Достапни линкови

Што ве чека од октомври на границите со ЕУ?


Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

ЕУ од следниот месец го стартува новиот систем за влез – биометрија наместо печати. Очекувањата се патувањето да биде олеснето на аеродромите, но предизвици се можни на границите со Грција и Бугарија поради простор и технички услови за земање податоци. Системот ETIAS или електронската регистрација ќе стартува на крајот на 2026.

На 12 октомври 2025 година за сите патници од земји надвор од Европската Унија и Шенген-зоната, меѓу кои е и Северна Македонија, ќе важат нови правила за преминување граница.

Стапува на сила EES (Entry/Exit System) – дигиталниот систем за влез и излез кои земјите членки на ЕУ ќе го имплементираат постепено во наредните шест месеци, а од крајот на 2026 година ќе има уште едно правило - патувањето да го пријавите дигитално и за тоа да платите 20 евра.

Новите правила значат дека ќе ве фотографираат на граница или аеродром и ќе ви земаат отпечатоци од прсти, а потоа секое влегување и излегување ќе се евидентира дигитално.

Мерката е со цел зголемена безбедност и намалување на можностите за измами на сите точки за влез во Европската Унија, но исто така да го олесни преминувањето на границите на граѓаните од трети земји, како што беше кажано на денешниот брифинг во Делегацијата на ЕУ во Скопје.

„Ова практично значи дека прогресивно, кога влегуваат граѓаните од трети земји во ЕУ, ќе треба да се регистрираат само еднаш со биометриски податоци – отпечатоци од прсти и фотографија и потоа во следното влегување се ќе биде полесно. На пример, кога поминувате на аеродром ќе може да употребувате автоматски врати и ќе биде многу побрз начин на патување на границите на ЕУ“, изјави денеска амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија Михалис Рокас.

Наскоро нови правила за влез во ЕУ - заборавете на печатите во пасош
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:35 0:00

Со стартот на EES, традиционалните печати во пасошот треба да станат минато, а новиот механизам да овозможи да се следи дали некој го пречекорува дозволениот престој од 90 дена и дали патува со туѓ идентитет.

Системот содржи и алатка преку која патниците ќе можат сами да го проверуваат времетраењето на нивниот престој.

Во првите шест месеци, EES ќе се воведува постепено во сите 29 земји од Шенген-зоната, меѓу кои се и Швајцарија, Норвешка и Исланд.

Новите правила нема да се применуваат на деца до 12 години, а нема да важат ниту за оние со регулиран престој во ЕУ или кои имаат двојно државјанство, ако освен македонското, имате и државјнаство на земја членка на Унијата.

Можни предизвици

Но, можно е да има предизвици со имплементацијата на системот на граничните премини.

Северна Македонија граничи со две земји од Шенген-зоната – Грција и Бугарија, а беше кажано дека е можно да биде проблем просторот на границите каде на граѓаните ќе треба да им бидат земени отпечатоци и фотографии.

За тоа се предвидено мобилни уреди, или на пример да бидат паркирани посебни автобуси каде ќе се земаат податоците.

На брифингот беше кажано дека Грција се очекува веднаш да го имплементира системот, додека Бугарија ќе тоа да го прави постепено на граничните премини.

Брифинг за стартот на системот EES (Entry/Exit System).
Брифинг за стартот на системот EES (Entry/Exit System).

Се уште постојат нејаснотии околу одредени прашања, на пример како ќе се одвива регистрацијата на возачите на камиони.

Имплементацијата на системот ќе се одвива во четири фази, при што секоја земја од Шенген зоната ќе има своја динамика:

Во првите 30 дена планот е да бидат опфатени најмалку 10 проценти од патниците; до 90 дена ќе бидат опфатени 35отсто, до 150 дена – половина од сите патници и по 170 дена – новиот систем ќе важи за сите патници во Шенген зоната.

Детални информации за системот имате на официјалната веб страница на Европската Унија.

ETIAS – електронско одобрување за влез

Системот ETIAS (European Travel Information and Authorisation System) е различен од ЕЕS и се очекува да биде имплементиран на крајот на 2026 година тоа ќе биде електронска регистрација налик на американскиот ESTA.

ETIAS ќе важи за сите патници кои патуваат без виза. Регистрацијата ќе се прави онлајн, без интервјуа, документи или отпечатоци, а цената е предложена да изнесува 20 евра.

Одобрувањето во најголем број случаи ќе се добива за неколку минути, ќе важи три години, и ќе биде бесплатно за лица под 18 години и над 70 години.

Според Европската Унија, целта на ETIAS и EES е да се зголеми безбедноста, да се забрза контролата на границите и да се олесни патувањето во Шенген-зоната.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG