Голема, голема победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, објави лидерот на партијата и премиер Христијан Мицкоски, во обраќањето по вториот круг од локалните избори во Северна Македонија по што членовите и симпатизерите на партијата прославија пред партиското седиште во центарот на Скопје.
„Вечерва не славиме против никого. Славиме за Македонија. Славиме за новата енергија што ја движи државата напред, за работа и за одговорност“, рече Мицкоски и најави дека ќе замине кај граѓаните во Кичево и во Брвеница.
ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг прогласи победи во дваесетина општини, а опозициската СДСМ - во три општини.
Коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН) во вториот круг победи во четири од пет општини во кои имаше кандидати.
По еден градоначалнички мандат во вториот круг освоија Националната алијанса за интеграција (НАИ) во Студеничани, Унијата на Роми во Шуто Оризари и ЗНАМ во Куманово, каде Максим Димитриевски освои уште еден мандат.
Последната информација од Државната изборна комисија (ДИК) е излезност од 41, 76 отсто избирачи на обработени околу 98 отсто гласови.
Орце Ѓорѓиевски иден градоначалник на Скопје
Орце Ѓорѓиевски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, победи во Скопје. Од обработени 97, 69 отсто гласови досега, тој освои 57, 40 отсто (93.313 гласови) пред противкандидатот од партијата Левица, Амар Мециновиќ.
Мециновиќ освои 36,40 отсто или 59.178 гласови од досега обработените резултати.
Неговата порака по изборите беше „Скопје се разбуди“.
„Во следните 2 години Скопје самото ќе се мобилизира и на следните парламентарни избори Левица ќе претендира да биде прва партија во Скопје. На гласачите на СДСМ сакам да им порачам дека сметам оти ние сме вашата опција. После ова што се случи во Скопје, Левица ќе се врати посилна на следните парламентарни избори. Скопје ќе биде црвено“ – рече Мециновиќ и се заблагодари на сите гласачи што го поддржале.
Промени во Кичево, Карпош и во Кочани
Промени во градоначалничките места ќе има во скопската општина Карпош, во Кичево и во Кочани, едни од најинтересните битки на изборите.
Во Карпош, Сотир Лукровски од ВМРО-ДППМНЕ го победи досегашниот градоначалник Стевче Јакимовски.
Во Кичево, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски, славеше победа над актуелниот градоначалник Фатмир Дехари од ДУИ.
Објавувајќи ја победата во Кичево, Мицкоски рече дека победува соживотот и вербата во вредности.
„Морам да соопштам и посебно силна порака, а таа е од нашето Кичево - падна Фатмир Дехари. Падна од народот кој се обедини против раскалашеноста, недомаќинското работење. Покажавме што можеме кога сме обединети, соработувавме различни вери против оние кои го влечеа градот надолу. Победија соживотот и вербата во вредности. Победи идејата дека Македонија е дом за сите. Падна митот дека Кичево е нивно или наше. Кичево е на кичевчани“, рече Мицкоски.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Грозданов, ќе биде нов градоначалник на Кочани.
„Победивме и во Кочани, нашето Кочани кое мораме да го издигнеме и поткрепиме“, рече Мицкоски објавувајќи ја победата во Кочани.
ВМРО-ДПМНЕ објави победа и во Аеродром, Чучер Сандево, Брвеница, Валандово, Дојран, Крушево, Лозово, Могила, Македонски Брод, Ранковце, Чишиново-Облешево, Виница, Дебарца, Конче, Демир Капија, Пробиштип.
СДСМ победи во Центар, Македонска Каменица и во Зрновци
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) во вториот круг победи во три општини - во скопската општина Центар, во Македонска Каменица и во Зрновци.
Со тоа, СДСМ досега освои победа во вкупно шест општини, заедно со победата во првиот круг во Крива Паланка, Богданци и Кривогаштани.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека во изминатите две недели власта правела притисок на сите кандидати на СДСМ во 17 општини во кои партијата влезе во втор изборен круг и рече дека нема да поднесе оставка од лидерската позиција.
„Кажав и минатиот пат, јас сум претседател многу кратко, година и неколку месеци. Лани имавме една консолидација во партијата, но секако дека овие избори се дополнителен показател од кои ќе влечеме пораки и поуки во иднина“, рече Филипче и најави Конгрес на партијата и промени во партиското раководство.
Мицкоски кажа дека не е среќен поради дебаклот на СДСМ, „но тоа е одраз на реалноста дека оваа партија не се реформираше и не го фати чекорот со времето“.
Билал Касами во Тетово, Менди Ќура во Струга
Коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН) прогласи победа во четири од пет општини во кои имаше кандидати во вториот круг.
„До овој момент можам да потврдам убедлива победа во Тетово со над 5.000 гласови разлика. Убедлива победа во Боговиње со 1.400 гласови разлика. Убедлива победа во Дебар, Долнени, во Струга со над 1.500 гласа“, рече Башким Бакиу од ВРЕДИ.
Во Тетово, втор мандат освои Билал Касами, лидер на партијата БЕСА, која е дел од коалицијата ВРЕДИ.
Во Струга, ВРЕДИ немаше свој партиски кандидат, туку ја поддржа независната кандидатура на бизнисменот Менди Ќура.
Националната алијанса за интеграција (НАИ), коалицијата предводена од ДУИ, во вториот круг води само во општина Студеничани.
Али Ахмети од ДУИ обвини за нефер изборни практики и рече дека загубата на некои градоначалнички места е повик за зајакнување на структурите на партијата.
Мирен втор круг
Вториот круг помина во исклучително мирна, фер и демократска атмосфера, оцени министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
До Министерството за внатрешни работи(МВР) имало 30 пријави за нерегуларности, од кои најмногу во Скопје. Најчестите пријави биле за агитирање близу гласачки места, можен поткуп при гласање, неовластено присуство на гласачко место, изолирани случаи на попречување на гласање, фотографирање гласачко ливче, неовластено фотографирање граѓани и упатени закани.
По затворањето на избирачките места во вториот круг од локалните избори во Северна Македонија, и Јавното обвинителство излезе со оценка дека изборниот дел поминал „без поголеми нарушувања на изборниот процес“.
Втор круг гласање имаше во вкупно 33 општини вклучително и во Градот Скопје.
Во првиот круг се избраа 44 градоначалници, како и нови членови на советите во сите општини, освен во Шуто Оризари каде ќе има прегласување за Советот на три избирачки места.
Во четири општини ќе има нови избори - тоа се Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и во Центар Жупа. Причината е тоа што не беше постигнат цензусот најмалку една третина или на гласање да излезат 33,33% од запишаните граѓани во Избирачкиот список.
Затоа, во овие општини целата постапка ќе се повтори од почеток до крај – од распишување избори, поднесување кандидатури, водење кампања, до гласање. Најверојатно денот на гласање би бил во првата половина од јануари 2026 година.
Изборниот ден на првиот круг кој се одржа на 19 октомври, помина мирно, без инциденти, со излезност од 46,5 проценти.
Вкупниот буџет што го одвои државата за одржување на овие локални избори изнесува 9 милиони 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.
Локални избори во Северна Македонија се одржуваат на секои четири години.
Овие се осми по ред од осамостојувањето на државата во 1991 година.