум со девет. Ѓорче Петров – четири со седум. Бутел – три со 12. Шуто Оризари – осум со девет. Чаир – три со девет. И Сарај најмалку – четворица кандидати за градоначалник, а три советнички листи.
Локалните избори во 80-те општини на територија на цела држава и во Градот Скопје, треба да се одржат на 19 октомври. Онаму, каде нема да се избере градоначалник, ќе се одржи втор круг на 2 ноември. Ова ќе бидат осми по ред локални избори од осамостојувањето на државата во 1991 година.