Вести
ИЈЗ: Ѓубрето да се фрла со маски и ракавици, општините да направат вонредна дератизација
Епидемиолошката состојба во Скопје е стабилна, но се препорачува одржување на лична хигиена при ракување со отпад како што е користење на ракавици, маска, миење раце, дезинфициенс, совесно одлагање на отпадот во контејнери и избегнување на нелегални депонии како и затворање на капаците на кантите и избегнување физички контакт со отпадот и исцедокот.
Ова е препораката на Институтот за јавно здравје кој е дел од интеринституционалната работна група за справување со актуелната состојба со отпадот во Скопје. Во групата се вклучени Институтот за јавно здравје, МВР Скопје, Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина и ДСЗУ.
Eпидемиологот Драган Кучински информираше дека мерките се поделени во две категории- за општото население и за надлежните институции.
„Најважни се мерките за лична и колективна хигиена – често миење и дезинфекција на рацете, користење ракавици при одлагање отпад, како и строго почитување на местата предвидени за одлагање, како што се контејнерите“, рече Кучински.
Тој апелираше граѓаните да не создаваат диви депонии, кои дополнително ја загадуваат животната средина и правилно да управуваат со домашниот отпад.
Во однос на институциите, Кучински нагласи дека е неопходна заштита на работниците кои го собираат отпадот преку користење лична заштитна опрема и редовна вакцинација. Меѓу предложените мерки се и итно собирање на насобраниот отпад, дезинфекција, дезинсекција и дератизација според епидемиолошки индикации.
Редовното собирање на отпадот, особено во погусто населените места, треба да се врши најмалку еднаш дневно.
Проф. д-р Мирјана Димовска апелираше до надлежните институции да спречат поставување контејнери во близина на здравствени установи, училишта и други објекти каде што се бараат високи хигиенски стандарди.
„Искуството од епидемијата на жолтица во Штип покажа дека поставувањето на контејнери пред училишта е ризик. Затоа, апелирам до директорите на училиштата да постават визуелни упатства за правилно миење на рацете, адаптирани за возраста на учениците“,рече Димовска.
Како итни мерки Институтот ги нагласува брзото отстранување на расфрланиот отпад со сите расположливи ресурси, приоритетно чистење околу болници, училишта, паркови и игралишта, вонредна дезинфекција, дератизација и дезинсекција на критичните локации, редовно празнење на контејнерите, минимум еднаш дневно во густо населени делови, заштита на работниците со лична заштитна опрема и задолжителна вакцинација и засилен епидемиолошки надзор за заразни заболувања.
Во однос на долгорочните мерки ИЈЗ препорачува интегриран систем за управување со отпад, редовно чистење, селекција и рециклирање, како и азнени мерки за несовесно одлагање.
Веќе неколку недели контејнерите на улиците во скопските општини се претрупани со отпад, кој службите на Комунална хигиена не го собираат. Граѓаните се револтирани, а за колапсот со собирањето на комуналниот отпад, градоначалничката Данела Арсовска, политичките партии и кандидатите за градоначалници, преку прес-конференции и соопштенија вината си ја префрлаат меѓу себе.
Поради алармантната состојба со несобирањето на комуналниот отпад во Скопје, Владата донесе одлука за вонредни инспекциски контроли, а Обвинителството отвори постапка за евентуално кривично дело.
види ги сите денешни вести
По санкциите, Лукоил најави продажба на имотот во странство
Руската нафтена компанија Лукоил во понеделникот, 27 октомври, соопшти дека има намера да го продаде својот имот во странство, откако САД воведоа санкции кон оваа и кон државната руска компанија Роснефт со цел да извршат притисок врз Русија поради нејзината војна во Украина.
„Поради воведувањето рестриктивни мерки од страна на некои земји против компанијата и нејзините подружници, компанијата ја објавува својата намера да го продаде својот меѓународен имот“, се вели во краткото соопштение на Лукоил.
Министерството за финансии на САД минатата недела објави дека воведува санкции кон Роснефт и Лукоил. Двете најголеми руски нафтени компании, чиј извоз значително придонесува во буџетот на Кремљ, претходно овој месец беа санкционирани и од Обединетото Кралство.
Руската компанија соопшти дека продажбата се спроведува врз основа на дозвола за затворање на бизнисот издадена од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД.
„Почна разгледувањето на понудите од потенцијалните купувачи“, соопшти Лукоил без да даде дополнителни детали.
Санкциите на САД ги најави претседателот Доналд Трамп, кој се чини дека го губи трпението со Русија откако Москва го отфрли неговиот предлог за замрзнување на линии на фронтот.
Компанијата Лукоил е присутна со свои бензински станици во Северна Македонија и други земји од Западен Балкан – Србија и Црна Гора, но и во Бугарија и Романија каде има и рафинерии. Бензински станици Лукоил има и во Хрватска.
Заострувањето на санкциите врз рускиот нафтен сектор следеше по месеци напори на Трамп да ја заврши војната во Украина, што вклучуваше и средба со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска во август. Кратко пред да бидат воведени санкциите, Трамп го откажа вториот планиран самит со Путин.
Санкциите врз Лукоил и Роснефт стапуваат на сила на 21 ноември откако САД им дадоа рок од еден месец на компаниите што соработуваат со руските нафтени гиганти да ги прекинат врските или да се соочат со секундарни санкции, што би им го прекинало пристапот до американските банки и осигурителни компании.
Власта на Санчез слабее - ја губи поддршката од каталонската партија
Левичарската малцинска влада на премиерот Педро Санчез во Шпанија губи еден од своите сојузници во парламентот, што го става во опасност опстанокот на неговата администрација.
Партијата „Заедно“ на каталонскиот сепаратистички лидер Карлес Пуџдемон одлучи да се откаже од договорот за поддршка на Социјалистичката партија (PSOE) на Санчез, потврдија од партијата за агенцијата ДПА.
Управувачкиот одбор на партијата, кој број 50 члена, одлуката ја донел едногласно на состанок што се одржал во Перпињан во Франција, објавија неколку шпански медиуми вклучително и државната телевизија.
Одборот се состанал во Франција, а не во Шпанија, бидејќи сè уште се не се повлечени налозите за апсење на неколку партиски членови, вклучувајќи го и Пуџдемон.
Партиската база на каталонската партија треба да ја одобри оваа одлука за откажување на поддршката за владата на Санчез. Гласањето треба да се одржи во среда и четврток, но со оглед на едногласноста во управувачкиот одбор, извесно е дека одлуката ќе биде потврдена.
Без гласовите на седумте пратеници на „Заедно“ во парламентот во Мадрид, левичарската влада на Шпанија ќе нема мнозинство за да протурка закони, дури и ако има поддршка од други помали партии.
Според експертите, Санчез, кој е на власт од 2018 година, би можел да се соочи и со гласање за недоверба. Исто така е можно да бидат распишани и нови избори.
Како што пишува новинската агенција, постојат неколку причини за разидувањето на патиштата меѓу каталонската партија и премиерот Санчез. Една од нив е што, според ДПА, поради германско противење не успеале плановите за признавање на каталонскиот јазик како официјален во ЕУ, ветување кое наводно му го дал Санчез на Пуџдемон.
Друга причина е што не е спроведен до крај Законот за амнестија за каталонските сепаратисти. Иако откако минатата година тој стапи на сила, неколку протерани политичари можеа да се вратат во Шпанија без проблеми, шпанските судиите сè уште не ги повлекуваат налозите за апсење на Пуџдемон и неколку други политичари. Пуџдемон, кој е поранешен регионален претседател, живее во егзил од референдумот за независност на Каталонија што тој го иницираше во 2017 година.
По виртуелната министерка, Рама најави и дигитални асистенти за пратениците
Откако Албанија ја доби првата виртуелна министерка Диела, генерирана со вештачка интелигенција, албанскиот премиер Еди Рама најави дека и пратениците од неговата Социјалистичка партија ќе добијат дигитални асистенти.
Во необичната најава, Рама рече дека министерката Диела е „бремена“ и чека 83 деца – по едно за секој пратеник од владејачката партија.
„Децата со вештачка интелигенција“ или виртуелните помошници ќе ги следат парламентарните постапки, ќе може да снимаат дискусии во парламентот, ќе подготвуваат резимеа и ќе предлагаат одговори за пратениците кои не можеле да присуствуваат на некои седници…
Очекувањата се дека овој систем ќе биде целосно оперативен до крајот на 2026 година.
Албанскиот премиер ваквиот чекор во дигитализацијата го соопшти во обраќање на Берлинскиот форум за глобален дијалог (БГД).
„На пример, ако одите на кафе и заборавите да се вратите на работа, тие ќе ви пренесат што се зборувало додека сте биле отсутни и на кого треба да му возвратите и контактирате“, рече Рама.
Диела, што на албански значи „сонце“, официјално беше избрана за министерка во септември.
Изборот на Владата со 17 члена, тогаш предизвика тензии во парламентот поради противењето на опозициските пратеници. Тие го критикуваа назначувањето на виртуелната министерка како неуставно бидејќи ботот не е личност, нема албанско државјанство и може да доведе до поголема корупција.
Двајца полицајци уапсени за разбојништво во златарница во Гостивар
Двајца полицајци се уапсени за разбојништво во златарница во Гостивар на 10 октомври кога биле одземени 18 килограми злато.
Полицајците, како што денеска (27 октомври) информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар, се гонат како соизвршители во делото.
Станува збор за двајца полицајци од ОВР Кичево, кои заедно со други засега непознати лица, на 10 октомври влегле во златарницата и со закана со оружје го украле златото.
Полицајците, како што тврди Обвинителството, се договарале и направиле план за грабежот заедно со соучесниците по кои полицијата сè уште трага. Во извршувањето на делото користеле и службено полициско возило.
„Осомничените учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На самиот ден, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот во Гостивар, од кои едното потоа било пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, додека другото било пронајдено напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар“, велат од ОЈО Гостивар.
За двајцата полицајци се бара од судот мерка притвор поради опасност од бегство и можност за попречување на истрагата со прикривање на докази и влијание врз сведоци.
Таткото кој нападна двајца младински фудбалери на Брегалница доби 11 месеци затвор
Таткото од Скопје кој на натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови Брегалница и Шкупи, нападна двајца 15 годишни фудбалери доби казна затвор од 11 месеци.
Инцидентот се случи на натпревар во август во Штип. Двајцата нападнати фудбалери играа за тимот на Беласица, додека синот на скопјанецот кој го изврши насилството играше за Шкупи.
Судскиот процес се водеше пред Основниот суд Штип, а на таткото му се судеше за кривичното дело насилство. Пресудата, за која судот информираше на 27 октомври, не е правосилна односно странките имаат право на жалби до штипскиот Апелациски суд.
За настанот, Основното јавно обвинителство во Штип поведе постапка веднаш по натпреварот.
„Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на Брегалница, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“, информираше Обвинителство по отворањето на постапката.
Инцидентот се случи во 89-тата минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на таткото што го изврши нападот.
Според описот на настаните од Обвинителството, првично неспортски изреагирал синот фудбалер кој со тупаници и удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница.
„Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот“, посочи Обвинителство.
Покрај постапката пред судот, за инцидентот реагираше и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) која донесе неколку дисциплински мерки.
На фудбалерот на Шкупи, чијшто татко денеска беше осуден, му е изречена најстрогата санкција – исклучување од фудбалска организација. За уште двајца младински играчи на Шкупи, кои беа вклучени во инцидентот, беше изречена казна забрана на играње во траење од три месеци. Казна да не игра четири натпревари заработи и 15-годишен фудбалер на штипска Брегалница, којшто се впуштил во груба игра и самозаштита при нападот.
Исто така, организаторска и колективна одговорност се бараше и од двата клуба – од Шкупи заради нападот на родителите врз противнички играчи, а од Брегалница заради слабата организација на натпреварот и пропуст во обезбедувањето.
Директорот на Комунална хигиена меѓу приведените за отпадот во Скопје
Приведени се две лица од раководството на јавното градско претпријатие „Комунална Хигиена“, соопшто Основното јавно обвинителство. Во нивното соопштение е наведено дека по наредба на обвинител, полициски службеници преземаат дејствија за обезбедување докази.
„Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението.
Еден од двајцата приведени е директорот на „Комунална Хигиена“ Сабахaдин Рустеми. Засега се води предистражна постапка, не е отпочната истрага, велат од ОЈО.
Според Кривичниот законик приведените се осомничени за загрозување на животна средина и природата со отпадни материи.
„ Тој што спротивно на прописите за заштита на животната средина и природата складира, остава или расфрла отпадни матерни или со нив постапува на начин со кој се менува квалитетот на воздухот, почвата, водата или водотекот, во мера што може да ги влоши условите за жнвот на луѓето или животните или растенијата и да го загрози нивниот опстанок, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“, се вели во Кривичниот законик.
До ова дојде откако минатата недела по владина одлука со која го задолжи Министерството за внатрешни работи (МВР), во координација со повеќе инспекциски и здравствени институции, веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, поради сериозните проблеми со собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад.
„Воедно, се задолжува и Министерството за внатрешни работи, во соработка со надлежните институции, а се укажува на Град Скопје-Сектор инспекторат, да постапат согласно своите законски надлежности и да го испитаат работењето на ЈП Комунална хигиена-Скопје и градоначалникот на Градот Скопје во врска со несобирањето на комуналниот отпад, кој предизвикува опасност по здравјето на луѓето“, беше наведено во владината одлука.
Трамп во Токио додека расте надежта за трговски договор со Кина
Американскиот претседател Доналд Трамп слета во Токио на последната станица од азиската турнеја, а истовремено се зголеми и оптимизмот дека конечно ќе ја заврши „жестоката трговска војна“ на разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг неделава, јави АФП.
На пат кон најблискиот сојузник на САД, Јапонија, Трамп рече дека се надева на договор кога ќе се сретне со Си во четврток (30 октомври), а исто така посочи дека е подготвен да го продолжи своето патување за да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
„Имам голема почит кон претседателот Си и мислам дека ќе постигнеме договор“, им рече Трамп на новинарите, додавајќи дека има за цел да оди во Кина на почетокот од 2026 година.
Во вторник, се очекува Трамп да се сретне со новата конзервативна премиерка Санае Такаичи и да одржи говор во американската поморска база Јокосука.
„Слушам феноменални работи. (Такаичи) беше голем сојузник и пријател на Шинзо Абе, кој беше мој пријател“, рече Трамп, осврнувајќи се на убиениот поранешен премиер.
Азиското патување на Трамп, негова прва турнеја во тој регион откако се врати на функцијата, започна во Малезија во неделата со низа договори на маргините на самитот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН).
Тој, исто така, се обиде да ги поправи односите со бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, но не и со канадскиот премиер Марк Карни, исклучувајќи ја можноста за средба во скоро време.
„Канада нè мами долго време и нема повеќе да нè мами“, рече Трамп.
Сепак, најголемата награда за Трамп и за глобалните пазари, останува договорот со Кина.
Трамп треба да се сретне со Си во четврток во Јужна Кореја на нивните први разговори лице в лице откако 79-годишниот републиканец се врати во Белата куќа.
Пред пристигнувањето на Трамп во Малезија, Бесент и кинескиот вицепремиер Хе Лифенг одржаа дводневни трговски разговори, барајќи договор за избегнување на дополнителни 100-процентни царини што треба да стапат во сила на 1 ноември.
Кинескиот министер за заменик-трговија, Ли Ченгганг рече дека е постигнат „прелиминарен консензус“.
Бесент во понеделникот изјави дека се договориле за „рамка за која претседателот Трамп (и) претседателот Си треба да одлучат“.
„Ќе биде одлично и за Кина, одлично и за нас“, им рече Трамп на новинарите во Куала Лумпур.
Во петокот, Такаичи во својот прв политички говор објави дека Јапонија ќе троши два проценти од бруто-домашниот производ за одбрана оваа фискална година.
Но, Вашингтон, кој има околу 60.000 воени лица во Јапонија, сака Токио да троши повеќе, потенцијално да се изедначи со петте проценти од БДП што ги ветија членките на НАТО во јуни.
Поголемиот дел од јапонскиот увоз во Соединетите Држави е предмет на царини од 15 проценти, што се помалку болни од 25-те проценти што првично се заканија.
Трамп треба да ја посети Јужна Кореја на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во среда и да се сретне со претседателот Ли Џе Мјунг.
Трамп, исто така, ги поттикна шпекулациите дека би можел да одржи разговори лице в лице со севернокорејскиот лидер Ким додека е на Корејскиот полуостров.
Двајцата лидери последен пат се сретнаа во 2019 година во Демилитаризираната зона (ДМЗ), граничната област што ги разделува двете Кореи.
Мицкоски: Нема разговор за коалиција со Мерко, не преговарам со луѓе на црната листа
Не е точно дека постои разговор за коалиција со Рамиз Мерко, не преговарам со луѓе на црната листа на САД, изјави денеска (27 октомври) премиерот Христијан Мицкоски. Неговиот коментар следува како одговор на новинарско прашање во врска со шпекулациите за наводна коалиција со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
„Тоа се портали, кои, претпоставувам, се финансирани од еден ист центар, кој сега е разочаран бидејќи Рамиз Мерко не ја поддржува ДУИ во вториот круг. Претпоставувам, сега, за да најдат противтежа, како да направат сензација за да ја потонат оваа вест, вадат во јавноста комплетна невистина. Многупати во минатото ние сме го кажале нашиот став за Рамиз Мерко, така што, ете, оставам на тој начин да прават и креираат сензација, инаку апсолутно е неточно“, изјави Мицкоски.
Дел од порталите веќе објавија дека Мерко наводно постигнал неформален договор за поддршка на кандидатот Менди Ќира на ВРЕДИ и ВМРО-ДПМНЕ во вториот изборен круг.
Во вториот круг за градоначалник за Струга ќе се тркаат Менди Ќира, независен кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН и Арсим Далипи од Алијанса за Албанците.
На изборите во првиот круг во Струга Менди Ќира освои 9934 гласа, додека пак листата на ДПМНЕ освои 5749 гласа, а листата на ВРЕДИ 4059 гласа, со што може да се увиди дека Менди Ќира освоил повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од тие што ги добил од ВРЕДИ.
Инаку, во јуни 2023 година, градоначалникот Рамиз Мерко заврши на црната листа на САД, а како причина за одлуката беше наведена негова вмешаност во корупција, мешање во судски и други јавни постапки, со што ја наришил довербата во демократските институции на Северна Македонија.
Литванија ќе ги соборува „шверцерските балони“ од Белорусија
Литванската премиерка Инга Ругиниен изјави дека нејзината земја ќе почне да ги соборува „балоните за криумчарење“ што ја преминуваат државната граница со Белорусија и постојано го нарушуваат воздушниот сообраќај во оваа балтичка земја.
Минатата недела, Литванија, членка на НАТО, четири пати го затвори аеродромот во Вилнус, откако такви балони влегоа во нејзиниот воздушен простор и секој пат привремено ги затвораше граничните премини со Белорусија како одговор на тие инциденти, потсетува Ројтерс.
Литванија изјави дека балоните биле испратени од шверцери кои ги користат за транспорт на цигари, но исто така го обвини белорускиот лидер Александар Лукашенко, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, што не ја прекинал таквата практика.
Ругиниен ги нарече инцидентите „хибридни напади“ и објави дека граничните премини со Белорусија ќе бидат затворени за сите, освен за дипломати и граѓани на членките на Европската Унија што ја напуштаат соседната земја.
„Денес решивме да преземеме најстроги мерки, нема друг начин“, рече литванската премиерка на прес-конференцијата, додавајќи дека нејзината влада би можела да разговара и за повикување на Член 4 од НАТО, кој им овозможува на членките да побараат консултации за безбедносни прашања.
Одобрена екстрадиција на осомничен за нападот врз „Северен тек“ во Германија
Италијанскиот суд одобри екстрадиција на осомничен Украинец во Германија во случај поврзан со напад врз гасоводот Северен тек, објави адвокатот на осомничениот на 27 октомври.
Серхиј К. се смета за еден од наводните организатори на нападите од 2022 година, во кои беа оштетени гасоводите што водат од Русија до Германија преку Балтичкото Море.
Германските обвинители го обвинуваат 49-годишникот за заедничко предизвикување експлозија и за противуставна саботажа и побараа негова екстрадиција со цел да биде изведен пред суд во Германија.
Одлуката на судот во Болоња е најновиот чекор во сложениот судски процес околу екстрадицијата.
Судот во Болоња веќе ја одобри екстрадицијата на Серхиј К. во септември, но адвокатот на осомничениот го поднесе случајот до Врховниот суд на Италија, кој го запре предавањето кон средината на октомври поради процедурални грешки.
Врховниот суд потоа го врати случајот во Болоња, каде што новосоздаден суд беше задолжен за повторно разгледување на предметот.
Сепак, по одлуката од понеделник, адвокатот на Сергиј К., Никола Канестрини, објави дека повторно ќе се жали до Врховниот суд во Рим.
Осомничениот беше уапсен додека беше на одмор со сопругата и децата во Италија кон крајот на август. Оттогаш е задржан во затвор со висока безбедност во северна Италија.
Нападот врз поранешниот германско-руски престижен проект привлече меѓународно внимание во септември 2022 година. Шест месеци по почетокот на целосната инвазија на Русија во Украина, беа пријавени неколку експлозии во близина на данскиот остров Борнхолм.
Експлозиите ги ставија надвор од употреба и цевководите на „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“.
Последователно беа пронајдени четири протекувања на три од четирите линии.
Гасоводот „Северен тек 1“ претходно носеше гас до Германија директно од Русија. „Северен тек 2“ не беше пуштен во употреба поради војната во Украина.
Проектот „Северен тек“ беше масивен инвестициски и инфраструктурен проект за Русија и Германија, но беше силно критикуван затоа што ѝ дозволи на Москва премногу влијание врз европското снабдување со енергија.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете