Американскиот претседател Доналд Трамп за време на состанокот со украинскиот претседател Володимир Зеленски на 17 октомври изјави дека се надева дека војната на Русија со Украина ќе биде решена пред Киев да има потреба од ракетите „томахавк“.
„Се надевам дека нема да им бидат потребни. Се надевам дека ќе можеме да ја завршиме војната без да мора да размислуваме за ракетите „Томахавк“, им рече Трамп на новинарите пред двајцата лидери да разговараат за време на ручек.
Тој исто така додаде дека на Соединетите Американски Држави (САД) можеби ќе им бидат потребни вакви ракети за сопствена употреба.
„Томахавките се голема работа. Но, морам да кажам едно, и ние ги сакаме „томахавките“. Не сакаме да подаруваме работи што ни се потребни за да ја заштитиме нашата земја“, рече американскиот претседател.
Зеленски, од своја страна, спомна потенцијален договор со кој Украина би обезбедила технологија за беспилотни летала на американската војска во замена за ракети со долг дострел.
Украинскиот претседател додаде дека неговата земја има „илјадници“ дронови, но „нема томахавки“.
Во очи на третата посета на Зеленски на Белата куќа оваа година, рускиот претседател Владимир Путин и Трамп разговараа по телефон на барање на Кремљ, подготвувајќи ја сцената за можен самит меѓу двајцата лидери во Будимпешта.
Зборувајќи наспроти Зеленски следниот ден, Трамп рече дека Путин „сака да ја заврши војната“, додека украинскиот претседател повика на поголем притисок врз Кремљ за да го принуди да седне на преговарачка маса.
На прашањето на новинарите дали е загрижен дека рускиот претседател можеби се обидува да купи повеќе време за воените напори на Москва, Трамп рече: „Да, сум“.
„Целиот мој живот ме завлекуваа најдобрите а јас од тоа излегов многу добро. Значи, можно е, да, малку време, тоа е во ред“, рече Трамп. „Но, мислам дека тој сака да склучи договор“.
Изненадувачкиот разговор меѓу претседателите на САД и Русија ја изненади украинската делегација во Вашингтон додека таа се обидуваше да купи ракети и системи за воздушна одбрана произведени во САД, во услови на немилосрдни руски напади врз цивилната и енергетската инфраструктура на земјата.
Москва претходно го предупреди Вашингтон да не ја снабдува Украина со „томахавки“, а Путин рече дека таквите испораки би претставувале „целосно нова фаза на ескалација“ меѓу САД и Русија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан - еден од ретките сојузници на Путин во Европската унија (ЕУ) - исто така разговараше со рускиот лидер во петокот, ветувајќи целосна соработка за организирање на евентуален самит во Будимпешта.
„Подготовките се во полн ек“, напиша тој на мрежата Фејсбук, што се чинеше дека сигнализира дека Унгарија нема да се обиде да го уапси Путин по наредба на Меѓународниот кривичен суд.
Портпаролот на Европската комисија, Олоф Гил, им рече на новинарите во Брисел дека ЕУ го поздравува „секој состанок што го движи напред процесот на постигнување праведен и траен мир за Украина“.
Трамп, кој ја презеде функцијата ветувајќи дека ќе ја заврши војната во Украина во рок од 24 часа, постојано изразуваше фрустрација од недостатокот на напредок во постигнувањето дури и на прекин на огнот, а камоли на траен мировен договор.
Покрај првиот самит на Трамп и Путин во Аљаска во август, двајцата разговарале по телефон најмалку осум пати, додека претставникот на Белата куќа, Стив Виткоф, се сретнал со Путин во Москва најмалку пет пати.
Ставот на Трамп кон Путин - и кон војната на Москва воопшто - значително се промени во последните месеци, бидејќи Русија продолжува да напредува на бојното поле и да ги напаѓа украинските градови и населени места, вклучувајќи ја нејзината електрична мрежа и инфраструктурата за природен гас.