Достапни линкови

Шаренолики советнички листи - од невработени до семејни стебла


Графичка илустрација - Локални избори 2025
Графичка илустрација - Локални избори 2025

Скопје како најголем град во државата има и најголем број на советнички листи - вкупно 20, на кои 855 кандидати се тркаат за 45 советнички места. Но, надвор од главниот град, борбата во одредени помали градови е уште поголема, имајќи го во предвид бројот на гласачи наспроти кандидати за советници.

35-годишната Николина Велјаноска е жителка на Македонски Брод, која на овие локални избори е носителка на независна група избирачи која ќе се бори за влез во локалниот Совет. Листата која ја предводи е дел од вкупно шесте пријавени групи на избирачи наспроти седумте политички партии и коалиции.

Поттикот на Велјановска да се пријави на изборите бил „моментот што на сите изборни циклуси се пријавуваат исти луѓе и дека на народот треба да му се даде шанса за промена“.

„Дадов отказ и решив да се пријавам за независен кандидат. Реков ако бидува - бидува, ако не ќе се вратам на работа. Ќе се потрудиме да собереме гласови од семејството, пријатели, соседи, ќе излезат да гласаат. Во секој случај, борбата ќе биде поголема бидејќи се 13 листи, сите имаат пријатели и роднини, а секако има случаи и на заеднички“, вели Велјановска за РСЕ.

Иако Македонски Брод е во групата на мали општини во Северна Македонија, тамошните жители за претстојните избори решија посилно политички да се активираат, атакувајќи за место во Советот, тело кој ги носи одлуките на локално ниво.

Македонски Брод „плови“ кон локален рекорд и се наоѓа на листата на топ три општини според бројот на советнички листи - вкупно 13 со 143 кандидати за советници за влез во 11-члениот Совет, покажува базата на податоци на Државната изборна комисија.

Според пописот од 2021 година, општина Македонски Брод има вкупно 5 889 жители, а на изборите, право на глас имаат 4.978 регистрирани гласачи.

За споредба, во град Скопје се регистрирани 474.304 граѓани кои ќе можат да штиклираат една од 19 советнички листи со вкупно 855 кандидати, кои ќе се борат за 45 советнички места.

На 19 октомври, на првиот круг од локалните избори, изборот во Македонски Брод за советничките листи е помеѓу пет политички партии - СДСМ и коалиција, ВМРО-ДПМНЕ и коалиција „Обнова на Македонија“, Левица, Единствена Македонија и ЗНАМ – За наша Македонија, две коалиции - Движење „Одлучност за промени и „Најдоброто за мојата општина“ и шест групи на избирачи, чии носители се Ацо Новески, Бране Јованоски, Ивица Аврамоски, Даниел Максимоски, Марјан Алампиоски и Николина Велјановска.

За разлика од Македонски Брод, во Северна Македонија во најмалите општини со регистрирани гласачи, според базите на податоци на Државната изборна комисија, има и мал број на советнички листи. Во Лозово, 1.905 гласачи ќе бираат меѓу три листи, во Вевчани - 2.092 гласачи и три листи и Новаци - 2.429 жители со право на глас и шест листи.

Од 80 општини во внатрешноста на државата, само во две од нив, жителите немаат голем избор кому да го дадат својот глас. Тоа се општините Арачиново и Липково, каде во борбата за обезбедување на мнозинство во Советот, изборот е помеѓу советничките листи предводени од коалицијата Влен и Националната алијанса за интеграција што ја предводи ДУИ.

Во Струга, Мерко ја замени ДУИ со советничка листа

За разлика од Македонски Брод, во градовите со поголем број на гласачи, стандардно има и поголем број на советнички листи. Таков е примерот со општина Струга која го зазема 6-тото место по големина на бројот на гласачи.

Во Општинската изборна комисија во Струга има пријавено вкупно 10 кандидатски листи за советници за локалните избори, од кои седум од политички партии и коалиции и три независни од група избирачи.

Освен градоначалничката трка, во оваа општина е интересна и конкуренцијата на советничките листи кои се вкупно 10 на број.

На овие локални избори завршува четвртиот и последен мандат на актуелниот градоначалник на Струга од редовите на ДУИ, Рамиз Мерко.

Сепак, тој неодамна преку неговиот Фејсбук профил јавно ги повика стружани да ја поддржат независната листа, наместо листата на интегративците. Ваквиот расплет доаѓа откако Националната алијанса за интеграција одлучи нивен кандидат да биде Арсим Далипи, кој близок соработник на Зијадин Села.

„Цврсто ја поддржувам независната листа за Советот на Струга. Овие поединци покажаа интегритет и подготвеност да работат за доброто на нашиот град. Ги поканувам сите оние кои веруваат во слободниот глас на граѓаните да ми се придружат во поддршката. На гласачкото ливче, гласајте за бројот 120! Ова е избор за граѓаните, од граѓаните“, напиша тој на социјалните мрежи.

Рамиз Мерко, кој се наоѓа на американската црна листа, не одговори на повиците на РСЕ да објасни на што се должи расколот со ДУИ и дали со ваквиот негов потег им помага на други политички партии и коалиции.

Покрај независната, во општина Струга граѓаните ќе може да одлучуваат и за други девет советнички листи.

Во јавноста посебно внимание доби онаа на ЗНАМ, во која 23-те кандидати се фамилијарно поврзани. Истите презимиња на поголемиот дел од кандидатите откриваат дека листата од 17 кандидати е пополнета со сопружници, браќа и сестри, братучеди и поблиски роднини.

На локалните избори во Северна Македонија, право на глас ќе имаат 1.832.415 граѓани. Тие ќе гласаат за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10.490 кандидати.

Според изборниот систем во Северна Македонија, советниците на општинските совети се избираат исклучиво во првиот круг на гласање. Овој систем обезбедува пропорционална застапеност на опциите во општинските совети според освоените гласови, додека за градоначалниците се бара поширока поддршка од граѓаните.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG