На 23 октомври, лидерите на Европската Унија (ЕУ) ќе ја задолжат Европската комисија да изготви законски предлог за користење на 176 милијарди евра (204 милијарди долари) замрзнати руски државни средства за заем на Украина - потег што би можел да покрие поголем дел од финансиските потреби на Киев во следните три години.
Европските дипломати интервјуирани од Радио Слободна Европа (РСЕ) веруваат дека постои можност целата шема да биде договорена до крајот на оваа година и дека би помогнало да се пополни очекуваниот недостиг, доколку Соединетите Држави повеќе не се подготвени да го финансираат Киев во иста мера како порано.
Идејата не е да се конфискуваат руски средства, кои претежно се чуваат во белгиската компанија за финансиски пазари „Евроклер“, туку да се заменат со обврзници издадени од Европската комисија, поддржани од земјите-членки на ЕУ и потенцијално други земји од Групата седум (Г7) и други партнери.
Парите потоа би оделе во Киев во периодот 2026-2028 година како таканаречен „заем за репарација“, кој Украина треба да го врати само кога Русија ќе плати воени репарации.
Грубо кажано, сè уште треба да се разработат три прашања и за нив ќе се преговара во наредните недели.
Прво, тука се правните прашања, кои главно се водени од Белгија, земјата домаќин на Евроклир. Потоа, тука се дебатите за тоа на што Украина може да ги потроши парите, главно водени од Франција.
И конечно, постои поширока дискусија за тоа кој ќе учествува, како и какви ризици тоа подразбира.
Загриженост на Белгија
Белгија стравува дека некои земји кои не се членки на ЕУ - како на пример Кина - ќе почнат да го повлекуваат своето суверено богатство од Евроклир поради страв дека може да биде запленето поради политички причини. Оваа загриженост ја изрази и Европската централна банка (ЕЦБ).
Сепак, Европската комисија јасно стави до знаење во документ за дискусија, до кој Радио Слободна Европа имаше увид, дека преземањето на овие чекори не е конфискација, бидејќи главниот износ сепак ќе остане недопрен. Тоа е исто така еднократна, привремена мерка.
Белгија, исто така, се грижи дека би можела самата да ги врати парите ако Русија тужи и победи, иако Европската комисија истакна дека руските судски наредби не се спроведливи во Европската Унија.
Поважно е што беше предложен и систем на билатерални гаранции од страна на поединечни земји-членки, кој би бил заменет во 2028 година кога ќе стапи на сила новиот долгорочен буџет на ЕУ.
Потоа, тука е прашањето како на Украина треба да ѝ се дозволи да ги троши приближно 45-те милијарди евра (52 милијарди долари) што би ги добивала секоја година.
Спроведување без едногласност?
Франција гласно инсистира парите да се користат главно за набавка на одбранбени средства во Европа, додека други повикаа на поголема флексибилност.
Европската комисија предложи компромис - еден дел од парите се троши за „украинската технолошка и индустриска база на одбраната и нејзината интеграција во европската одбранбена индустрија, вклучително и набавка на одбранбен материјал“, а другиот дел се користи за класична буџетска поддршка.
Прашањето сега е дали сите 27 земји-членки на ЕУ ќе го поддржат овој план.
Не е потребна едногласност за потпишување на заем за репарација, но колку повеќе земји-членки се пријавуваат, толку е поголем ризикот за споделување.
Брисел идеално сака некои од земјите од Г7 да бидат вклучени за да се осигури дека ова не е исклучиво потфат на ЕУ, со оглед на тоа што има средства на руската централна банка на други места. Тоа исто така би помогнало да се спречи потенцијален одлив на средства во евра ако, на пример, Велика Британија и Јапонија исто така се обврзат.
Функционер на ЕУ изјави за Радио Слободна Европа вели дека ако, Унгарија и Словачка не се приклучат, тоа би можело да се компензира со зголемување на поддршката од неколку богати земји надвор од ЕУ.