Достапни линкови

Скопје – градот на вечните предизборни ветувања


Старите проекти кои никогаш или делумно се реализирани, сега ги најавуваат и новите кандидати за градоначалник на Скопје - Луна парк, Универзална и концертна сала, трамвај... Граѓаните за РСЕ велат дека ги намалиле очекувањата за големи проекти, сакаат само чист град со регулиран јавен превоз.

Од пречистителната станица за отпадни води, преку нов Луна парк, до нова концертна сала, односно нова Универзална сала, и трамвајот се дел од проектите кои со децении најавувани во главниот град станаа дел од колективниот градски мит. Скопјани со години слушаат за нив и ги гледаат нивните визуелизации на прес-конференциии. Но, само таму, во реалност ниту едно од овие ветувања во овие изминати две децении не се реализираше до крај.

Скопје одамна живее со репутацијата на град на не(до)исполнети ветувања. На секои избори, без разлика дали се локални или парламентарни, жителите на главниот град добиваат нова листа на големи, звучни проекти кои треба да го модернизираат градот и да му дадат нов европски лик.

Но, наместо да станат реалност, овие проекти останаа заробени на хартија, на макети и во предизборните говори, или пак во бирократски лавиринт од кој политичарите тврдеа дека нивната физибилити студија не може да го пронајде излезот од тунелот до крајот на нивниот мандат.

Иконата на нереализирани ветувања- скопскиот трамвај

Приказната за изградба на трамвај во Скопје е стара неколку децении, исто како и подготовките со физибилити студии на градските власти за неговата реализација. Едно од најсимболичното неисполнето изборно ветување за скопјани е дека до работа ќе може да се возат со трамвај.

„Трамвај би било идеално за Скопје, ама така како што е, не личи дека нешто такво ќе се исполни“ вели младиот скопјанец Владимир Закар.

Идејата за трамвај во главниот град датира уште од времето на Југославија, кога во плановите за урбана мобилност во 70-тите години се појавува како можност за модернизација на јавниот превоз.Во осумдесетите скопјани гласаа и на референдум за изградбна на трамвај.

Првиот трамвај во Скопје започнал со работа во 1884 година и функционирал со коњска влеча, а подоцна биле набавени уште неколку трамваи и била воспоставена трамвајска линија на шини која се движела од Камен мост до Дебар Маало се до 1912 година, кога бил укинат.

Трамвајот вози само во предизборни спотови

Поранешниот градоначалник Трифун Костовски во предизборната кампања во 2005 година беше првиот што ја отвори темата. Најави трамвајска линија што ќе ги поврзе најфреквентните точки на градот.

Костовски тврдеше дека овој проект ја поминал само првата фаза, дефинирајќи ги каде ќе бидат патеките. Тој го заврши мандатот со обвинување дека бил спречен во реализацијата затоа што компаниите се плашеле да се пријават на тендер поради неговото несогласување со тогашната власт. Неговото ветување предизборите беше дека првиот трамвај ќе тргне по скопските улици во мај 2009 година.

Во 2009 година, градоначалникот Коце Трајановски ја возобнови идејата, но овој пат со конкретни планови: прва линија од Ново Лисиче преку центарот, па до Ѓорче Петров, со почетна станица кај старата Железничка.

Беа најавени тендери, студии за изводливост, па дури и потенцијални инвеститори.

Во 2010 година се зборуваше дека проектот чини над 200 милиони евра и ќе се финансира преку јавно-приватно партнерство.

Трајановски дури најавуваше дека првиот трамвај ќе се движи по улиците на Скопје до 2015 година.

Се направија неколку визуелизации, во медиумите се појавија фотографии на модерни трамваи како симбол на „европско Скопје“, а на дел од јавноста се „провози“ на идејата дека „градот добива душа на европска метропола“.

Но, до крајот на неговиот мандат, трамвајот не се појави на скопските улици.

Шилеговиот трамвај требаше да вози на водород

Петре Шилегов од СДСМ, кој го наследи Трајановски во 2017 година, реши да и го смени курсот на идејата но и горивото. Тој изјави дека „технологијата што ја одбира е погон на водород со нус продукт водена пареа“.

Во 2018 година најави дека во соработка со збратимениот град Загреб од јануари 2018 се работело на техничко решение за изградба на првата фаза на трамвајот од Ново Лисиче до Ѓорче Петров.

„Планираниот трамвај во полн профил ќе го замениме со Бас рапид транзит (Брз автобуски превоз, н.з.)“, изјави Шилегов на одбележувањето на двегодишнината од неговото градоначалствување.

Според Шилегов трамвајот бил застарен концепт и на Скопје му треба современ БРТ систем (Bus Rapid Transit) – автобуси на посебни коловозни ленти.

Аргументот беше дека трамвајот ќе биде прескап и ќе бара комплетна реконструкција на инфраструктурата, а дека брзите автобуси ќе ја исполнат истата функција за многу помалку пари.

Идејата повторно беше ставена во фиока, и денес, во 2025 година, Скопје сè уште нема ниту трамвај, ниту функционален БРТ. Но идејата на Шилегов повторно се појави на овие локални избори во програмата мна кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за скопски градоначалник, Орце Ѓоргиевски.

Пречистителната станица – ветување со децении, реализација сè уште во магла

Ако трамвајот е симбол на неисполнети урбани проекти, тогаш пречистителната станица за отпадните води во главниот град е симбол на не-доисполнети еколошки децениски ветувања.

Темата е на агендата на секоја власт уште од независноста на Македонија, но конкретните резултати и по толку децении се речиси невидливи за граѓаните.

Првите најави датираат од крајот на 90-тите, кога на Скопје му се ветуваше дека ќе добие современа станица за пречистување на водите кои завршуваат во реката Вардар.

Аргументот секогаш беше ист: главниот град на една држава не може да си дозволи да ја загадува главната река и да нема систем кој ќе го штити здравјето на луѓето и животната средина. И така три децении.

Во текот на 2005–2006 година, тогашните власти ја ставаа оваа тема во прв план, велејќи дека пречистителната станица ќе биде еден од најважните проекти за Скопје.

Во мандатот на Коце Трајановски, проектот се презентираше како „во финална фаза на подготовките“.

Во 2014 година беа потпишани неколку документи за техничка помош од европски институции, а во јавноста се зборуваше дека проектот ќе чини над 100 милиони евра.

Се најавуваше дека ќе биде реализиран со грантови и кредити од Европската инвестициона банка и ЕУ.

Но, реалноста беше поинаква. До крајот на неговиот мандат не се започна со изградба, иако секојдневно реката Вардар продолжуваше да ја носи непрочистената канализација на над половина милион жители.

Со доаѓањето на Шилегов, проектот доби нова политичка тежина. Во 2018 година тој во јасвноста соопшти дека „конечно почнува реализацијата“. Беа потпишани договори за финансирање, вкупната вредност на проектот се искачи на над 136 милиони евра, а дел од парите дојдоа од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ).

Се претствуваше како огромна еколошка придобивка, Скопје ќе добие инфраструктура по европски стандарди, која ќе ја намали загаденоста и ќе го подобри квалитетот на живот.

Но, и покрај сите церемонии, во периодот што следуваше јавноста не виде ниту еден багер на терен, затоа што проектот заглави на потписот со новата градоначалничка Данела Арсовска.

Таа во наредните години бараше проверка на спроведените „технички процедури, ревизии на студиите, промени на плановите и проблеми со тендерите“.

Четири години потоа, 2025 година, изградбата е сè уште е во почетна фаза.

Последната инфомација што ја сподели Градот Скопје пред три месеци е дека овој еко проект вклучува изградба на 58 објекти, од кои повеќето веќе се во активна фаза на изградба.

Луна парк – само во сеќавањето на постарите и на фотографија за помладите

Детски џагор, шарени бои, шеќерна волна и шеќерно јаболко, чуден звук на шкрипење од Панорамското тркало и од застарените кончиња кои вртат во круг се дел од сеќавањата на последната генерација која се радувала на реквизите во Луна паркот во центарот на Скопје. Тоа беше една од омилените и единствените детски забававни дестинации во главниот град. Со години наназад постои само празен простор опколен со дискотеки и најави за целосна изградба на нов и модерен Луна парк.

„Паркот, да луна паркот на пример е нешто што не сум го видела оддамна, баш сакав да го посетам ама за жал веќе не постои“, вели Мери Георгиевска која од Германија е дојдена во посета на своите роднини во Скопје.

Голем забавен детски парк како идеја постоеше не само како дел од програмите на речиси сите градоначалници, туку и како симбол на нивните заложби за „град за сите генерации“.

Ветувањата за нов Луна парк не го видоа светлото на денот.

Идејата за модерен Луна парк, оживеа во времето на мандатот на Коце Трајановски. Тој најави планови кои вклучуваа нови и современи реквизити и проширување на површината на која ќе се протегаше Луна паркот.

Сепак, и покрај визуелизациите и најавите, конкретната реализација застана.

Новите справи стигнаа, делумно, но не беа поставени. Некои беа промовирани во медиумите како „нови Луна парк реквизити“, но паркот не беше целосно затворен, преуреден или реновиран според најавените стандарди.

Следните градоначлници по Трајановски, уредно си продолжија со ветувањата и најавите.

најава на поранешниот градоначалник Петре Шилегов за изградба на
најава на поранешниот градоначалник Петре Шилегов за изградба на

Петре Шилегов, на пример, ветуваше дека ќе се изгради нов Луна парк „најмодерен во регионот“, дека ќе има атракции кои ги нема на друго место на Балканот. Неговиот проект со 27 нови реквизите и најголем ролеркостер на Балканот, беше осмислен од Франко Бараѕони, кој како што рече Шилегов, „проектирал преку 50 светски забавни паркови во светот“. Неговата замисла беше проектот да биде самоодржлив, изграден со пари на изведувач, а тој сам да се исплати за три години.

најава на поранешниот градоначалник Петре Шилегов за изградба на
најава на поранешниот градоначалник Петре Шилегов за изградба на

Актуелната градоначалничка, Данела Арсовска, во предизборието го стави Луна Паркот во еден од нејзините приоритети што ќе се реализира во првите две години од нејзиниот мандат.

На стартот на 2022 година градоначалничката најави дека веднаш во Луна паркот ќе бидат поставени реквизити кои се веќе набавени (во времето на Трајановски), а кои одговараат и според новиот проект.

Најава на градоначалничката Данела Арсовска за изградба на нов Луна Парк
Најава на градоначалничката Данела Арсовска за изградба на нов Луна Парк

Причините за неисполнување на ветувањата за Луна парк се повеќекратни. Од недостиг на пари во градската каса, до административните пречки како што се тендерски процедури, одобрувања, дозволи, јавни набавки.

Најголемиот хит во Универзалната сала- „Вети, ама не исполни“

Универзална сала, изградена по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, е една од најпрепознатливите културни точки на Скопје. Таа не беше само концертна сала, таа беше симбол на обновата, солидарноста и културниот живот на градот.

Но, наместо да добие нов сјај, Универзална сала повеќе од една деценија е предмет на најави, проекти и расправии за тоа која институција треба да ја изгради со што сè уште не заврши нејзината изградба.

Првите ветувања и планови

Првите посериозни најави за реконструкција и изградба на нова Универзална сала дојдоа во времето на градоначалникот Коце Трајановски. Во 2011 година тој најави дека Скопје ќе добие „нова современа концертна сала“ на истото место каде што стои сегашната, но со поголем капацитет, модерна акустика и архитектонско решение достојно на метропола.

Во медиумите беа презентирани неколку видео продукции за тоа како е замислено да изгледа идната сала.

Една од најкоментираните идеи беше проектот во форма на јајце – футуристичка градба која требаше да ја редефинира културната понуда на главниот град.

Ветувањата беа дека новата сала ќе може да прими околу 3.500 посетители и ќе биде мултифункционална: за концерти, театарски претстави, конгреси и спортски настани. Се дебатираше и за името што требаше да добие.

Локализиран пожарот во Универзална сала
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:57 0:00

Одложувања и проблеми

Иако беа презентирани големи планови, проектот никогаш не премина од идејна во изведбена фаза. Главниот проблем, како и кај многу други ветувања, беа парите.

Дел од проектот требаше да биде платен од државата каса, а другиот дел со кредити или донации. Но јасен финансиска план не беше презентиран во јавноста.

Јавноста се подели по прашањето за изгледот на новата сала. Едни ја поддржуваа идејата за футуристичка градба, други сметаа дека Скопје треба да добие објект кој ќе ја задржи традиционалната форма и ќе го чува духот на оригиналната Универзална сала.

Нови градоначалници, стари ветувања

Кога Шилегов стана градоначалник во 2017 година, тој повторно ја отвори темата за Универзална сала. Најави дека проектот ќе се редефинира, но и дека е апсолутен приоритет за градот.

Се зборуваше за конкурс за ново архитектонско решение и за почеток на изградба до крајот на неговиот мандат. Сепак, до крајот на неговиот четиригодишен период, салата остана во истата состојба.

Кога Арсовска, ја презеде функцијата во 2021 година, најави реконструкцијата и изградбата на новата сала како еден од нејзините приоритети. Реконструкцијата започна под надлежност на Министерството за култура, настан кој следуваше по силни кавги меѓу централната и градската власт за тоа кој е надлежен за нејзината реконструкција, но и под силни обвинувања за тоа кој и како го добил тендерот. Во април 2024 година, недовршената реконструкција на Салата се запали.

За пожарот, како што соопштија тогаш од МВР, на распит беа повикани три лица, градежни работници, присутни во објектот во моментот кога се случил пожарот.

Скопје, град со над половина милион жители, сè уште нема современа концертна сала, а културните настани се одржуваат во импровизирани или недоволно соодветни простори.

Граѓаните разочарани

Скопјани се разочарани од неисполнетите ветувања на градоначалниците. Во анкетата што ја направивме, граѓаните посочија на нередот со кој се соочуваат во секојдневниот живот.

„Сите Водно го фалиме, идеме со жената горе, видовме група турски туристи и нема каде во вц да отидат. Каде и да отидете во странство, треба да има вц да отиде човек раце да измие“, вели Темелковски Александар.

„Доста ветуваа, а малку исполнија. Јас мислам дека треба само одржување на Скопје, ѓубрето да го исчистат, по саат време чекаш автобус, ако има точно одредено време тогаш да дојде, а не да чекаш плус 30 минути до саат време, ми се има случено“, објасни револтирано Владимир Закар.

Атанас Мечев, пак додава дека до сега ниту еден голем проект ветуван со децении не е реализиран, а и тоа што е направено како нови улици е неквалитетно направено.

Еве прошетајте секаде вода лежи, направија нова улица и пак лежи вода. Појди до Германија, таму врне секој ден, ама вода нигде на улиците не лежи вода,“ спореди Мечев.

Скопје е хроника на политичка амнезија. Секој нов градоначалник во предизборна кампања влегува со грандиозни планови кои подоцна се сведуваат на оправдувања. Градот остана заробен во вечниот циклус на ветувања што се повторуваат како звук на изгребана грамофонска плоча.

Прашањето не е само дали ќе има нови ветувања, туку дали конечно ќе има доследност и реална изведба. Сега се очекуваат обични, секојдневни решенија што ќе го направат животот поднослив. Клучните барања на скопјани за овие избори се домаќински, чист град со регулиран и нормален јавен превоз.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG