Достапни линкови

Вести

Литванија ќе го надмине прагот од 5 отсто за трошоци за одбрана

Премиерката на Литванија, Инга Ругиниен, 26 август 2025 година.
Премиерката на Литванија, Инга Ругиниен, 26 август 2025 година.

Литванија ќе ги зголеми своите трошоци за одбрана следната година на 5,38 проценти од Бруто-домашниот производ (БДП), изјави премиерката Инга Ругиниене преминувајќи го прагот од пет отсто што го побара американскиот претседател Доналд Трамп од земјите - членки на НАТО, јави агенцијата АФП.

Износот, „рекордна бројка“, ќе биде вклучен во буџетот на владата за 2026 година, изјави Ругиниене пред новинарите при објавувањето на планот за трошоци, што треба да биде доставен до парламентот.

Зголемувањето е поттикнато од влошената безбедносна состојба на источното крило на НАТО, по руската инвазија на Украина во 2022 година.

За оваа година, балтичката земја за одбрана издвои 4,05 проценти од својот бруто домашен производ, или 3,34 милијарди евра (3,88 милијарди долари).

„Се движиме со исто темпо како и нашите соседи и стратешки партнери, бидејќи сите разбираат дека нашиот регион... денес мора да посвети големо внимание на одбраната“, рече премиерката на Литванија.

Таа кажа дека ова не вклучува само воени трошоци, туку и инвестиции во инфраструктура, вклучувајќи патишта што водат до воени кампови за обука.

Соседна Естонија се согласи да ја исполни целта од пет проценти следната година, додека Латвија издвои 4,9 проценти од БДП, според предлогот за буџетот за 2026 година.

Полска, најголемата земја на источното крило на НАТО, исто така ќе ги зголеми своите трошоци за одбрана следната година, на 4,8 проценти од БДП.

Во јуни, Алијансата од 32 земји се согласи масовно да ги зголеми трошоците за одбрана на пет проценти од БДП во текот на следната деценија под притисок на Трамп.

Сепак, тие постигнаа компромис во кој тој вкупен износ може да ги вклучи трошоците поврзани со безбедноста, како што е критичната инфраструктура.

Повеќе од една четвртина од земјите на НАТО останаа под претходната цел од два проценти во 2024 година, според најновите проценки на Алијансата.

види ги сите денешни вести

Двајца полицајци уапсени за разбојништво во златарница во Гостивар

Во развојништовото тие користеле и службено полициски возило (фотоархива).
Во развојништовото тие користеле и службено полициски возило (фотоархива).

Двајца полицајци се уапсени за разбојништво во златарница во Гостивар на 10 октомври кога биле одземени 18 килограми злато.

Полицајците, како што денеска (27 октомври) информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар, се гонат како соизвршители во делото.

Станува збор за двајца полицајци од ОВР Кичево, кои заедно со други засега непознати лица, на 10 октомври влегле во златарницата и со закана со оружје го украле златото.

Полицајците, како што тврди Обвинителството, се договарале и направиле план за грабежот заедно со соучесниците по кои полицијата сè уште трага. Во извршувањето на делото користеле и службено полициско возило.

„Осомничените учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На самиот ден, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот во Гостивар, од кои едното потоа било пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, додека другото било пронајдено напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар“, велат од ОЈО Гостивар.

За двајцата полицајци се бара од судот мерка притвор поради опасност од бегство и можност за попречување на истрагата со прикривање на докази и влијание врз сведоци.

Таткото кој нападна двајца младински фудбалери на Брегалница доби 11 месеци затвор

Инцидентот се случи на натпревар меѓу младинските екипи на Шуки и Брегалница (Фотоархива - илустрација).
Инцидентот се случи на натпревар меѓу младинските екипи на Шуки и Брегалница (Фотоархива - илустрација).

Таткото од Скопје кој на натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови Брегалница и Шкупи, нападна двајца 15 годишни фудбалери доби казна затвор од 11 месеци.

Инцидентот се случи на натпревар во август во Штип. Двајцата нападнати фудбалери играа за тимот на Беласица, додека синот на скопјанецот кој го изврши насилството играше за Шкупи.

Судскиот процес се водеше пред Основниот суд Штип, а на таткото му се судеше за кривичното дело насилство. Пресудата, за која судот информираше на 27 октомври, не е правосилна односно странките имаат право на жалби до штипскиот Апелациски суд.

За настанот, Основното јавно обвинителство во Штип поведе постапка веднаш по натпреварот.

„Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на Брегалница, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“, информираше Обвинителство по отворањето на постапката.

Инцидентот се случи во 89-тата минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на таткото што го изврши нападот.

Според описот на настаните од Обвинителството, првично неспортски изреагирал синот фудбалер кој со тупаници и удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница.

„Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот“, посочи Обвинителство.

Покрај постапката пред судот, за инцидентот реагираше и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) која донесе неколку дисциплински мерки.

На фудбалерот на Шкупи, чијшто татко денеска беше осуден, му е изречена најстрогата санкција – исклучување од фудбалска организација. За уште двајца младински играчи на Шкупи, кои беа вклучени во инцидентот, беше изречена казна забрана на играње во траење од три месеци. Казна да не игра четири натпревари заработи и 15-годишен фудбалер на штипска Брегалница, којшто се впуштил во груба игра и самозаштита при нападот.

Исто така, организаторска и колективна одговорност се бараше и од двата клуба – од Шкупи заради нападот на родителите врз противнички играчи, а од Брегалница заради слабата организација на натпреварот и пропуст во обезбедувањето.

Директорот на Комунална хигиена меѓу приведените за отпадот во Скопје

Илустрација, преполни контејнери
Илустрација, преполни контејнери

Приведени се две лица од раководството на јавното градско претпријатие „Комунална Хигиена“, соопшто Основното јавно обвинителство. Во нивното соопштение е наведено дека по наредба на обвинител, полициски службеници преземаат дејствија за обезбедување докази.

„Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението.

Еден од двајцата приведени е директорот на „Комунална Хигиена“ Сабахaдин Рустеми. Засега се води предистражна постапка, не е отпочната истрага, велат од ОЈО.

Според Кривичниот законик приведените се осомничени за загрозување на животна средина и природата со отпадни материи.

„ Тој што спротивно на прописите за заштита на животната средина и природата складира, остава или расфрла отпадни матерни или со нив постапува на начин со кој се менува квалитетот на воздухот, почвата, водата или водотекот, во мера што може да ги влоши условите за жнвот на луѓето или животните или растенијата и да го загрози нивниот опстанок, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“, се вели во Кривичниот законик.

До ова дојде откако минатата недела по владина одлука со која го задолжи Министерството за внатрешни работи (МВР), во координација со повеќе инспекциски и здравствени институции, веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, поради сериозните проблеми со собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад.

„Воедно, се задолжува и Министерството за внатрешни работи, во соработка со надлежните институции, а се укажува на Град Скопје-Сектор инспекторат, да постапат согласно своите законски надлежности и да го испитаат работењето на ЈП Комунална хигиена-Скопје и градоначалникот на Градот Скопје во врска со несобирањето на комуналниот отпад, кој предизвикува опасност по здравјето на луѓето“, беше наведено во владината одлука.

Трамп во Токио додека расте надежта за трговски договор со Кина

Доналд Трамп, претседател на САД
Доналд Трамп, претседател на САД

Американскиот претседател Доналд Трамп слета во Токио на последната станица од азиската турнеја, а истовремено се зголеми и оптимизмот дека конечно ќе ја заврши „жестоката трговска војна“ на разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг неделава, јави АФП.

На пат кон најблискиот сојузник на САД, Јапонија, Трамп рече дека се надева на договор кога ќе се сретне со Си во четврток (30 октомври), а исто така посочи дека е подготвен да го продолжи своето патување за да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

„Имам голема почит кон претседателот Си и мислам дека ќе постигнеме договор“, им рече Трамп на новинарите, додавајќи дека има за цел да оди во Кина на почетокот од 2026 година.

Во вторник, се очекува Трамп да се сретне со новата конзервативна премиерка Санае Такаичи и да одржи говор во американската поморска база Јокосука.

„Слушам феноменални работи. (Такаичи) беше голем сојузник и пријател на Шинзо Абе, кој беше мој пријател“, рече Трамп, осврнувајќи се на убиениот поранешен премиер.

Азиското патување на Трамп, негова прва турнеја во тој регион откако се врати на функцијата, започна во Малезија во неделата со низа договори на маргините на самитот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН).

Тој, исто така, се обиде да ги поправи односите со бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, но не и со канадскиот премиер Марк Карни, исклучувајќи ја можноста за средба во скоро време.

„Канада нè мами долго време и нема повеќе да нè мами“, рече Трамп.

Сепак, најголемата награда за Трамп и за глобалните пазари, останува договорот со Кина.

Трамп треба да се сретне со Си во четврток во Јужна Кореја на нивните први разговори лице в лице откако 79-годишниот републиканец се врати во Белата куќа.

Пред пристигнувањето на Трамп во Малезија, Бесент и кинескиот вицепремиер Хе Лифенг одржаа дводневни трговски разговори, барајќи договор за избегнување на дополнителни 100-процентни царини што треба да стапат во сила на 1 ноември.

Кинескиот министер за заменик-трговија, Ли Ченгганг рече дека е постигнат „прелиминарен консензус“.

Бесент во понеделникот изјави дека се договориле за „рамка за која претседателот Трамп (и) претседателот Си треба да одлучат“.

„Ќе биде одлично и за Кина, одлично и за нас“, им рече Трамп на новинарите во Куала Лумпур.

Во петокот, Такаичи во својот прв политички говор објави дека Јапонија ќе троши два проценти од бруто-домашниот производ за одбрана оваа фискална година.

Но, Вашингтон, кој има околу 60.000 воени лица во Јапонија, сака Токио да троши повеќе, потенцијално да се изедначи со петте проценти од БДП што ги ветија членките на НАТО во јуни.

Поголемиот дел од јапонскиот увоз во Соединетите Држави е предмет на царини од 15 проценти, што се помалку болни од 25-те проценти што првично се заканија.

Трамп треба да ја посети Јужна Кореја на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во среда и да се сретне со претседателот Ли Џе Мјунг.

Трамп, исто така, ги поттикна шпекулациите дека би можел да одржи разговори лице в лице со севернокорејскиот лидер Ким додека е на Корејскиот полуостров.

Двајцата лидери последен пат се сретнаа во 2019 година во Демилитаризираната зона (ДМЗ), граничната област што ги разделува двете Кореи.

Мицкоски: Нема разговор за коалиција со Мерко, не преговарам со луѓе на црната листа

Христијан Мицкоски
Христијан Мицкоски

Не е точно дека постои разговор за коалиција со Рамиз Мерко, не преговарам со луѓе на црната листа на САД, изјави денеска (27 октомври) премиерот Христијан Мицкоски. Неговиот коментар следува како одговор на новинарско прашање во врска со шпекулациите за наводна коалиција со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

„Тоа се портали, кои, претпоставувам, се финансирани од еден ист центар, кој сега е разочаран бидејќи Рамиз Мерко не ја поддржува ДУИ во вториот круг. Претпоставувам, сега, за да најдат противтежа, како да направат сензација за да ја потонат оваа вест, вадат во јавноста комплетна невистина. Многупати во минатото ние сме го кажале нашиот став за Рамиз Мерко, така што, ете, оставам на тој начин да прават и креираат сензација, инаку апсолутно е неточно“, изјави Мицкоски.

Дел од порталите веќе објавија дека Мерко наводно постигнал неформален договор за поддршка на кандидатот Менди Ќира на ВРЕДИ и ВМРО-ДПМНЕ во вториот изборен круг.

Во вториот круг за градоначалник за Струга ќе се тркаат Менди Ќира, независен кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН и Арсим Далипи од Алијанса за Албанците.

На изборите во првиот круг во Струга Менди Ќира освои 9934 гласа, додека пак листата на ДПМНЕ освои 5749 гласа, а листата на ВРЕДИ 4059 гласа, со што може да се увиди дека Менди Ќира освоил повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од тие што ги добил од ВРЕДИ.

Инаку, во јуни 2023 година, градоначалникот Рамиз Мерко заврши на црната листа на САД, а како причина за одлуката беше наведена негова вмешаност во корупција, мешање во судски и други јавни постапки, со што ја наришил довербата во демократските институции на Северна Македонија.

Литванија ќе ги соборува „шверцерските балони“ од Белорусија

Инга Ругиниен, 7 октомври 2025 година
Инга Ругиниен, 7 октомври 2025 година

Литванската премиерка Инга Ругиниен изјави дека нејзината земја ќе почне да ги соборува „балоните за криумчарење“ што ја преминуваат државната граница со Белорусија и постојано го нарушуваат воздушниот сообраќај во оваа балтичка земја.

Минатата недела, Литванија, членка на НАТО, четири пати го затвори аеродромот во Вилнус, откако такви балони влегоа во нејзиниот воздушен простор и секој пат привремено ги затвораше граничните премини со Белорусија како одговор на тие инциденти, потсетува Ројтерс.

Литванија изјави дека балоните биле испратени од шверцери кои ги користат за транспорт на цигари, но исто така го обвини белорускиот лидер Александар Лукашенко, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, што не ја прекинал таквата практика.

Ругиниен ги нарече инцидентите „хибридни напади“ и објави дека граничните премини со Белорусија ќе бидат затворени за сите, освен за дипломати и граѓани на членките на Европската Унија што ја напуштаат соседната земја.

„Денес решивме да преземеме најстроги мерки, нема друг начин“, рече литванската премиерка на прес-конференцијата, додавајќи дека нејзината влада би можела да разговара и за повикување на Член 4 од НАТО, кој им овозможува на членките да побараат консултации за безбедносни прашања.

Одобрена екстрадиција на осомничен за нападот врз „Северен тек“ во Германија

илустрација
илустрација

Италијанскиот суд одобри екстрадиција на осомничен Украинец во Германија во случај поврзан со напад врз гасоводот Северен тек, објави адвокатот на осомничениот на 27 октомври.

Серхиј К. се смета за еден од наводните организатори на нападите од 2022 година, во кои беа оштетени гасоводите што водат од Русија до Германија преку Балтичкото Море.

Германските обвинители го обвинуваат 49-годишникот за заедничко предизвикување експлозија и за противуставна саботажа и побараа негова екстрадиција со цел да биде изведен пред суд во Германија.

Одлуката на судот во Болоња е најновиот чекор во сложениот судски процес околу екстрадицијата.

Судот во Болоња веќе ја одобри екстрадицијата на Серхиј К. во септември, но адвокатот на осомничениот го поднесе случајот до Врховниот суд на Италија, кој го запре предавањето кон средината на октомври поради процедурални грешки.

Врховниот суд потоа го врати случајот во Болоња, каде што новосоздаден суд беше задолжен за повторно разгледување на предметот.

Сепак, по одлуката од понеделник, адвокатот на Сергиј К., Никола Канестрини, објави дека повторно ќе се жали до Врховниот суд во Рим.

Осомничениот беше уапсен додека беше на одмор со сопругата и децата во Италија кон крајот на август. Оттогаш е задржан во затвор со висока безбедност во северна Италија.

Нападот врз поранешниот германско-руски престижен проект привлече меѓународно внимание во септември 2022 година. Шест месеци по почетокот на целосната инвазија на Русија во Украина, беа пријавени неколку експлозии во близина на данскиот остров Борнхолм.

Експлозиите ги ставија надвор од употреба и цевководите на „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“.

Последователно беа пронајдени четири протекувања на три од четирите линии.

Гасоводот „Северен тек 1“ претходно носеше гас до Германија директно од Русија. „Северен тек 2“ не беше пуштен во употреба поради војната во Украина.

Проектот „Северен тек“ беше масивен инвестициски и инфраструктурен проект за Русија и Германија, но беше силно критикуван затоа што ѝ дозволи на Москва премногу влијание врз европското снабдување со енергија.

ОН: Стотици илјади цивили заробени во Судан

илустрација
илустрација

Стотици илјади цивили се заробени поради ескалацијата на борбите во Ел Фашер, главниот град на суданската држава Северен Дарфур, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA).

„Со борбите што се продлабочуваат во градот и отсечените патишта за бегство, стотици илјади цивили се заробени и преплашени - гранатирани, гладни и без пристап до храна, здравствена заштита или безбедност“, алармира координаторот на ОН за итна помош, Том Флечер.

Флечер соопшти дека е „длабоко вознемирен од извештаите за цивилни жртви и присилно раселување“, повикувајќи на „итен прекин на огнот во Ел Фашер, низ Дарфур и низ целиот Судан“.

„На цивилите мора да им се овозможи безбеден премин и да можат да пристапат до помош. На оние што бегаат во побезбедни области мора да им се дозволи да го сторат тоа безбедно и достоинствено. Оние што остануваат - вклучително и локалните реагирачи - мора да бидат заштитени. Нападите врз цивили, болници и хуманитарни операции мора веднаш да престанат“, рече Флечер.

Според проценките на ОН, околу 300.000 луѓе живеат во очајни услови во Ел Фашер, кој е отсечен повеќе од една година. Паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) го зазедоа Ел Фашер, последниот град контролиран од владата во регионот Дарфур, според нивните сопствени изјави.

Војската првично не коментираше за ова.

Според извештаите во медиумите, борбите продолжуваат во главниот град на државата Северен Дарфур. Информациите првично не можеа да бидат независно потврдени.

Де факто владетелот на Судан, Абдел-Фатах ал-Бурхан, е заглавен во крвава борба за власт со лидерот на РСФ, Мохамед Хамдан Дагло од април 2023 година. Двете страни се обвинети за сериозни кршења на човековите права.

ООН ја смета ситуацијата за најголема хуманитарна криза во светот, со повеќе од 12 милиони раселени луѓе и повеќе од 26 милиони кои се соочуваат со глад - околу половина од населението на земјата - кои страдаат од акутен глад.

Особено погодени се регионите Дарфур и Кордофан, кои моментално се контролирани од Паравоените Сили за брза поддршка.

Трамп ја исклучи можноста да се кандидира за потпретседател во 2028 година

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема да се кандидира за потпретседател на американските избори во 2028 година, потег за кој некои поддржувачи сугерираат дека ќе му овозможи да ги избегне ограничувањата за мандати и да остане во Белата куќа.

Уставот на САД ги ограничува претседателите на два мандата, а Трамп го започна својот втор во јануари.

Сепак, некои од неговите правни застапници сугерираа дека републиканецот би можел да го избегне правилото со тоа што ќе стане потпретседател, а потоа ќе се врати на испразнетата висока функција.

На прашањето дали ќе се кандидира за потпретседател во ноември 2028 година, Трамп им рече на новинарите дека „ќе му биде дозволено да го стори тоа“, но додаде дека нема да го направи тоа.

„Јас не би го направил тоа. Мислам дека е премногу слатко. Не би било во ред“.

Трамп, кој го отслужи својот прв мандат од 2017 до 2021 година, често споменува дека неговите поддржувачи го повикуваат да продолжи да владее по неговиот сегашен мандат, и покрај уставното ограничување.

Седумдесет и деветгодишниот Трамп неодамна исто така покажа црвени капи со слоганот „Трамп 2028“ на маса во Овалната соба.

Популарна теорија меѓу неговите поддржувачи е дека сегашниот потпретседател, Џ.Д. Венс, би можел да се кандидира за претседател во 2028 година. Според прогнозите, ако Венс победи, тој брзо би поднел оставка и би го вратил Трамп на функцијата.

Коментарите на Трамп дојдоа откако Стив Бенон, неговиот поранешен советник и еден од клучните идеолози на движењето „Да ја направиме Америка повторно голема“, рече дека „постои план“ да го задржат во Белата куќа.

„Тој ќе добие трет мандат... Трамп ќе биде претседател во 2028 година. И луѓето едноставно треба да се прилагодат на тоа“, изјави Бенон за „Економист“.

Запрашан за 22-от амандман - уставниот член што ги налага ограничувањата на мандатите - Бенон истакна: „Постојат многу различни алтернативи. Во соодветно време, ќе го изложиме планот“.

Руските војници влегоа во Покровск, украинските сили се трудат да го одбранат градот

Украинските војници пукаат кон руските војници во близина на Покровск, октомври 2025 година.
Украинските војници пукаат кон руските војници во близина на Покровск, октомври 2025 година.

Елементи на руските копнени сили влегоа во стратешкиот украински град Покровск, призна Киев, а претседателот Володимир Зеленски ја нарече ситуацијата таму „тешка“ со „жестоки“ битки што се водат во и околу регионалниот центар.

Зеленски, во своето видео обраќање од 26 октомври, рече дека Русија концентрирала голем број сили околу Покровск и блиската заедница Мирноград во долгогодишниот регион во источна Украина.

„Таму, во близина на Покровск, Русите ја концентрирале својата главна ударна сила - значителен број непријателски трупи. Секако, ова создава тешка ситуација во Покровск и сите блиски области - жестоки битки во градот и на неговата периферија. Во градот има непријателски извидувачки и саботажни групи“, објави Зеленски.

Сепак, Зеленски инсистира дека украинските сили ги држат своите главни одбранбени линии.

„Мора да продолжиме да ги уништуваме окупаторите, мора да продолжиме да им нанесуваме што е можно поголеми загуби на Русите. Плановите на Русија за нејзината офанзивна кампања повторно беа разбиени во текот на изминатите десет месеци - благодарение на храброста на нашите сопствени воини“, рече тој.

Русите долго време го таргетираа Покровск

Покровск, град со околу 7.000 жители - помалку од повеќе од 60.000 пред војната - држи клучни патни и железнички раскрсници и е под закана од опколување од страна на руските сили поголемиот дел од годината.

На почетокот на октомври, рускиот претседател Владимир Путин тврдеше дека руските трупи влегле во градот, но украинските власти во тоа време го негираа извештајот и рекоа дека силите на Кремљ продолжуваат да претрпуваат големи загуби во регионот.

На 26 октомври, Генералштабот на Украина соопшти дека неколку мали руски пешадиски единици - вкупно околу 200 војници - ги избегнале одбранбените линии и воспоставуваат позиции во Покровск.

„Од почетокот на денот, во насока на Покровск, руските единици се обидоа 28 пати да ја пробијат украинската одбрана во областите на регионалните населби“, се вели во соопштението.

„Одбранбените сили ги спречуваат непријателските напади. Непријателот трпи значителни загуби“, соопшти Генералштабот.

Извештаите за напади врз не можеа независно да се потврдат.

Руски официјални лица велат дека се погодени повеќе региони

Во меѓувреме, беше објавено дека украинските сили повторно напаѓаат во Русија. Властите во регионот Белгород соопштија дека 16 лица се повредени во украинските напади со беспилотни летала во близина на граничните области.

Рано на 27 октомври, градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека руските единици за воздушна одбрана собориле најмалку 34 украински беспилотни летала што летале кон главниот град. Деталите не беа веднаш достапни, но два од четирите аеродроми во градот - Домодедово и Жуковски - беа привремено затворени.

Во рускиот регион Тула во близина на главниот град, околу 24 украински беспилотни летала беа соборени рано на 27 октомври, изјави регионалниот гувернер. Одделно, гувернерот на регионот Брјанск изјави дека едно лице е убиено, а петмина се повредени во напад со беспилотни летала таму.

Најновото насилство доаѓа откако руски дрон утринава на 26 октомври погоди висока зграда во Киев, при што загинаа три лица, а најмалку 33 беа повредени, меѓу кои и седум деца.

Украинските власти, исто така, на 26 октомври објавија дека најмалку 10 лица се повредени кога руски дрон погодил минибус во близина на источниот град Суми.

Украина продолжува да се соочува со речиси ноќни напади од руски беспилотни летала и ракети кои погодуваат станбени згради и цивилна инфраструктура во Киев и други поголеми градови далеку од линијата на фронтот.

Напорите за прекин на огнот се во застој

Напорите за постигнување прекин на огнот во речиси четиригодишната војна се во застој.

На 25 октомври, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема да „губи време“ со средба со Путин, ако лидерот на Кремљ не е подготвен да постигне договор за прекин на војната во Украина.

Трамп разговараше со Путин пред 10 дена и рече дека планира да се сретне со него во Будимпешта во следните неколку недели. Сепак, американскиот претседател подоцна ја откажа средбата, иако рече дека може да се одржи во друго време.

Врвниот економски советник на Путин, Кирил Дмитриев, се состанува со американски претставници во Соединетите Држави на разговори што се очекува да завршат на 26 октомври. Овие разговори доаѓаат откако Вашингтон воведе нови санкции насочени кон руската нафтена индустрија - што е клучно за полнење на касата на Кремљ и за финансирање на војната.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG