Достапни линкови

Изборни математики - кој против кого и со кого во вториот круг?


Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 2 ноември.
Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 2 ноември.

За соочувањата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и НАИ во Кичево и ВЛЕН и НАИ во Тетово, но и гласањата во Карпош и Центар, клучни може да бидат гласовите од кандидатите кои отпаднаа во првиот круг. Но, прашање е дали ќе има јавни или тајни соработки меѓу партиите и колку овие гласачи ќе бидат „послушни“?

Кој кого ќе поддржи во вториот круг од локалните избори и може ли евентуалната поддршка меѓу различни партии да пресуди кој ќе стане градоначалник во конкретна општина, е прашањето кое се наметнува како клучно во пресрет на 2 ноември – денот кога ќе се избира прв човек во 33 општини во Северна Македонија, вклучително и Градот Скопје.

Во првиот круг од изборите на 19 октомври, сите општини добија нови состави на советите, а градоначалници се избраа во 44. Но, во општините кои во текот на кампањата беа посочувани како најнеизвесни и предизвикаа најголем интерес кај јавноста, гласачите ќе одлучат на 2 ноември.

Скопските Центар и Карпош, но и Кичево, Тетово и Стурга, како и Кочани, се дел од општините кои политичките аналитичари ги посочуваат како интересни за следење и каде што гласачите на кандидатите кои не влегоа во втор круг би можеле да бидат пресудни за победа односно пресврт.

За дел од нив, јасна е поддршката, но за дел барем јавно партиите досега не се изјаснија и не го насочија членството чиј кандидат да поддржат.

Колку членовите ги слушаат партиите за кого да гласаат?

Аналитичарот и претседател на Институтот БИРС, Џелал Незири, смета дека е тешко партиите да ги контролираат гласачите и да ги пренасочат за кого да гласаат. Според него, тоа се докажало дека не функционира ниту во првиот круг во општините каде имало јавен или прикриен партиски договор за соработка, па затоа смета дека ќе биде уште потешко тоа да се направи во вториот круг.

Во првиот круг беше многу полесно да се ориентираат гласовите кон кандидати на други партии затоа што се гласаше и за составот на советите, т.е. и за партиите. Во вториот круг се гласа само за кандидати за градоначалник така што ќе биде многу тешко да се убедат гласачите да излезат и слепо да гласаат за кандидат кој не е нивен“, вели Незири за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Сепак, има повеќе категории гласачи, како и разлики меѓу партиите – некои ги контролираат, некои не, своите членови, смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

„Тоа зависи од базата на партијата. Има партиски поддржувачи кои ќе гласаат за кандидатот на партијата, тоа се оние кои се директно вклучени во директната комуникација со партиите низ партиските структури – општинските и месните организации. Но, има и симпатизери кои често гласаат за една партија. Кога не гласаат за таа партија, остануваат дома и тие тешко се даваат од еден на друг кандидат“, вели Арсовски за РСЕ.

На тоа тој ја додава и „самата устроеност на партиите“ бидејќи вели дека традиционално десните партии се подисциплинирани исто како и нивните поддржувачи за разлика од левоориентираните.

ВМРО ДПМНЕ со убедливо водство – битката за Скопје продолжува
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:26 0:00

Кичево и Тетово – ќе се поддржат ли ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН против НАИ?

Тетово и Кичево се градовите што Арсовски ги посочува каде без коалиција меѓу партиите изборот на градоначалник ќе биде тежок.

Во Тетово соочување ќе имаат кандидатите на двата албански блока – Биљал Касами од владејачката коалиција ВРЕДИ (ВЛЕН) и Бајрам Реџепи од Националната алијанса за интеграција (НАИ) предводена од ДУИ.

Таму разликата во првиот круг беше помалку од 4.000 гласа во корист на Касами. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ немаа свои кандидати. Левица имаше и освои околу 3.300. Социјалдемократите засега не дадоа поддршка за ниту еден од нив, додека ВМРО-ДПМНЕ и во првиот круг повика да се гласа за Касами, кој им е коалициски партнер на централно ниво.

Меѓутоа, изјавите меѓу двата круга од претставници на ВРЕДИ, вклучително и на самиот Касами, за изборите во Кичево деновиве ги занишаа коалициските договори во владејачката структура.

Кичевчани ќе бираат помеѓу досегашниот градоначалник од ДУИ, Фатмир Дехари, и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски.

Касами кој во гостување на албански медиум алудираше на евентуална поддршка за Дехари, потоа ретерираше со тоа дека изјавата била погрешно протолкувана и дадена во момент кога политичкиот опонент се обидел да игра на етничка карта.

Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ, кој по првиот круг имаше околу 6.000 повеќе од Дехари, во обраќање јавно им се заблагодари и на гласачите на опозициските СДСМ и Левица, иако партиите претходно, барем јавно, не повикаа да се гласа за него.

Карпош и Центар – најнеизвесни во Скопје

Покрај во овие, интересна битка може да има и во дел од скопските општини. Во Карпош ќе се соочат актуелниот градоначалник од ГРОМ Стевчо Јакимовски и Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ кој во првиот круг имаше тесна предност од околу 1.500 гласа.

Кандидатите кои отпаднаа, досега јавно не дадоа поддршка на ниту еден од нив. А, бројките покажуваат дека нивните гласови ќе влијаат на крајниот резултатот – кандидатката на СДСМ во првиот круг освои 3.800, кандидатот на Левица околу 2.800, додека независната Невена Георгиевска околу 2.600 гласови.

Тука е и Центар каде Горан Герасимовски од СДСМ во вториот круг влезе со околу 2.800 гласа разлика од Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ. ВМРО-ДПМНЕ немаше свој кандидат туку застана зад Лабудовиќ. Левица засега не се изјасни за поддршка, додека од Независни заедно, чија кандидатка Билјана Ивановска собра околу 4.400 или 20 отсто од гласовите, порачаа дека нема да повикуваат да се гласа за никого бидејќи „секој гласач е свесен, одговорен и има право сам да одлучи“.

„Поддршката од оние кои отпаднаа во првиот круг е значајна и во двете општини, но поважна ќе биде во Карпош. Во Центар гласачите на Ивановска не се врзани со партија, а разликата помеѓу Герасимовски и Лабудовиќ е поголема, не е мала како во Карпош. Треба да се смета дека половина од гласовите на тие кои отпаднале можат да отидат кај некој кандидат. Така, во Центар мислам дека математиката е тенка, а во Карпош не е и може да направи разлика“, вели аналитичарот Арсовски за тоа колку меѓупартиската поддршка е важна за овие општини.

Од скопските општини втор круг ќе има и во Аеродром помеѓу Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ и Александар Трајановски од СДСМ. Таму разликата во првиот круг беше речиси 10.000 гласа.

И Градот Скопје ќе добие градоначалник на 2 ноември – скопјани ќе бираат помеѓу Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица. Ѓорѓиевски влезе во вториот круг со над 60.000 гласа предност, но Левица и нејзиниот кандидат повикуваат на „колективна акција“ и веруваат во пресврт.

Никој не го чисти ѓубрето во изборно Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:22 0:00

Кочани – независен или кандидат на власта

Трагедијата во Кочани каде во пожар во ноќниот клуб „Пулс“ во март загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, ги сврте очите на јавноста и кон овој град во текот на локалните избори.

Кочанци во вториот круг ќе бираат помеѓу в.д. градоначалникот и независен кандидат Венко Крстевски и Влатко Грозданов од ВМРО-ДПМНЕ. На 19 октомври Грозданов освои околу 2.200 гласа повеќе од Крстевски.

СДСМ, чиј кандидат Игор Христов, беше третопласиран со 2.400 гласа, засега не излезе со јавна поддршка.

Какви и да се комбинаториките и меѓусебните поддршки меѓу партиите за вториот круг, аналитичарот Арсовски нагласува дека „транзиторните коалиции“ и не треба да се гледаат како трајна политичка определба. Тоа се дилови кои се прават за конкретна општина, за конкретен кандидат и траат колку што траат локалните избори, посочува Арсовски.

Од 44 општини каде ќе се бира градоначалник во втор круг, најмногу меѓусебни соочувања ќе имаат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – во 16 општини. Коалициите во албанскиот блок, НАИ и ВРЕДИ ќе се соочат во три општини. Во останатите, овие партии и коалиции ќе се борат за градоначалничко место со некоја од партии или независни кандидати.

Покрај за градоначалници, на три избирачки места во Шуто Оризари ќе има прегласување и за членовите на советот поради утврдени недоследности од страна на Државната изборна комисија во првиот круг.

Во четири општини – Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа изборите за градоначалник пропаднаа и ќе се распишат нови бидејќи не беше постигнат цензусот за одзив од најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG