Украина и Русија, како што се очекуваше, не успеаја да постигнат значителен напредок за време на вториот круг директни мировни преговори што траеја нешто повеќе од еден час на 2 јуни во Истанбул. Во исто време, двете страни продолжуваат со воздушните напади, во најголемиот и најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна.
„Средбата заврши. Не заврши негативно“, рече портпаролот на турското Министерство за надворешни работи Онџу Кецели по разговорите на 2-ри јуни во палатата Чираган на Босфорот во Истанбул.
Очекувањата, на почетокот ниски, беа дополнително ублажени откако Украина еден ден претходно соопшти дека уништила десетици руски бомбардери со долг дострел во бранот дронови лансирани од далечина откако тие биле прошверцувани во Русија.
Деталите од состанокот не беа веднаш објавени, но се очекуваше двете делегации да ги претстават своите нацрти на таканаречените меморандуми за разбирање - документи во кои се наведени принципите на мировните разговори и можните услови за прекин на огнот.
На почетокот на разговорите, Украина се чинеше дека ја зајакнува својата преговарачка позиција откако нејзините сили погодија десетици бомбардери со долг дострел низ Русија со беспилотни летала кои беа шверцувани во дрвени сандаци на камиони, а потоа лансирани од блиски локации.
Безбедносната служба на Украина (СБУ) тврди дека дури 40 бомбардери можеби биле погодени во нападот на 1 јуни, опишан како „апсолутно брилијантен исход“ од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој додаде дека операцијата траела повеќе од година и пол за подготовка.
На почетокот на разговорите, се чини дека двете страни се се уште далеку од договор, а експертите велат дека шансите за пробив остануваат мали.
Зеленски на 30 мај рече дека Кремљ „прави сè“ за да се осигури дека предложените мировни разговори нема да дадат резултати откако голем напад со беспилотни летала врз вториот по големина град во Украина остави речиси десетина повредени луѓе, а по серијата воздушни напади врз Киев беа погодени повеќе станбени и цивилни објекти.
Украина во април се согласи со предлогот на САД за 30-дневен прекин на огнот, но Русија се спротивстави на планот, а многу од сојузниците на Украина го обвинија рускиот претседател Владимир Путин дека се обидува да го одолговлекува процесот за да може да ја искористи моменталната ситуација на бојното поле, каде што Русија добива на територии за кои тврди дека владее.
Голем дел од уништувањето е насочено кон цивилната инфраструктура, за која Русија тврди дека не е цел и покрај растечките докази што се чини дека покажуваат спротивното.
Специјалниот претставник на Трамп, Кит Келог, во интервју за ABC изјави дека американски, германски, француски и британски претставници ќе бидат во Истанбул или на состанокот на 2 јуни.
Русија изјави дека ќе го искористи состанокот за да презентира „меморандум“ во кој ќе ги наведе своите услови за мировен договор. Киев изјави дека е подготвен да учествува, но прво сака да ги види предлозите на Русија за завршување на војната.
Суспилне, јавниот радиодифузен сервис на Украина, објави детали од меморандумот што Киев планира да го презентира во Истанбул.
Руските новински агенции објавија дека советникот на Кремљ, Владимир Медински, кој ја предводи делегацијата на Москва, го примил документот.
Клучните точки вклучуваат повик за целосен прекин на огнот и „мерки за градење доверба“ за решавање на хуманитарните прашања.
Исто така, се вели дека Украина „не се обврзува да биде неутрална. Една држава може да избере да биде дел од евроатлантската заедница и да се движи кон членство во ЕУ. Членството на Киев во НАТО зависи од консензусот во рамките на Алијансата“.
Москва инсистираше на неутралност на Украина и ветување од Киев дека нема да се обиде да се приклучи на западната воена алијанса - точки што Зеленски долго време ги отфрла.
Меморандумот зборува за потенцијално олеснување на санкциите против Русија,но само под специфични услови.
„Некои ограничувања можат да бидат укинати од Русија, но во фази и само постепено, со механизам за обновување на санкциите доколку е потребно. Замрзнатите руски суверени средства се користат за обнова на Украина или остануваат замрзнати додека не се платат репарациите“, се вели меѓудругото, во меморандумот.
Како војната стигна до Русија?
Повеќе од три години, поголемиот дел од Русија ја гледаше војната предизвикана од целосната инвазија на Кремљ врз Украина од далеку.
Некои велат дека, сега, по смелиот напад на Украина во кој беа прошверцувани дронови во Русија, а потоа распоредени на 1 јуни за да се елиминираат десетици бомбардери со долг дострел, војната стигна на нивниот праг.
Во регионите Иркутск, Мурманск, Рјазан и Иваново, беспилотни летала нападнаа воздухопловни бази, шокирајќи ги руските власти и граѓани.
„Беше огнен пекол“, изјавија жителите на регионот Иркутск за RFE/RL's Siberia Realities.
Во Сибир, оддалечен околу 4000 км, жителите изгледаа потресени.
„Сега војната стигна и до нас“, изјавија некои жители од овој регион.
Претседателот Володимир Зеленски ги нарече нападите „апсолутно брилијантен исход“ од операција чие подготвување траело повеќе од година и пол.
Според очевидци, дроновите полетале од камион кој застанал на автопатот Р-255 „Сибир“. Таа информација ја потврди регионалниот гувернер Игор Кобзев, кој истакна дека ова е првиот напад со дронови во Сибир.
Во воената база Белаја во селото Средниј во Иркутската област, напад со беспилотни летала уништил најмалку еден транспортен авион, а според еден очевидец, нападот траел најмалку час и половина.
„Го гледав целиот кошмар низ двоглед - тоа беше навистина застрашувачка глетка“, изјави за РСЕ сведокот, човек кој се претстави како Роман.
„Прво слушнавме тресок и видовме огромен столб од чад. На почетокот помислив дека се урнал друг авион - пред два месеци бомбардер падна од овој аеродром. Потоа дефинитивно видов четири силни експлозии. Бидејќи по секој од нив почна да се излева сив чад... И кога го погодија транспортниот авион, целиот аеродром изгледаше како да гори“, раскажува тој.
Друг очевидец од градот Бурет, во близина на аеродромот, додаде:
„Нашата куќа се тресеше неколку пати од бранот на експлозијата“.
Нападот на 1 јуни се смета за уште еден голем срам за руските воени и разузнавачки агенции, бидејќи Украина се чини дека со месеци води тајна кампања на ниско ниво во Русија.
Киев обично не признава за вакви напади во кои се користат беспилотни летала и евентуално специјални сили за да се напаѓаат работи како што се складишта за гориво и цевководи и во голема мера се насочени кон области поблиску до границата меѓу Украина и Русија.
Извештаите за нападите со беспилотни летала од 1 јуни дојдоа неколку часа откако два инцидента ја оштетија железничката инфраструктура во западна Русија во кои загинаа најмалку 8 лица.
Не беше веднаш јасно дали двата инциденти, кои се случија доцна на 31 мај во Брјанск и рано на 1 јуни во Курск, се поврзани.
Националниот истражен комитет го обвини „нелегалното мешање“ без да даде дополнителни детали.
Во Иркутск, Кобзев повика на смиреност меѓу жителите на регионот, но некои рекоа дека им е доста од војната.
„Војната е во четвртата година, што ќе се случи во петтата година? Не знаете како да се борите, склушете мир, не се срамете“, рече жена која се претстави како Марина.
Други, исто така, почнаа да се прашуваат за способноста на властите да ги заштитат поради стравувањата дека ако камион може да се вози толку далеку во земјата, а потоа да се користи во операција, ова можеби нема да е последниотнапад.
„Како? Како е ова можно? Како ги пропуштија овие камиони? Има толку многу прашања“, праша жена која се претстави како Светлана.
Во регионот Мурманск, гувернерот Андреј Чибис потврди напад со беспилотни летала кои исто така беа лансирани од камион паркиран во близина на градот Оленегорск.
Очевидци од областа изјавија дека забележале најмалку 10 експлозии во воздухопловната база.
„Војната започна во Оленегорск. Чад од експлозиите се издигна зад шумата“, рече еден, забележувајќи дека се чини дека возачот на камионот во кој можеби се наоѓале беспилотните летала бил уапсен од полицијата.