Учениците од прво до трето одделение, во јуни идната година ќе добијат само дигитални свидетелства. Останатите ученици до деветто одделение ќе ги добијат во хартиена верзија, која во период од три години се планира целосно да се укине.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска за Радио Слободна Европа вели дека оваа дигитализација се планира и во средното образование, но ќе треба време за да се спроведе за „да не се случи пропуст или грешка“.
Очекувањата се наставниците да бидат порастоварени од административните обврски, особено оние кои имаат обврска за описни оценки.
„Ќе биде скратено времето на генерирање на самите сведителства. Потоа, така штедиме на хартија и ќе ја сочувуваме околината. Сакаме да ги научиме децата дека е многу значајно да имаат еколошка свест и да водат грижа за околината. Но како и да е, најбитно е што брзо се добиваат, а трајно остануваат зачувани во електронска форма“, додаде Јаневска за РСЕ.
Воведувањето на дигиталните свидетелства не може да се смета за реформа туку само за прилагодување на новото време или на дигиталната ера, вели Јаневска. Во меѓувреме, Бирото за развој на образованието веќе испратило допис до директорите на училиштата, за тие да ги информираат родителите.
Проблеми со е-дневникот
Меѓу нив, е и скопјанката Емилија. Г. која оваа информација ја добила на неодамнешната родителска средба. Таа вели дека оваа новина доаѓа во период кога дел од училиштата немаат доволно компјутери, а други пак, со години чекаат на реновирање.
„По предметот информатика учат од учебници, а компјутерите ако се умни им ги вклучуваат два пати во годината, чисто да знаат каде е копчето за вклучување“, вели за РСЕ, оваа мајка на девојче во шесто одделение.
Сепак, Марина. Д. мајка на двајца основци ни посочи дека воопшто не знае за ваквите измени. Таа за РСЕ вели дека иако живееме во дигитално време, кај нас промените се прават избрзано и затоа се јавуваат проблеми. Како пример го посочува електронскиот дневник во кој всушност, е предвидено да се вметнат и дигиталните свидетелства.
„Иако е-дневникот беше замислен како добро решение за нас родителите, ние постојано имаме проблеми да го отвориме за да имаме увид во оценките на децата“, истакна Марина.
Токму ова создава скептичност кај Александра од Скопје чиј син е ученик во трето одделение.
„За да имаат учениците електронско досие потребно е прво беспрекорно да функционира е-дневникот. Честопати имам проблем да се логирам, системот паѓа, а учителката на син ми со денови не може да ги внесе во дневникот ни евидентниот лист ниту податоците за работа на час, што требаше нас да ни бидат достапни за да сме во тек, до каде се со материјалот“, вели Александра.
И покрај ваквите забелешки од родителите, министерката Јаневска вели дека во е-дневникотнема проблеми, туку само измени . Тоа го прави „малку покомплициран“ за користење и од страна на наставниците.
„Јас сум седнала да го погледнам, не можам да речам дека е комплициран но има измени во е дневникот на кои наставниците не се навикнати. На пример, еден наставник може да има увид само во својот предмет. Дополнително, заведениот ученик како отсутен останува така заведен и не може да се избрише. Има графа која досега ја немало каде што пишува зошто е отсутен. Факт е дека на овие промени не сите наставници се навикнати, но постепено се приклучуваат сите“, изјави Јаневска одговарајќи на новинарски прашања.
Потреба од пилот-проект и педагошки анализи
Од Балканскиот институт за регионална соработка – БИРЦ кој ги следи образовните политики, велат дека дел од наставниците припаѓаат на поинаква генерација и затоа за нив може да биде тешко да ги користат дигиталните алатки.
„За оној дел од кадарот кој има капацитет полесно да ги апсорбира овие дигитални промени, ваквата поддршка би била практична и олеснувачка, овозможувајќи фокусирање многу повеќе на наставниот процес и на образовниот аспект“, вели за РСЕ, Лорик Идризи, програмски директор на организацијата БИРЦ.
Иако според него, дигиталните алатки значат подобра ефикасност, смета дека треба да се разгледа и социјалната димензија на доделувањето на свидетелствата.
„Печатеното свидетелство претставува еден вид церемонијален момент на сеќавање, материјален траг за детето, што му овозможува да го доживее и повторно да го проживее својот училиштен пат преку еден конкретен документ — финален симбол на завршениот циклус“, истакнува Идризи за РСЕ.
Но, како што објаснува тој, ваквите транзиции треба да се спроведат преку пилот-проект кој ќе тестира дали моделот е функционален или не.
„Државата сигурно располага со технички капацитети за вакво нешто. Поважно ќе биде сензибилизирањето и претставувањето на дигитализацијата како нова појава. Дали ова ќе функционира зависи од повеќе фактори од степенот на дигитална перцепција, од прифаќањето на овој нов модел, но и од ефикасноста на системот“, нагласува тој.
Но, и покрај придобивките од дигитализацијата, тој вели дека не е доволно само да се оправда идејата за неа туку треба да се направат и подлабоки педагошки анализи и внимателна имплементација за да не се занемари целосно она што е конвенционално и да не се инсистира на експериментални идеи кои повеќе го оптоваруваат образовниот процес отколку што помагаат.
На почетокот на оваа година, МОН направи и мобилна апликација за пристап до електронскиот дневник. Таа може да се инсталира на кој бил паметен уред, а првичната идеја беше да им овозможи на над 200 илјади родители и старатели полесно да го следат образовниот напредок на децата.