Достапни линкови

Вести

Унгарија на границата со Србија почна да го спроведува новиот систем за влез во ЕУ

Знак на еден од влезовите во Унгарија (илустративна фотографија)
Знак на еден од влезовите во Унгарија (илустративна фотографија)

Унгарија на граничниот премин Томпа-Келебија со Србија започна со имплементација на новиот систем за влез во Шенген зоната.

„Имплементацијата на новиот систем за влез/излез на Европската Унија (Систем за влез/излез - EES) на унгарско-српските гранични премини ќе започне наутро на 28 октомври на граничниот премин Томпа - Келебија“, објави Генералниот конзулат на Унгарија во Суботица, а пренесе Радио телевизија на Србија (РТС).

Системот EES ќе биде воведен на преминот Реске-Хоргош на 4 ноември, а до 11 ноември и на преостанатите унгарски премини.

Системот се однесува на земјите надвор од Шенген зоната. Станува збор за почеток на системот што дигитално ги евидентира податоците за влез и излез на граѓани на „трети земји“ и го заменува претходното рачно печатење на пасошите.

Нови правила за влез во ЕУ - заборавете на печатите во пасош
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:35 0:00

На граничните премини се поставени пунктови за регистрација, а полицајците ќе ги насочуваат возилата кон посебни сообраќајни ленти за оние кои треба да се регистрираат, објави унгарскиот конзулат.

На почетокот на овој систем, граѓаните на „трети земји“ што доаѓаат од правец на Србија кон Унгарија ќе треба само да се регистрираат во системот за прв пат, а потоа, преминувањето на границата ќе биде многу побрзо, објави конзулатот.

Системот EES почна да се применува на граничните премини во Хрватска, која неодамна влезе во Шенген зоната.

Скопје домаќин на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој

илустрација
илустрација

Скопје од денеска (28 октомври) е домаќин на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14) насловен „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“.

Форумот го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) во соработка со Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации УНДП и петте регионални комисии на ОН (UNECE, UNESCSP, UNECLAC, UNECA и ESCWS).

Целта на тридневниот форум е да се премине од глобални цели кон конкретни акции – со јасни чекори за диверзификација на изворите, забрзување на обновливите инвестиции и развој на регионална соработка за енергетска стабилност.

Најавени се над 600 учесници од 70 држави, владини и претставници на меѓународни организации, банки, академската заедница, приватниот сектор и на граѓански организации. Над 150 експерти ќе дебатираат на 35 панелски сесии.

На отворањето на форумот во Македонската филхармонија свои обраќања имаат премиерот Христијан Мицкоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, Татијана Молчан, извршна секретарка на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE) и Армен Григоријан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Форумот IFESD-14 во Скопје ќе се надоврзе на резултатите од минатогодишното издание, што се одржа во Бангкок, а со цел да обезбеди платформа за конкретни акции и политики кои ќе ја забрзаат праведната и инклузивна енергетска транзиција.

Во рамки на форумот, ќе биде потпишана „Скопје декларација“ – документ кој ќе остане како значаен траен запис за заложбите на земјите учеснички кон одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина.

Со ова, потенцираат од МЕРМС државава ја зацврстува својата позиција на енергетската светска мапа како рамноправен и кредибилен партнер во глобалната транзиција.

Комисијата на ОН ја обвини Русија за ново злосторство против човештвото во Украина

Последици од руското гранатирање во Херсон, 24 октомври 2025 година
Последици од руското гранатирање во Херсон, 24 октомври 2025 година

Руските сили користеле беспилотни летала за да ги протераат цивилите од нивните домови во близина на фронтовската линија во Украина, следејќи ги со камери и напаѓајќи ги додека барале засолниште, покажала истрагата на ОН објавена на 27 октомври.

Во извештајот, кој ќе биде презентиран пред Генералното собрание на ОН оваа недела, се наведува дека нападите „претставуваат злосторство против човештвото со присилно раселување на населението“.

Независната меѓународна комисија за истрага за Украина соопшти дека нападите со беспилотни летала биле извршени за да се протераат руските сили од нивните домови во три региони во јужна Украина, во близина на фронтовската линија и преку реката Днепар, повеќе од една година.

„Руските власти систематски координирале акции за протерување на украинските цивили од нивните места на живеење преку напади со беспилотни летала, како и депортации и трансфери“, се наведува во истрагата.

Извештајот ги базира своите наоди на интервјуа со 226 лица, вклучувајќи жртви, сведоци, хуманитарни работници и локални власти, и врз основа на стотици прегледани и потврдени онлајн видеа. Некои од преживеаните интервјуирани од истражителите на ОН рекле дека се чувствувале како „плен“.

Комисијата, формирана од Советот за човекови права на ООН кратко откако Москва ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, во мај утврди дека руските напади со беспилотни летала насочени кон цивили по должината на 100-километарската лента на десниот брег на реката Днепар во регионот Херсон претставуваат убиство како злосторство против човештвото.

Најзиниот извештај го проширува опсегот на тие наоди на 300-километарска лента територија контролирана од Украина низ регионите Херсон, Дњепропетровск и Николаев како дел од координирана политика на цивилни протерувања.

„Повеќе од една година, руските вооружени сили насочуваат напади со беспилотни летала против широк спектар на цивилни цели“, се вели во извештајот, „вклучувајќи луѓе, куќи или згради, точки за дистрибуција на хуманитарна помош и критична енергетска инфраструктура“.

Дејствувајќи под централизирана команда, руските трупи „намерно ги таргетираат цивилите и цивилните објекти и предизвикуваат штета и уништување“, се вели во неа.

„Погодени се дури и службите за прва помош“, се вели во извештајот на комисијата, вклучувајќи ги и екипите за итни случаи и пожарникарите, понекогаш повеќе пати, и покрај јасните ознаки на возилата.

Комисијата претходно објави дека присилното преместување и депортација на украински деца од страна на Русија во области под нејзина контрола претставуваат воени злосторства и можни злосторства против човештвото.

Москва не ја признава комисијата и не одговара на нејзините барања за пристап, информации и состаноци. Русија, исто така, негираше дека намерно ги таргетирала цивилите во Украина, и покрај широките докази за спротивното, откако ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година.

По санкциите, Лукоил најави продажба на имотот во странство

Од Западен Балкан, компанијата има бензински станици во Северна Македонија, Србија и Црна Гора.
Од Западен Балкан, компанијата има бензински станици во Северна Македонија, Србија и Црна Гора.

Руската нафтена компанија Лукоил во понеделникот, 27 октомври, соопшти дека има намера да го продаде својот имот во странство, откако САД воведоа санкции кон оваа и кон државната руска компанија Роснефт со цел да извршат притисок врз Русија поради нејзината војна во Украина.

„Поради воведувањето рестриктивни мерки од страна на некои земји против компанијата и нејзините подружници, компанијата ја објавува својата намера да го продаде својот меѓународен имот“, се вели во краткото соопштение на Лукоил.

Министерството за финансии на САД минатата недела објави дека воведува санкции кон Роснефт и Лукоил. Двете најголеми руски нафтени компании, чиј извоз значително придонесува во буџетот на Кремљ, претходно овој месец беа санкционирани и од Обединетото Кралство.

Руската компанија соопшти дека продажбата се спроведува врз основа на дозвола за затворање на бизнисот издадена од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД.

„Почна разгледувањето на понудите од потенцијалните купувачи“, соопшти Лукоил без да даде дополнителни детали.

Санкциите на САД ги најави претседателот Доналд Трамп, кој се чини дека го губи трпението со Русија откако Москва го отфрли неговиот предлог за замрзнување на линии на фронтот.

Компанијата Лукоил е присутна со свои бензински станици во Северна Македонија и други земји од Западен Балкан – Србија и Црна Гора, но и во Бугарија и Романија каде има и рафинерии. Бензински станици Лукоил има и во Хрватска.

Заострувањето на санкциите врз рускиот нафтен сектор следеше по месеци напори на Трамп да ја заврши војната во Украина, што вклучуваше и средба со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска во август. Кратко пред да бидат воведени санкциите, Трамп го откажа вториот планиран самит со Путин.

Санкциите врз Лукоил и Роснефт стапуваат на сила на 21 ноември откако САД им дадоа рок од еден месец на компаниите што соработуваат со руските нафтени гиганти да ги прекинат врските или да се соочат со секундарни санкции, што би им го прекинало пристапот до американските банки и осигурителни компании.

Власта на Санчез слабее - ја губи поддршката од каталонската партија

Педро Санчез, премиер на Шпанија (фотоархива).
Педро Санчез, премиер на Шпанија (фотоархива).

Левичарската малцинска влада на премиерот Педро Санчез во Шпанија губи еден од своите сојузници во парламентот, што го става во опасност опстанокот на неговата администрација.

Партијата „Заедно“ на каталонскиот сепаратистички лидер Карлес Пуџдемон одлучи да се откаже од договорот за поддршка на Социјалистичката партија (PSOE) на Санчез, потврдија од партијата за агенцијата ДПА.

Управувачкиот одбор на партијата, кој број 50 члена, одлуката ја донел едногласно на состанок што се одржал во Перпињан во Франција, објавија неколку шпански медиуми вклучително и државната телевизија.

Одборот се состанал во Франција, а не во Шпанија, бидејќи сè уште се не се повлечени налозите за апсење на неколку партиски членови, вклучувајќи го и Пуџдемон.

Партиската база на каталонската партија треба да ја одобри оваа одлука за откажување на поддршката за владата на Санчез. Гласањето треба да се одржи во среда и четврток, но со оглед на едногласноста во управувачкиот одбор, извесно е дека одлуката ќе биде потврдена.

Без гласовите на седумте пратеници на „Заедно“ во парламентот во Мадрид, левичарската влада на Шпанија ќе нема мнозинство за да протурка закони, дури и ако има поддршка од други помали партии.

Според експертите, Санчез, кој е на власт од 2018 година, би можел да се соочи и со гласање за недоверба. Исто така е можно да бидат распишани и нови избори.

Како што пишува новинската агенција, постојат неколку причини за разидувањето на патиштата меѓу каталонската партија и премиерот Санчез. Една од нив е што, според ДПА, поради германско противење не успеале плановите за признавање на каталонскиот јазик како официјален во ЕУ, ветување кое наводно му го дал Санчез на Пуџдемон.

Друга причина е што не е спроведен до крај Законот за амнестија за каталонските сепаратисти. Иако откако минатата година тој стапи на сила, неколку протерани политичари можеа да се вратат во Шпанија без проблеми, шпанските судиите сè уште не ги повлекуваат налозите за апсење на Пуџдемон и неколку други политичари. Пуџдемон, кој е поранешен регионален претседател, живее во егзил од референдумот за независност на Каталонија што тој го иницираше во 2017 година.

По виртуелната министерка, Рама најави и дигитални асистенти за пратениците

Диела, првата министерка генерирана со вештачка интелигенција.
Диела, првата министерка генерирана со вештачка интелигенција.

Откако Албанија ја доби првата виртуелна министерка Диела, генерирана со вештачка интелигенција, албанскиот премиер Еди Рама најави дека и пратениците од неговата Социјалистичка партија ќе добијат дигитални асистенти.

Во необичната најава, Рама рече дека министерката Диела е „бремена“ и чека 83 деца – по едно за секој пратеник од владејачката партија.

„Децата со вештачка интелигенција“ или виртуелните помошници ќе ги следат парламентарните постапки, ќе може да снимаат дискусии во парламентот, ќе подготвуваат резимеа и ќе предлагаат одговори за пратениците кои не можеле да присуствуваат на некои седници…

Очекувањата се дека овој систем ќе биде целосно оперативен до крајот на 2026 година.

Албанскиот премиер ваквиот чекор во дигитализацијата го соопшти во обраќање на Берлинскиот форум за глобален дијалог (БГД).

„На пример, ако одите на кафе и заборавите да се вратите на работа, тие ќе ви пренесат што се зборувало додека сте биле отсутни и на кого треба да му возвратите и контактирате“, рече Рама.

Диела, што на албански значи „сонце“, официјално беше избрана за министерка во септември.

Изборот на Владата со 17 члена, тогаш предизвика тензии во парламентот поради противењето на опозициските пратеници. Тие го критикуваа назначувањето на виртуелната министерка како неуставно бидејќи ботот не е личност, нема албанско државјанство и може да доведе до поголема корупција.

Двајца полицајци уапсени за разбојништво во златарница во Гостивар

Во развојништовото тие користеле и службено полициски возило (фотоархива).
Во развојништовото тие користеле и службено полициски возило (фотоархива).

Двајца полицајци се уапсени за разбојништво во златарница во Гостивар на 10 октомври кога биле одземени 18 килограми злато.

Полицајците, како што денеска (27 октомври) информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар, се гонат како соизвршители во делото.

Станува збор за двајца полицајци од ОВР Кичево, кои заедно со други засега непознати лица, на 10 октомври влегле во златарницата и со закана со оружје го украле златото.

Полицајците, како што тврди Обвинителството, се договарале и направиле план за грабежот заедно со соучесниците по кои полицијата сè уште трага. Во извршувањето на делото користеле и службено полициско возило.

„Осомничените учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На самиот ден, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот во Гостивар, од кои едното потоа било пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, додека другото било пронајдено напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар“, велат од ОЈО Гостивар.

За двајцата полицајци се бара од судот мерка притвор поради опасност од бегство и можност за попречување на истрагата со прикривање на докази и влијание врз сведоци.

Таткото кој нападна двајца младински фудбалери на Брегалница доби 11 месеци затвор

Инцидентот се случи на натпревар меѓу младинските екипи на Шуки и Брегалница (Фотоархива - илустрација).
Инцидентот се случи на натпревар меѓу младинските екипи на Шуки и Брегалница (Фотоархива - илустрација).

Таткото од Скопје кој на натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови Брегалница и Шкупи, нападна двајца 15 годишни фудбалери доби казна затвор од 11 месеци.

Инцидентот се случи на натпревар во август во Штип. Двајцата нападнати фудбалери играа за тимот на Беласица, додека синот на скопјанецот кој го изврши насилството играше за Шкупи.

Судскиот процес се водеше пред Основниот суд Штип, а на таткото му се судеше за кривичното дело насилство. Пресудата, за која судот информираше на 27 октомври, не е правосилна односно странките имаат право на жалби до штипскиот Апелациски суд.

За настанот, Основното јавно обвинителство во Штип поведе постапка веднаш по натпреварот.

„Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на Брегалница, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“, информираше Обвинителство по отворањето на постапката.

Инцидентот се случи во 89-тата минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на таткото што го изврши нападот.

Според описот на настаните од Обвинителството, првично неспортски изреагирал синот фудбалер кој со тупаници и удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница.

„Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот“, посочи Обвинителство.

Покрај постапката пред судот, за инцидентот реагираше и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) која донесе неколку дисциплински мерки.

На фудбалерот на Шкупи, чијшто татко денеска беше осуден, му е изречена најстрогата санкција – исклучување од фудбалска организација. За уште двајца младински играчи на Шкупи, кои беа вклучени во инцидентот, беше изречена казна забрана на играње во траење од три месеци. Казна да не игра четири натпревари заработи и 15-годишен фудбалер на штипска Брегалница, којшто се впуштил во груба игра и самозаштита при нападот.

Исто така, организаторска и колективна одговорност се бараше и од двата клуба – од Шкупи заради нападот на родителите врз противнички играчи, а од Брегалница заради слабата организација на натпреварот и пропуст во обезбедувањето.

Директорот на Комунална хигиена меѓу приведените за отпадот во Скопје

Илустрација, преполни контејнери
Илустрација, преполни контејнери

Приведени се две лица од раководството на јавното градско претпријатие „Комунална Хигиена“, соопшто Основното јавно обвинителство. Во нивното соопштение е наведено дека по наредба на обвинител, полициски службеници преземаат дејствија за обезбедување докази.

„Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението.

Еден од двајцата приведени е директорот на „Комунална Хигиена“ Сабахaдин Рустеми. Засега се води предистражна постапка, не е отпочната истрага, велат од ОЈО.

Според Кривичниот законик приведените се осомничени за загрозување на животна средина и природата со отпадни материи.

„ Тој што спротивно на прописите за заштита на животната средина и природата складира, остава или расфрла отпадни матерни или со нив постапува на начин со кој се менува квалитетот на воздухот, почвата, водата или водотекот, во мера што може да ги влоши условите за жнвот на луѓето или животните или растенијата и да го загрози нивниот опстанок, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“, се вели во Кривичниот законик.

До ова дојде откако минатата недела по владина одлука со која го задолжи Министерството за внатрешни работи (МВР), во координација со повеќе инспекциски и здравствени институции, веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, поради сериозните проблеми со собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад.

„Воедно, се задолжува и Министерството за внатрешни работи, во соработка со надлежните институции, а се укажува на Град Скопје-Сектор инспекторат, да постапат согласно своите законски надлежности и да го испитаат работењето на ЈП Комунална хигиена-Скопје и градоначалникот на Градот Скопје во врска со несобирањето на комуналниот отпад, кој предизвикува опасност по здравјето на луѓето“, беше наведено во владината одлука.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG