Загриженост и неизвесност владее помеѓу потписниците на договори во рамки на ИПАРД 3 програмата со Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој по корупциската афера во која главен осомничен е директорот Илија Стоилев, по што Северна Македонија донесе одлука за времен прекин на исплатите на парите од програмата.
Некои од сопствениците на компании со кои разговараше РСЕ велат дека стравот е присутен, но, за него јавно никој јавно со име и презиме не сака да говори.
Официјален став за настанатата ситуација и најавениот прекин на плаќањата не може да се добие ниту од асоцијациите на земјоделски задруги, а „без коментар“ беа и од Агро комората при Сојузот на стопански комори.
Обвинителството оформи предмет и го сомничи Стоилев примил ветување за поткуп од 50.000 евра од управител на приватно правно лице, под услов да потпише договор за користење на финансиски средства од ИПАРД програмата иако фирмата не ги исполнувала условите од јавниот повик.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска негираше дека средствата од ИПАРД се блокирани од ЕУ по аферата во Агенцијата и апсењата на директорот Илија Стоилев и четворица други осомничени.
Мицкоски кажа дека тој побарал да запре исплатата на средствата, иако Европската комисија не ги блоирала самата, иако тоа го побарал, за како што рече, да се види до каде одела злоупотребата.
„Првичните информации говорат дека тоа не е од сега туку години наназад тоа е правено, така што се ќе истражиме и секој кој што мисли дека така ќе помине - се лаже. Има да одговараат сите од прв до последен. Кој сака нека биде“, рече Мицкоски.
Реагираа од СДСМ, од каде рекоа дека исплатите на ИПАРД не може да ги стопира ниту премиер, ниту министер.
„Тоа го прави Националниот овластен службеник за авторизација (НОА), институција што делува во рамки на Министерството за финансии, но работи независно, според европски пропишани правила и стандарди. Тоа значи дека НОА не постапува по налог на Владата или на Мицкоски, туку исклучиво по сигнал од Европската комисија или по внатрешна проценка за ризик на системот за контрола на исплатите“, се вели во соопштението на СДСМ.
Вчера, Министерството за финансии соопшти дека Северна Македонија преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД инструментот на Европската унија донесе одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата.
„За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на Националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција“, соопшти Министерството за финансии.
Бачовски: Компаниите се во грч
Последната база на податоци објавени на веб – страницата на Агенцијата заклучно со средината на јули покажува дека во текот на 2025 година се потпишани 25 договори за мерката техничка помош. Овие компании аплицирале за европски пари во делот на преработка, пакување, производство и проширување на капацитетите.
Поранешниот директор на Агенцијата, Никола Бачовски во разговор за РСЕ вели дека тоа се компании кои веќе имаат влезено во реализација на нивните инвестиции, а по суспендирањето на плаќањата веќе бараат консултации што можат да очекуваат.
Како што вели Бачовски, фирмите се надеваат суспензијата да трае од месец до два, но, напоменува дека тоа зависи како ќе се однесуваат националните органи колку ќе се фокусираат на реалниот проблем кој ја предизвика суспензијата, за која вели дека е персонален чин на директорот.
„Фирмите имаат рок за реализација на инвестицијата и откако ќе ја реализираат поднесуваат барања за исплата до агенцијата и таа во рок не подолг од 6 месеци да им ги исплати парите назад. Сега овие рокови може да се пробијат бидејќи не знаеме до кога оваа суспензија ќе трае. Под најголем ризик се оние кои имаат склучено договори имаат влезено во реализација на инвестиција и оваа суспензија и може да го одложи на неопределено време, за стотици договори, милионски проекти иако има и ситни проекти земјоделци кои имаат вложено да си купат трактор“, вели Бачовски.
За Лилјана Јоноски од невладината организација „Рурална коалиција“ е премногу рано да се изгради комплетен став за стопираните пари за исплата бидејќи смета дека има многу отворени прашања.
„Ако треба да има исплати сега, тие ќе бидат позагрозени бидејќи во ИПАРД-от однапред се вложуваат сите средства. Има инвестиции од преработувачката индустрија и големи вложувања, не се само земјоделците. Немаме чиста слика во моментот, колку време ќе биде, што е ставот на Брисел. Дали значи за тие веќе што договорите ги имаат склучено, има повеќе фази и етапи“, вели Јоноска.
Од Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија изјавија дека Европската комисија побарала дополнителни информации од националните институции и ја задржува можноста да преземе превентивни мерки за заштита на финансиските интереси на ЕУ.
„ Ја поздравуваме одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од ИПАРД 3 додека не се разјаснат околностите. Со оглед на тоа дека во моментов во тек е истрага, не би можеле да дадеме дополнителни коментари“ – велат од Делегацијата.
Оттаму посочија дека очекуваат „институциите од Северна Македонија да постапуваат со целосна сериозност по ова прашање“.
ИПАРД 3 програмата за период од 2021–2027 има предвиден вкупен буџет од околу 97 милиони евра. Овие средства се распоредени по различни мерки: инвестиции во земјоделски стопанства, во преработка и маркетинг, диверзификација на рурални бизниси, советодавни и техничка помош, како и локален развој.
ИПАРД 3 е претпристапна програма наменета за земји кандидати за членство во ЕУ и претставува витален инструмент за подобрување на конкурентноста на земјоделската привреда и руралното развој пред целосна интеграција во унијата.