Достапни линкови

Македонскиот работник има поголема продуктивност од европскиот, но за третина од неговата плата


Производител на леб/ Скопје, илустрација
Производител на леб/ Скопје, илустрација

На Северна Македонија ќе ѝ биде потребен половина век за да го достигне животниот стандард на Европската унија. Здружението ЗМАИ нотира најлошо рангирање во образованието и животната средина. Платата треба да расте заедно со продуктивноста, која кај македонскиот работник е поголема од онаа на европскиот, покажа истражувањето.

На македонската просечна бруто плата ќе ѝ требаат околу 40 години за да ја достигне европската. Платите во Северна Македонија се пониски од продуктивноста, а она што македонскиот работник го произведува е околу 53 проценти од она што го произведува работникот во ЕУ.

Овие резултати денеска (20 октомври) ги презентираше Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, како дел од осумте организации кои анализирале каква е конвергенцијата на Западен Балкан кон ЕУ.

Северна Македонија би можела да го достигне просечниот европски стандад на живот за 56 години, период кој клучните реформи овде би можеле да го преполоват.

Зголемување на платите со додадена вредност на производите

Извршниот директор на ЗМАИ, Виктор Митевски вели дека состојбите може да се поместат и со полноправно членство и пристап до фондовите, но за тоа пред сѐ, ќе треба да си ја завршиме работата дома.

Клучните реформи кои може да нѐ доближат до ЕУ, вели тој, подразбираат попаметни социјални трансфери, инвестирање во дигитализација и инфраструктура за поврзување со соседите, како и јакнење на националната инфраструктура.

„Само зголемување на платите без додадена вредност на крајниот производ кој го произведуваме како општество, може да има само контраефект. Иако, параметрите покажуваат дека простор за зголемување на платите и во сегашните услови, постои“, додаде Митевски.

Просечната бруто плата во земјава е околу 1000 евра, што е една третина од европскиот просек. Истражувањето покажува дека за да го достигнеме, ќе ни требаат 40 години. Со овие плати, Северна Македонија е позиционирана подолу од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Во регионот на Западен Балкан, платите се пониски единствено во Албанија и Косово.

Бруто домашниот производ е повисок од платите, но за да го достигнеме ќе ни треба повеќе време, имајќи ја предвид неговата поспора стапка на раст.

Сепак, економскиот аналитичар, Бранимир Јовановиќ вели дека продуктивноста како процент од ЕУ кај нас е подобра од платата.

„Таму има и подобри технологии, но нашите работници не се мрзеливи. Ние ги плаќаме работниците со една третина од она што се плаќа во ЕУ, а нашиот работник произведува 50 отсто од она што се произведува во ЕУ. Нашата продуктивност е повисока по плата, односно платите кај нас се пониски од продуктивноста“, објаснува Јовановиќ.

Слаб потенцијал за економски раст

Во однос на доходот пак, македонскиот изнесува околу 42 проценти од европскиот. Поранешната гувернерка на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска вели дека ова ниво е многу слично на просечното во земјите од регионот. Сепак, „значајно заостанува од другите транзициски економии во ЕУ каде нивото во просек е барем двојно повисоко“.

Ангеловска Бежоска нагласува дека тоа се должи на слабата динамика на економскиот раст, чиј потенцијал исто така се намалува.

„Ако во декадата пред глобалната економска криза ние растевме во просек со 3,6 проценти, од тогаш па наваму во последните 15 години ние растеме со само 2,6 проценти. Оттаму и нашата конвергенција е релативно слаба“, додаде екс гувернерката на НБРМ.

Забавувањето на економскиот раст го сведочиме од 2009 па наваму, но најмногу за тоа придонесува, како што вели таа, спорото растење на продуктивноста.

Иселувањето ја влоши состојбата на пазарот на трудот

Северна Македонија не стои добро ни од аспект на човечкиот фактор со оглед на сите предизвици.

- На пример, работно способното население во изминатата декада се намали од 70 на 65 проценти, а според некои проценки тие неповолни трендови ќе продолжат и до 2050 година ќе се намали на 60 проценти. Тоа е поразително и алармантно – смета Ангеловска Бежоска.

А овие состојби на пазарот на трудот само го рефлектираат проблемот со иселувањето. Меѓу оние кои си заминуваат, има високо квалификувани работници, што како предизвик го наметнува не само квантитетот, туку и квалитетот на работната сила.

Во меѓувреме, инвестициите забрзуваат, но Ангеловска Бежоска вели дека тој обем повторно не доволен за да се приближиме кон Унијата.

Славески - Од 2026 со закон ќе има намалување на банкарските провизии
please wait

No media source currently available

0:00 0:20:19 0:00

Осврнувајќи се на влијанието на кризите врз факторите на раст, таа вели дека стагнираме особено од ковид пандемијата. Проблемот е структурен додава таа, и таков треба да биде и одговорот.

„Ако не се преземат позначителни чекори за решавање на структурните пречки кои го влечат растот надолу, ќе ни требаат многу години, но тоа е предолг период да се остават состојбите како што се“, предупредува таа.

Македонската економија е мала, а како таква, е ранлива на надворешните шокови.

А како да се отстранат пречките на растот?

Додека Северна Македонија останува без високо квалификувани кадри, проблемот би можел да се ублажи преку дигитализацијата. Несомнено е сепак, и дека ќе треба да се ублажат ефектите од емиграцијата, а да се продолжи животниот век на населението преку реформи во здравството.

Ангеловска Бежоска вели дека за продуктивноста се важни огромен сет фактори, но пред сѐ квалитетот на институциите. Тој, според Светскиот економски форум е рангиран на 84 место од вкупно 140 земји.

Но економијата и инфраструктурата се само дел од „слабите страни“ на Северна Македонија. Од состојбите во ЕУ, нѐ оддалечуваат и животната средина и образованието, кое како што велат од ЗМАИ, е многу важно за развој на државата.

Од анализирани шест индикатори, се оддалечуваме во четири. Недоволното вложување на државата во овој ресор би можело да направи и никогаш да не го достигнеме европското ниво. Дополнително ситуацијата ја влошуваат слабите резултати од ПИСА тестирањето, а иако се бележи напредок во уписите на факултетите, истражувањето покажа дека и таму сме полоши од ЕУ.

XS
SM
MD
LG