Достапни линкови

Втор круг локални избори за градоначалници во 33 општини


Локални избори 2025
Локални избори 2025

Во вкупно 33 општини, вклучително и Градот Скопје, денеска (2 ноември) се одржува вториот круг од локалните избори во кој треба да се изберат градоначалници за следниот четиригодишен мандат.

Сите изборачки места се навреме отворени, а гласањето тече во најдобар ред и без проблеми, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).

Поради технички проблеми со уредот за биометриска идентификација имало мал застој во гласањето на избирачкото место 0385 во Дојран, но проблемот е решен и сега гласањето тече без проблем, уверуваат од ДИК.

Одзивот на гласачи до 11:00 часот изнесува 10,10 проценти. Најмала излезност има во општината Сарај - 1,86 отсто, а најголем одзив е регистриран во општината Пробиштип, каде што гласале 22 отсто од избирачите.

Излезноста на гласачите во Град Скопје до 11 часот изнесува 8,30 проценти, а податоци се добиени од 611 избирачки места или 89,20 проценти.

Инаку право на глас имаат 1 013 375 граѓани.

Втор круг се одржува онаму каде што ниту еден од кандидатите не освои 50% плус еден глас од вкупниот број гласови. На гласачките ливчиња се наоѓаат двајцата најдобропласирани од првиот круг.

Општините и градовите каде што денеска се избира градоначалник во втор круг се: Скопје, Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Долнени, Зрновци, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново-Облешево, Чучер Сандево и Шуто Оризари.

Никој не го чисти ѓубрето во изборно Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:22 0:00

Поради нерегуларности, на три избирачки места во скопската општина Шуто Оризари има прегласување и за кандидатите за советници. Оваа одлука Државната изборна комисија (ДИК) ја донесе поради можноста резултатот од овие места да влијае на распоредбата на мандатите за советници.

Во вториот круг од локалните избори, само три жени се кандидати за градоначалничка функција, што претставува 2,2 проценти родова застапеност.

На овие избори се натпреваруваа вкупно 309 кандидати за градоначалници, од кои само 32 беа жени, што е 10,35 проценти од вкупниот број.

Во 16 општини и Градот Скопје имаше само по една жена кандидат.

Четириесет и четири општини добија градоначалници во првиот круг

Во првиот круг од локалните избори беа избрани советници во 79 општини и Градот Скопје, а беа избрани градоначалници во 44 општини, кои веќе ги добија решенијата и ги преземаа новите функции.

На овие локални избори за вкупно 81 градоначалничко место имаше 309 кандидатури, додека за место во советите се бореа над 10.490 кандидати од вкупно 576 листи.

Овие кандидати - учесници на изборите се предложени од вкупно 22 политички партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.

Сепак, од вкупно 80 општини плус Градот Скопје, четири градоначалнички места ќе останат испразнети.

Во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и во Центар Жупа изборите за градоначалници пропаднаа, бидејќи не беше исполнет цензусот на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.

За овие четири места, ќе има нови избори кои ќе треба да се распишаат и организираат, откако ќе бидат објавени конечните резултати од денешниот втор круг.

Очекувањата се дека во четирите општини граѓаните ќе гласаат за нови градоначалници околу Нова година со оглед дека рокот што е пропишан со Изборниот законик за повторување на изборите е 60 дена.

Инаку изборниот ден на првиот круг кој се одржа на 19 октомври, помина мирно, без инциденти, со излезност од 46,5 проценти.

Локалните избори, според информациите на ДИК, ќе ги следат 1 569 набљудувачи, од кои 904 домашни и 651 меѓународни, а акредитирани за известување од изборите се и 14 странски новинари.

Вкупниот буџет што го одвои државата за одржување на овие локални избори изнесува 9 милиони 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.

„Незадоволителна“ оценка за локалните власти

Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека граѓаните ја препознаваат важноста на единиците на локалната самоуправа. Но, како и другите државни институции, и општините и општинските чинители не добиле „преодна оценка“ кај своите граѓани.

Во Документот за унапредување на доброто управување преку изборните програми на локалните избори 2025, публикација изработена од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ се наведува дека во 2024 година целосното и делумното задоволство на граѓаните од работата на општините е 43,4 отсто.

Комуналните и другите јавни претпријатија уживаат доверба од 58,2 отсто. На национално ниво, 45 отсто граѓани се задоволни од квалитетот на живот во нивната општина, но загрижува фактот дека дури 28 отсто изразиле незадоволство. Најголемо незадоволство е во однос на степенот на вклученост на граѓаните во општинските политики, транспарентноста и отчетноста на општината и урбанистичкото планирање.

Локални избори во Северна Македонија се одржуваат на секои четири години. Овие се осми по ред од осамостојувањето на државата во 1991 година.

XS
SM
MD
LG