Достапни линкови

„Дискотеката „Пулс“ во Кочани со години била буре барут“, оцени еден од обвинителите на првото рочиште


Почеток на судењето за трагедијата во Кочани, Скопје, 19.11.2025
Почеток на судењето за трагедијата во Кочани, Скопје, 19.11.2025

По осум месеци почна судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која на 16 март загинаа 63 луѓе, а 200 беа повредени. Во своето излагање, обвинителот Борче Јанев детално ја опиша кобната ноќ и ги истакна клучните фактори што довеле до трагедијата. Судењето продолжува на 25 ноември.

„Катастрофата што се случи во дискотеката 'Пулс' во Кочани не настана само од пропусти на една човечка рака... Овој настан не е несреќа или случајна игра на судбината. Се работи за цел сплет и низа на надоврзани пропусти, синџир од замижувања“.

Ова беа дел од воведните зборови со кои кочанскиот обвинител Борче Јанев на 19 ноември го презентираше обвинителниот акт на првото рочиште од судењето за пожарот во дискотеката во Кочани кој одзеде 63 жртви, а над 200 лица беа повредени.

Тој кажа дека со години односно отсекогаш клубот „Пулс“ бил „смртоносна стапица“ и „буре барут“.

Неговото излагање во детали за трагичниот настан што се случи ноќта меѓу 15 и 16 март и околностите што довеле до него, во судница покрај обвинетите го следеа и најголемиот дел од родителите на загинатите лица.

Дел од обвинетите во предметот за пожарот во Кочани на првото рочиште на 19 ноември.
Дел од обвинетите во предметот за пожарот во Кочани на првото рочиште на 19 ноември.

Газдата на „Пулс“, кој е меѓу обвинетите, според зборовите на обвинителот, никогаш не го интересирала безбедноста и тој со години ги заобиколувал институционалните пречки.

Вкупниот број на обвинети во судскиот процес е 35 лица и три фирми. Меѓу нив поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници.

„Никулците на ова невидена катастрофа биле одамна изникнати. Доказите ќе покажат дека опасноста која демнела со години никој од овие обвинети не сакал да ја согледа и види. Меѓутоа, тие требале, морале и биле должни да ја видат и спречат“, рече меѓудрогото Јанев.

Ако објектот каде бил сместен ноќниот клуб ги исполнувал стандардите, како што потенцираше обвинителот, „пожарот сам за себе ќе се запаметеше како опасен инцидент, но не и како масовна гробница“.

Неговите воведни зборови беа поздравени со аплауз од родителите и роднините на загинатите и повредените, а со тоа и заврши првото рочиште од судскиот процес.

Јанев е еден од 10-те обвинители што денеска присуствуваа на рочиштето. Вкупно, како што беше најавено, обвинението ќе го бранат 15 обвинители, зависно кој дел од истрагата работел секој од нив.

Судењето ќе продолжи во вторник, 25 ноември, со изјаснување за вина на обвинетите и воведни зборови на одбраната.

Барања за одложување и скептицизам кај роднините на жртвите

Судскиот процес за пожарот во Кочани се одвива во најголемата судница во државата која беше изградена кај затворот „Идризово“ на периферијата на Скопје.

Обвинети, адвокати, обвинители, роднини, новинари уште од утрински часови на 19 ноември ја преполнија салата.

Во судница беа и дел од повредените, а некои од роднините носеа маици со фотографии од загинатите.

Станува збор за обемен предмет, не само по бројот на бранители, туку и по временскиот период што го опфаќа – последните 13 години.

Судењето се одвива во најголемата судница во земјата, кај затворот „Идризово“ на периферијата на Скопје.
Судењето се одвива во најголемата судница во земјата, кај затворот „Идризово“ на периферијата на Скопје.

А пред да се презентира обвинението со воведните зборови на обвинителството, од рочитешто поминаа неколку часа додека судот да ги евидентира сите присутни и да ги запише полномошната на сите засегнати странки.

Дополнително, пред воведните зборови речиси сите адвокати на обвинетите бараа прекин на денешното рочиште.

Сепак судечкиот совет не го прифати нивното барање и не дозволи одложување на судењето. Им беше сугерирано дел од забелешките да ги достават на следното рочиште кога тие ќе даваат воведни зборови.

Адвокатите како причина за одложување го наведоа спојувањето на две судски постапки, односно тоа што кон првичниот предмет со 34 обвинети и три фирми се додаде и случајот со агенцијата „Рубикон“ задолжена за обезбедувањето на „Пулс“. Со ова вкупниот број на обвинети во овој предмет е 35 лица и три фирми. Така, од два, се направи еден интегрирран обвинителен акт.

Како втор аргумент, адвокатите го наведоа тоа што обвинителите со спојувањето на двете судски постапки, доставија и ревидирана листа на докази односно сведоци.

„Со оглед на спојувањето на обвиненијата, и со оглед дека обвинителството најави редуцирање на докази, постои хендикеп кај одбраната да се произнесе за доказите. Во оваа смисла барам од судот да ни овозможи увид во новото обвинение и редуцираната листа докази со дополнителен период за да можеме да доставиме дополнение на листата на докази“, рече еден од адвокатите.

По 8 месеци, почнува судската разврска за трагедијата во дискотеката во Кочани
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:16 0:00

Обвинителите, пак, се спроставија на одложувањето бидејќи тврдат, суштински нема никаква промена.

„Ништо не е променето суштински во дејствијата на обвинетите ниту во правната квалификација, ниту се работи за доставување на нова листа докази досега непозната на одбраната“, рече обвинителот Борче Јанев.

Ваквите барања, пак, предизвикаа спектицизам кај родителите на загинатите.

„На самиот старт на судското рочиште наидуваме на еден голем скептицизам и гледаме разработена игра, шема на претставници на адвокати и на обвинети кои манипулираат на разни можни начини нашата болка уште да ја продлабочи", рече Тома Стојанов, татко на загинатиот Андреј Стојанов.

Тој додаде дека се чувствуваат изманипулирани и стравуваат дека ќе ги снајде истата судбина како и семејствата во други судски процеси, посочувајќи ги случаите со автобуските несреќи на компаниите „Дурмо Турс“ кај скопско Ласкарци во 2019 и на „Беса транс“ во Бугарија во 2021, како и пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година.

Забелешките во јавноста и реакциите на семејствата за овие случаи беа дека траат предолго и дека не е лоцирана целосната вина.

В0 случајот со Кочани на почетокот на судењето, судијката Дијана Груевска-Илиевска која го води процесот, рече дека судечкиот совет може да гарантира транспарентност и професионалност, но не сакаше да прогнозира кога ќе заврши судскиот процес.

„Знам за болката, сите тука сме родители, ќе имаме почит кон болката и тагата, но ние сме професионалци и мора да ги испочитуваме правата на сите. Не можеме да ви гарантираме брзина во судењето, но ќе направиме сѐ, за процесот да се одвива непречено... Колку ќе трае никој не знае. Дали ќе трае пет месеци, пет години, никој не знае. Да не прејудицираме“, рече судијката обраќајќи им се присутните странки и родителите.

Кои се обвинетите?

Судскиот процес започнува по околу осум месеци од трагедијата. Семејствата на загинатите секоја сабота организираа „Марш за ангелите“ низ Кочани барајќи правда. Во пресрет на судењето, маршираа и во Скопје каде добија поддршка од илјадници граѓани.

Трагедијата во Кочани се случи ноќта помеѓу 15 и 16 март, за време на настап на музичката група ДНК - искри од пиротехниката го потпалиле таванот во дискотеката, огнот брзо се проширил, а паниката и тесниот излез од објектот предизвикале и стампедо.

Според обвинението, објектот не ги исполнувал ниту минимално техничките услови за вршење угостителска дејност, немал одобрение за реконструкција, немал основен проект за реконструкција и елаборати како и посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи, а не бил изработен и план и процена за заштита и спасување.

Меѓу 35-те обвинети, тројца се одговорни лица, сопственици и управители на фирмата КЛАСИК ДМ – Кочани со подружница Кабаре ПУЛС и фирмата ММММ КАФЕ – Кочани, кои вршеле угостителска дејност во кобниот објект од декември 2012 година. Меѓу обвинетите е и братот на сопственикот на дискотеката кој, според обвинителството, бил одговорен за продажба на билети и контрола на бројот на гости и нивната возраст.

Во „Пулс“, на кобната ноќ според проценките на обвинителството, имало над 500 лица.

Со статус обвинети се и тројца поранешни градоначалници на Кочани. Љупчо Папазов (ВМРО-ДПМНЕ), кој беше на функцијата во моментот на трагедијата, како и неговите претходници Николчо Илијев (СДСМ) и Ратко Димитровски (ВМРО-ДПМНЕ). Според обвинителството, тие знаеле дека во градот постои ноќниот клуб „Пулс“, но не преземале ништо односно локалот не бил впишан во регистарот на општината согласно Законот за угостителска дејност. Тие, како што тврди обвинителството, овозможиле локалот да работи и сопственикот да си плаќа надоместок за вршење угостителска дејност – кабаре.

Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, како поранешни министри за економија, исто така, се опфатени со обвинението. На списокот се и еден државен секретар и петмина службеници од Министерството за економија кое е надлежно за издавање лиценци за ноќните клубови.

Обвинет е и актуелниот министер без ресор во Владата, Шабан Салиу, кој се гони како поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, заедно со уште тројца други бивши директори, но и еден генерален инспектор кој бил раководител на инспекциска служба во ДЗС.

Се гонат и локални инспектори, како што се на пример, тројца градежни инспектори од Општина Кочани, членови на обезбедувањето…

Шест месеци од пожарот во Кочани: „Светлина за ангелите“
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:49 0:00


Предметот, според одлука на Врховниот суд, беше доделен на Основниот кривичен суд Скопје бидејќи во судовите во Штип и Струмица нема доволен број судии од кривичната материја. Но, и затоа што Врховен сметаше дека во случајот треба да постапуваат „судии со стекнато искуство и познавање на кривичната материја кои ќе овозможат ефикасно, стручно и законито постапување, а воедно ќе придонесат за сензибилизирање на јавноста“.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG