Достапни линкови

Одобрено обвинението за Кочани – ќе им се суди на 34 обвинети и три фирми


Објектот каде беше сместена дискотеката „Пулс“ каде во пожар загинаа 62 лица, 17 март 2025 г.
Објектот каде беше сместена дискотеката „Пулс“ каде во пожар загинаа 62 лица, 17 март 2025 г.

Предметот веќе е распореден кај судија и треба да се закаже првото судско рочиште. Меѓу обвинетите се поранешни министри, градоначалници, директори на Дирекцијата за заштита и спасување. Родителите на жртвите, шест месеци преку маршеви бараа праведна разрешница и одговорност од институциите.

Обвинението за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани е одобрено во целост, соопшти Основниот кривичен суд Скопје. Тоа значи дека за најголемата трагедија што се случила во Северна Македонија ќе има судски процес и на обвинителна клупа ќе седнат 34 лица, а обвинети се и три фирми. Меѓу нив, поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), градоначалници на Кочани, инспектори, одговорни лица во фирмите кои раководело со ноќниот клуб.

Во пожарот во „Пулс“, ноќта помеѓу 15 и 16 март, загинаа 62 лица и над 200 беа повредени.

Точниот датум кога ќе започне судењето сѐ уште не е утврден. Судскиот процес ќе го води судијката Дијана Груевска-Илиевска.

„Предметот согласно АКМИС системот е распределен кај надлежен судија за понатамошно постапување, а за сите понатамошни процесни дејствија поврзани со конкретниот предмет, странките и јавноста ќе бидат известени“, велат од Основниот кривичен суд Скопје.

На сите обвинети, ќе им се суди за делото „предизвикување на тешки дела против општата сигурност“.

Шест месеци од пожарот во Кочани: „Светлина за ангелите“
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:49 0:00

Откако беше поднесен и презентиран, обвинителниот акт предизвика и полемики кај дел од јавноста – дали со начинот на којшто е конципирано и тоа што сите обвинети се гонат за едно кривично дело и во еден предмет, е лоцирана вистинската одговорност и дали ќе има ефикасно судење во разумен рок.

Родителите и роднините на загинатите, пак, секоја сабота излегуваат на „Марш за ангелите“ низ Кочани барајќи одговорност од институциите и правична разрешница на случајот.

Повеќе судии изземени од предметот

Предметот, според одлука на Врховниот суд, беше доделен на Основниот кривичен суд во Скопје бидејќи во судовите во Штип и Струмица нема доволен број судии од кривичната материја. Но, и затоа што како што посочуваат од Кривичен, Врховен сметал дека во случајот треба да постапуваат „судии со стекнато искуство и познавање на кривичната материја кои ќе овозможат ефикасно, стручно и законито постапување, а воедно ќе придонесат за сензибилизирање на јавноста“.

Обвинението беше поднесено на 13 јуни и за оценка се чекаше три и пол месеци.

Според објаснувањето од судот, една од причините е и што имало изземање на судии од советот што требало да го оцени обвинението. Во првичниот совет од три судијки две се изземале – едната бидејќи била роднина со една од жртвите, а другата бидејќи нејзината ќерка е адвокатка на дел од осомничените.

Така, биле распоредени двајца други судии во Советот за оценка на обвинението.

Оние што го оценувале, според закон, не може да бидат и во советот што ќе ја води постапката и ќе донесе пресуда.

Покрај судиите што го оцениле обвинението, и двете судијки што барале изземање, Кривичен соопшти дека за понатамошната постапка уште двајца судии биле „тргнати на страна“ од овој предмет – еден судија затоа што неговата сестра и неговиот кум се адвокати во предметот, додека една судијка нема доволно искуство според закон за да постапува во ваков кривичен предмет.

Инаку, меѓу дел од причините зошто толку време требало за оценка, од Кривичниот суд посочуваат и проблеми со доставата на обвинението до странките – обвинетите и адвокатите. Како причина наведуваат што за дел од обвинетите не било прецизирано какви мерки притвор имаат и каде ги извршуваат, а некои бранители не можеле да ги пронајдат во канцелариите.

Како се случи пожарот и кои се обвинетите?

Трагедијата во Кочани се случи за време на настап на музичката група ДНК, кога искри од пиротехниката го потпалиле таванот во дискотеката, огнот брзо се проширил, а паниката и тесниот излез од објектот предизвикале и стампедо.

Според обвинението, објектот не ги исполнувал ниту минимално техничките услови за вршење угостителска дејност, немал одобрение за реконструкција, немал основен проект за реконструкција и елаборати како и посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи, а не бил изработен и план и процена за заштита и спасување.

Молк за жртвите, аплауз за лекарите и свирежи за Владата
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:39 0:00

Така, тројца од обвинетите во предметот се одговорни лица, сопственици и управители на фирмата КЛАСИК ДМ – Кочани со подружница Кабаре ПУЛС и фирмата ММММ КАФЕ – Кочани, кои вршеле угостителска дејност во кобниот објект од декември 2012 година. Меѓу обвинетите е и братот на сопственикот на дискотеката кој, според обвинителството, бил одговорен за продажба на билети и контрола на бројот на гости и нивната возраст.

Во „Пулс“, кобната ноќ според проценките на обвинителството имало над 500 лица.

На обвинителна клупа треба да седнат и тројца градоначалници на Кочани. Љупчо Папазов, кој беше на функцијата во моментот на трагедијата, како и неговите претходници Николчо Илијев и Ратко Димитровски. Според обвинителството, тие знаеле дека во градот постои ноќниот клуб „Пулс“, но не преземале ништо односно локалот не бил впишан во регистарот на општината согласно Законот за угостителска дејност, но тие овозможиле тој да работи и сопственикот да си плаќа надоместок за вршење угостителска дејност – кабаре.

Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, како поранешни министри за економија, исто така, се опфатени со обвинението. Исто така, на списокот се и еден државен секретар и петмина службеници од Министерството за економија кое е надлежно за издавање лиценци за ноќните клубови.
Истрагата првично опфати уште двајца министри од овој ресор, Беким Незири и Дритон Куќи, но за нив како за уште три лица од овој ресор постапката беше запрена поради недоволни докази.

А, на обвинителна клупа ќе седне и актуелен министер без ресор во Владата, Шабан Салиу, кој е и кандидат за градоначалник на скопската општина Шуто Оризари за локалните избори што треба да се одржат на 19 октомври. Салиу е обвинет како поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, заедно со уште тројца други бивши директори, но и еден генерален инспектор кој бил раководител на инспекциската служба во ДЗС.

Се гонат и локални инспектори, како што се на пример, тројца градежни инспектори од Општина Кочани, членови на обезбедувањето…

Постапки за полицајци и за сопственикот на обезбедувањето

За случајот со „Пулс“ пред неполн месец, 5 септември, обвинителството поднесе уште еден обвинителен акт против сопственикот на фирмата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев.

И тој се гони за тешки дела против општата сигурност бидејќи, според обвинителството, тој има особен придонес во пропустите за „Пулс“ односно „не постапил според прописите и техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, како и имотот од големи размери“.

Тошковски: По трагедијата во Кочани на полицијата ѝ се неопходни огромни реформи
please wait

No media source currently available

0:00 0:18:25 0:00

Уште еден предмет, пак, водат обвинителите и истражителите од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), конкретно од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

Под истрага се десет полицајци кои се товарат дека од 2012 до 2022 година издавале согласности и му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG