Достапни линкови

Учениците „исчезнуваат“од клупите, за тие што остануваат ќе има учебници и вештачка интелигенција


Илустрација - Прв училишен ден
Илустрација - Прв училишен ден

Оваа учебна година во училиштата се запишани вкупно 245.000 ученици, 177.800 во основно и 67.200 во средно образование. Само за последните 10 години, бројот на ученици е намален за 27.000 илјади, поради иселувањето и пад на наталитетот. Министерството за образование за учебната 2025/2026 најави учебници за сите и вештачка интелигенција во наставата.

Ниту едно прваче годинава не е запишано во основното училиште „Видое Подгорец“ во Колешино, во струмичката општина Ново Село, која има 16 населени места и околу 11.500 жители, според пописот од 2021 година.

Првачиња не се запишани ни во подрачните училишта во селата Мокриево и Мокрино.

„Првпат се случува ниту едно дете да не се запише во прво одделение во ова училиште. Претходната година имавме 36, годината пред неа беа 32 ученици. Намалувањето на бројот на првачиња се должи на едно масовно исселување пред пет-шест години. Тие родители, чии деца сега треба да бидат првачиња, заминуваа главно во Швајцарија. Но, во последните три години иселувањето е намалено, благодарение на тоа што почнавме голем инвестициски циклус со швајцарски компании, па веќе имаме и луѓе кои се враќаат од Швајцарија и од Германија и сакаат да работат во општината“, изјави Ѓорѓе Божинов, градоначалник на Ново Село, за Радио Слободна Европа.

Ново Село е рекордер во државава по намалување на бројот на ученици од година во година, за 57 отсто во последните десет учебни години (2014/15 - 2023/24), покажа истражување за бројот на ученици во основно и во средно образование што лани го објави Центарот за граѓански комуникации.

Училишното ѕвонче денеска го означи почетокот на новата учебна 2025/2026 година за вкупно 245.000 ученици. Од нив, 177.800 се запишани во основно и 67.200 се запишани во средно образование.

Во споредба, минатата 2024/2025 година имало 180.627 основци, според податоците на Државниот завод за статистика. Тоа значи дека годинава во основните училишта има речиси 2.800 ученици помалку од лани.

Во средното образование, бројката бележи минимално зголемување од педесетина ученици споредено со ланските 67.143, но сепак е пониска од учебната 2023/2024 година кога имало 67.278 средношколци.

Демографи велат дека бројот на ученици се намалува поради исселувањето и пад на наталитетот.

Сè помалку првачиња и во големи општини

Бројот на првачиња се намали и во други општини - во Прилеп годинава се запишани 75 првачиња, а минатата година биле 127.

Во Велес, годинава во прво се запишани 556 првачиња, што е за 101 ученик помалку од лани. Советот на општината донел одлука учебната година да започне со паралелки со помал број на ученици од законски предвидениот минимум од најмалку 20 ученици. Формирани се паралелки и со 2-3 ученици. И тука главната причина е исселувањето.

Кога станува збор за средното образование, состојбата е полоша. Таму, намалување на бројот на ученици има во дури 73 општини вклучувајќи го и Град Скопје како целина. Во апсолутни бројки, најголемо намалување на бројот на средношколци има во Скопје и во речиси сите големи градови - Тетово, Струга и Кичево, сè до Струмица, Гостивар, Куманово и
Штип.

Само за 10 години бројот на ученици во основните и во средните училишта во земјава е намален за 10 отсто, односно за 27 .000, покажува истражување на Центарот за граѓански комуникации.

Притоа, во таа декада бројот на основци е намален за 10.000, а бројот на средношколци е намален за за повеќе од 17 илјади ученици.

Ако во Ново Село има најголемо намалување на ученици во основните училишта, кај средните училишта, рекордер е Пехчево каде за десет години има дури 83 отсто помалку ученици во средно образование.

Бројот на наставници, пак, во основно образование расте, а во средно има мало намалување.

Младите заминуваат, населението старее

Според пописот од 2021 година, во Македонија има повеќе старо население над 65 години (315.331), отколку млади до 14 години(311.347). Таква е состојбата во 52 од вкупно 80 општини. Најмногу од нив се во источниот регион.

„Ги имаме надминато сите оние граници на возрасно население. Во иднина тој број уште повеќе ќе се зголемува. Нашата земја веќе е во длабока демографска старост. И проекциите што се изработуваат за населението до 2050 година покажуваат дека 30 отсто од населението ќе биде над 65 години“, изјави статистичарот Дончо Герасимовски за РСЕ.

Градинки и училишта стануваат старски домови оти старите се побројни од децата
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:20 0:00

Податоците во периодот меѓу двата пописи од 2002 до 2021 година покажуваат дека населението во Северна Македонија се намалило за над 200.000 .

Поради намалениот број ученици, постои опасност да се затворат училишта во некои рурални средини. Министерството за образование и наука (МОН) најави дека во тек е проект за оптимизација на училиштата. Идејата е таму каде што има по неколку деца, а на оддалеченост од два километри постои друго централно училиште, тие деца да бидат префрлени во централното училиште.

Новини: Учебници, вештачка интелигенција, образовни асистенти

Министерката за образование и наука Весна Јаневска на прес-конференција на 30 септември информираше дека во повеќе училишта условите за настава се подобрени, а инклузијата е подигната со ангажирање на зголемен број образовни асистенти во основното и првпат во средното образование.

„Втора учебна година по ред започнува со учебници за сите ученици. Целосно нови учебници има за седмо одделение во основното образование и за прва година во гимназиите, поради примената на нови наставни програми и најавувам дека овој процес на обнова на наставните содржини ќе има континуитет. Првпат после седум години, учениците ќе добијат и учебници по странски јазици – англиски, француски, германски и италијански јазик“, рече Јаневска.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој се обрати на свечениот почеток на новата учебна година во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, рече дека првпат по седум години сите ученици ќе имаат учебници навреме.

„Ова е чекор напред и многу важно достигнување. Сакам да им се извинам на родителите за претходните години, но и да им ветам дека преку вештачката интелигенција ќе зборуваме за иднината и за предизвиците што таа ни ги носи“, рече Мицкоски.

Од оваа учебна година започнува примената на нов електронски дневник во кој наставниците ќе можат да се најават и пополнуваат податоци во секој момент.

Една од поголемите новини е дека вештачката интелигенција (ВИ) влегува во наставата. Јаневска кажа дека е изготвен сеопфатен прирачник за едукација и на наставници и на ученици, со јасни инструкции за етичката и ефикасна примена на новите технолошки алатки за образовни цели.

Оваа учебна година, освен 1.346 образовни асистенти во основните училишта, за првпат образовна асистенција ќе добијат и средношколците со посебни образовни потреби.Ним ќе им помагаат 130 образовни асистенти.

За првпат е воведено и формално образование за децата кои се на болничко лекување повеќе од три недели, што значи дека тие повеќе нема да губат настава.


XS
SM
MD
LG