Достапни линкови

Вести

Сиљановска-Давкова: Нема потреба од нова декларација за „црвените линии“ на државата за евроинтеграциите

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Република Северна Македонија
Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Република Северна Македонија

Нема потреба од нова декларација за „црвените линии“ на државата за евроинтеграциите, рече претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, откако претседателот на СДСМ, Венко Филипче најави дека ќе поднесе декларација со „црвени линии“ која треба да помогне во поместувањето на преговарачките позиции на Северна Македонија на патот кон Европската унија.

„По толку бели линии, сега да зборувате за црвени линии, е апсурдно. Ние имаме декларација, и тоа не само една, туку неколку декларации имаме донесено во Собранието и не беа почитувани. Дури и референдумски резултат не почитувавме, а камоли црвени линии. Не разбирам што значи црвена линија во овој поглед, особено не ја разбирам аргументацијата дека доколку сепак посегне соседот по вето, ние тогаш ќе ги прекинеме преговорите“, рече Сиљановска-Давкова во изјава на 3 септември по врачувањето на признанието „Инженерски прстен 2025“ во Охрид.

Според претседателката, најважно е политичките партии и од опозицијата и од власта да постигнат консензус за тоа како ќе се однесуваат надвор од државата.

Таа се осврна и на писмото на шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев до неговите колеги од ЕУ, во кое вели дека е непотребна провоција и правна апсурдна постапка иницијативата за оценка на уставноста на Протоколот од Договорот за доброседство со Бугарија, поднесена до Уставниот суд од поранешната пратеничка Лилјана Поповска.

Сиљановска - Давкова рече дека уставните судови не се под јурисдикција на соседни политичари, а одлуките на овој суд се конечни и не се коментираат.

2Ако некој покренал постапка во Уставниот суд, Уставниот суд ќе реши дали има основ за негово проследување“, рече претседателката на државата.

Уставниот суд на 13 август информираше дека е формиран предмет во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија донесен на 17.07.2022 година во Софија, за кој во тек е претходна постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.

Подносителка на иницијативата, поранешната пратеничка Поповска во иницијативата наведува дека со оспорениот Протокол е прекршен Уставот и тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.

види ги сите денешни вести

Несреќата со жичарница во Португалија е поради проблеми со каблите, пишува во извештајот

Mестото на несреќата со жичницата во Лисабон, 3 септември 2025
Mестото на несреќата со жичницата во Лисабон, 3 септември 2025

Проблемите со каблите веројатно предизвикале уривање на жичарница во Лисабон, популарна кај туристите, при што загинале најмалку 16 лица, а уште 22 биле повредени кога се урнал во зграда, според прелиминарниот извештај.

Жолт вагон сличен на трамвај, кој превезува луѓе нагоре и надолу по стрмна падина во португалската престолнина, се урна во зграда откако излетал од шините во среда (3 септември).

Португалската канцеларија за истрага на воздушни и железнички несреќи го објави својот прв истражен извештај за несреќата во саботата.

Во извештајот се наведува дека кабините патувале „не повеќе од околу шест метри“ кога „одеднаш ја изгубиле силата на балансирање што ја обезбедува кабелот што ги поврзува“.

„Кабината бр. 2 одеднаш започнала наназад, нејзиното движење запрело на приближно 10 метри поради делумно преминување на крајот од пругата и закопување на долната страна на количката на крајот од ровот за кабел“, се додава.

„Кабината бр. 1, на врвот на Калкадо да Глорија, продолжи со своето движење надолу, зголемувајќи ја својата брзина“, се вели во извештајот.

Во извештајот се додава: „Кочникот на кабината веднаш ја активираше воздушната и рачната сопирачка за да се обиде да го запре движењето. Овие дејствија немаа ефект врз запирањето или намалувањето на брзината на кабината, и таа продолжи да забрзува надолу по падината.“

Во извештајот се додава дека испитувањето на остатоците покажало дека „кабелот за поврзување попуштил“ на местото на прицврстување на кабината на врвот на ридот.

Конечниот извештај ќе биде објавен подоцна.

Повредени пожарникари и голема материјална штета по пожарот во фабриката за вафли во Виница

Северна Македонија - Пожар во фабрика за вафли во Виница, 6 септември 2025 година
Северна Македонија - Пожар во фабрика за вафли во Виница, 6 септември 2025 година

Неколку пожарникари се повредени при гаснењето на пожарот што избувна вчера вечерта во фабрика за слатки и вафли во Виница. До доцна во ноќта противпожарни екипи учествувале во гаснењето на пожарот, а од утрото тој е ставен под контрола изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.

„Опожарени се три линии означени како 6, 7 и 8 (од кои два магацини), сите имале сончеви панели на покривот. Спасени се линиите од 1 до 5. Пожарот е под целосна контрола. Во гаснењето учествуваа пожарникари од ТППЕ Виница, Македонска Каменица, Делчево, Кочани, Пробиштип, Штип, Струмица, Кавадарци и Велес, наведува Ангелов.

Анѓелов објаснува како неколку пожарникари се здобиле со изгореници на стапалата откако се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните.

„При обидот да ги одглават стопалата чизмите им останале во стопениот шеќер и згазнале во стопената смеса, појаснува Ангелов.

Пожарот во фабриката за слатки производи и вафли во Виница избувна вчера вечер во 18:40 часот, во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката. На видео снимките објавени на социјалнтие мрежи можеше да се види силен оган и густ чад како се издига од фабриката „Макпрогрес“ позната по производите „Винчини“.

Стопанската комора на Северна Македонија најави дека ќе формира кризен штаб со сопственикот на фабриката со цел целосно нормализирање на состојбите, изразувајќи при тоа жалење за претрпената штета на компанијата, нивна членка.

„Вчеравечер околу 19:20 часот, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески беше известeн од сопственикот на Макпрогрес Виница, Глигор Цветанов, дека во фабриката има пожар. Веднаш беше алармирана Владата, премиерот, како и вицепремиерот и министер за транспорт, кои ги дадоа потребните наредби за спасување на целокупната фабрика, но и покрај интензивните активности, мора да се констатира дека три клучни погони се целосно уништетни, се наведува во соопштението.

Според комората овој настан ќе остави длабока трага врз работењето на нивната членка која вработува околу 500 работници.

Пожарот направи голема штетата на фирмата „Макпрогрес Винчини“, која е и најголемиот стопански објект во оваа мала општина. Основана е пред 35 години, работи во кондиторско-пекарската индустрија и 75% од производството го извезува и тоа во 45 држави.

Зеленски го покани Путин да „дојде во Киев“, мировните преговори се уште се во застој

Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли понудата на рускиот претседател Владимир Путин да патува во Москва на мировни преговори и наместо тоа го покани во Киев.

„Тој може да дојде во Киев“, рече Зеленски во интервју за ABC News кое беше објавено во саботата. „Не можам да одам во Москва додека мојата земја е под ракети, под напади секој ден. Не можам да одам во главниот град на овој терорист“.

Украинскиот претседател додаде дека понудата на Путин има за цел „одложување на состанокот“ и дека рускиот лидер „игра игри со САД“.

Путин претходно ја намали важноста на состанокот со украинскиот претседател, но исто така навести дека би бил подготвен да се сретне со него, но само на домашен терен.

„Најдоброто место за тоа е рускиот главен град, во херојскиот град Москва“, рече Путин во петокот за време на економскиот форум во пацифичкиот пристанишен град Владивосток.

Путин претходно им кажа на западните партнери на Киев, кои ветија повоени „мировни сили“ за поддршка на нивниот сојузник, велејќи дека нивните трупи распоредени во Украина ќе бидат цел на Русија.

„Доколку некои трупи се појават таму, особено сега додека траат борбите, претпоставуваме дека тие ќе бидат легитимни цели“, рече Путин.

Предупредувањето е последното во низата бескомпромисни изјави на рускиот лидер кои сигнализираат дека напорите за започнување преговори за мировен договор за војната во Украина се во застој по самитот на Алјаска меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец.

По изјавата на Путин, Русија испали уште еден бран воени беспилотни летала кон Украина во текот на ноќта.

Во најновата рунда напади врз Украина, Русија лансираше 91 беспилотно летало, соопштија украинските воздухопловни сили, додавајќи дека имало 18 напади на осум локации во земјата. Досега нема регистрирани жртви.

Порано оваа недела во Кина, Путин доби шанса да покаже на серија дипломатски настани од висок профил дека не е изолиран на глобалната сцена, и покрај раскинувањето со Западот по инвазијата на Москва врз Украина во 2022 година.

И на самитот на Шангајската организација за соработка на 1 септември и на воената парада на Кина на 3 септември, рускиот претседател беше виден како се ракува и разменува насмевки со разни светски лидери, вклучувајќи значајна средба лице в лице со индискиот премиер Нарендра Моди, кинескиот претседател Си Џинпинг и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Голем пожар во Виница во фабрика за вафли

Колаж фотографии на МИА од пожарот во виничката фабрика, 6 септември 2025
Колаж фотографии на МИА од пожарот во виничката фабрика, 6 септември 2025

Голем пожар избувна вечерва во фабриката „Макпрогрес“ во Виница. На терен интервенираат пожарникари од Виница и Кочани, а беше побарана помош и од противпожарните единици од соседните општини.

Со огнот е зафатен еден погон информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, а според Министерството за внатрешни работи, според досегашните информациите, нема повредени лица.

На социјалнтие мрежи се објавени видео снимки од кои може да се види силен оган и густ чад како се издига од фабриката попозната по производите „Винчини“, а многубројни противпожарни екипи се на самото место и се обидуваат да се справат со пожарот.

Присутни се и припадници на Доброволното противпожарно друштво (ДПД) Кочани, а според Ангелов, на пожарот територијалните противпожарни единици на Виница и Кочани се обидуваат да спречат огнот да се прошири кон останатите погони.
„На помош се тргнати и пожарникари од Свети Николе, Струмица и Пробиштип“, информира директорот на ДЗС.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека пожарот е пријавен во 18:40 часот преку единствениот број за итни случаи – 112.
„Денес, во 18:40 часот, во Центарот за управување со кризи преку бројот Е-112 е добиена пријава за пожар во фабриката за кандирани производи и вафли ‘Винчини’ во Виница“, велат од ЦУК.
Од ЦУК велат дека за градоначалникот на Виница, Миле Петков, е дадена насока да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини.

„Поддршка е побарана и од Општина Македонска Каменица и Штип. Доколку биде потребно, ќе се ангажираат сили и од други општини. Со оглед на тоа дека станува збор за специфичен урбан пожар, неопходно е ангажирање исклучиво на професионални пожарникари“,вели директорот на ЦУК, Мухамед Али.

Пожарот, како што информираат оттаму, избувнал во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, по што на терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари.

Се одржува Парада на гордоста во Белград, бучава наместо музика

Србија--Белград--Парада на гордоста, 6 септември 2025 година
Србија--Белград--Парада на гордоста, 6 септември 2025 година

Силни полициски сили го обезбедуваат центарот на Белград каде што се одржува овогодинешниот протестен Mарш на гордоста.

Портите на паркот Мањеж во Белград, каде што започнува прошетката, се отворени.

Барањата на ЛГБТИ+ заедницата остануваат непроменети со години бидејќи ниту едно од нив не е исполнето.

Првите две се однесуваат на усвојувањето на Законот за истополови заедници и Законот за родов идентитет.

Нацртот на Законот за истополови заедници е изготвен пред неколку години, но српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека „додека е на таа позиција, тој нема да биде усвоен“.

„Оттогаш не сме слушнале ниту еден збор за усвојувањето на тој закон и тука приказната запре. Што се однесува до Законот за родов идентитет, има некои предлози, но официјалниот нацрт на тој закон не постои, а неговото усвојување е уште помалку сигурно. А животите на луѓето минуваат и тие не можат законски да ги регулираат своите животи“, изјави Матија Стефановиќ од Белградскиот прајд за Радио Слободна Европа.

Горан Милетиќ, еден од организаторите, изјави во Мањеж дека слоганот на овогодинешниот Прајд „За семејството“ е избран поради клучно барање - а тоа е усвојувањето на Законот за истополови заедници.

Тој изјави дека ова е една од најсложените организации на Прајд досега поради социо-политичката ситуација.

Оваа година, Прајд е протест и „се солидаризира со студентите и граѓаните“, кои десет месеци се на улиците барајќи одговорност од властите за смртта на 16 лица во несреќа во Нови Сад.

Студентите во блокадата не ја изразија јавно својата поддршка за Прајд.

„Можеби мислат дека поврзувањето на нивните студентски протести со Прајд ќе го одвлече фокусот од примарните барања поврзани со борбата против системот и корупцијата. Веројатно постои и страв од јавни реакции, со оглед на високото ниво на хомофобија и трансфобија“, изјави Матеа Стефановиќ од организацијата Талас за РСЕ/РЛ.

Тој е редовен учесник во антивладините протести.

„Она што системот им го прави на студентите со месеци, го прави и на ЛГБТ заедницата со години. Но, и покрај сето тоа, многу ЛГБТ лица, вклучувајќи ме и мене, се на улиците.“

Иако концертот на гордоста е задолжителен дел од Белградскиот прајд, организаторите оваа година објавија дека не можат да затворат очи пред она што се случува во земјата. Организаторите објавија дека овогодинешнешната парада сепак е повеќе протест од кога било.

„На протестната прошетка, креваме бучава - за правда, за институции, за сите долгогодишни семејства невидливи пред законот, за сите транс и небинарни луѓе кои со години страдаат од системска и социјална дискриминација, како и за студентите, од кои многу се квир и кои се борат за подобра иднина 9 месеци на блокадите“, се додава во соопштението.

„Затоа оваа година, наместо музика, правиме бучава за време на прошетката“, објавија тие.

Агенција на ОН: Поштенскиот сообраќај кон САД е намален за повеќе од 80 проценти

Илустрација
Илустрација

Поштенскиот сообраќај кон САД е намален за повеќе од 80 проценти откако Вашингтон воведе нови тарифи, додека 88 оператори низ целиот свет целосно или делумно ги суспендираа услугите, соопшти Светскиот поштенски сојуз во саботата, пишува агенцијата АФП.

Агенцијата на Обединетите нации за поштенска соработка, работи на „брз развој на ново техничко решение што ќе помогне поштата повторно да оди во САД“, изјави нејзиниот генерален директор Масахико Метоки во соопштението.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави на крајот на јули дека ги откажува даночните ослободувања за мали пакети што влегуваат во САД од 29 август.

Овој потег предизвика серија најави од поштенските служби, вклучувајќи ги и оние во Австралија, Велика Британија, Франција, Германија, Индија, Италија и Јапонија, дека повеќето пакети наменети за САД повеќе нема да бидат прифаќани.

Светскиот поштенски сојуз соопшти дека податоците споделени меѓу поштенските оператори преку неговата електронска мрежа покажуваат дека сообраќајот кон САД е намален за 81 процент на 29 август, во споредба со претходната недела.

„Дополнително, 88 поштенски оператори го известија Светскиот поштенски сојуз дека ги суспендирале некои или сите поштенски услуги кон САД додека не се најде решение“, се вели во соопштението.

Меѓу нив се германската компанија Дојче Пост (Deutsche Post), британската Кралска пошта (Royal Mail) и два оператори во Босна и Херцеговина.

Светскиот поштенски сојуз, со седиште во швајцарскиот главен град Берн, е основан во 1874 година и има 192 земји-членки. Тој поставува правила за меѓународна размена на пошта и дава препораки за подобрување на услугите.

Фајнанс тинк: Нема нови работни места иако растот во вториот квартал благо забрза

Илустрација
Илустрација

Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк денеска соопшти дека растот во вториот квартал благо забрза, но не создаде нови работни места. Динамиката на економијата од вториот квартал, според Фајнанс тинк, се очекува да продолжи во текот на годината. Остануваат на проекцијата за реален раст на БДП во 2025 од 3.5 проценти, додека проекцијата за растот на цените се ревидира на 3.7 проценти (од 3.1 процент).

„Во вториот квартал од 2025, БДП се зголеми за 3.4 проценти на годишна основа, благо забрзувајќи ја динамиката од претходните квартали.Остварувањето е во линија со нашите очекувањата изразени во претходниот Макроекономски монитор и проекцијата од 3.5 проценти за целата 2025 година. Забрзувањето е, во голема мера, водено од растот во личната потрошувачка (3 проценти),која продолжи да го отсликувапозитивниот реален раст на платите, растот на пензиите и другите доходи и интензивираната кредитна поддршка на домаќинствата. Додека,јавната потрошувачка (-1 процент) се намали по интензивирањето во текот на 2024, наведува Фајнанс тинк во Макро-мониторот 14(2), за вториот квартал од 2025.

Растот на бруто инвестициите (6 проценти), укажува Фајнанс тинк, останува високо , додека,извозот (9.1 процент) и увозот (8 проценти) закрепнаа по продолжен период на стагнација и падови, но варибилноста и понатаму ги одразува неизвесностите кај трговските партнери на европскиот континент и од царинската политика на САД. На производната страна, растот во овој квартал е на широка основа како и претходно, со благи забрзувања кај земјоделството (1.8 проценти) и индустријата (3.9 проценти),а задржување на динамиката кај градежништвото (7.3 проценти) и услугите (2.7 проценти).

Како што наведува Институтот, невработеноста во вториот квартал од 2025 понатамошно благо се намали на 11.5 проценти (од 11.7 проценти). Но, посочува, во овој квартал, се намали и активноста на населението (52.2 проценти од 52.4 проценти), како резултат на што се намали вработеноста на 46.2 проценти (од 46.3 проценти).

„Овие движења упатуваат на зголемување на воздржаноста на пазарот на труд. Сепак, губењето 1,000 работни места во нето износ во однос на претходниот квартал е секторски хетерогено. Најмногу работни места се изгубени во ИТ секторот (над 4 илјади, поради глобални секторски трендови) и јавната администрација (над 3 илјади), а креирани се работни места во градежништвото (над 4 илјади), хотели и ресторани (близу 4 илјади) и земјоделството (над 3 илјади), односно секторите со солиден реален раст на додадената вредност, посочуваат од Фајнанс тинк.

Во вториот квартал од 2025, инфлацијата благо забави на 3.8 проценти на годишна основа (од 4.2 проценти), но, истакнува Институтот, и понатаму остана висока. Опстојувањето е сé повеќесврзано со ефектите од порастот на реалните доходи врз потрошувачката (раст на базичната инфлација од 4.9 проценти). Овие ризици налагаат потреба од понатамошна претпазливост и од фискалната и од монетарната страна.

Според институтот динамиката на економијата од овој квартал се очекува да продолжи во текот на 2025 година. Ризик за растот остануваат глабалните неизвесности, а на домашната сцена основен ризик е упорната инфлација.

Проекцијата за реален раст на БДП во 2025 од 3.5 проценти, додека проекцијата за растот на цените се ревидира на 3.7 проценти (од 3.1 проценти), наведуваат од Фајнанс тинк.

Нова наредба на Трамп: Земјите што неправедно притвораат американски државјани се спонзори на тероризам

Илустрација
Илустрација

Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба со која може да се означат земјите што погрешно притвориле американски државјани како државни спонзори на тероризам, вклучувајќи ги Иран, Авганистан, Русија и Кина.

На брифингот за медиумите на 5 септември, високи претставници на администрацијата изјавија дека Вашингтон ќе ги таргетира земјите што држат неправедно притворени Американци, како и оние што се вклучуваат во „заложничка дипломатија“.

„Како и со ознаката за држава спонзор на тероризам, ниедна нација не треба да сака да заврши на оваа листа“, изјави државниот секретар Марко Рубио во соопштението.

Наредбата ќе воведе казнени мерки, вклучително и санкции, за оние за кои Вашингтон смета дека неправедно притвораат Американци.

Друг висок претставник на администрацијата им рече на новинарите дека казните ќе бидат слични на оние според сегашните ознаки за странски терористички организации, вклучително и казни како што се санкции, контрола на извозот и забрана за влез во САД за оние за кои ќе се утврди дека се поврзани со нелегални притворања.

„Денес сè се менува во врска со одметнатите режими и режимите што мислат дека Американците можат да се третираат како пиони“, им рече друг претставник на новинарите.

„Денес повлекуваме многу јасна линија. Нема да ги користите Американците како адут за преговарање“, рече функционерот, зборувајќи под услов да остане анонимен.

Службениците им кажаа на новинарите дека администрацијата на Трамп обезбедила враќање на 72 американски граѓани, вклучувајќи ги и оние од Русија и Авганистан.

„Извлековме многу луѓе и ќе продолжиме“, рече претседателот Доналд Трамп на 5 септември.

Според политиката, Вашингтон ќе ја извести земјата откако ќе утврди дека имало неправедно притворање, рекоа функционерите.

Земјите ќе имаат одреден временски период да дејствуваат пред Вашингтон да воведе санкции.

Еден од функционерите рече дека Вашингтон би можел да одлучи да ги укине санкциите ако се утврди дека се преземаат правилни мерки.

„Во случај како Иран или Русија, мислам дека ќе видите промена тука“, рече функционерот.

Американските функционери рекоа дека веруваат дека Русија држи девет американски државјани. Се верува дека Иран држи осум.

Русија е под посебни санкции од САД и Европа поврзани со инвазијата на Украина што започна во февруари 2022 година.

Иран е означен од САД како држава спонзор на тероризам и е исто така под целосната листа на санкции од САД.

„Глобал Рич“, непрофитна организација која работи на обезбедување ослободување на американски граѓани кои се држат како заложници или се неправедно притворени во странски земји, го поздрави потегот.

„Оваа ознака е нешто што ќе им даде сила на напорите на владата на САД да ги врати дома притворените Американци и да ги одврати земјите што го кршат законот од вклучување во „заложничка дипломатија“, изјави извршниот директор Мики Бергман во соопштението.

Акција на полицијата на антивладиниот протест во Нови Сад

Антивладините демонстранти се судрија со полицијата за да ги разбијат демонстрациите за време на протестот на универзитетскиот кампус во Нови Сад, Србија, на 5 септември 2025 година.
Антивладините демонстранти се судрија со полицијата за да ги разбијат демонстрациите за време на протестот на универзитетскиот кампус во Нови Сад, Србија, на 5 септември 2025 година.

Полицијата интервенираше на неколку места во Нови Сад на 5 септември за време на антивладиниот протест свикан од студенти кои ги блокираа високообразовните институции.

Полицијата првично ги потисна демонстрантите пред Филозофскиот факултет во тој град, каде што се собраа демонстрантите.

За време на протестот беше фрлена голема количина пиротехнички средства и солзавец, објави репортер на РСЕ.

Полициската акција подоцна продолжи на неколку локации во Нови Сад.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објави дека полицијата ја извршувала својата работа на строго професионален начин и дека 11 полицајци биле повредени.

Вучиќ, исто така, рече дека демонстрантите „со присуство на претставници на Европскиот парламент се обиделе да ја загрозат безбедноста на Србија и да ги окупираат просториите на Филозофскиот факултет во Нови Сад“.

Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, претходно изјави дека на протестот во Нови Сад присуствувале претставникот на Европскиот парламент, Расмус Нордквист од Данска, како и Вула Цеци од Грција, копретседател на Европскиот парламент.

Студентите во блокадата по протестот објавија на социјалните мрежи дека Вучиќ „морал да го оправда доведувањето на полицијата до овој степен (во Нови Сад), па затоа повторно нападна мирни граѓани“.

„Полицијата брка луѓе на улица и апси голем број граѓани“, наведоа тие во соопштението.

Агенцијата Бета објави дека околу стотина полицајци учествувале во полициската интервенција пред факултетот, како и две возила-камиони, кои се користат за превоз на припадници на таа единица.

Овој протест претходно го повикаа студентите во блокадата, наведувајќи дека протестот е одговор на „полициската бруталност“, како и „неоправданото притворање на полицајци во зградите на два факултета во Нови Сад“.

Имено, на покана на деканот, полицијата е присутна на два факултета во Нови Сад, Филозофскиот факултет од 26 август и Факултетот за спорт и физичко образование од 1 септември.

На 26 август, деканот на Филозофскиот факултет, Миливоје Алановиќ, влезе во зградата на факултетот со неколку вработени и ги избрка студентите кои го блокираа факултетот.

На негов повик, десетици полицајци се наоѓаат во зградата континуирано од тогаш.

Исто така, на 1 септември, деканот на Факултетот за спорт и физичко образование (ДИФ) во Нови Сад, Патрик Дрид, влезе во факултетот во придружба на полицијата.

Во Србија, антивладините протести, предводени од студенти, траат повеќе од девет месеци, со кои се бара одговорност од владата за смртта на 16 лица при падот на крошната на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.

Израелската армија повикува на евакуација на градот Газа

Зграда погодена од израелски воздушен напад, во градот Газа на 5 септември 2025 година.
Зграда погодена од израелски воздушен напад, во градот Газа на 5 септември 2025 година.

Во сабота, 6 септември, израелската армија ги повика жителите на градот Газа да се евакуираат во „хуманитарната зона“ на југот од Појасот Газа, во очекување на претстојниот копнен напад врз најголемиот град на палестинската територија, како што јавува АФП.

„За да се олесни заминувањето на жителите на градот, ја прогласуваме (крајбрежната) област Ал-Маваси“ за хуманитарна зона, на југот од Појасот Газа, објави портпаролот на израелската армија на социјалните мрежи.

Портпаролот им се обрати на „жителите на Газа и на сите оние што се таму“ на арапски јазик.

„Искористете ја оваа можност да се преселите во хуманитарната зона без одложување и да им се придружите на илјадниците луѓе што веќе отишле таму“, додаде таа.

Обединетите нации (ОН) проценуваат дека околу еден милион луѓе се во градот Газа и предупредуваат на претстојна „катастрофа“ во случај на израелска офанзива врз градот.

ОН проценува дека има околу еден милион луѓе во и околу градот Газа, предупредувајќи на претстојна „катастрофа“ ако израелската армија продолжи со своите планови за освојување на градот.

Израел е под зголемен притисок дома и во странство да ја прекине офанзивата и војната во Газа.

Хамас, прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, минатиот месец се согласи на предлог за прекин на огнот, кој вклучуваше привремено примирје и постепено ослободување на заложниците што ги држи во Газа.

Сепак, Израел побара палестинската милитантна група веднаш да ги ослободи сите заложници, да го положи оружјето и да се откаже од контролата врз Газа, меѓу другите услови.

Во посебна изјава во саботата, армијата соопшти дека хуманитарната зона на југот има потребна „инфраструктура како што се теренски болници, водоснабдување и постројки за десалинизација, заедно со континуирано снабдување со храна, шатори, лекови и медицинска опрема“.

Додадено е дека хуманитарните напори во зоната „ќе продолжат континуирано во соработка со ОН и меѓународните организации, паралелно со проширувањето на копнената операција“.

Израел првпат го прогласи Ал-Маваси за безбедна зона на почетокот на војната, што беше предизвикано од напад на Хамас на 7 октомври 2023 година.

Сепак, војската оттогаш изврши бројни бомбардирања во областа, велејќи дека целта биле борци на Хамас кои се криеле меѓу цивилите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG