Достапни линкови

Трамп ги критикува ЕУ и Украина, додека дипломатските преговори траат во Женева


Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Дипломати од САД, Украина, Велика Британија, Германија и Франиција во Женева разговараат за мировниот план на претседателот Доналд Трамп од 28 точки, план за кој сојузниците на Киев велат дека е во голема мера проруски.

Американскиот претседател Доналд Трамп упати остри критики кон Украина и европските земји додека дипломатите од САД, Украина, Британија, Франција и Германија се собраа во Женева на разговори за ставање крај на најголемиот конфликт во Европа по Втората светска војна.

Состаноците во швајцарскиот град покрај езерото се фокусираат на планот од 28 точки за запирање на борбите што беснеат од целосната руска инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

Планот сè уште не е официјално објавен, иако клучни елементи протекоа во јавноста, поттикнувајќи ги сојузниците на Киев да сугерираат дека е силно наклонет кон Русија.

Трамп претходно рече дека планот не е негов „конечен збор“, навестувајќи дека можни се измени. Но, неговите коментари на социјалната платформа Truth Social од 23 ноември укажаа на фрустрација со позициите на Европа и Украина.

„Украинското ‘раководство’ не покажа никаква благодарност за нашите напори, а Европа продолжува да купува руска нафта“, напиша тој во коментар напишан целосно со големи букви.

Две земји членки на Европската унија и понатаму купуваат руска сурова нафта: Унгарија и Словачка. Турција, која е членка на НАТО, исто така купува руска сурова нафта.

Коментарите на Трамп потсетуваат на жестокиот состанок во Белата куќа во февруари, кога потпретседателот Џеј Ди Ванс го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека не искажува благодарност за масивната американска воена и економска поддршка.

Сепак, Зеленски често ја изразува својата благодарност, како за време на неговата посета на Вашингтон во август.

Со почетокот на состаноците во Женева, Зеленски напиша на социјалните мрежи: „Ги очекувам резултатите од денешните разговори и се надевам дека сите учесници ќе бидат конструктивни. Сите имаме потреба од позитивен исход.“

Што содржи договорот?

Многу од условите во предложениот договор бараат обемни отстапки од Киев и изгледа дека ги пресликуваат многу од барањата на Кремљ, вклучително и предавање на украинските региони Доњецк и Луганск, познати како Донбас, како и Крим, заедно со ограничувања на големината на украинската армија.

Киев, исто така, би бил обврзан да воведе уставна забрана за приклучување кон НАТО, додека врз самата западна воена алијанса би биле наметнати ограничувања за стационирање на нејзини трупи.

Финансиските санкции кон Москва, исто така, би биле олеснети според планот.

За возврат, Украина би добила некаква форма на „безбедносни гаранции“, најзначајно од Соединетите Држави, би ѝ било дозволено да се приклучи на Европската унија и би добила одредени финансиски придобивки. Русија, пак, би била обврзана да се повлече од некои украински територии што моментално ги окупира.

Во услови на отпор од американски законодавци и странски сојузници, Трамп на 22 ноември остави можност за промени во планот.

На прашање од новинарите дали неговиот предлог е неговата „конечна понуда за Украина“, Трамп рече: „Не.“
„Се обидуваме да го завршиме. На еден или друг начин, мора да го завршиме,“ додаде тој.

Европските сојузници на Украина, кои не учествувале во изготвување на американскиот план, изјавија дека предлогот бара „дополнителна работа“.

Во заедничка изјава, лидерите на Британија, Германија, Франција, Шпанија и Италија, заедно со високите претставници на ЕУ и лидерите на Јапонија и Канада, предупредија дека границите „не смеат да се менуваат со сила“.

Тие изразија загриженост дека предложените ограничувања на украинската армија би ја оставиле земјата ранлива на идни напади.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во неделата дека контроверзниот американски план за ставање крај на војната со Русија може да содржи „украински перспективи“, во момент кога делегации одржуваат разговори во Женева.

„Во овој момент постои разбирање дека американските предлози може да вклучуваат низа елементи засновани на украински гледишта и критични за украинските национални интереси“, напиша тој на социјалните мрежи.

Во заедничка изјава, лидерите на Велика Британија, Германија, Франција, Шпанија и Италија, заедно со високи претставници на ЕУ и лидерите на Јапонија и Канада, предупредија дека границите „не смеат да се менуваат со сила“. Тие изразија загриженост дека предложените ограничувања за украинската војска ќе ги остават ранливи на идни напади.

Како поморот од глад ја открива вистинската цена на руската контрола врз Украина? Како поморот од глад ја открива вистинската цена на руската контрола врз Украина?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:43 0:00

Одделно, Балтичката група од 8 земји соопшти дека разговарале со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да ја потврдат својата поддршка за Киев и ветија дека ќе продолжат со испораките на оружје, а воедно ќе ја зајакнат европската одбрана за да се спречи понатамошна руска агресија.

Во заедничка изјава, Данска, Естонија, Финска, Исланд, Летонија, Литванија, Норвешка и Шведска потсетија дека „Русија досега не се обврзала на прекин на огнот или на какви било чекори што водат кон мир“.

„Решенијата што го почитуваат суверенитетот на Украина и што ќе донесат поголема безбедност и стабилност во Украина и Европа имаат наша целосна поддршка“, се додава во соопштението.

Демократи и републиканци реагираат

Планот на САД, исто така, предизвика критики од влијателните членови на Републиканската партија на Трамп, вклучително и заедничка изјава со ривалските демократи во која се повикува на измени во предлогот.

„Ние нема да го постигнеме тој траен мир нудејќи му на (рускиот претседател Владимир) Путин отстапка по отстапка и фатално деградирајќи ја способноста на Украина да се брани“, се вели во соопштението потпишано од тројца демократи, еден републиканец и еден независен сенатор.

„Историјата нè учи дека Путин разбира само сила и нема да се придржува до никаков договор освен ако не е поткрепен со сила“, се додава во него.

Ветеранот, републикански сенатор Мич Меконел, поранешен лидер на Сенатот, напиша на X дека „наградувањето на руското крвопролевање би било катастрофално за интересите на Америка“.

Републиканецот Роџер Викер, претседател на Комитетот за вооружени сили на Сенатот, рече дека е „многу скептичен“ дека планот ќе донесе мир.

„Украина не треба да биде принудена да ги отстапи своите територии на еден од најфлагрантните воени злосторници во светот, Владимир Путин“, рече тој во соопштението.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, кој патува во Женева на разговори, ги негираше изјавите на републиканскиот сенатор Мајк Раундс, демократката Џин Шахин и независниот Ангус Кинг дека предлогот не е составен од Вашингтон, туку дека тоа е „список на желби“ на Кремљ што му го дале Русите.

Одбрана на Покровск: Битка за заштита на виталната рута за снабдување
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:16 0:00

„Она што тој (Рубио) ни го кажа беше дека ова не е американски предлог. Ова беше предлог што го примил некој... кој ја претставувал Русија во овој предлог. Му бил даден на (дипломатскиот претставник на Трамп, Стив) Виткоф“, рече Раундс, пренесувајќи ги она што тој го нарече детали од телефонскиот разговор со Рубио.

Рубио, во објава на мрежата X, инсистираше дека предлогот е „напишан“ од американската администрација „врз основа на придонеси од руската страна“, но дека „тој е исто така базиран на претходни и тековни придонеси од Украина“.

„Најтешки моменти“

Зеленски рече дека неговата земја се соочува со „еден од најтешките моменти“ во својата историја, предупредувајќи дека ризикува да го изгуби еден од своите клучни сојузници - Вашингтон - но дека Киев нема да ги „издаде“ сопствените интереси во никакви преговори.

Зеленски го назначи својот началник на кабинетот Андриј Јермак за главен преговарач и шеф на деветчлениот тим во Женева. Шефот на воената разузнавачка служба Кирило Буданов е исто така во делегацијата.

Германската новинска агенција ДПА цитираше неименувани владини извори во Берлин кои велат дека Германија, Велика Британија и Франција ќе вршат притисок врз Вашингтон на разговорите да го ревидира својот мировен план и веќе им испратиле предложени измени на Американците.

XS
SM
MD
LG