Достапни линкови

Мирен изборен ден, се гласа за градоначалници во 33 општини


Втор круг локални избори за градоначалници, 2 ноември 2025 година
Втор круг локални избори за градоначалници, 2 ноември 2025 година

Мирно и без проблеми поминува изборниот ден во вкупно 33 општини, вклучително и Градот Скопје, каде што денеска, 2 ноември се одржува вториот круг од локалните избори во кој треба да се изберат градоначалници за следниот четиригодишен мандат.

Гласачките места се отворија во 7 часот наутро, а ќе се затворат во 19 по што се очекува ДИК да почне со пребројување и објавување на гласовите.

Гласањето се одвива непречено и во мирна атмосфера, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). До 13 часот гласале 19,96 проценти од гласачите запишани во Избирачкиот список.

Најголема е излезноста во општините Пробиштип-36,6% и Крушево-34,8 %, а најмала во Сарај-3,58 отсто и Чаир-5,35 проценти од евидентираните гласачи. За Скопје излезноста е 15,28 отсто, додека во другите скопски општини се движи од 13,3 отсто во Бутел до околу 22 отсто во Центар и Карпош.

За споредба, во првиот круг до 13 часот излезноста била 20,12 отсто, а за Скопје 20,07 проценти.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека денешниот ден поминува во мирна и демократска атмосфера на територија на целата држава.

„До сега не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Регистрирани се неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до овој момент не се потврдени наводите од пријавите“, изјави портпаролот на МВР Гоце Андреевски.

Екипата на Радио Слободна Европа посети избирачки места во општините Центар и Карпош, две од четирите скопски општини каде што има втор круг.

Гласањето тече мирно и во демократска атмосфера, а жителите на општина Центар очекуваат новите локални власти да им ги решат проблемите со градежниот и сообраќаен хаос.

„Центар отсекогаш имал проблеми со паркирање, затоа што е пожелна дестинација за многумина, а местата се тие и за луѓето кои доаѓаат и за тие кои живеат во Центар. Нормално сакам да има и повеќе зеленило“, вели Владо од Центар.

Мирно и без проблеми се одвива гласањето и на избирачкото место 2599 во скопски Карпош. И таму граѓаните се жалат на слични проблеми и очекуваат одговорни и вредни градоначалници.

„Посакувам да се реши проблемот со загадувањето и зградите што се градат, да имаме повеќе простор, немаме паркинзи“, се жали Мира, жителка на Карпош.

Инаку втор круг се одржува онаму каде што ниту еден од кандидатите не освои 50% плус еден глас од вкупниот број гласови. На гласачките ливчиња се наоѓаат двајцата најдобропласирани од првиот круг.

Втор круг избори за градоначалници, гласањето без проблеми
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:25 0:00

Втора шанса за градоначалник имаат град Скопје и општините Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Долнени, Зрновци, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново-Облешево, Чучер Сандево и Шуто Оризари.

Поради нерегуларности, на три избирачки места во скопската општина Шуто Оризари има прегласување и за кандидатите за советници. Оваа одлука Државната изборна комисија (ДИК) ја донесе поради можноста резултатот од овие места да влијае на распоредбата на мандатите за советници.

Четириесет и четири општини добија градоначалници во првиот круг

Во првиот круг од локалните избори беа избрани советници во 79 општини и Градот Скопје, а беа избрани градоначалници во 44 општини, кои веќе ги добија решенијата и ги преземаа новите функции.

На овие локални избори за вкупно 81 градоначалничко место имаше 309 кандидатури, додека за место во советите се бореа над 10.490 кандидати од вкупно 576 листи.

Овие кандидати - учесници на изборите се предложени од вкупно 22 политички партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.

Сепак, од вкупно 80 општини плус Градот Скопје, четири градоначалнички места ќе останат испразнети.

Во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и во Центар Жупа изборите за градоначалници пропаднаа, бидејќи не беше исполнет цензусот на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.

За овие четири места, ќе има нови избори кои ќе треба да се распишаат и организираат, откако ќе бидат објавени конечните резултати од денешниот втор круг.

Очекувањата се дека во четирите општини граѓаните ќе гласаат за нови градоначалници околу Нова година со оглед дека рокот што е пропишан со Изборниот законик за повторување на изборите е 60 дена.

Инаку изборниот ден на првиот круг кој се одржа на 19 октомври, помина мирно, без инциденти, со излезност од 46,5 проценти.

Локалните избори, според информациите на ДИК, ќе ги следат 1 569 набљудувачи, од кои 904 домашни и 651 меѓународни, а акредитирани за известување од изборите се и 14 странски новинари.

Вкупниот буџет што го одвои државата за одржување на овие локални избори изнесува 9 милиони 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.

Локални избори во Северна Македонија се одржуваат на секои четири години.

Овие се осми по ред од осамостојувањето на државата во 1991 година.

XS
SM
MD
LG