Какви пораки испративте до институциите преку досегашните протести и кои се вашите барања?
Миленковска: Ви благодарам за можноста да зборуваме малку повеќе и подиректно на оваа тема, бидејќи многу често се занемарува и само кога ќе се случи одреден фемицид или родово базирано насилство, само неколку дена се адресира во јавноста. Меѓутоа, нашата цел е да продолжиме да претестираме секој четврток, сѐ дoдека не видиме сериозни промени.
И иако денес пред вас ги прочитавме конкретните барања, јас би нагласила дека ова не се едноставни граѓански барања, туку веќе црвена линија која одново и одново ја повторуваме, секој Осми март, секој 25 ноември и секој втор ден, кога ќе видиме нов случај на родово базирано насилство.
Но, поконкретно, она што се бара и она што се очекува во однос на одговорноста, освен лажни ветувања и префрлање на одговорноста од институција на институција, бараме измени во кривичниот законик кој ќе дозволи насилството кон жените, односно телесната повреда, присилба и загрозувањето на сигурноста да се гони по службена должност. Закон којшто веќе е поднесен и за кој бараме Владата и Собранието да го приоретизираат неговото изгласување.
Бараме законско уредување, актот на насилство кон жените да се стави на повисоко ниво и јасни финансиски конструкции коишто ќе гарантираат дека се обезбедени средства за спроведување на постоечките и потенцијалните нови законски измени.
Бараме забраната за приближување да се ревидира, да може да трае повеќе од 30 дена, дури и да биде доживотна.
Надзорна расправа исто така, во Собранието за спроведување на законите на заштита на жените од насилство и целосен увид во тоа како институциите и полицијата се справуваат вообичаено во случај на пријави, да се даде отчетност пред граѓаните зашто сѐ уште имаме фемициди.
Фемицидот во Велес е еден од многуте, каде што гледаме патерн (образец) на повторување, каде што жртвата пријавувала години наназад, или неколкупати наназад и не била сфатена сериозно. Единствено, жртвите се слушаат кога се веќе мртви.
Ние не сакаме тој глас да дојде до тој степен, да зборуваме ние во нечие име, кога веќе не е повеќе тука со нас.Не сакаме да треба да биде некој како Пале, да треба да се самозаштити од насилството, кое се случувало само со години, исто во Велес.
Не сакаме како жената од Шуто Оризари којашто неколку пати пријавила и повторно била игнорирана додека не ја убил нејзиниот партнер, да видиме некаква промена во тоа што значи да се биде жена во нашето општество.
Гонењето по службена должност на случаите на семејно насилство е една од измените коишто се предвидуваат кога станува збор за кривичниот законик. Колку сметате дека тоа, условно кажано, ќе ги обесхрабри насилниците? Што ќе значи оваа промена за жените?
Миленковска: За жал, ние мораме да бидеме многу искрени сами со себе за тоа кој е контекстот во којшто живееме.
Не мислам дека ќе ги обесхрабри насилниците да продолжат да бидат насилници. Не е ни поентата само поголеми казни за да видиме одредена промена во нашето општество.
Потребни се сериозни мерки на образовна основа, потребно е сеопфатно сексуално образование, потребно е унапредување на родовата еднаквост како политички концепт во нашето општество за да видиме дека насилството всушност, не е начин на комуникација.
Не е нешто што треба да е нормализира во нашето општество и ние кога ќе се справиме со културата на насилство, тогаш може да видиме како овие законски одредби ќе имаат некаков ефект.
Меѓутоа, оно што во моментов ние како алатка со којашто се трудиме да направиме некаква промена, е тоа дека мораме да тргнеме преку законите за да видиме некаква политика да се промени, за да видиме никаква култура да се промени, потребни се закони кои барем минимално ни гарантираат дека постои никаков праг на заштита.
За жал, свесни сме дека и да ги имаме најдобрите закони, што за некои аспекти ги имаме унапредено меѓутоа не е можеби на највисокото ниво, сепак кога станува збор за имплементирање на тие закони, е она каде што се потрфла.