Достапни линкови

Напролет први резултати од вештачката интелигенција на „Везилка“


Илустрација
Илустрација

Планот на проектот „Везилка“е илјадници луѓе да се едуцираат за вештачката интелигенција: старт-апи да ја развијат, администрацијата да ја воведе, а малите и средни претпријатија и граѓаните да ја користат. Тоа е овозможено откако Северна Македонија и Србија добија сопствени антени во мрежата на европските фабрики за вештачка интелигенција.

Докторот кај кого одите би имал „помошник“ направен со вештачка интелигенција(ВИ). Врз основа на вашите податоци во системот „Мој термин“, лабораториски резултати, симптомите што ги чувствувате, „помошникот“ би можел да му даде на докторот свои размислувања или насоки за можните дијагнози, лекување и слично.

Ова е само една од повеќе области каде би можела да се примени ВИ во секојдневниот живот со проектот „Везилка“ - најавен како капитален проект за дигитална трансформација на Северна Македонија преку кој државата стана дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција.

„Се разбира, крајната одлука ќе ја има докторот, но „помошникот“ може да го забрза процесот, да го поедностави и да даде пристап до некои поспецифични податоци, идеи и слично“, објаснува Димитар Трајанов, професор по предметот наука за податоци на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кој го води проектот од страна на ФИНКИ.

Податоците, на пример, би се користеле и за предвидување одредени здравствени состојби пред тие да се случат или за скрининзи.

Покрај здравство, проектот е насочен кон уште четири други сектори - јавна администрација, земјоделство, енергетика и јазик и култура.

Бесплатни едукација и хардвер

„Везилка“ е дел од широка иницијатива на ЕУ, наречена „ Фабрики за вештачка интелигенција“, со која ЕУ сака да остане во чекор во сферата на вештачката интелигенција со останатите земји како што се САД и Кина.

Проектот ќе трае три години, со буџет од околу 6 милиони евра. Од дел од парите ќе се купи опрема, но најголемиот дел е за едукација.

Според тоа, „Везилка“ бесплатно ќе им даде на компаниите стручни лица кои ќе им помогнат и хардвер на кој можат да тренираат.

Ова беше овозможено откако Северна Македонија и Србија добија сопствена антена во мрежата на европските фабрики за вештачка интелигенција, како што најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при посетата на Скопје на 15 октомври.

Всушност, проектот е директен канал преку кој домашните универзитети, старт-апи и компании ќе имаат пристап до суперкомпјутерите и дигиталните ресурси на Европската унија.

„Се што бараме е готова идеја – останатото го разработуваме заедно. Мислам дека веќе напролет би ги имале првите резултати што ќе можеме да ги покажеме“, вели професорот Трајанов.

Тој за РСЕ објаснува како ќе функционира процесот:

„На пример, тим експерти одат во некоја компанија и посочува во кои процеси можат да воведат вештачка интелигенција. Ги едуцира три месеци и компанијата продолжува сама. Или, некој старт-ап има идеја, но нема техничко знаење - доаѓаат кај нас и ние им го даваме тоа знаење. Само во последната недела нѐ контактираа неколку компании со конкретни идеи поврзани со ВИ што немале како да ги развијат. Нѐ радува тој ентузијазам и мислам дека овој проект е една од убавите идеи на ЕУ за помош на сите во општеството“, вели Трајанов.

Таргет се илјадници луѓе и десетици компании

И сега има македонски компании и старт-апи кои развиваат и користат ВИ. На пример, еден се занимава со анализа на законски решенија, друг за примена на ВИ во земјоделството, ФИНКИ работи со неколку клиники за вештачка интелигенција во медицината...

Но, со „Везилка“, планот е илјадници луѓе да се едуцираат за вештачката интелигенција - старт-апи да ја развијат, малите и средни претпријатија и граѓаните да ја користат, а администрацијата да ја воведе во секојдневните услуги.

Впрочем и првите конкретни резултати од примена на вештачката интелигенција се очекуваат во услугите за граѓаните што ги дава администрацијата.

„Очекувам кога ќе заврши овој проект, да има барем неколку старт-апи кои ќе бидат подготвени сами да продолжат понатаму. Ако имате знаење и луѓе кои развиле некој добар продукт, сите слични фирми најверојатно се кандидати за тоа да го спроведат“, вели професорот Трајанов.

Од соседните земји, фабрики за ВИ има во Грција, која е најнапред во оваа индустрија, и во Бугарија, која каска зад Грција. Северна Македонија е во првата група земји од опкружувањето која фаќа приклучок во услугите поврзани со ВИ.

Албанската влада, пак, во септември доби виртуелна министерка направена со помош на вештачка интелигенција. Беше наречена „Диела“ и доби задача да ги надгледува јавните набавки и да ја спречува корупцијата.

„Диела ќе ни помогне да бидеме побрзи, поефикасни и потранспарентни,“ рече албанскиот премиер Еди Рама кога ја претстави „Диела“.

Вчера, Рама објави дека „Диела е трудна и дека очекува 83 деца“, по еден асистент за вештачка интелигенција за секој пратеник од Социјалистичката партија. Секој од нив ќе му помага на пратеникот во подготовката на белешки, предлози и резимеа од седниците кога пратеникот не е присутен.

Вештачката интелигенција е глобален приоритет, но Северна Македонија сè уште нема законска рамка, национална стратегија, ниту институционална координација за нејзина примена. Ниту еден од кофинансираните 48 проекти од 2018 до 2023 година не е имплементиран во јавниот сектор, објави Државниот завод за ревизија во извештај објавен во јуни годанава, а во кој е опфатен периодот од 2019 до 2024 година..

Во 2023 година, Владата предводена од тогашниот премиер Димитар Ковачевски го промовираше првиот дигитален асистент наречен АДА, базиран на вештачка интелигенција, со цел да ја зголеми транспарентноста и да ја подобри информираноста за инвестициските можности.

„Алатката веќе не е во функција, а една од причините е што не е продолжен договорот со економскиот оператор кој ја изработил и ја одржувал апликацијата“, пишува во ревизорскиот извештај.

Што се „фабрики за вештачка интелигенција“

„Фабрики за вештачка интелигенција“ се состојат од центри за податоци, лаборатории за развој и инфраструктура за машинско учење.

Тие подразбираат инвестиции во пресметувачки капацитети – хардвер што може да извршува модели на ВИ и во сервиси кои се однесуваат на примената на ВИ во различни аспекти од индустријата и во секојдневниот живот на луѓето.

За да функционираат тие фабрики, потребни се експерти и суперкомпјутери.

Европската комисија го идентификуваше основањето фабрики за вештачка интелигенција како стратешки приоритет, како што беше најавено во минатогодишниот Пакет за иновации во вештачката интелигенција.

Пакетот предвидува најмалку 15 фабрики за вештачка интелигенција и неколку антени до крајот на 2026 година.

Фабриките за вештачка интелигенција ќе бидат распоредени во Австрија, Германија, Луксембург, Шведска, Франција, Италија, Грција, Шпанија, Финска, Полска, Бугарија и Словенија.

Антените се локални точки за пристап што ќе им овозможат на компаниите да се поврзат со фабриките за вештачка интелигенција.

Антени има во седум земји-членки на ЕУ: Белгија, Кипар, Унгарија, Ирска, Латвија, Малта и Словачка, како и во земјите-партнери, вклучувајќи ги Исланд, Молдавија, Швајцарија, Обединетото Кралство.

Во Западен Балкан, предвидени се две такви антени - во Србија и во Северна Македонија.

Северна Македонија ќе биде поврзана со фабриката „Фарос“ во Грција.

Од самитот што во февруари годинава се одржа во Париз, фон дер Лајен најави дека Европската Унија ќе инвестира 200 милијарди евра во развој на вештачка интелигенција - 50 милијарди евра од ЕУ во рамки на програмата и уште 150 милијарди евра од инвеститори и претставници на индустријата.

Тоа беше најавено како најголемо јавно-приватно партнерство во светот за развој на веродостојна вештачка интелигенција.

Европската Комисија сака 75 проценти од бизнисите да користат вештачка интелигенција до 2030 година.











XS
SM
MD
LG