Достапни линкови

Изборно финале за градоначалници, најмногу „дуели“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ


илустрација
илустрација

Македонските граѓани ќе гласаат на вториот круг за градоначалници во 33 општини, откако во првиот круг ниту еден од кандидатите таму не обезбеди мнозинство. Во Град Скопје силите ќе си ги одмерат канидатите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица

Вкупно 474 илјади Скопјани со право на глас в недела (2 ноември ) ќе имаат право со заокружување на бројче во избирачкото ливче да донесат одлука, кој ќе ја наследи актуелната градоначалничка Данела Арсовска.

Во игра за градоначалничкото столче во главниот град се актуелниот градоначалник на Кисела Вода од ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски, а негов против кандидат е досегашниот пратеник на Левица во Собранието Амар Мециновиќ.

Разликата меѓу двајцата кандидати во првиот круг беше 61 илјада гласови. Ѓорѓиевски освои 91 илјада гласа, додека неговиот против кандидат освои 30 илјади гласови.

Според податоците од Државната изборна комисија најголемиот дел од гласовите, 86 илјади од вкупно 91 илјада Ѓорѓиевски ги освои во општините Гази Баба, Бутел, Аеродром, Кисела Вода, Карпош, Центар и Ѓорче Петров. Се поставува прашањето каква разлика ќе донесат гласовите во останатите три скопски општини Шуто Оризари, Чаир и Сарај.

За разлика од овие избори на минатите локални избори во првиот круг Арсовска со добиени 85.657 гласови водеше со 7805 гласови повеќе од нејзиниот против кандидат Петре Шилегов од СДСМ.

Скопските битки во неколку политички бои

Изборните пресметки во вториот круг ќе ги одредат градоначалниците во повеќе урбани и рурални средини. Тие ќе го заокружат индикаторот за актуелниот политички баланс во земјата.

Најголемиот дел од битките ќе се водат меѓу двете најголеми партии. Но, за разлика од помалите општини во внатрешноста, во Скопје во вториот круг на изборите за четири општини се забележува политичко шаренило.

Во општината Аеродром, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Дејан Митевски со освоени 16.257 ќе му се спротивстави на противкандидатот од СДСМ Александар Трајановски кој првиот круг го заврши со освоени 6.881 гласови.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Сотир Лукровски, во првиот круг заврши со две илјади гласа повеќе од неговиот против кандидат, актуелниот градоначалник и лидер на Гром, Стевчо Јакимовски.

Кандидатите кои отпаднаа во оваа општина, досега јавно не дадоа поддршка на ниту еден од нив. А, бројките покажуваат дека нивните гласови можат да влијаат на крајниот резултатот, затоа што кандидатката на СДСМ во првиот круг освои 3.800, кандидатот на Левица околу 2.800, додека независната Невена Георгиевска околу 2.600 гласови.

Во скопскиот Центар, силите ќе си ги „одмерат“ актуелниот градоначалник од СДСМ Горан Герасимовски со „заработени “ 8.535 гласови, наспроти кандидатот од владината коалциска партија ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ кој освои 5.707 гласа.

Во скопката Шуто Оризари, битката ќе се води меѓу Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ со освоени 1.841 гласа, наспроти Курто Дудуш од Унијата на Роми, кој го заврши првиот круг со речиси двојно повеќе односно 3.223 гласа.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе си ги „одмерат“ силите во 16 општини

Во 16 општини гласачите ќе избираат меѓу кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тоа се најбројните политички судири во вториот круг и ќе донесат одговор за капацитетите на опозициската СДСМ која во првиот круг освои само 3 градоначалнички места, наспроти 33- те на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за 16 општини во централниот и источниот дел на земјата.

Скопските Центар и Карпош, но и Кичево, Тетово и Струга, како и Кочани, се дел од општините кои политичките аналитичари ги посочуваат како интересни за следење и каде што гласачите на кандидатите кои не влегоа во втор круг би можеле да бидат пресудни за победа односно пресврт.

Трагедијата во Кочани каде во пожар во ноќниот клуб „Пулс“ во март загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, ги сврте очите на јавноста и кон овој град во текот на локалните избори.

Кочанци во вториот круг ќе бираат помеѓу в.д. градоначалникот и независен кандидат Венко Крстевски и Влатко Грозданов од ВМРО-ДПМНЕ. На 19 октомври Грозданов освои околу 2.200 гласа повеќе од Крстевски.

Коалициските предизвици на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ истовремено ќе се соочи и со помали партии и независни кандидати. Така, во вториот круг ќе има дуели со ВЛЕН во две општини, Брвеница и Долнени, со НАИ ( ДУИ) во една, Кичево, со ГРОМ во една, Карпош, со Левица во една, Скопје, со Унија на Роми во една, Шуто Оризари и со независни кандидати во четири општини, меѓу кои се Могила и Македонски Брод, каде што независните кандидати се блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Ова покажува дека опозициската партија ќе биде активна на повеќе фронтови и дека во некои локални средини ќе мора да се соочи со локални лидери надвор од големите партии.

ВМРО ДПМНЕ со убедливо водство – битката за Скопје продолжува
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:26 0:00

Влен и ДУИ ќе се судрат во три општини

Во три општини, меѓу кои и Струга, ќе се соочат Влен (Вреди) и ДУИ. Во Струга трката е посебно интересна, бидејќи независниот кандидат таму доби поддршка од Влен. Дополнително, ДУИ и Влен ќе имаат по еден дуел со независни кандидати, што ќе ги направи трките понеизвесни и потенцијално отворени за изненадувања.

Во Тетово соочување ќе имаат Биљал Касами од владејачката коалиција ВРЕДИ (ВЛЕН) и Бајрам Реџепи од Националната алијанса за интеграција (НАИ) предводена од ДУИ.

Таму разликата во првиот круг беше помалку од 4.000 гласа во корист на Касами. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ немаа свои кандидати.

Кичевчани ќе бираат помеѓу досегашниот градоначалник од ДУИ, Фатмир Дехари, и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски.

Според податоците на ДИК независните кандидати влегуваат во вториот круг во најмалку седум општини, што покажува раст на поддршката за локални, надпартиски иницијативи.

Годинава првиот круг од локалните избори завршија со избрани 44 градоначалници. Во четири општини немаше цензус, па во нив ќе се одржат избори од почеток. Локалните избори во 2021 година, во првиот круг завршија со избрани градоначалници во 29 општини.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG