Достапни линкови

Осми локални избори во Северна Македонија - излезноста до 13 часот е 20,12 отсто


Скопје, локални избори 2025
Скопје, локални избори 2025

За 81 градоначалничко место се борат 309 кандидати, додека за членови во советите има над 10 илјади кандидати. Избирачките места ќе бидат отворени до 19 часот, по што ќе следува броење на гласовите и објавување на првичните резултати.

Излезноста на локалните избори до 13:00 часот изнесува 20,12%, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на редовната прес-конференција.

Податоците, како што појаснија од Комисијата, се добиени од вкупно 3.387 избирачки места низ државата.

Најголема излезност е регистрирана во општините Богданци, Вевчани и Градско, а најмал одзив на гласачките места има во општините Босилово, Врапчишта и Гази Баба.

Од ДИК соопштија дека досега нема информации од избирачките одбори за евентуални проблеми или непријатности.

„Државната изборна комисија известува дека денес навремено се отворени сите избирачки места и процесот на гласање се спроведува без проблем“, стои во соопштението на Комисијата.

Претходно, претседателот на ДИК, Борис Кондарко на прес-конференцијата нотираше минорни проблеми во текот на гласањето на одредени места.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека Локалните избори 2025 се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава и дека се преземаат мерки за непречено и безбедно спроведување на изборниот процес.

МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонски броеви 192 или 112.

Од Основното јавно обвинителство информираа дека изборниот ден поминува без поголеми нарушувања. Сепак оттаму додаваат дека јавен обвинител од струмичкото обвинителство бил известен за погрешно испечатени гласачки ливчиња во Ново Село при што бил извршен разговор. За случајот е известена Државната изборна комисија да го замени материјалот, но нема елементи на кривично дело.

Според извештајот на Јавното обвинителство во текот на вчерашниот ден, поединечни настани со наводи за изборен поткуп се евидентирани во обвинителствата во Велес, Прилеп, Крива Паланка и Свети Николе. Во сите нив се преземаат дејствија по насоки на јавен обвинител за испитување на наводите.

Инаку граѓаните на Северна Македонија денеска, 19 октомври, гласаат во првиот круг од локалните избориза градоначалници и членови на советите во сите 80 општини плус Градот Скопје.

Ова се осми локални избори од осамостојувањето на државата во 1991 година. Граѓаните излегуваат на гласачките места по втор пат за помалку од две години, откако лани во април и мај се одржаа претседателски и парламентарни избори.

Право на глас на изборите денеска имаат 1.832.415 граѓани, според Избирачкиот список што го заклучи Државната изборна комисија (ДИК).

Вчера, 18 октомври, гласаа болните и изнемоштени, лицата во старски домови, како и лицата кои се наоѓаат во притвор или на издржување затворска казна.

Меѓу вкупниот број државјани со право на глас се и 112.000 кои се на привремена работа или со престој во странство, како и 2.162 лица во затвор односно притвор и 450 избирачи од домовите за стари лица.

Во цела држава има вкупно 3.480 избирачки места.

Гласањето започна во 7 часот наутро и ќе трае до 19 часот, по што ќе следува броење на гласовите и објавување на првичните резултати.

За 81 градоначалничко место има 309 кандидатури, додека за место во советите се борат над 10.490 кандидати од вкупно 576 листи.

Овие кандидати - учесници на изборите се предложени од вкупно 22 политички партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.

Карактеристично за кандидатите за градоначалници е што доминираат мажите, кои се 277 или 89,64%, додека жени се само 32 односно 10,36%.

Најмногу кандидати има за Градот Скопје – 16 за градоначалник, а 19 листи за советници.

Скопје низ генерации на неисполнети ветувања
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:02 0:00

Кампањата за овие локални избори траеше 20 дена – започна на 29 септември, а заврши на полноќ на 17 октомври кога настапи и изборен молк.

Молкот ќе трае до затворањето на гласачките места вечерта на 19 октомври.

За денешниот изборен ден акредитирани се 1.462 набљудувачи, од кои 808 домашни, а 664 странски.

Во овој прв круг од изборите треба да бидат избрани новите состави на општинските совети, додека за градоначалник ќе се смета дека е избран оној кој освоил 50 отсто плус еден глас под услов на гласање да излегле барем една третина од гласачите запишани во Избирачкиот список во конкретната општина.

Според правилата, ако ниту еден од кандидатите не го исполни потребниот услов, се одржува и втор круг во кој граѓаните бираат меѓу двајца кандидати кои освоиле најголем број гласови.

Вториот круг е закажан за 2 ноември.

Вкупниот буџет што го одвои државата за одржување на овие локални избори изнесува 9 милиони 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.

Дополнително на овие пари е и сумата за надоместоците на членовите на избирачките одбори (ИО) и транспортот и дистрибуцијата на членовите на ИО и избирачкиот материјал од општинските изборни комисии до избирачките места каде ќе се гласа, бидејќи тие ги обезбедуваат локалните самоуправи.

Претходните седум локални избори се одржаа во: 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.

XS
SM
MD
LG