Достапни линкови

Непотизмот и „врските“ ја празнат државата, а младите сѐ поевроскептични


Студенти, архивска фотографија
Студенти, архивска фотографија

Речиси половина од младите во Северна Македонија, која според Евростат е на трето место по иселување во Европа, позитивно гледаат на Европската Унија, но 46 отсто не веруваат дека земјата ќе стане дел од неа, покажува новото истражување. Властите промовираат реформи, а бранот на емиграции не запира

„Се трудам да придонесам за подобрување на состојбите овде, но тоа не значи дека не сум размислувал за иселување. Голем дел од луѓето од мојата генерација веќе се иселија, некои не планираат ни да се вратат. Дури и оние што беа најголеми патриоти, на крај сепак мораа да признаат дека надвор им е полесно да си го изградат животот со можности за подобра плата, како и здравствена и социјална заштита“, вели за Радио Слободна Европа, Гоше Николов, основачот на плаформата „Студентарија“.

Смета дека ваквата слика во државата која губи сѐ повеќе млади, е тажна. Но како што вели, причините се разбирливи.

„Младите не заминуваат само затоа што сакаат европски пасош туку затоа што сакаат подобар животен стандард, подобри плати и чувство на сигурност“, посочува Николов.

Други „правила на игра“

Тој вели дека младите често го користат летото за да работат надвор од државата, најмногу во Германија и Хрватска. Таму, додава тој, „правилата на игра“ се поинакви.

„Тоа се две земји коишто се дел од ЕУ и кога ќе отидат таму, младите сфаќаат дека не им се потребни врски или бирократски процедури како дома. Со истиот труд, може да заработат повеќе“, вели 29-годишниот Гоше.

Платформата „Студентарија“ која тој ја основаше пред осум години, неодамна ги објави резултатите од онлајн анкетата во која учествуваа над илјада млади луѓе, изјаснувајќи се за евроскептицизмот.

Резултатите од истражувањето кои беа објавени минатиот месец, говорат дека 41 процент од младите во земјава ја доживуваат Европската Унија позитивно, а 24 проценти имаат негативен став за Унијата. Нешто над една третина пак или речиси 35 проценти од младите се неутрални – покажува анкетата.

Таа е дел од поширока анализа за ставовите на младите кон Европската Унија, реализирана од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП Скопје), Европскиот центар за извонредност од Брисел, и германската Фондација за слобода „Фридрих Науман“, а во соработка со младинската платформа „Студентарија“.

Скептичност за македонско-европската иднина

Во поглед на иднината на земјата во Унијата, податоците се мошне скептични – забележа невладиниот сектор.

Инфографика - Дали Верувате дека Северна македонија ќе стане членка на ЕУ?
Инфографика - Дали Верувате дека Северна македонија ќе стане членка на ЕУ?

Скоро половина од испитаниците или 46.5 проценти, не веруваат дека Северна Македонија воопшто ќе стане членка на ЕУ.

Сепак, 35.8 проценти се изјасниле дека македонската евроинтеграција ќе се случи, но во подалечна иднина, додека само 6.7 проценти веруваат дека тоа може да се случи во следните пет години.

Останатите 11 проценти не знаат, односно немаат став по ова прашање.

Николов оценува дека ваквиот скептицизам е само „едно наталожено чувство кај младите дека и покрај сите најави и ветувања, суштински ништо не се менува“.

Агендите, стратегиите и реформите на партиите, вели тој, на хартија звучат одлично, дури и совршено во предизборните кампањи, но реалноста е поинаква.

„Сите тие планови или се спроведуваат многу бавно или воопшто не стигнуваат до конкретна имплементација. Мислам дека тој јаз помеѓу кажаното и направеното создава недоверба“, додава Николов за РСЕ.

Комуницирајќи секојдневно со студентите и останатите млади за тековните предизвици, неговиот впечаток е дека скептицизмот сѐ повеќе се продлабочува, бидејќи „се прават компромиси со основните вредности“.

Матурантите за ЕУ: Почетокот на преговори за членство го чекаат од раѓање
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:18 0:00

Евроскептицизмот е директно поврзан со недовербата на младите во капацитетите на институциите да спроведат реформи – вели Матеа Карговска од Центарот за европски стратегии „Евротинк“.

Затвореност за соработка со младите

Според неа, за ова да се промени, институциите треба да бидат поотворени за соработка со младите. А нивната затвореност всушност, таа ја искусила и самата. Матеа веќе три години чека одговор од едно од министерствата каде што аплицирала за практикантска работа.

Од тогаш, таа ги завршила Политичките студии на Правниот факултет во Скопје, а во моментот го подготвува и својот магистерски труд, но до сега никој не одговорил на документите кои ѝ биле побарани, а кои таа уредно ги доставила.

„Сигурна сум дека тој одговор, никогаш и нема да го добијам“, вели Матеа за РСЕ.

За разлика од јавниот, невладиниот сектор нуди многу програми за пракса внатре во државата, но незадоволството од системот и понатаму преовладувца кај младите.

Сведочејќи за апатичноста на институциите, Матеа во меѓувреме станува проектен асистент на проектот „Медиумите за ЕУ “ и помлад истражувач во Евротинк.

Таа вели дека недовербата во институциите не е неслучајна, ако се знае дека и Европската комисија препорачува реформи во јавната администрација.

„Жално е тоа што иако треба да се столб на државата, институциите не функционираат, дури и оние во основните области како што се образованието, здравството и судството, а на крајот од денот, и јавната администрација со која сите се соочуваме“, вели Матеа.

Зошто младите се разочарани од политичарите?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:33 0:00

Дополнително младите, како што посочува таа, не можат професионално да напредуваат ако не се партиски определени.

„Веќе не ни може да се каже дека е јавна тајна, сознанието дека секој се вработува според тоа кој е на власт. Твојот професионален напредок во тие институции не зависи од стручноста“, посочува Матеа.

А ниската доверба кон институциите е и една од трите главни пречки за членството на Северна Македонија во Европската Унија – одговориле младите кои учествувале во анкетата на ИДУЕП Скопје.

Пред неа, предничат само корупцијата и билатералните спорови.

Имплементација на постоечките, а не нови политики

За да се промени ваквата слика, на државата не ѝ требаат нови политики, треба само да ги имплементира постојните – покажува уште едно истражување објавено на 4 август, на Балканскиот институт за регионална соработка БИРС со седиште во Тетово.

Програмскиот директор на овој Институт, Лорик Идризи наведува дека особено е важно младите да бидат вклучени во процесот на одлучување на сите нивоа на власта.

„Нивната застапеност во општинските совети е под седум проценти, додека повеќето општини немаат функционални младински совети. Младите изразуваат недоверба и апатија кон институциите и политичките процеси. Затоа ни бегаат и гледаат посветла иднина надвор, во некоја од западните развиени земји“, вели Идризи за Радио Слободна Европа.

Тој го вперува прстот во партиите за неможноста на младите да се докажат:

„Гласот на младите мора да биде слушнат ако сакаме тие да ја градат нивната иднина тука“, порачува Идризи.

Членството нема да го намали иселувањето

Соговорниците на Радио Слободна Европа, сметаат дека придобивките од евентуалната евроинтеграција, нема сами по себе да ги искоренат сите недостатоци.

„Дури и ако утре станеме членка на Унијата, младите ќе продолжат да ја гледаат разликата во просечната плата меѓу нашата држава и некоја држава како што е Германија или Хрватска. И во сценарио во кое би имале подобри услови со членството во ЕУ, довербата веќе е нарушена“, заклучува Николов од платформата Студентарија.

Северна Македонија се наоѓа на третото место во Европа според демографскиот пад. Таа изгубила 11,4 отсто од населението споредено со 2011 година – објави Европската агенција за статистика „Евростат“.

„Падот на населението во Македонија е дел од поширокиот тренд на емиграција и ниска наталитетна стапка што го зафаќа речиси целиот Балкан“, соопшти Евростат во јули годинава.


XS
SM
MD
LG