Достапни линкови

Медиумска „империја“ од Велес до Флорида


Графичка илустрација
Графичка илустрација

Од велешка адреса до американски медиум – Румен Наумовски преку своите фирми „Raww Digital“ во Велес и Флорида гради конзервативна медиумска мрежа, додека дома прикажа сто евра приход во фирма во ликвидација. Но неговото име се појавува и поради незаконска донација во кампања за американски Конгрес.

Од тинејџер кој водел кошаркарски блог и заработувал по 400 долари дневно стигнал до анти-мејнстрим американски медиум вреден стотици илјади долари, така самиот се опишува во едно интервју 27 годишниот велешанец Румен Наумовски. Неговото име деновиве се појави во американските медиуми како сопственик на веб-сајтот „Resist the Mainstream“, но и беше обелоденето дека во 2022 година незаконски донирал пари за кандидат за Конгресот на САД.

Во македонската јавност не се спомнува Наумовски. Но, затоа во американските, неговото име се поврзува со велешките тинејџери кои во 2016 година заработија, како што пишуваа неколку светски медиуми, „куп пари “ од веб страници кои ширеа дезинформации за американските претседателски избори.

Румен Наумовски, пак, во 2022 година незаконски донирал над 3 илјади долари во кампањата на кандидатот за американскиот Конгрес, Рот Ваткинс.

Донацијата на Наумовски е нелегална затоа што на странските државјани, според американските закони, им е забрането да донираат во политичка кампања.

„Немам коментар“, беше кусиот одговор што ни го даде Наумовски на нашето барање да ја слушнеме неговата приказна, пред да ја спушти слушалката.

Но, на прашањето за тоа дали очекува санкции по откритието дека незаконски донирал пари во американска кампања, во порака на Вибер ни го посочи одговорот што го објавил на социјалната платформа Телеграм во 2022 година.

„Дадов онлајн придонес за политичка кампања во САД, не сфаќајќи дека тоа ми е забрането како некој што има американска виза, но не и зелена карта. За неколку минути откако дознав, контактирав со кампањата, која веднаш ми ги врати парите. Ја сакам Америка и никогаш намерно не би прекршил никаква мерка. Живеј и учи!“, беше одговорот на Румен Наумовски.

Resist the Mainstream
Resist the Mainstream

Парите, според документот на кој се повикува американскиот медиум „Оpen Secrets“, ги вложил во кампањата на кандидатот за конгресмен Ваткинс во февруари 2022 година. Во тој документ како адреса на донаторот Наумовски е заведена адресата на маркетинг агенцијата „Равв дигитал “(Raww digital) во Флорида, Санкт Питербург.

Но, во основачките документи на американската маркетинг агенција, заведена е адресата во неговиот роден град Велес. Тоа ја покажува врската меѓу него и маркетинг фирмата во Флорида. Инвестицијата во САД, Наумовски ја завел во македонскииот Централен Регистар, во септември 2022 година. Тој, американската маркетинг агенција, ја основал како физичко лице со влог од 100 илјади долари.

Македонската компанија со минимална заработка

На истата велешка адреса, три години претходно во 2019 година основал и македонска компанија, под истото име со кирилично писмо „Равв дигитал“. Според податоците од Централниот регистар, фирмата била функционална се до август годинава, кога е ликвидирана.

Податоци од Централен Регистар за фирмата на Румен Наумовски Равв Дигитал
Податоци од Централен Регистар за фирмата на Румен Наумовски Равв Дигитал

Податоците покажуваат дека за македонската агенција не требало да плаќа даноци во својата татковина затоа што немал голем обрт на пари, односно во завршната сметка прикажал приходи во 2022 година од 1800 евра. Но, истата година од својата сметка вложил 100 илјади долари во основање на американската маркетинг агенција. Следната 2023 година не прикажал приходи, додека во 2024 година прикажал приход од речиси сто евра.

Американската агенција Равв Дигитал, постои неколку години, засега нема активна веб страница. Домејнот за одржување е заведен на адреса во Рејкјавик, Исланд.

Наумовски тврди дека никогаш не стапнал во САД, а таму има фирма

Наумовски е основач на маркетинг фирмата „Raww Digital“ и веб-сајтот „Resist the Mainstream“, која се опишува себеси како „медиумска компанија за луѓе кои ја изгубиле довербата во мејнстрим медиумите“. Медиумот во кој, како што вели, вложил над 145 илјади долари со вработени 11 Американци, го води од својот дом во Северна Македонија, затоа што објаснува дека не добил американска деловна Е-2 виза, која служи за влез во државата на ивеститорите кои имаат свој бизнис во САД.

„Седум години се обидував легално да влезам во Америка. Бев одбиен, одложен и на крајот ми беше одбиена дури и посета. Мојот злостор? Премногу искрен сум во желбата да станам американски државјанин“, вели Наумовски во неговата колумна објавена во американскиот медиум Дејли Вајр ( Daily Wire).

Во неа тој прави споредба дека додека чекал седум години, околу 12 милиони луѓе ја преминале јужната граница непоканети, а потоа добиле сместување и бенефиции за неколку месеци.

Блумберг во 2022 година пишуваше дека веб страницата наречена Resist the Mainstream, првпат била разоткриена од Election Integrity Partnership во октомври 2020 година за ширење хипер-партиски вести, криејќи го своето странско потекло.

„Нејзиниот основач, Румен Наумовски, наводно е современик на групата тинејџери од Велес, Северна Македонија, кои создадоа стотици Фејсбук страници, честопати наклонети кон Доналд Трамп, за време на претседателските избори во САД во 2016 година - при што многу од тие страници ширеа лажни информации“, пишува во сторијата на Блумберг.

Во неа се објаснува и дека Наумовски се спротивставил на карактеризирањето на „Resist the Mainstream“ како лажно и рече дека неговото известување за изборите и вакцините е точно.

„Нашата работа е да истражуваме за вистината, а не да го прикриваме нашето известување во она што „знаеме“ дека мора да биде вистината“, им одговорил Наумовски на Блумберг во порака.

Велешките „деца на Трамп“ повторно активни
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:53 0:00

Наумовски: Благодарен сум што влегов во конзервативниот политички свет

За тоа како го започнал својот бизнис во САД Наумовски зборува во поткастот со Кен ЛаКорт, американски јутјубер и поранешен извршен директор во „Фокс њуз“ кому во извесен период му помагал во развивање на Инстаграм профилите за медиумските производи на ЛаКорт.

„Си реков- Не одам на факултет. Ако можев да заработам 400 долари дневно на интернет кога имав 16 години, не треба да одам на факултет, можам да заработам пари онлајн, нели? “, вели тој.

Во продолжение на поткастот индиректно укажува и за развојот на неговиот десничарски медиум оградувајќи се од велешките сајтови со лажни вести.

„Но, што се однесува до тоа, потоа следеше тоа што многу луѓе се впуштија во политиката, како што рече. Некои од нив објавуваа целосно лажни вести. Некои од нив само објавуваа вести што доведуваа до заблуда. Но, како тоа влијаеше на мене? Сè уште мислам дека и без тоа би бил дел од нешто големо и би градел нешто огромно. Значи, тоа влијаеше на мене во смисла да влезам во овој, знаеш, конзервативен политички свет, секако. И благодарен сум за тоа“, вели тој во поткастот.

Невидлив за македонските институции

Наумовски, како што напиша во неговата единствена објавена колумна, „никогаш не стапнал“ на американско тло, каде што поседува медиум со 11 вработени и маркетинг агенција.

Од македонските институции побаравме одговори на прашањето дали до сега е проверено како дошол до пари за отворање медиум во странство и дали плаќа давачки во својата татковина. Од Управата за јавни приходи на прашањето велат дека не можат да ни одговорат.

„Податоците, информациите за постапките и дејствијата кои се преземаат од страна на Управата за јавни приходи, се податоци, односно информации од даночна постапка и служат исклучиво за даночни цели, односно за спроведување на оданочувањето и претставуваат даночна тајна“, велат од УЈП за РСЕ.

Според досега собраните податоци на Радио Слободна Европа од Централниот регистар, Наумовски не прикажал големи заработки преку македонската фирма, но како физичко лице, од својата сметка вложил 100 илјади долари основачки влог за отворање на американска маркетинг агенција.

Експерот за даночна политика Борче Смилевски вели дека секој македонски државјанин е слободен и може да инвестира пари во странство, но ако оствари приход кој ќе му „легне“ на домашна сметка, во својата земја ќе треба да плати данок по основ на дивиденда. Но, за проверка на потеклото на парите за инвестирање во странство задолжени се надлежните Управи за финансиско разузнавање и финансиска полиција.

„Меѓутоа тоа е прашање што има поширок контекст, не се однесува само на него, во државава има многу луѓе на коишто треба да им се провери потеклото на парите. Тоа е прашање што се влече со години наназад се додека не се донесе законот за проверка на потеклото на имотот овие прашања ќе останат отворени“, објаснува Смилевски.

Од Управата за финанскиското разузнавање и Управата за финансиска полиција, институции надлежни за проверка на сомнителни финански активности до објавувањето на овој текст не одговорија на новинарските прашања на РСЕ за тоа дали до сега Наумовски бил цел на проверка за потекло на имот.

Според македонскиот закон за девизно работење македонските државјани кои инвестираат пари во основање на фирма во САД, треба да го известат Централниот Регистар, а инвестицијата на Наумовски во американската маркетинг агенција е заведена во македонскиот регистар.

Наумовски од Велес и натаму го управува медиумот „Resist the Mainstream“ и маркетинг агенцијата „Raww Digital“, иако, како што вели тој, физички никогаш не бил во САД. Преку овие дигитални платформи тој продолжува да гради медиумски присуство во конзервативниот американски простор.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG