Експлозија предизвика пад на мост врз железничка пруга кога поминувал воз во западна Русија, при што загинале неколку луѓе, соопштија истражните власти. Локален гувернер изјави дека загинале најмалку 8 лица.
Во одделен инцидент во соседен регион, експлозија предизвика рушење на друг железнички мост додека товарен воз минувал преку него, повредувајќи најмалку еден од машиновозачите, изјави локалниот гувернер.
Засега не е јасно дали двата инцидента, кои се случија доцна на 31 мај во Брјанск и на први јуни во Курск, се поврзани.
Во областа Брјанск, која се граничи со Белорусија и Украина, околу 23 часот, патнички воз настрада од урнатини од надвозник, се вели во соопштението на Националниот истражен комитет.
Како што се додава, колапсот се должи на експлозија предизвикана од „илегално мешање“ без да даде дополнителни детали. Возот патувал за Москва.
Александар Богомаз, гувернер на областа Брјанск, во објава на Телеграм рече дека седум лица загинале, а речиси четириесетина се повредени.
Фотографиите и видеото објавени на социјалните мрежи покажаа спасувачки екипи кои работат под рефлектори за да ги отстранат остатоците од вагоните. Руската национална железничка компанија го потврди излетувањето од шините и соопшти дека испраќа екипаж да помогне. Се вели дека не се очекуваат пречки во железничкиот сообраќај.
Вториот инцидент се случил околу 3 часот по полноќ на 1 јуни во областа Курск, соопштија официјални лица, на околу 90 километри јужно Брјанск. Товарен воз, по експлозија, паднал на автопат додека возот минувал преку надвозник, соопшти Истражниот комитет.
Александр Хинштајн, регионалниот гувернер на Курск, рече дека најмалку еден од машиновозачите е повреден. Истражниот комитет соопшти дека тројца вработени во возот се хоспитализирани.
Времето и локацијата на двата одвоени настани и тврдењето дека се предизвикани од експлозии, ги зголемија стравувањата од можна саботажа.
Во граничната област со Белорусија и Украина, во регионите Брјанск и Курск има големо воено присуство како дел од тековнатаруска инвазија врз Украина. Регионот Курск беше место на седуммесечна прекугранична инвазија на украинските сили, кон крајот на април, а Русија тврдеше дека ги потиснала сите украински сили од Курск.
Војната на Русија против Украина продолжи со несмалено темпо, и покрај напорите на Соединетите Држави и другите западни земји, Киев и Москва да седнат на мировни преговори.
Се очекува двете страни да се сретнат во Истанбул на 2 јуни на втор круг разговори. Претходната рунда не донесе значителен напредок, иако двете страни се согласија да разменат стотици воени заробеници.
Иако Украина се согласи на безусловен прекин на огнот, Русија одолговлекува, предлагајќи дополнителни пошироки услови, вклучително и запирање на снабдувањето со оружје од Запад за Украина, како и барање, на Украина никогаш да не и се дозволи да се приклучи на НАТО.