Достапни линкови

Додека трае кампањата, ЈСП и Комунална Хигиена „во дефект“


Илустрација, населбата Козле во скопската општина Карпош
Илустрација, населбата Козле во скопската општина Карпош

Шест дена до вториот изборен круг и реализација на ветувањата за „Ново Скопје“, Скопјани се заглавени на автобуски постојки чекајќи ги нередовните автобуси покрај преполни контејнери. ЈСП и Комунална Хигиена со долгови од десетици милиони евра чекат изборни резултати за да се реформираат. Во меѓувреме приведен директорот на Комунална Хигиена, Сабахaдин Рустеми.

„Генералка за Скопје“ во првите 72 часа од мандатот, „Скопје- град без депонии“ и реформирање на системот за функционирање и наплата во градската комунална хигиена се дел од ветувањата на кандидатите за градоначалници во македонската метропола, Орце Ѓорѓиевски и Амар Мециновиќ.

А македонската метропола најмалку уште шест дена ќе остане затрупана во ѓубре и без редовен јавен превоз.

Додека се чека вториот изборен круг, дел од кандидатите за градоначалници во скопските општини кои „трчаат“ во вториот круг, засукаа ракави. Некои со свои , а некои со позајмени камиони од соседни општини собраа десетици тони ѓубре, претежно од главните улици.

Општина Карпош, Козле
Општина Карпош, Козле

Меѓу изборните ветувања и урбаната реалност

Тие се пофалија дека собрале околу сто тони ѓубре, додека Комунална хигиена, како што покажуваат нејзините извештаи, во „нормални денови“ во просек собира по 450 тони смет.

Скопјани чекаат да ја добијат услуга за која редовно плаќаат, собирање на отпадот. Наместо тоа, нивните канти полни со ѓубре се уште се пред дворовите, а контејнерите се претворија во мини депонии.

Ѓубре и отпад наптрупани околу контејнери и канти во Скопје, октомври 2025
Ѓубре и отпад наптрупани околу контејнери и канти во Скопје, октомври 2025

Министерството за внатрешни работи (МВР) и инспекциски служби по наредба од Основното јавно обвинителство минатата недела најавија дека постапуваат и преземаат мерки во врска со ѓубрето во главниот град.

Обвинителството денеска соопшти дека се приведени две лица од раководството на јавното градско претпријатие „Комунална Хигиена“, соопшто Основното јавно обвинителство. Еден од двајцата приведени е директорот на „Комунална Хигиена“ Сабахaдин Рустеми.

Во центарот на градот деновиве стаорец касна дете, а лекарите предупредуваат на опасност од зарази.

Но, нема одговор на главното прашање на граѓаните - зошто едвај функционираат двете јавни градски претпријатија, ЈСП и Комунална хигиена, кои се барометар за функционирањето на градот.

Комунална хигиена: град што се гуши во сопствениот отпад

Јавното градско претпријатие „Комунална хигиена“, покрај тоа што беше мета на критика на граѓаните за незавршената работа, настрада од политичките препукување меѓу актуелната градоначалничка Данела Арсовска и владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Според последните податоци објавени во извештаите на Комунална Хигиена, ова претпријатие работи со ограничени ресурси, застарена опрема и недоволен број возила.

Претпријатието брои илјада редовно вработени и над 300 со договор од Агенција за привремени вработувања, покажува последниот мартовски извештај. Но, во него не се наведени колку од вработените се админстрација, а колку работници на терен.

Речиси ниту едно од досегашните ветувања на минатите избори за модернизација, дигитализација и селекција на отпад не е реализирано во целост. Системот на управување и рециклирање на отпадот е објавен на веб страницата на претпријатието, но во реалност е импровизиран, а граѓаните го чувствуваат тоа секој ден, буквално, на секој чекор.

Една од причините за лошата состојба во која се наоѓа претпријатието е големиот акумулиран долг. Според последните податоци од министерството за финансии, во првата половина од годинава вкупниот долг изнесува 5,6 милиони евра, додека лани ова претпријатие ја заврши година со минус во салдото од 7,7 милиони евра.

Од „Комунална Хигиена- Скопје“ (КХС)не одговорија на новинарските прашања на РСЕ за тоа зошто во изминативе две до три недели не го собираа ѓубрето. Но, за деценискиот долг, оттаму прстот го свртеа кон државните институции кои не си плаќале за услугите.

„КХС, исто така, ја известува јавноста за деценискиот финансиски проблем поради кој во последните 30 години КХС работи со долгови поради тоа што Министерството за здравство му должи над 5 милиони евра. Овој неплатен долг директно влијае на ликвидноста на КХС“, се вели во едно од нивните последни соопштенија.

Стојанче Кашиковски, претседател на сидникалната организација „СУТКОЗ“ во која членуваат вработените од Комунална Хигиена вели дека немаат доволно опрема за работа, односно голем дел од камионите со кои го собираат сметот не се во возна состојба.

„ Се соочуваат со проблем со недостиг на резервни делови, се соочуваат со проблем на недостиг на гориво за камионите и поради тоа во изминатиот период го имавме проблемот којшто го имавме со сметот во град Скопје“, вели тој.

Кашиковски додава дека во изминатиот период имале проблеми и со редовна исплата на плата за вработените и по неколку недели што создава револт меѓу нив. Дополнително посочува дека иако од Управниот одбор биле донесени одлуки за подобрување на состојбата во претпријатието, директорот кој требал да ги спроведе не го направил тоа.

Од Градот Скопје велат дека виновни за нефункционалноста во јавното комунално претпријатие се советниците во градот од ВМРО-ДПМНЕ и Влен, тврдејќи дека тие ја кочеле модернизацијата на Комунална Хигиена.

„Државните институции се најголеми должници, на ЈСП владата му должи 8 милиони евра за студентскиот стандард и превоз, додека во Комунална хигиена Скопје покрај Министерството за здравство и други владини институции должат милиони“, се вели во кусиот одговорот до Градот Скопје.

Од владејачката партија велат дека тезата на Арсовска е површна, нелогична и лажна.

„Зошто ВМРО-ДПМНЕ во сред изборна кампања би го оставило Скопје во ѓубре, ако се знае дека товарот ќе оди на сметка на ВМРО-ДПМНЕ? Арсовска да каже зошто не се собира ѓубрето, и каде одат парите на граѓаните кои плаќаат за таа услуга?,“ прашува партијата во писмена реакција.

Како eксперт во областа на животна средина и сертифициран управител за управување со отпад Ирена Апостолова, вели дека централната власт има поголема моќ секогаш кога локалната не е способна да ги спроведе законот.

„Треба да преземе централната. Решение има, потребна е политичка волја. Не се работи ни за недостаток на финансии, има грантови, фондови, треба волја и желба, да бидат приоритети здравство, животна средина и едукација. Проектите што веќе се во имплементација не се спроведуваат како што треба бидејќи нема соработка меѓу институциите“, вели таа за РСЕ.

ЈСП: превоз што се движи по инерција

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) веќе со години бележи проблеми кои го прават нефунционално, покажува последниот ревизорски извештај.

Возниот парк е стар, дел од автобусите се расипани и паркирани во депоа, а недостигот од возачи и гориво ја прави мрежата на превоз непредвидлива. Во многу населби граѓаните сведочат дека автобусите или не доаѓаат воопшто, или пристигнуваат со задоцнување и преполни.

Ревизорите изразија негативни мислење за финансиските извештаи посочувајќи дека претпријатието не е во состојба да обезбеди квалитетни и навремени услуги.

Според ревизорите, 2023 година ЈСП ја заврши со минус од 8,9 милиони евра.

„Евидентна е и екстремната неефикасност: на секои 2 денари трошок остварен по километар, се остварува само 1 денар приход од превоз. И покрај тоа што Град Скопје го субвенционирал претпријатието со 10.96 милиони евра (673.870 илјади денари) во 2023 година, ЈСП не може да ги постигне стратешките цели за одржлив урбан транспорт“, се вели во ревизорскиот извештај.

Вкупниот долг на ЈСП во првата половина од годинава изнесува 9,9 милиони евра, додека минатата година ова претпријатие ја завршило со неисплатени обврски од 13,4 милиони евра.

Проблеми со должничкото управување во ЈСП

Дополнително ревизорите утврдиле и постоење на должничка криза во претпријатието поради која настануваат проблеми со снабдување со гориво.

„Поради ненавремено плаќање на гориво, склучени се неповолни спогодби за долг, вклучувајќи и казнени камати кои биле 50% повисоки од законската стапка“, е наведено во извештајот.

Министерството за образование и наука (МОН) две години не платило за бесплатниот превоз на редовните студенти (за учебните 2022/2023 и 2023/2024 година), бидејќи нема предвидено средства во буџетот.

Возниот парк е застарен, со просечна старост од 12.05 години, без инвестиции во негово подобрување во 2022 и 2023 година.

Вработените во ЈСП велат дека во ЈСП нема нешто што не е итно. Претседателот на синдикатот Миќо Стојановски додава дека проблемите започнуваат уште во автобазата за автобуси во скопската населба Автокоманда.

„Ние работиме во автобазата во Автокоманда како во логорите во Треблинка. А околу автобусите не сакам да разговарам, па ние сега располагаме со половина автобуси од оние што сме ги имале пред неколку години. Одливот на стручен кадар, инженерски кадар, одлив на работни е страшен,“ објаснува Стојановски.

Според него во моментов на ЈСП му недостигаат околу 200 возачи за да може да ја исполни целта - редовен превоз зацртана во возниот распоред. Во однос на возниот парк, Стојановски вели дека во оптег се 300- автобуси купени во времето на владата на Никола Груевски и 30 за време на градоначалничкиот мандат на Петре Шилегов. Но, додава дека 40 отсто од нив не се користат поради големи дефекти.

„Меѓутоа набавката на тие автобуси сигурно ќе потрае до година ипол. Што до тогаш? Значи мораме да ги пуштиме во сообраќај и оние стотина дефектни автобуси што се со скршени шофершајбни, со расипани дизни, инјектори, компјутери, за гуми и за некои други делови, за да би можеле да ја амортизираме состојбата со јавниот превоз во градот“, вели тој.

ЈСП и Комунална хигиена со секоја промена на градската власт добиваат ново раководство кое менаџира со нив. Но, и на новата градска власт ќе и треба време за да ги поправи состојбите и во двете јавни претпријатија, кои никогаш до сега не биле во толку лоша состојба.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG