САД воведуваат „суштински“ санкции врз руските нафтени компании поради „одбивањето на Путин да ја прекине бесмислената војна“

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателот на САД Доналд Трамп на средба во Белата куќа, 22.10.2025

САД на 22 октомври воведоа, како што ги нарекоа, „големи“ санкции врз руските нафтени компании, велејќи дека акцијата е „резултат на недостатокот на сериозна посветеност на Русија кон мировниот процес за завршување на војната во Украина“.

Мерките се дизајнирани да го зголемат притисокот врз енергетскиот сектор на Русија и да ја „деградираат“ способноста на Кремљ да собира приходи за својата воена машина, соопшти Министерството за финансии

„Со оглед на одбивањето на претседателот Путин да ја заврши оваа бесмислена војна, Министерството за финансии ги санкционира двете најголеми нафтени компании во Русија кои ја финансираат воената машина на Кремљ“, рече секретарот за финансии Скот Бесент во соопштението за медиумите.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека ова е „многу голем ден“ во однос на американските акции против Русија.

„Ова се огромни санкции. Овие се многу големи - против нивните две големи нафтени компании. И се надеваме дека нема да траат долго. Се надеваме дека војната ќе се реши“, им рече тој на новинарите во Белата куќа откако го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Санкциите на САД следат по потегот на Европската Унија претходно на 22 октомври за одобрување на нови санкции, вклучувајќи ставање на црна листа танкери за нафта што ги користи Москва, ограничувања за патување на руски дипломати и забрана за увоз на течен природен гас од Русија до 2027 година.

Видете и ова: Алијансата ја „изневери“ Украина, пишува Столтенберг во новата книга

Пакетот беше презентиран минатиот месец од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која предупреди дека купувањето фосилни горива од Русија е финансирање на руската војна.
Санкциите што ги објави Министерството за финансии на САД се насочени кон двете најголеми нафтени компании во Русија, Роснефт и Газпромнефт.

Трамп со месеци се воздржуваше од воведување нови санкции, велејќи дека се надева дека ќе го убеди Путин да преговара за решавање на војната во Украина. На 22 октомври, тој рече дека продолжил со санкциите затоа што „едноставно сметал дека е време“ и рече дека се надева оти тоа ќе го принуди Путин да биде „разумен“.

„Би сакале да ги видиме [двете страни] како ја заземаат линијата што е формирана во текот на многу долго време и да си одат дома“, рече Трамп.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Зошто Путин сака контрола врз целиот украинскиот регион Донбас?

Трамп повторно рече дека иако неговите разговори со Путин биле пријатни, од нив ништо не произлегло. Најновиот пример е повикот од минатата недела по кој Трамп неочекувано објави дека тој и Путин ќе одржат самит во Унгарија.

Но, на 21 октомври, Трамп рече дека не сака да ризикува со можноста за „пропаднат состанок“ откако висок функционер на Белата куќа изјави дека состанокот нема да се одржи „во непосредна иднина“.

Трамп им рече на новинарите на 22 октомври дека го откажал состанокот, но додаде: „Ќе го направиме тоа во иднина“.