Пред втората рунда преговори за ставање крај на војната во Украина, најавени за понеделник во Истанбул, борбите продолжија и во текот на изминатата ноќ. Русите изведоа уште еден напад врз украинскиот пограничен регион Суми,додека Укранците го нападнаа Курскиот регион, објави ДПА.
Русија изврши воздушен напад врз станбена зона и уништи магацини, при што е повредено најмалку едно лице, соопшти изутрината регионалната воена администрација на Сумскиот регион.
Експлозии беа пријавени во текот на ноќта во регионите Харков и Доњецк, како и во областа околу градовите Николаев и Виница.
Најмалку 10 лица биле повредени во рускиот Курски регион по воздушните напади со украински беспилотни летала, јавија руските медиуми, повикувајќи се на локалната регионална администрација.
Оштетени се неколку станбени згради во регионот.
ДПА пренесува дека тврдењата на двете страни не можат да бидат потврдени од независни извори.
За понеделник е закажана втора рунда преговори во Истанбул, но условите за прекин на огнот, како што ги изнесе рускиот амбасадор во Обединетите нации, за шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха се неприфатливи, нарекувајќи ја официјална Москва арогантна и неинформирана.
„Ова е шлаканица од Русија за сите кои се залагаат за мир“, рече тој за руските барања.
„Тие не разбираат нормален став или дипломатски јазик; време е да им се зборува на јазикот на санкциите и зголемената поддршка за Украина“, рече Сибиха.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија „прави се“ за да се осигура дека предложените мировни преговори во Истанбул на 2 јуни нема да дадат резултати.
Зеленски на 30 мај рече дека му пренел на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека е потребен прекин на огнот за да се придвижи напред кон решавање на војната.
„Мора да има прекин на огнот за да се придвижи понатаму кон мирот. Убиството на луѓето мора да престане“, објави Зеленски на Телеграм по неговиот разговор со турскиот лидер.
„Го делиме ставот дека оваа средба не може и не треба да биде празна.
Зеленски, исто така, рече дека двајцата разговарале за можноста за организирање средба меѓу лидерите на Украина, Русија, Турција и САД.