Достапни линкови

Вести

Осумгодишно дете - жртва на силување од малолетници

илустрација
илустрација

Само 8 години било старо детето кое било силувано од двајца други малолетници, јави телевизија Телма од извори во истрагата за ова злосторство. Силувачите имале 10 и 13 години, а грозоморниот чин го снимале со мобилен телефон. Потоа видео-снимката ја праќале на своите познаници, но не го објавиле на социјалните мрежи.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека со малолентиците бил извршен информативен разговор во полициската станица, во присуство на нивните родители. Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски денеска во изјава за Телма вели дека случајот е веќе документиран, поднесена е соодветна пријава и оти целиот случај сега е во надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје и Центарот за социјални работи.

„Преземени се соодветни мерки и активности и веднаш во полициската станица извршен е службен разговор со малолетниците, но и со родителите затоа што станува збор за малолетници кои се под 14 години. Случајот е документиран и поднесен е соодветен поднесок до обвинителство. Отсега случајот е во надлежност на Основното јавно обвинителство и Центарот за социјални работи“, изјави Ангеловски.

И од ОЈО Скопје потвриле дека се известени за случајот, но бидејќи станува збор за деца помлади од 14 против нив не може да биде поведена постапка за кривична одговорност и за случајот ќе постапува Центарот за социјални работи.

види ги сите денешни вести

Трамп вели дека САД ќе воведат царина на филмови направени надвор од земјата

САД- Американскиот претседател Доналд Трамп, 25 септември 2025 година.
САД- Американскиот претседател Доналд Трамп, 25 септември 2025 година.

Соединетите Американски Држави (САД) ќе воведат 100 отсто царина на сите филмови произведени во странство, кои потоа се испраќаат во САД, рече американскиот претседател Доналд Трамп, повторувајќи ја заканата од мај дека ќе го наруши глобалниот бизнис модел на Холивуд, јави Ројтерс.

Овој чекор ја сигнализира подготвеноста на Трамп да ги прошири протекционистичките трговски политики во културните индустрии, зголемувајќи ја неизвесноста за студијата кои во голема мера зависат од прекугранични копродукции и меѓународни приходи од бокс-офиси, пренесе Ројтерс.

„Нашиот бизнис за снимање филмови е украден од Соединетите Американски Држави, од други земји, исто како крадење бонбони од бебе“, напиша Трамп во објава на неговата мрежа Truth Social.

Сепак, не беше веднаш јасно какво законско овластување ќе го искористи Трамп за да воведе 100 отсто царина на филмови произведени во странство.

Белата куќа не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за тоа како ќе се спроведат царините.

Врвните американски студија Warner Bros Discovery, Paramount Skydance и Netflix исто така не одговорија веднаш на барањата за коментар.

„Има премногу неизвесност, а овој последен потег покренува повеќе прашања отколку одговори. Засега, како што стојат работите, трошоците веројатно ќе се зголемат, а тоа неизбежно ќе се пренесе на потрошувачите“, рече аналитичарот Паоло Пескаторе.

Трамп првпат ја изнесе идејата за филмска тарифа во мај, но понуди малку детали, оставајќи ги фронтмените на забавната индустрија несигурни дали таа ќе се однесува на одредени земји или на сите увози.

Акциите на Paramount Skydance и Warner Bros Discovery паднаа за 2,1% и 1,3%, соодветно.

Битката за Скопје ќе ја водат 16 кандидати за градоначалници и 855 кандидати за советници

Графичка илустрација - Локални избори 2025
Графичка илустрација - Локални избори 2025

Скопјани на локалните избори ќе имаат можност да избираат градоначалник на Град Скопје меѓу 16 кандидати. За 45 советнички места на изборниот натпревар има 19 листи со 855 кандидати.

Кандидати за градоначалник на Скопје се Орце Ѓеорѓиевски поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Каја Шукова, поддржана од СДСМ и коалицијата, Драган Николовски, поддржан од група избирачи, како и Сашо Маневски, Зоран Јованоски од Единствена Македонија, Амар Меционовиќ од Левица, Демир Исмаил од Сојузот на Ромите, Владимир Куноски од Работничка партија.

Кандидати се и Александар Тортевски од Партија Твоја, Срџан Амет од Политичка партија Унија на Роми Скопје, Александар Трајановски поддржан од ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР, Вангел Божиноски од Родина Македонија, Скендер Реџепи поддржан од коалицијата предводена од ДУИ, Владимир Трајковски од Македонска ера трета/Македонски независни листи-Суверенисти, Горан Марковски поддржан од Независни заедно и Алексадар Рашковиќ од ТМРО.

За споредба, на минатите локални избори во 2021 година имаше 12 кандидатури за градоначалник и 95 советнички листи.

Локалните избори 2025 ќе се одржат на 19 октомври. Вториот круг е на 2 ноември.

Денеска, на 29 септември, почна изборната кампања и ќе трае дваесет денови.

Повеќе од половина институции не доставиле податоци за службените возила

Илустрација
Илустрација

Вкупно 635 институции доставиле податоци за бројот, видот, регистарските таблици и возната состојба на сите службени возила со кои располагаат односно 42 отсто. Податоци воопшто не доставиле 879 институции односно 58 отсто, соопшти Државната комисија за спречување на корупцијата(ДКСК).

Според Изборниот законик, јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал имаа обврска во рок од десет дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на Локалните избори 2025 односно до 18 август да достават податоци до ДКСК за бројот, видот, регистарските таблици и возната состојба на сите службени возила со кои располагаат институциите.

Комисијата констатирала дека 192 институции располагаат со 2.028 возила, но не доставиле никакви информации.

ДКСК на својата интернет-страница го објави Регистарот на службени моторни возила, како законската обврска од Изборниот законик.

Исто така, за да се спречи евентуална злоупотреба на службените возила во изборната кампања, ДКСК на својата веб-страница објави податоци за институциите кои немаат доставено податоци за службените возила, како и преглед на податоци за марката и регистарскиот број на возилата од институциите кои не доставиле податоци.

Од вкупно 6.637 возила внесени во Регистарот на возила, 5.456 се во возна состојба, 1.003 не се во возна состојба, а за 178 возила воопшто нема податоци за возната состојба.

Обврска да достават податоци имаа вкупно 1.514 институции според податоците на Централниот регистар на Република Северна Македонија.

Романија пронајде нови делови од дрон близу границата со Украина

Полска - Оштетен дрон паднат во источното полско село Чосновка
Полска - Оштетен дрон паднат во источното полско село Чосновка

Нови делови од дрон беа пронајдени во источниот романски округ Тулча, сосед на Украина, во понеделник на 29 септември, изјави романскиот министер за одбрана Јонут Мостеану, јави Ројтерс.

Експерти од Министерството за одбрана ги собираат деловите од дронот за натамошна истрага.

Претходно, неидентификувани дронови биле забележани ноќта меѓу 26 и 27 септември над најголемата воена база во Данска, во низата забележани надлетувања што данските власти ги нарекоа „хибриден напад“.

Мистериозните набљудувања со беспилотни летала доведоа до тоа да се затворат неколку аеродроми во Данска.

На 9 и 10 септември, околу 20 руски дронови наводно влегоа во полскиот воздушен простор за време на напад на Украина, што доведе до затворање на аеродромите и полетувања на авиони на НАТО.

Неколку дена подоцна, сличен упат пријави и Романија.

Српската нафтена индустрија бара од САД да и издадат нова специјална работна лиценца

Сопственичката структура на НИС е променета неколку пати, но таа сè уште е претежно во рацете на руски компании
Сопственичката структура на НИС е променета неколку пати, но таа сè уште е претежно во рацете на руски компании

Нафтената индустрија на Србија (НИС) во понеделник (29 септември) објави дека поднела ново барање до Министерството за финансии на Соединетите Држави (САД) за издавање посебна лиценца со која се одложува целосната примена на санкциите и се овозможува непречено извршување на оперативните активности на компанијата.

НИС, исто така, поднесе амандман на барањето за отстранување од листата на санкции на Специјално назначени државјани (Specially Designated Nationals).

„Тоа е долгорочен и сложен процес, а првичното барање беше испратено на 14 март оваа година“, се наведува во соопштението.

Во јануари, САД воведоа санкции врз НИС поради руска сопственост.

Досега, санкциите беа одложени шест пати, последниот пат до 1 октомври, но српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека рокот е дополнително продолжен за уште осум дена.

Санкциите на САД имаат за цел, меѓу другото, да го спречат финансирањето на војната во Украина, преку пари што доаѓаат од руски енергетски компании.

Во меѓувреме, сопственичката структура на НИС е променета неколку пати, но таа сè уште е претежно во рацете на руски компании.

Газпром го напушти сопствеништвото на НИС во септември, а еден од важните сопственици стана друга компанија управувана од Газпром - компанијата „Интелиџенс“ од Санкт Петербург.

Акционерското друштво „Интелиџенс“ стана сопственик на 11,3 проценти од акциите на компанијата, според податоците објавени на веб-страницата на Белградската берза на 21 септември.

Најголемиот удел во НИС сè уште го држи Газпром Нефт, подружница на Газпром (44,9 проценти), а Државата Србија држи 29,9 проценти. Другите акции ги поседуваат мали акционери.

Орбан: Украина не треба да се грижи за унгарските беспилотни летала

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го минимизираше наводното кршење на украинскиот воздушен простор со беспилотни летала од страна на неговата земја, велејќи дека „никој“ нема да ја нападне воено разурнатата нација од правец на Унгарија.

Орбан е најжестокиот критичар на Украина во Европската Унија, одбивајќи да испрати воена помош на земјата за да се бори против руската инвазија.

Унгарија, исто така, ги попречи построгите санкции кон Москва и го блокираше обидот на Киев за членство во ЕУ.

Коментарите на националистичкиот лидер следуваат откако Украина ја обвини Унгарија за кршење на нејзиниот воздушен простор со неколку беспилотни летала кои наводно се обидувале да шпионираат во нејзините гранични области, дополнително затегнувајќи ги односите меѓу двата соседа.

Киев тврди дека извидувачките беспилотни летала биле забележани во петокот наутро, двапати преминувајќи ја украинската граница од Унгарија во западниот регион Закарпатија.

„Украина не е во војна со Унгарија, туку со Русија. Затоа треба да биде загрижена за беспилотните летала на нејзината источна граница, бидејќи тука има земји-членки на НАТО“, рече унгарскиот премиер во подкаст на социјалните медиуми, воден од портпаролот на неговата партија.

„Позадината на Украина е безбедна. Никој нема да ја нападне оттаму“, рече Орбан.

Тој истакна дека прашањето е „фарса“ што нема „никакво значење“ и дека унгарскиот министер за одбрана негирал дека унгарските беспилотни летала влегле во украинскиот воздушен простор.

„Но, еве да речеме дека летале неколку метри. Па што? Украина не е независна земја. Украина не е суверена земја. Ние ја држиме Украина на површина. Западот ја држи на површина. Ние им го даваме нивното оружје. Украина не треба да се однесува како да е суверена држава“, изјави Орбан.

Украина аплицираше за приклучување кон 27-члената ЕУ неколку дена по почетокот на војната во 2022 година, но не можеше да ги унапреди разговорите за членство поради ветото на Орбан.

Унгарија вели дека приклучувањето на Украина кон блокот би претставувало безбедносни ризици и дека додека е во војна ризикува да ја вовлече ЕУ во конфликт со Русија.

Украина ги отфрла ваквите тврдења како неосновани.

Европската народна партија ги повика лидерите на СНС на разговори во врска со внатрешна истрага

Претседателот на Српската напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ
Претседателот на Српската напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ

Претседателот на Српската напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ, изјави дека тој и функционерката на таа партија и претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, ќе разговараат со Европската народна партија (ЕНП) на 22 октомври во врска со жалбите поврзани со владејачката партија во Србија.

Вучевиќ на 29 септември изјави дека верува оти сè ќе биде во ред со статусот на партијата во ЕПП.

„Ана и јас добивме покана, ако не се лажам, на 22 октомври да одиме во ЕПП на разговори во врска со овие жалби поврзани со СНС“, изјави тој за телевизијата К1.

Европската народна партија на 25 септември објави дека започнала внатрешна истрага во врска со улогата на Српската напредна партија во рамките на ЕНП.

„Ова не е официјален правен процес на суспендирање или исклучување во ЕНП, туку темелна и брза внатрешна истрага со отворени резултати“, се наведува во соопштението објавено на официјалната веб-страница.

ЕНП е најголемата групација во Европскиот парламент и ги собира популарните и конзервативните партии од десниот центар од цела Европа.

СНС, како партија од земја што не е членка на ЕУ, е нејзин придружен член од 2016 година.

Можноста за преиспитување на членството на СНС во Европската народна партија ја објави на 9 септември претседателот на парламентарната група на таа партија во Европскиот парламент, Манфред Вебер, наведувајќи дека „ЕНП не е слепа за настаните во Србија“, осврнувајќи се на десетмесечните антивладини демонстрации по смртта на 16 лица при падот на настрешницата во Нови Сад.

На 9 септември, во Европскиот парламент во Стразбур се одржа дебата за антивладините протести во Србија.

Пред дебатата за Србија, лидерите на Европската зелена партија ги повикаа лидерите на ЕУ да размислат за понатамошно финансирање на Србија „поради автократските тенденции на нејзиниот лидер Александар Вучиќ“.

Зелените, исто така, побараа реакција од институциите на Европската Унија на постапките на властите во Србија кон демонстрантите.

На дебатата за Србија на маргините на сесијата на Европскиот парламент, дел од европратениците се согласија и за потребата од испраќање мисија во Србија со цел да се процени ситуацијата на терен.

Единаесет месеци во Србија траат антивладини протести, на кои се бара политичка и кривична одговорност за смртта на 16 лица на железничката станица во Нови Сад.

Францускиот обвинител ги отфрла обвинувањата за „омраза“ кон Саркози

Поранешниот француски претседател Никола Саркози
Поранешниот француски претседател Никола Саркози

Францускиот врховен обвинител за финансиски криминал Жан-Франсоа Бонер, чија канцеларија го водеше случајот против поранешниот претседател Никола Саркози за финансирање на кампањата од Либија, соопшти дека истрагата против десничарот не била мотивирана од „омраза“.

Саркози во четврток беше осуден на пет години затвор, откако судот утврди дека им дозволил на своите соработници да му пристапат на либискиот диктатор Моамер Гадафи за да помогне во финансирањето на неговата претседателска кампања во 2007 година.

Поранешниот претседател, кој следниот месец ќе биде известен кога треба да ја почне да ја издржува затворската казна, веднаш по пресудата изјави дека „омразата“ кон него „навистина нема граници“.

„Ние немаме омраза. Нашиот компас е законот, тоа е владеењето на правото,“ рече обвинителот Бонер во ретки јавни коментари за РТЛ.

Тој, исто така, ги потврди осудите што веќе ги изразија Елисејската палата и францускиот претседател Емануел Макрон за „неприфатливите“ закани кон судството по пресудата.

Саркози, 70-годишен, кој ја водеше Франција од 2007 до 2012 година и сè уште има влијание врз десницата и покрај повеќе пресуди, остана непокорен по одлуката, изјавувајќи во интервју објавено во неделата дека таа „ги прекршила сите граници на владеењето на правото“.

Тој ја обжалил пресудата, иако според условите на одлуката тоа нема никаков ефект врз неговото затворање.

Во интервју за весникот „Неделен весник“ (Journal du dimanche), Саркози рече дека „во никаков случај“ нема да побара помилување од Макрон.

„За да бидеш помилуван, мораш да ја прифатиш казната и со тоа да ја признаеш својата вина. Јас никогаш нема да признаам вина за нешто што не сум го сторил. Ќе се борам до последниот здив за да ја признаат мојата чесност,“ рече тој и додаде: „Ќе победам.“

Иако се очекува во наредните недели да оди во затвор, Саркози во саботата сепак беше забележан на стадионот „Парк де Принс“ во Париз, гледајќи го натпреварот на ПСЖ против Оксер во француската фудбалска прва лига, јави фотограф на АФП.

По ОН, и ЕУ го потврди повторното воведување санкции за Иран

илустрација
илустрација

Европската Унија во понеделник (29 септември) потврди дека повторно воведува сеопфатни санкции врз Иран поради неговата нуклеарна програма, додека Обединетите Нации повторно ги воведоа своите сеопфатни казнени мерки.

ОН го презеде тој чекор во текот на викендот, откако западните сили активираа таканаречен механизам „snapback“ за враќање на санкциите предвидени во нуклеарниот договор од 2015 година, со кој се укинати санкциите врз Иран.

Санкциите повторно воведени од блокот од 27 земји вклучуваат мерки на ОН со кои се забранува соработка со активностите на Техеран за нуклеарни и балистички ракети.

Сепак, тие се прошируваат и вклучуваат финансиски мерки, вклучително и замрзнување на средствата на централната банка на Иран.

Техеран го осуди како „неоправдано“ повторното воведување на санкциите на ОН.

И покрај повторното воведување, западните лидери нагласија дека каналите за дијалог остануваат отворени.

Шефот на дипломатијата на Европската Унија, Каја Калас, во недела изјави дека повторното воведување на санкциите „не смее да биде крај на дипломатијата“.

Обединетите Нации официјално повторно воведоа санкции врз Иран поради неговата нуклеарна програма, зголемувајќи го притисокот врз земјата која веќе страда од глобална изолација и економски превирања по претходните рунди на западни санкции.

На полноќ на 28 септември, триото европски сили познати како Е3 - Велика Британија, Франција и Германија - објавија дека таканаречените санкции се повторно воведени врз Иран.

Е3 веднаш го предупреди Техеран против какви било „ескалаторски“ чекори како одговор на потегот и го повика Иран да се врати на преговори, особено со САД.

Иако најави бојкот, партијата на Додик ќе учествува на претседателските избори во Република Српска

Седница на Главниот одбор на СНСД на 4 август 2025 година
Седница на Главниот одбор на СНСД на 4 август 2025 година

На 29 септември, главниот одбор на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) едногласно одлучи да излезат на предвремени избори за претседател на Република Српска, откако шефот на таа партија, Милорад Додик, беше осуден и разрешен од оваа позиција.

СНСД претходно повика на бојкот на изборите, свика референдум во Народното собрание на овој ентитет со цел да се отфрли пресудата против Додик и го повика да продолжи да ја извршува функцијата претседател на ентитетот, а потоа, исто така, со заклучок во собранието ги повика партиите „да одлучат за сопственото учество“.

„СНСД треба да оди на предвремени избори за претседател со цел да се спречи обид за уништување и дестабилизација на РС“, рече Додик на седницата на Главниот одбор на партијата одржана во Бања Лука.

Тој најави дека ќе се одржи седница на Народното собрание на РС „на која ќе биде назначен вршителот на должноста претседател на Република Српска“.

Денес е крајниот рок за регистрација на политичките партии, а СНСД не објави кој ќе биде нејзин кандидат.

Српската демократска партија (СДС) го номинираше Бранко Блануша, кој смета на поддршката од целата опозиција.

Лидерот на опозициската Партија за демократски напредок и градоначалник на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ, на 29 септември објави дека нема да се регистрира за изборите и дека нема да биде кандидат, но дека е „отворен за разговори“ со другите опозициски партии.

Република Српска нема претседател од август, кога беше потврдена пресудата на Додик за непочитување на одлуките на високиот претставник. Тој беше осуден на една година затвор, а тој дел од казната го отплати за околу 18 000 евра, и на шестгодишна забрана за вршење јавна функција.

Претседателот на РС има значителни овластувања. Тој предлага премиер и членови на Уставниот суд на Република Српска, може да свикува седници на Владата, но и да го разрешува премиерот без гласање во Собранието.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG