Украинскиот претседател Володимир Зеленски дојде во Вашингтон со надеж дека ќе добие обврска за ново оружје, но наместо тоа се сретна со американски претседател кој неодамна имаше намера да посредува во постигнување мировен договор за ставање крај на повеќе од тригодишната војна во Украина.
Зеленски го напушти состанокот на 17 октомври со американскиот претседател Доналд Трамп без да ги добие многу бараните крстосувачки ракети „Томахавки“.
Сега се подготвува за нова фаза од дипломатијата предводена од САД, додека американските и руските претставници ги поставуваат темелите за потенцијален договор на претстојниот самит меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Будимпешта.
„Нека двајцата прогласат победата, нека одлучи историјата!“, напиша Трамп на социјалните мрежи по средбата со Зеленски, велејќи дека им кажал на двајцата лидери оваа недела дека „време е да се запре убивањето и да се постигне ДОГОВОР!“
По средбата, која Зеленски ја опиша како продуктивна, украинскиот претседател разговараше на телефон со европските лидери - вклучувајќи ја претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседателот на Финска и премиерите на Велика Британија, Италија, Норвешка и Полска - и рече дека смета на Трамп да изврши притисок врз Путин „да ја запре оваа војна“.
Европските лидери ја потврдија својата поддршка за Киев во повикот и рекоа дека ќе продолжат да работат на развивање мировен план за Украина, како и опции за зголемување на притисокот врз Москва преку санкции и користење на замрзнатите руски државни средства.
„Најважно сега е да се заштитат што е можно повеќе животи, да се обезбеди безбедност за Украина и да се зајакнеме. Токму кон ова работиме“, напиша Зеленски подоцна за повикот на својот Телеграм канал.
Но, аналитичарите и украинските пратеници за РСЕ/РЛ изјавија дека недостатокот на посветеност кон украинското барање за американскирте ракети Томахавки, уште еден самит меѓу Путин и Трамп и очигледното омекнување на реториката на американскиот претседател кон Путин откако изминаа недели во кои се закануваше со санкции и потенцијални испораки на оружје, го зголеми нивото на вознемиреност во Киев.
Вонреден професор по меѓународни односи на Универзитетот во Одеса,Володимир Дубовик за РСЕ/РЛ изјави дека омекнувањето на тонот на Трамп кон Украина во споредба со претходните средби со Зеленски оваа година одразува „позитивна динамика“, додека други не го делат неговиот оптимизам.
„Изненадена сум што слушам дека моите колеги имаат големи надежи за оваа сезона на преговори“, изјави за РСЕ/РЛ Соломија Бобровска, украинска пратеничка која е членка на Комитетот за национална безбедност на парламентот, осврнувајќи се на состанокот во Белата куќа и самитот закажан за наредните недели во Будимпешта.
„Ако можеме да ја поместиме самодоволноста на Трамп кон Русија дури и за милиметар подалеку, а исто така и поблиску кон Украина, тогаш тоа ќе биде добро“, додаде таа.
Од Томаховки до самит во Унгарија
Слична вознемиреност дели и Олександр Сушко, извршен директор на Фондацијата за меѓународна ренесанса со седиште во Киев.
„Трамп се чини дека е само делумно на страната [на Украина]. Затоа, многу е важно да се остане трезен и воздржан овде“, изјави тој за РСЕ/РЛ.
Во неделите пред средбата со Зеленски, Трамп размислуваше за испраќање ракети „Томахавки“ во Киев, додека се чинеше дека му се лути на Путин поради неговото одбивање да преговара за договор за завршување на војната.
Клучна причина за брзо организираното патување на Зеленски во Вашингтон беше можноста Украина да ги добие ракетите, кои се способни да погодат цели на растојание до 2.500 километри.
Но, телефонскиот повик на 16 октомври помеѓу Путин и Трамп, кој се случи додека украинскиот претседател беше во транзит кон Соединетите Држави, го промени тоа со идна средба меѓу двајцата лидери закажана за наредните недели во унгарскиот главен град.
На прес-конференцијата по состанокот во Белата куќа, Зеленски беше прашан за ракетите и што му кажале американските претставници.
„Многу ги сакаме... ни требаат. Никој не го откажа овој дијалог, оваа тема“, изјави Зеленски.
Подоцна, Трамп повтори дека сака Соединетите Држави да го задржат своето оружје.
„И ние сакаме Томахавки. Не сакаме да даваме работи што ни се потребни за да ја заштитиме нашата земја“, рече тој.
Зеленски, исто така, рече дека е отворен за билатерални или трилатерални разговори за завршување на војната.
„Не исклучувам дека [оружје со долг дострел] ќе се користи еден ден, но [тие] дефинитивно нема да се користат во наредните недели“, изјави за РСЕ/РЛ претседателот на одборот на Институтот за светска политика,Виктор Шлинчак.
Сите очи се вперени во Будимпешта
Одлуката на Трамп да организира уште еден самит со висок профил со Путин донекаде ги промени пресметките за Киев, изјави за РСЕ/РЛ раководителот на Центарот за промовирање реформи со седиште во Киев,Георги Чижов.
„[Трамп] мисли дека може да победи, дека може да го донесе Путин на преговарачка маса“, рече Чижов.
На новинарско прашање на 17 октомври дали мисли дека Путин се обидува да купи време, Трамп одговори дека целиот свој живот бил „изигруван “ од „најдобрите од нив“, но рече дека мисли дека Путин сака да склучи договор.
Според рускиот советник за надворешна политика Јури Ушаков, Путин го предупредил Трамп дека дозволувањето на Украина да ги купи „Томахавките“ „нема да ја промени ситуацијата на бојното поле, но би предизвикало значителна штета во односите меѓу нашите земји.“
Американските официјални лица наводно планираат повеќе состаноци на пониско ниво со нивните руски колеги отколку што имало пред средбата на Трамп и Путин во Алјаска во август.
Американската страна ќе ја предводи државниот секретар Марко Рубио, наместо специјалниот пратеник Стив Виткоф, според „Волстрит Џурнал“.
Трамп досега беше претпазлив во врска со зголемувањето на притисокот врз Путин, но неговата администрација, исто така, ја прошири размената на разузнавачки информации со Украина за да ѝ помогне да погоди цели во Русија и воведе високи тарифи за еден од најголемите трговски партнери на Москва, Индија, поради нејзините купувања на руска нафта.
На почетокот на октомври, администрацијата на Трамп, исто така, го санкционираше најголемиот снабдувач со нафта и гас во Србија, кој е во мнозинска сопственост на рускиот државен енергетски гигант „Газпром“.
Се чини дека руските претставници, исто така, подготвуваат свои понуди за да ги презентираат на американската страна во разговорите.
Шефот на рускиот рускиот суверен фонд, Кирил Дмитриев, ја оживеа идејата за изградба на тунел под Беринговото Море за поврзување на Русија и САД преку Алјаска и предложи компанијата Boring Company на Илон Маск да го изгради.