Достапни линкови

Проектите од унгарскиот заем ги чекаат старо-новите градоначалници


Заемот од Унгарија го договорија премиерите на двете држави, Христијан Мицкоски и Виктор Орбан во јули 2024 г.
Заемот од Унгарија го договорија премиерите на двете држави, Христијан Мицкоски и Виктор Орбан во јули 2024 г.

Над 225 милиони евра од унгарскиот кредит ќе бидат потрошени за 828 проекти што општините ги добија во вториот повик од Владата, откако во првиот им беа одобрени 74,5 милиони евра за 288 проекти. Најголем дел од парите ќе се потрошат за улици и локални патишта. Какви други проекти добија општините што ќе треба да ги реализираат градоначалниците во новите мандати?

Стотици проекти, финансирани од заемот што Северна Македонија го зема од Унгарија, „чекаат“ да бидат од завршени од старо-новите градоначалници по локалните избори закажани за 19 октомври и 2 ноември.

Во прашање се 828 инфраструктурни проекти кои им беа одобрени на општините во рамки на вториот повик од Владата, а чија вкупна вредност е околу 225,5 милиони евра.

Тие беа одобрени во текот на летото откако во април заврши рокот за аплицирање, а општините ќе треба да ги завршат во претстојните мандати на новите или реизбраните градоначалници. Според последниот пресек, за околу 300 од проектите сè уште не е започната постапката.

„За 509 проекти започната е постапката, односно објавена е јавната набавка, за некои од нив е донесена одлука а за дел веќе имаат склучено договор“, велат од Владата за Радио Слободна Европа (РСЕ) повикувајќи се на пресекот што го направиле за фазата во која се наоѓаат проектите заклучно со 31 август.

Битола добила најмногу проекти – 65, додека има општини и со по еден одобрен проект Богданци, Новаци, Градско, Берово и Росоман.

Во првиот повик, бројот на проекти беше значително помал – 288, исто како и вкупната сума што Владата им ја додели на локалните власти за ја реализираат – 74,5 милиони евра.

Инфографика - Унгарски пари за општински проекти
Инфографика - Унгарски пари за општински проекти

Ваквите повици за проекти за општините власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги распиша откако првично се задолжи со пола милијарда евра кај унгарската Експорт-импорт банка. Остатокот од кредитот власта го намени за поддршка на бизнисите преку поволни кредити.

Најмногу пари ќе се „истурат“ во асфалт

Ако се погледне листата со проекти, најчестиот наслов што се среќава е реконструкција или изградба на улица или локален пат. Токму од областа на транспортот се најголем дел од проектите за кои општините барале и добиле пари – речиси 600 од вкупно 828.

Има и неколку кои отскокнуваат и не се однесуваат на улици и патишта, а се во секторот транспорт. Така, на пример, Велес и Охрид добиваат пари за подземна, односно катна гаража, Виница за партерно средување на просторот кај градскиот пазар. Конче ќе става фотонапонска централа на кровот на општинската зградата, додека Куманово ќе гради краци за секундарна гасоводна мрежа на неколку улици.

На овие проекти од областа на транспортот ќе се потрошат и најмногу пари, над 130 милиони евра или повеќе од половина од целата сума (225,5 милиони евра) што Владата ја доделува преку вториот повик.

Канализациите најзастапени во проектите за животната средина

Втора по бројност на проекти, а и по области каде ќе завршат најголем број на парите е животната средина. Во овој сектор се 143 од проектите што ги добиле општините, а вкупната вредност им е речиси 40 милиони евра.

Генералниот заклучок што се добива ако се анализираат овие проекти е дека општините за проекти на животната средина најмногу ќе се посветат на изградби и реконструкции на водоводни мрежи и атмосферски и фекални канализации.

Неколку проекти се за уредување на речни корита, а отскокнува Општина Прилеп која добила 20-тина проекти за поставување на полуподземни контејнери.

Проектите од образованието, пак, се следни по вредност и за нив се одвојуваат речиси околу 26 милиони евра. Овде најскапиот проект е доградба на основното училиште „Блаже Коневски“ во Аеродром за повеќе од четири милиони евра. Бутел и Чаир, на пример, добиваат пари за основни проекти за изградба на затворени базени во две училишта, некои општини планираат спортски училишни сали, доградби, реконструкции на школи итн.

Нова калдрма во скопската чаршија, стадион во Битола, старски дом во Кочани

Околу 10 милиони евра од унгарскиот кредит, пак, во рамки на овој втор повик за општините ќе се потрошат за проекти во културата. Најскап во оваа област е проектот на Радовиш кој ќе добие 2,6 милиони евра за втората фаза од пренамената на Стоковната куќа во мултифункционален и културен центар со музејска поставка.

Штип со 1,5 милиони евра ќе го реставрира и реконструира Акрополот на тврдината Исар, а слична сума Аеродром ќе потроши за реконструкција на мултифункционален центар, додека Берово за мултифункционална сала во Домот на културата. Чаир за околу пола милион евра ќе ја менува калдрмата во Старата скопска чаршија

Останатите проекти одобрени од Владата, пак, се од областа на спортот, во вкупна вредност од околу 8,8 милиони евра, и од социјалната политика, вредни околу 8,4 милиони евра.

Најскапи во областа на спортот се проектот за спортско рекреативен објект во салата „Јасмин“ во Кавадарци – 1,9 милиони евра, како и фудбалски стадион со капацитет за речиси 10.000 гледачи, борилиште и атлетски патеки што ќе го прави Битола за 1,2 милиони евра.

Во делот на социјалната политика има најмалку проекти – вкупно шест. Четири од нив се за изградба на градинки во Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош и Чашка, а еден за реконструкција на градинка во Кратово.

Шестиот, а и најскапиот во оваа област е проектот е изградба на дом за стари лица, што бил одобрен на Општина Кочани за 3,2 милиони евра.

До каде се проектите од првиот повик?

Освен овие проекти одобрени во рамки на вториот повик на Владата, за завршување остануваат и дел од проектите што општините ги добија во првиот повик што беше распишан лани.

Од 288 проекти, според пресекот што Владата го направила на крајот на август, 153 се завршени, другите се со склучени договори од кои некои се работат на терен. Според одговорот што го доби РСЕ од Владата, само за еден проект не е започната никаква постапка.

Унгарскиот кредит од кој се делат парите за општините, беше најавен во јули 2024 година кога од маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон, премиерот Христијан Мицкоски најави дека го договорил заемот со унгарскиот премиер Виктор Орбан. На 8 октомври 2024, министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска отпатува во Будимпешта каде го потпиша договорот за заем од пола милијарда евра со претставници на унгарската Експорт-импорт банка.

Во декември 2024, македонската Влада потпиша договор и за втор заем од Унгарија од пола милијарда евра, кој беше наменет за раздолжување на еврообврзница.

Условите по кои државата го добива заемот се 3,25 проценти годишна камата, тригодишен грејс период и 12 години отплата на кредитот.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG