Достапни линкови

Училишните оброци под лупа, пет деца од скопски Карпош хоспитализирани


илустрација
илустрација

По труењето на ученици со храна од основното училиште „Димо Хаџи Димов“, се уште се утврдуваат причините. Инспектори од Агенцијата за храна спроведуваат вонредни контроли во девет други основни училишта во општина Карпош, каде што снабдувач со храна е иста компанија. Меѓународната организација ФАО посочува системски пропусти во контролата на храна во македонските училишта.

Пет деца се задржани за болничко лекување, а неколку се пратени на домашно лекување, поради симптоми поврзани со сомнеж за труење со храна, соопшти на 27 ноември, директорот на Клиника за Детски болести, Реџеп Мемеди. Сите примени во Клиниката имале исти симптоми, стомачни болки, повраќање, дијареа и зголемена телесна темература, што укажува на сомнеж за труење со храна.

Станува збор за деца од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во општината Карпош, во кое десетици ученици не дошле во школо жалејќи се на симптоми кои наликуваат на труење со храна. Едно од децата кое се пожалило на слични симптоми е синот на премиерот Христијан Мицкоски, јавува 360 степени.

Мајката на првооделечне, Рафаела Михаилидис, раскажува дека вчера нејзината ќерка цела вечер повраќала и имала висока температура. По „бурната “ноќ, таа вели дека денеска ќе направи лабараториски анализи, за да го утвврди причинителот на симптомите.

„ Не можам да бидам сигурна дали е од храната, затоа што дел од децата кои што имале исти симптоми се од повисоките класови кои не се хранат во школската кујна“, вели таа.

Од Институтот за јавно здравје, кои беа дел од вонредната инспекција во училиштето, велат дека резултатите од земените мостри ќе бидат објавени утре, затоа што било потребно 48 часа за да се спроведат анализите.

„Досега имаме 20 пријави за деца од кои седум по епидемиолошките анкети се изјаснуваат дека воопшто немале контакт со кујната во училиштето. Од тоа што ни го кажуваат засега, не може точно да се утврди причинителот, но од друга страна земени се сите можни примероци и денеска дополнително се прават и други анализи кои не се поврзани со храна и вода“, изјави денеска директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.

Таа појасни дека за да се утврди причинителот на симптомите кај децата, побарани се од Детската клиника материјали за испитување од децата кои хоспитализирани, со цел да се утврди дали може да се исклучи присуство на одредени вируси или паразити.

Ден по затворањето на кујната во основното училиште „Димо Хаџи Димов“, инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство ( АХВ ) на 27 ноември влегоа во кујните на 9 основни училишта на цела територија на општината Карпош, каде што како главен снабдувач со храна е ангажирана компанијата „Ванила Фуд“.

Според соопштението на Агенцијата, централниот магацин на оваа фирма за храна се наоѓа во основното училиште „Димо Хаџи Димов“, и оттаму се набавуваат репроматеријали за подготовка на храна.

Но, ова е втор случај на сомнеж за труење со храна на ученици во општината Карпош.

Претходно во 2023 година, најмалку девет деца беа заразени со салмонела во три основни училишта во општината Карпош, каде што со храна се снабдуваат од приватната компанија „Ванила Фуд“.

Тогаш, по извршените контроли Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) беше соопштено дека резултатите од земените мостри од храна од училишните кујни во општина Карпош биле уредни.

Мајката на 9-годишно момче од друго основно училиште во Карпош, каде што денеска се прави вонредна инспекција, вели дека стравува за квалитетот и безбедноста на храната која што ја јаде нејзиниот син.

„Искрено, јас не сум задоволна, и други мајки се жалат дека децата не ја јадат храната, за која ние плаќаме по 2600 денари секој месец. Од нивното мени, децава се среќни само кога има шпагети или ориз“, вели таа.

Каква храна јадат децата во училиштата

По овој случај повторно во јавноста се отвара прашањето колку е квалитетна и безбедна храната што ја конзумираат децата во основните и средните училиште, но и во нивната близина.

Агенцијата за храна во последните контроли спроведени во училиштата и околу нив, заплени и уништи стотици килограми небезбедна храна.

На почетокот на учебната година во септември, по инспекциска контрола на 90 градинки и 23 училишта, запленила и уништила 83 килограми небезбедна храна од само три градинки и една училишна менза.

Најчестите пропусти кои ги забележале инспекторите од Агенцијата се несоодветно чување на храната, неспроведен задолжителен здравствено- санитетски преглед на вработените кои работат со храна, без задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите каде се подготвува храната како и недостиг на основни техничките услови за производство на храна.

За овие пропусти, Агенцијата изрекла казни на 77 оператори со храна во вкупна вредност од 36 илјади евра, издала и стотина наредби за отклонување на пропустите и 23 опомени.

Но, проблеми со храна која најчесто ја конзумираат деца се забележани и во сендивичари и бурекџилници во близина на основни и средни училишта, од каде што учениците сами купуваат храна на одморите.

Инспекторите од Агенцијата за храна пред две недели изрекле 15 забрани за вршење на дејност на оператори со храна во близина на училиштата.

Само од објекти кои продаваат храна во близина на школите, била запленета и унуштена 696 килограми небезбедна храна од непознати добавувачи.

„Со спроведените контроли утврдено е дека 19 оператори ставале во промет небезбедна храна, кај 30 се утврдени незадоволителни хигиенски барања за безбедност на храната, а од вкупно контролираните, 26 не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата за храна и ветеринарство“, се наведува во соопштението од АХВ од 16 ноември.

ФАО: Институционални пропусти во самата проверка на стандардите за храна

Од друга страна пак, кога станува збор за стандардите за безбедност на храната, Организацијата за храна и земјоделство (ФАО), специјализирана агенција на Обединетите нации, забележува други институционални пропусти. Станува збор за непостоењето на официјален план за следење и оценување на стандардите за исхрана. Според протокол, Центарот за здравје има задача да прави редовни проценки на квалитетот на училишните оброци.

„Сепак, овој процес не се спроведува доследно, бидејќи не сите општини собираат и обезбедуваат примероци за тестирање“, се вели во објавата на ФАО за Северна Македонија.

Во неа е посочено дека во земјава е утврдено упатство за методи за подготовка на храна и предвидени неделни менија за појадок и ручек за децата, но и тука е забележан пропуст.

„Не е спроведена специфична обука со училишни готвачи или угостителски услуги во врска со овие стандарди“, е наведено во нивното соопштение.

Каде се подготвува храната?

Во Северна Македонија, дел од училиштата обезбедуваат само ужинка, други само топол оброк, а некои и двете. Не сите училишта во земјава имаат кујна каде може да се подготвува храната.

Според праксата што ја посочуваат и од училиштата и родителите, најчесто во оние школи каде не се готви, фирмата што ја доставува храната претходно ја подготвува во кујна во друго училиште каде истата фирма го има добиено тендерот.

Посериозен проблем со труење со храна беше забележан и лани, во општината Аеродром. Околу 140 ученици од вкупно 360 кои се хранат во целодневна настава во „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром во септември 2024 година имаа симптоми на труење, по што кујната таму беше затворена.

Контроли во кујните во училиштата и градинки, според Годишниот план на АХВ, се прават најмалку три пати годишно според категоризација на објектите по ризик.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG