Вести
Притвор од 30 дена доби осомничен ресенчанец за силување на шестгодишно девојче

Притвор од 30 дена доби жител од Ресен поради сомневање дека силувал шест годишно девојче. Битолското обвинителство соопшти дека против него е отворена истрага по пријава за кривично дело „силување дете кое не наполнило 15 години“.
„Постои основано сомнение дека пријавениот на 2 јуни во Ресен извршил други полови дејствија врз девојче родено во 2017 година, со кое бил сосед. Тој притоа искористил прилика додека жртвата, нејзината сестра и внуката на осомничениот заедно си играле,“ се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Според полицискиот билтен приведениот имал 59 години , и полицијата доцна во ноќта го привела по пријава дека во паркчето кај населбата „Пролет“ во Ресен, се соблекол и допирал по телото малолетничка.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, оценувајќи дека тој би можел да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и врз оштетеното дете или да го повтори делото.
види ги сите денешни вести
Романија пронајде нови делови од дрон близу границата со Украина

Нови делови од дрон беа пронајдени во источниот романски округ Тулча, сосед на Украина, во понеделник на 29 септември, изјави романскиот министер за одбрана Јонут Мостеану, јави Ројтерс.
Експерти од Министерството за одбрана ги собираат деловите од дронот за натамошна истрага.
Претходно, неидентификувани дронови биле забележани ноќта меѓу 26 и 27 септември над најголемата воена база во Данска, во низата забележани надлетувања што данските власти ги нарекоа „хибриден напад“.
Мистериозните набљудувања со беспилотни летала доведоа до тоа да се затворат неколку аеродроми во Данска.
На 9 и 10 септември, околу 20 руски дронови наводно влегоа во полскиот воздушен простор за време на напад на Украина, што доведе до затворање на аеродромите и полетувања на авиони на НАТО.
Српската нафтена индустрија бара од САД да и издадат нова специјална работна лиценца

Нафтената индустрија на Србија (НИС) во понеделник (29 септември) објави дека поднела ново барање до Министерството за финансии на Соединетите Држави (САД) за издавање посебна лиценца со која се одложува целосната примена на санкциите и се овозможува непречено извршување на оперативните активности на компанијата.
НИС, исто така, поднесе амандман на барањето за отстранување од листата на санкции на Специјално назначени државјани (Specially Designated Nationals).
„Тоа е долгорочен и сложен процес, а првичното барање беше испратено на 14 март оваа година“, се наведува во соопштението.
Во јануари, САД воведоа санкции врз НИС поради руска сопственост.
Досега, санкциите беа одложени шест пати, последниот пат до 1 октомври, но српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека рокот е дополнително продолжен за уште осум дена.
Санкциите на САД имаат за цел, меѓу другото, да го спречат финансирањето на војната во Украина, преку пари што доаѓаат од руски енергетски компании.
Во меѓувреме, сопственичката структура на НИС е променета неколку пати, но таа сè уште е претежно во рацете на руски компании.
Газпром го напушти сопствеништвото на НИС во септември, а еден од важните сопственици стана друга компанија управувана од Газпром - компанијата „Интелиџенс“ од Санкт Петербург.
Акционерското друштво „Интелиџенс“ стана сопственик на 11,3 проценти од акциите на компанијата, според податоците објавени на веб-страницата на Белградската берза на 21 септември.
Најголемиот удел во НИС сè уште го држи Газпром Нефт, подружница на Газпром (44,9 проценти), а Државата Србија држи 29,9 проценти. Другите акции ги поседуваат мали акционери.
Орбан: Украина не треба да се грижи за унгарските беспилотни летала

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го минимизираше наводното кршење на украинскиот воздушен простор со беспилотни летала од страна на неговата земја, велејќи дека „никој“ нема да ја нападне воено разурнатата нација од правец на Унгарија.
Орбан е најжестокиот критичар на Украина во Европската Унија, одбивајќи да испрати воена помош на земјата за да се бори против руската инвазија.
Унгарија, исто така, ги попречи построгите санкции кон Москва и го блокираше обидот на Киев за членство во ЕУ.
Коментарите на националистичкиот лидер следуваат откако Украина ја обвини Унгарија за кршење на нејзиниот воздушен простор со неколку беспилотни летала кои наводно се обидувале да шпионираат во нејзините гранични области, дополнително затегнувајќи ги односите меѓу двата соседа.
Киев тврди дека извидувачките беспилотни летала биле забележани во петокот наутро, двапати преминувајќи ја украинската граница од Унгарија во западниот регион Закарпатија.
„Украина не е во војна со Унгарија, туку со Русија. Затоа треба да биде загрижена за беспилотните летала на нејзината источна граница, бидејќи тука има земји-членки на НАТО“, рече унгарскиот премиер во подкаст на социјалните медиуми, воден од портпаролот на неговата партија.
„Позадината на Украина е безбедна. Никој нема да ја нападне оттаму“, рече Орбан.
Тој истакна дека прашањето е „фарса“ што нема „никакво значење“ и дека унгарскиот министер за одбрана негирал дека унгарските беспилотни летала влегле во украинскиот воздушен простор.
„Но, еве да речеме дека летале неколку метри. Па што? Украина не е независна земја. Украина не е суверена земја. Ние ја држиме Украина на површина. Западот ја држи на површина. Ние им го даваме нивното оружје. Украина не треба да се однесува како да е суверена држава“, изјави Орбан.
Украина аплицираше за приклучување кон 27-члената ЕУ неколку дена по почетокот на војната во 2022 година, но не можеше да ги унапреди разговорите за членство поради ветото на Орбан.
Унгарија вели дека приклучувањето на Украина кон блокот би претставувало безбедносни ризици и дека додека е во војна ризикува да ја вовлече ЕУ во конфликт со Русија.
Украина ги отфрла ваквите тврдења како неосновани.
Европската народна партија ги повика лидерите на СНС на разговори во врска со внатрешна истрага

Претседателот на Српската напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ, изјави дека тој и функционерката на таа партија и претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, ќе разговараат со Европската народна партија (ЕНП) на 22 октомври во врска со жалбите поврзани со владејачката партија во Србија.
Вучевиќ на 29 септември изјави дека верува оти сè ќе биде во ред со статусот на партијата во ЕПП.
„Ана и јас добивме покана, ако не се лажам, на 22 октомври да одиме во ЕПП на разговори во врска со овие жалби поврзани со СНС“, изјави тој за телевизијата К1.
Европската народна партија на 25 септември објави дека започнала внатрешна истрага во врска со улогата на Српската напредна партија во рамките на ЕНП.
„Ова не е официјален правен процес на суспендирање или исклучување во ЕНП, туку темелна и брза внатрешна истрага со отворени резултати“, се наведува во соопштението објавено на официјалната веб-страница.
ЕНП е најголемата групација во Европскиот парламент и ги собира популарните и конзервативните партии од десниот центар од цела Европа.
СНС, како партија од земја што не е членка на ЕУ, е нејзин придружен член од 2016 година.
Можноста за преиспитување на членството на СНС во Европската народна партија ја објави на 9 септември претседателот на парламентарната група на таа партија во Европскиот парламент, Манфред Вебер, наведувајќи дека „ЕНП не е слепа за настаните во Србија“, осврнувајќи се на десетмесечните антивладини демонстрации по смртта на 16 лица при падот на настрешницата во Нови Сад.
На 9 септември, во Европскиот парламент во Стразбур се одржа дебата за антивладините протести во Србија.
Пред дебатата за Србија, лидерите на Европската зелена партија ги повикаа лидерите на ЕУ да размислат за понатамошно финансирање на Србија „поради автократските тенденции на нејзиниот лидер Александар Вучиќ“.
Зелените, исто така, побараа реакција од институциите на Европската Унија на постапките на властите во Србија кон демонстрантите.
На дебатата за Србија на маргините на сесијата на Европскиот парламент, дел од европратениците се согласија и за потребата од испраќање мисија во Србија со цел да се процени ситуацијата на терен.
Единаесет месеци во Србија траат антивладини протести, на кои се бара политичка и кривична одговорност за смртта на 16 лица на железничката станица во Нови Сад.
Францускиот обвинител ги отфрла обвинувањата за „омраза“ кон Саркози

Францускиот врховен обвинител за финансиски криминал Жан-Франсоа Бонер, чија канцеларија го водеше случајот против поранешниот претседател Никола Саркози за финансирање на кампањата од Либија, соопшти дека истрагата против десничарот не била мотивирана од „омраза“.
Саркози во четврток беше осуден на пет години затвор, откако судот утврди дека им дозволил на своите соработници да му пристапат на либискиот диктатор Моамер Гадафи за да помогне во финансирањето на неговата претседателска кампања во 2007 година.
Поранешниот претседател, кој следниот месец ќе биде известен кога треба да ја почне да ја издржува затворската казна, веднаш по пресудата изјави дека „омразата“ кон него „навистина нема граници“.
„Ние немаме омраза. Нашиот компас е законот, тоа е владеењето на правото,“ рече обвинителот Бонер во ретки јавни коментари за РТЛ.
Тој, исто така, ги потврди осудите што веќе ги изразија Елисејската палата и францускиот претседател Емануел Макрон за „неприфатливите“ закани кон судството по пресудата.
Саркози, 70-годишен, кој ја водеше Франција од 2007 до 2012 година и сè уште има влијание врз десницата и покрај повеќе пресуди, остана непокорен по одлуката, изјавувајќи во интервју објавено во неделата дека таа „ги прекршила сите граници на владеењето на правото“.
Тој ја обжалил пресудата, иако според условите на одлуката тоа нема никаков ефект врз неговото затворање.
Во интервју за весникот „Неделен весник“ (Journal du dimanche), Саркози рече дека „во никаков случај“ нема да побара помилување од Макрон.
„За да бидеш помилуван, мораш да ја прифатиш казната и со тоа да ја признаеш својата вина. Јас никогаш нема да признаам вина за нешто што не сум го сторил. Ќе се борам до последниот здив за да ја признаат мојата чесност,“ рече тој и додаде: „Ќе победам.“
Иако се очекува во наредните недели да оди во затвор, Саркози во саботата сепак беше забележан на стадионот „Парк де Принс“ во Париз, гледајќи го натпреварот на ПСЖ против Оксер во француската фудбалска прва лига, јави фотограф на АФП.
По ОН, и ЕУ го потврди повторното воведување санкции за Иран

Европската Унија во понеделник (29 септември) потврди дека повторно воведува сеопфатни санкции врз Иран поради неговата нуклеарна програма, додека Обединетите Нации повторно ги воведоа своите сеопфатни казнени мерки.
ОН го презеде тој чекор во текот на викендот, откако западните сили активираа таканаречен механизам „snapback“ за враќање на санкциите предвидени во нуклеарниот договор од 2015 година, со кој се укинати санкциите врз Иран.
Санкциите повторно воведени од блокот од 27 земји вклучуваат мерки на ОН со кои се забранува соработка со активностите на Техеран за нуклеарни и балистички ракети.
Сепак, тие се прошируваат и вклучуваат финансиски мерки, вклучително и замрзнување на средствата на централната банка на Иран.
Техеран го осуди како „неоправдано“ повторното воведување на санкциите на ОН.
И покрај повторното воведување, западните лидери нагласија дека каналите за дијалог остануваат отворени.
Шефот на дипломатијата на Европската Унија, Каја Калас, во недела изјави дека повторното воведување на санкциите „не смее да биде крај на дипломатијата“.
Обединетите Нации официјално повторно воведоа санкции врз Иран поради неговата нуклеарна програма, зголемувајќи го притисокот врз земјата која веќе страда од глобална изолација и економски превирања по претходните рунди на западни санкции.
На полноќ на 28 септември, триото европски сили познати како Е3 - Велика Британија, Франција и Германија - објавија дека таканаречените санкции се повторно воведени врз Иран.
Е3 веднаш го предупреди Техеран против какви било „ескалаторски“ чекори како одговор на потегот и го повика Иран да се врати на преговори, особено со САД.
Иако најави бојкот, партијата на Додик ќе учествува на претседателските избори во Република Српска

На 29 септември, главниот одбор на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) едногласно одлучи да излезат на предвремени избори за претседател на Република Српска, откако шефот на таа партија, Милорад Додик, беше осуден и разрешен од оваа позиција.
СНСД претходно повика на бојкот на изборите, свика референдум во Народното собрание на овој ентитет со цел да се отфрли пресудата против Додик и го повика да продолжи да ја извршува функцијата претседател на ентитетот, а потоа, исто така, со заклучок во собранието ги повика партиите „да одлучат за сопственото учество“.
„СНСД треба да оди на предвремени избори за претседател со цел да се спречи обид за уништување и дестабилизација на РС“, рече Додик на седницата на Главниот одбор на партијата одржана во Бања Лука.
Тој најави дека ќе се одржи седница на Народното собрание на РС „на која ќе биде назначен вршителот на должноста претседател на Република Српска“.
Денес е крајниот рок за регистрација на политичките партии, а СНСД не објави кој ќе биде нејзин кандидат.
Српската демократска партија (СДС) го номинираше Бранко Блануша, кој смета на поддршката од целата опозиција.
Лидерот на опозициската Партија за демократски напредок и градоначалник на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ, на 29 септември објави дека нема да се регистрира за изборите и дека нема да биде кандидат, но дека е „отворен за разговори“ со другите опозициски партии.
Република Српска нема претседател од август, кога беше потврдена пресудата на Додик за непочитување на одлуките на високиот претставник. Тој беше осуден на една година затвор, а тој дел од казната го отплати за околу 18 000 евра, и на шестгодишна забрана за вршење јавна функција.
Претседателот на РС има значителни овластувања. Тој предлага премиер и членови на Уставниот суд на Република Српска, може да свикува седници на Владата, но и да го разрешува премиерот без гласање во Собранието.
Венс: САД размислуваат за ракети „Томахавк“ за Украина

Соединетите Држави го разгледуваат барањето на Украина за купување ракети со долг дострел „Томахавк“ за одбрана од Русија, изјави американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од САД да им продадат „Томахавк“ на европските земји, кои потоа ќе ги испратат во Украина.
Венс за „Фокс њуз“ изјави дека претседателот Доналд Трамп ќе ја донесе „конечната одлука“ дали да го дозволи договорот.
„Секако разгледуваме голем број барања од Европејците“, рече Венс.
Ракетите „Томахавк“ имаат дострел од 2500 километри, што би ја ставило Москва во дострел на арсеналот на Украина доколку Киев ги добие тие ракети. Русија речиси сигурно би го сметала таквиот потег како ескалација на војната во Украина.
Трамп претходно ги отфрли барањата на Украина за употреба на ракети со долг дострел, но е сè повеќе фрустриран од одбивањето на рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на мировен договор.
Специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог, изјави дека Трамп посочил дека Киев сега може да извршува напади со долг дострел против Русија.
„Мислам дека, читајќи го она што тој (Трамп) го кажа и читајќи го она што го кажа потпретседателот Венс, одговорот е да. Искористете ја можноста да удрите длабоко“, изјави Келог за Фокс њуз подоцна во неделата (28 септември).
Русија ја почна целосната офанзива врз Украина на 24 февруари 2022 година.
На средба со Нетанјаху, Трамп ќе се обиде да го протурка договорот за Газa

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска (29 септември)ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа на разговори со „високи влогови“ со цел да го протурка мировниот план за Газа.
Трамп вели дека договорот за прекин на речиси двегодишната војна во Газа, ослободување на заложниците што ги држи Хамас и разоружување на палестинската радикална група, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, е практично постигнат по разговорите со арапските лидери минатата недела.
Тој навести на можен пробив во неделата, и на својата социјална мрежа „Truth Social“ напиша:
„Сите се согласуваат за нешто посебно, за прв пат досега. Ќе го направиме тоа!!!“
Сепак, Нетанјаху даде малку причини за оптимизам во последните денови.
Во пркосното обраќање пред ОН во петокот, тој вети дека ќе го „заврши договорот“ со Хамас и вети дека ќе ја блокира палестинската држава, неодамна призната од клучните западни земји.
Израелскиот премиер, исто така, се чини дека не е подготвен да ја запре воената офанзива во градот Газа, која принуди стотици илјади луѓе да избегаат во последните недели.
Ова ќе биде четврта посета на Нетанјаху на Белата куќа откако Трамп се врати на власт во јануари, додека американскиот претседател се обидува да стави крај на конфликтот за кој рече дека би можел да го реши во рок од неколку дена.
Вообичаено верен сојузник на Нетанјаху, Трамп неодамна покажа знаци на фрустрација.
Минатата недела, тој го предупреди Нетанјаху да не го анексира Западниот Брег, бидејќи некои членови на израелскиот кабинет инсистираат на тоа дека е премиер, а исто така се спротивстави и на неодамнешниот напад на Израел врз членови на Хамас во клучниот американски сојузник Катар.
Двајцата лидери ќе се обратат на заедничка прес-конференција во понеделник во 13:15 часот по источно време (19:15 часот по средноевропско време).
Минатата недела, Трамп изрази зголемен оптимизам во врска со изгледите за договор по средбата со арапските и муслиманските лидери на маргините на Генералното собрание на ОН.
Наводниот договор од 21 точка, на кој работат САД, почна да се оформува во последните денови и предвидува разоружување на Хамас, ослободување на сите заложници и прекин на огнот.
Поранешниот британски премиер Тони Блер беше споменат во некои медиумски извештаи дека, според предлогот на САД, тој ќе биде можен лидер на преодната влада во Појасот Газа.
Телото „Меѓународна преодна власт за Газа“ би работело со поддршка на ОН и земјите од Заливот пред конечно да ја предаде контролата на реформираната Палестинска власт (ПА).
Нетанјаху, за време на својот говор во ОН, цврсто ја отфрли идејата дека Палестинската власт со седиште во Рамала има улога во управувањето со Појасот Газа, што го правеше сè додека Хамас не ја презеде власта во 2007 година.
Во неделата, тој изрази длабоки сомнежи дека Палестинската самоуправа може да се реформира.
Војната во Појасот Газа започна со напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, кога, според израелските податоци, околу 1200 луѓе беа убиени, додека 251 лице беше земено како заложник.
Повеќе од 65.549 Палестинци се убиени во последователните израелски офанзиви во Појасот Газа, според здравствените власти на територијата контролирана од Хамас.
Почна кампањата за Локалните избори, ќе трае до 17 октомври

Партиите и независните кандидати денеска (29 септември) започнуват со официјалните претставувања пред гласачите. Изборната кампања почнува денеска и ќе трае до 17 октомври на полноќ по што следува 24-часовен молк пред гласањето на 19 октомври (втор круг 2 ноември). Освен на терен меѓу и со поддржувачите, кампањата е веќе започната и на социјалните мрежи.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата изборната кампања за Локалните избори 2025 ја започнуваат вечер во Скопје на голем настан на кој ќе го промовираат кандидатот за градоначалник на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски. Претставувањето на сите кандидати за градоначалници и носители на листите за советници се одржа во саботата во Штип.
Централниот настан на СДСМ и коалицијата вечер е во Крушево каде кандидат за градоначалник е Томе Христоски, а претходно нивниот изборен караван ќе биде во Демир Хисар и Могила. Тие вчера имаа претставување на сите кандидати на коалицијата што ја предводи опозициската партија.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, проф. Горан Марковски, поддржан од граѓанско-политичката платформа Независни заедно кампањата ќе ја почне со прес-конференција на Љубљанска во Карпош.
Централниот настан за претставување на кандидатите за градоначалници ВРЕДИ ќе го одржи во вторник во Скопје, а денеска свое претставување ќе има кандидатот за градоначалник на Чаир и вицепремиер Изет Меџити и советничката листа за оваа скопска општина на плоштадот Скендербег.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) централниот настан за претставување на кандидатите за градоначалници го одржа синоќа во Скопје.
Вчера претставување на своите кандидати за градоначалници и советници организираше и коалицијата „Искуство за успех“ што ја сочинуват ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР.
Претставувања на кандидатите за градоначалници и совети ќе има и во други општини.
Како што е предвидено во Изборниот законик (член 69а) за изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми.
Локалните избори 2025 се осми од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа на 3480 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10 490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.
Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје - 16.
Според Изборниот законик, локалните избори се одржуваат на секои четири години во втората половина на октомври. Локалната самоуправа е организирана во 80 општини и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете