Достапни линкови

Индустријата доби уште две години да се усогласи со ЕУ-стандардите за загадување


Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Резиме

  • Собранието го донесе Законот за контрола на индустриски емисии со кој се воведува европски стандард за најдобри достапни техники (НДТ) и јавен регистар со сите индустриски постројки и нивните емисии.
  • Министерството за животна средина најавува построги контроли и казни и зајакнат кадар и систем за надзор со нова опрема.
  • „Еко-свест“: „Две години одложување е премногу — институциите одамна знаат што треба да направат, а здравјето не може да чека.“

Големата индустрија во Северна Македонија добива уште две години за да се усогласи со европските стандарди за контрола на загадувањето.

Собранието минатиот месец го изгласа Законот за контрола на индустриските емисии кој ја транспонира европската Директива 2010/75/ЕУ.

Поставени се построги правила за фабриките, термоцентралите и другите индустриски постројки, но Владата предложила примената на законот да биде две години од денот на стапување во сила.

Според експертите со кои разговаравме - долгиот рок за примена е премногу дарежлив кон индустријата за која сметаат дека веќе две децении има привилегиран статус во однос на примената на еколошките стандарди.

„Знаеме дека новата регулатива ќе бара поголеми административни капацитети во надлежното Министерство за животна средина и просторно планирање, но сепак периодот од две години од усвојување до примена на одредбите е преголем, со оглед дека овој закон се изработува од 2019 година“, вели Елена Николовска од Центарот за истражување и информации за животната средина – „Еко-свест“.

„Институциите уште тогаш беа свесни за новите состојби и потреби кои ќе ги создаде законот. Здравјето на луѓето и животната средина нема цена и не може да чека,“ вели Николовска за Радио Слободна Европа.

Две децении без филтри, државата повторно попушта

Освен големата индустрија која подлежи на А-интегрирани еколошки дозволи, со законот ќе се регулира и работата на помалите Б инсталации преку интегриран систем за контрола на загадувањето.

Дел од големата индустрија во Северна Македонија, вклучително државните компании како РЕК Битола и РЕК Осломеј, со години загадуваат над дозволеното со сулфур диоксид, азотни оксиди и прашина токму поради тоа што користи застарена и енергетски неефикасна опрема.

Иако обврската за добивање „А-интегрирани еколошки дозволи“ е воведена уште во 2005 година, практиката во земјава е многу компании не ги исполнуваа мерките за намалување на емисиите, додека државата ги толерира, а граѓаните трпат штети врз нивното здравје.

Со новото одложување на примента законот компаниите уште еднаш добиваат време да не инвестираат во нови технологии, да не ги надгледуваат строго емисиите како што е според новиот закон, да не бидат казнувани, со што повторно добиваат време да избегнат трошоци за филтри и санкции, на сметка на здравствените и еколошките штети.

Државата досега имаше слаб мониторинг врз инсталациите и нивното исполнување обврските од дозволите, но и недостаток на лаборатории и кадар, а компаниите кои иако добиваа А или Б-дозволи можеа да загадуваат над дозволените граници.

Овие недостатоци се наведени во ревизорските извештаи, но и во воведот на новиот веќе донесен Закон за контрола на индустриски емисии.

Ќе има построги контроли

Го прашавме Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) како ќе подготват реална примена на новиот закон во следните две години – особено во делот на контрола и мониторинг на А-индустриите – со оглед дека е нотирано за досегашните институционални слабости токму во недоволната контрола, недостигот на стручен кадар и слабиот надзор над најголемите загадувачи.

Во писмениот одговор за РСЕ Министерството вели дека со новиот закон дозволените концентрации на емисии ќе се намалат, а инспекторатите и ресорното министерство ќе бидат одговорни за издавање на дозволите, контрола на нивното почитување и навремено информирање на јавноста.

Мониторингот, според нив, ќе се врши преку редовни мерења на емисиите во воздух, вода и почва од страна на акредитирани лаборатории.

Доколку се утврдат отстапувања од дозволените вредности, ќе се издаваат опомени и рокови за корекција кон компаниите, а во случаи на неусогласеност ќе следуваат парични казни, прекин на работењето или одземање на интегрираната дозвола.

Министерството наведува дека располага со обучен кадар и инспекциски систем кој ќе се зајакнува со нова опрема и дигитални алатки, а во периодите на зголемено загадување ќе се спроведуваат засилени контроли и координирани акции со другите инспекторати и општините.

И од Државниот инспекторат за животна средина, кој сега е под МЖСПП за РСЕ рекоа дека законот е потребен во насока на подобрување на еколошките дозволи и „поефикасно и сеопфатно инспектирање на правните субјекти“.

Ќе се надминат ли постоечките проблеми?

Меѓу клучните новитети според текстот на законот се тоа што индустријата ќе добие нов вид на дозволи, но и национален регистар.

Компаниите и институциите треба да добијат појасни еколошки обврски, да се надмине досегашната состојба на издавање интегрирани дозволи (А и Б) со различни рокови, стандарди и методи на мониторинг, без унифициран пристап и доволни административни капацитети.

Досегашниот модел, регулиран преку Законот за животна средина, создаваше проблеми од типот на неусогласени гранични вредности, различни параметри за мерење на емисиите, дозволи издавани за подолг период од законскиот, како и нееднаков пристап на општините, се вели во текстот на новиот закон.

Последиците од тоа се некои индустрии да работат под построги еколошки барања, а други под полабави услови, што не само што има влијанија врз животната средина, туку се создава можност за нарушување на конкуренцијата на пазарот.

Со новиот закон се воведува обврската за применување на „најдобри достапни техники“ (НДТ) – европски стандарди што ја дефинираат најеколошки прифатливата технологија за одредена индустриска дејност.

„Со новиот закон и примената на НДТ заклучоците се заоструваат условите при работа на индустриските капацитети, односно дозволените концентрации на емисиите ке се намалат“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Секоја фабрика ќе мора да ги следи овие заклучоци при избор на опрема, процеси и материјали.

Б-интегрираните дозволи поголем предизвик

Наместо одделно да се гледа секој медиум (воздух, вода, почва), со новиот закон се воведува единствен пристап кој ги обединува сите извори на емисии и ги следи нивните вкупни ефекти врз околината.

Меѓу клучните новитети е воведувањето на Национален регистар на индустриски инсталации и постројки, кој ќе биде електронски и јавно достапен.

Регистарот ќе ги содржи сите дозволи, параметри за емисии и мониторинг податоци, што треба да овозможи транспарентност и полесен јавен надзор.

Николовска вели дека со новиот закон системот за издавање на интегрирани еколошки дозволи е унапреден, а роковите усогласени со Законот за животна средина, што значително го зајакнува контролниот механизам на загадувачите.

Но, таа додава дека и сегашниот закон ако се применувал доследно, овозможува доволно простор за ограничување на загадувањето од големите индустриски капацитети.

Поголем предизвик според неа ќе бидат оние со Б-интегрирани дозволи, каде што како што вели контролата е слаба, а корупцијата често присутна.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG