На автобуски постојки, за време на прошетки, па и во близина на училиштата – младите под 18 години сѐ повеќе пушат цигари. Освен класичните, алтернативите, како електронските цигари добиваат на популарност. Електронски цигари кои користат течност со овошни и други вкусови, уреди за загревање тутун и никотински ќесички...изборот е поголем од кога било.А тој, во „комбинација“ со слабата контрола на терен, го прави пушењето од рана возраст, сериозен предизвик за македонското јавно здравје.
Тамара Мијовиќ-Спасова од „Аналитика тинк тенк“ вели дека цигарите не само што се лесно достапни за младите, туку имаат и релативно ниска цена. Овие фактори, смета таа, овозможуваат зависноста од нив да почне рано.
„Анализите покажаа дека веќе на 13 години, децата почнуваат да пушат. Недостига континуирана едукација во училиштата, што самото по себе си прави една празнина, а тутунската индустрија многу мудро ја користи во однос на тутунските производи“, додава Мијовиќ Спасовска за Радио Слободна Европа.
Маркетиншките трикови ја поттикнуваат зависноста
Интензивниот маркетинг за електронските цигари и другите алтернативи на класичните, прави перцепција кај младите дека тие не создаваат зависност. Тоа, според Мијовиќ Спасовска, ја зголемува побарувачката за нив.
Додека тие го трошат својот џепарлак на овој начин, трговците кои им овозможуваат да дојдат до цигарите, инспекциите воопшто не ги контролираат. Иако Законот за заштита од пушење предвидува „забрана за продажба на цигари и тутун на лица помлади од 18 години во прометот на мало“, ниту електронските цигари, ниту уредите за загревање тутун не се експлицитно забранети.
„Кај овие производи нема јасно дефинирана забрана за продажба на малолетници. Последицата од тоа што законот не ги препознава овие производи како тутунски производи е она што ние го гледаме секојдневно, а тоа е пушењето во трговски центри, во ресторани, секаде. Овие производи се користат каде и да се свртите“, додава Мијовиќ Спасовска.
Сепак, како што додава таа, репресивната политика нема сама по себе да го реши проблемот бидејќи „одговорноста не е само во институциите“. Родителите и наставниците имаат голема улога во превенцијата. Анализите покажале дека кога родителите се пушачи, веројатноста дека и нивните деца ќе почнат со користење цигари, а поголема дури за 70 проценти.
Одговорноста на родителите
Пример за тоа е една неодамнешна ситуација во домот на скопјанката Снежана. Н.
Таа за Радио Слободна Европа раскажа дека нејзиниот 17-годишен син почнал да пуши цигари на почетокот на учебната година. Тоа ѝ го признал сам, споделувајќи дека по три недели сепак решил да се откаже.
„Рече дека сакал да проба бидејќи тоа го прават сите во неговото друштво. Но тој спортува, оди во теретана и таквиот стил на живот не оди ‘рака под рака’ со употребата на цигари. Рече дека пушел по неколку цигари неделно, но сам реши да се откаже и драго ми е дека тоа го искомунициравме“, посочи 50-годишната Снежана за РСЕ.
Таа и самата пуши цигари, нешто од кое успеала да биде одвикната цели 17 години. Но, како што вели, со почетокот на ковид пандемијата се вратила на старата навика. Сега, полека, се обидува да го намали бројот на цигари за да може и комплетно да ги исфрли.
За да биде „ин“ во своето друштво, и 33-годишната Ивона. К почнала да пуши цигари уште во тинејџерските денови. И тоа што ја гледала мајка си како целиот свој живот користи цигари од кои чадот бил неподнослив, не ја поколебало за да почне да ја практикува оваа навика.
„Поминаа годините на тинејџерство и сфатив дека ниту сум зависник ниту ми прави некакво задоволство, туку си штетам само на себе, на моето здравје и на луѓето околу мене и така решив дека повеќе е „ин" да не пушиш, отколку да пушиш. И еве до денеска сум благодарна за таа свесна одлука што сум ја направила на време пред да ме „освои" зависноста на порокот“ – раскажа Ивона од Скопје која веќе десетина години не пробала цигара.
Околу 300 граѓани побарале совет од ИЈЗ за да се откажат
А некои родители пак, кои дознале дека нивните деца пушат цигари, се обиделе да добијат совет од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), за тоа како да им помогнат да ги откажат. Ова за Радио Слободна Европа го потврдува директорката на Институтот, Марија Андоновска.
Овие родители се всушност дел од граѓаните кои се обратиле за помош на телефонскиот број 078 285 873, кој ИЈЗ го воспостави за совети за откажување од пушење, кои ги даваат стручни, обучени лица.
Една година подоцна од отворањето на оваа телефонска линија која функционира во понеделник и среда од 11 до 13 часот, податоците говорат дека за совет се обратиле околу 300 граѓани. Од нив, 14 се откажале целосно.
„Оваа бројка е во рамките на просекот на светско ниво. Бидејќи имаме резултати, ќе продолжиме да создаваме услови за што повеќе термини пред сѐ, но и да овозможиме физички контакт за оние кои сакаат не само телефонски да се советуваат туку да дојдат и да поразговараат со стручно лице“, појаснува Андоновска за РСЕ.
Процесот е анонимен, а граѓаните кои се јавуваат како што додава таа, се од сите возрасни категории. Последното истражување на Институтот со податоци од 2023 година, покажува дека 45.4 отсто од возрасната популација во земјава користи цигари. За тоа каква е нивната употреба кај децата од училишна возраст, ИЈЗ ќе информира на крајот од оваа година, кога се очекува да бидат готови новите анализи.
Директорката Андоновска вели дека добиените податоци од терен сѐ уште се во фаза на обработка.
Сепак, додека да биде целосно изработена анализата, несомнено е дека здравствените ризици од цигарите, меѓу кои и електронските, не ги одминуваат ниту младите.
„Во однос на здравствените нарушувања би ги истакнала респираторните, потоа нарушувањата на кардиоваскуларниот систем, голем број на метаболни ендокрини нарушувања, а ризик фактор се и за малигните заболувања. Исто така, ја нарушуваат и оштетуваат кожата, го намалуваат имунитетот, го стареат телото. Кај сите возрасни популации кои консумираат производи од тутун, овие последици се неминовни“, додава Андоновска.
Таа предупредува дека освен здравствените, тутунот носи и социо-економски последици кои го оптеретуваат целиот здравствен систем. На зголемената употреба цигарите, како што вели Андоновска, влијаело и слабеењето на забраната за пушење, што го овозможија законските измени од 2018 година.
„Статистичките податоци и анализи говорат дека во земјите каде што се почитуваат овие законски процедури има помало користење на тутунските производи“, потенцира директорката на Институтот која е вклучена во подготовката на новите измени на Законот за заштита од пушење.
Нова стратегија и законски измени
Инспекцискиот надзор над спроведување на одредбите од него е под надлежност на три инспекторати, на Управата за јавни приходи и на полицијата. Но и покрај тоа што пет институции треба да контролираат дали и како малолетниците доаѓаат до цигари, нивната употреба во „тинејџерските кругови“ е сѐ почеста.
Овој закон е еден од дванаесетте, за кои министерот за здравство Азир Алиу најави дека ќе се менуваат.
Претходно, во јуни, од Министерството соопштија дека се подготвува нова стратегија за борба против пушењето.
„Не можеме да имаме инспектори на секој агол, но ќе воведеме јасни правила и строги казни. Нема да има попуштање“, изјави заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски во јуни, на одбележувањето на Светскиот ден без тутун.
Од Министерството не одговорија на прашањата од РСЕ што ќе предвидува новата стратегија и кога ќе биде готово новото законско решение, но и дали со него, ќе се овозможи поголема заштита на младите.
Во меѓувреме, употребата на цигари е регулирана и со Законот за трговија и Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи.
Трговецот на мало не смее да врши продажба на алкохолни и енергетски пијалаци и цигари на лица со возраст под 18 години – вели член 24 од Законот за трговија.
Државниот пазарен инспекторат не одговори на прашањата на РСЕ дали и колку контроли се направени за спроведувањето на двата закона и дали се изречени глоби за трговците кои им продаваат цигари на малолетниците.
Апел од Светската здравствена организација
Електронските цигари кои добиваат на популарност , речиси воопшто не се регулирани. Единствено во Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи има една одредба која се однесува на електронските цигари..
Електронска цигара е производ кој може да се користи за консумирање на пареа која содржи никотин преку усник (чибук) или било каков друг составен дел на тој производ, вклучувајќи влошка, резервоар и апарат без влошка и резервоар. Електронските цигари се разликуваат од производите од тутун со тоа што не содржат тутун – се вели меѓу другото во законот кој го опишува ваквиот производ, чија употреба кај малолетниците не е експлицитно забранета.
Во законот меѓутоа, воопшто не се споменуваат никотинските ќесички, ниту уредите за загревање тутун, за чија штетност алармираше и Светската здравствена организација.
СЗО ги повика владите итно да ги забранат сите вкусови во производите со тутун и никотин, вклучително и цигари, никотински вреќички, наргилето и електронски цигари, со цел да ги заштитат младите од зависност и болести.
При тоа, таа ги повика земјите да го следат примерот на Белгија, Данска и Литванија кои веќе ги заоструваат мерките.
„Вкусовите поттикнуваат нов бран зависност и треба да бидат забранети. Тие го поткопуваат деценискиот напредок во контролата на тутунот, порача генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Гебрејесус.
Како што објави СЗО на својата веб страница, електронските цигари се забранети за продажба во 40 земји, односно пет од нив ги забрануваат еднократните електронски цигари, а седум ги забрануваат вкусовите во електронските цигари.
Додека здравствените власти не откриваат дали измените кај нас ќе донесат забрана од ваков тип, образовните со помош на СЗО изготвија упатство за наставници за начинот на предавање на материјата која опфаќа и аспекти посветени на здравствените последици од користењето тутун и електронски цигари.
За ова информираше ресорната министерка, Весна Јаневска на почетокот на месецов, појаснувајќи дека од оваа учебна година е воведен и нов изборен предмет во VII одделение „Учам за моето здравје.