Северна Македонија да ги направи потребните уставни измени за да го откочи својот пат кон Европската Унија.
Вакви пораки стигаат кон власта во Скопје од повеќе адреси откако во земјава се заврши првиот круг од локалните избори.
Европратеникот од Австрија, Томас Вајц, кој е и известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, порача дека се надева оти по изборите ќе се направат потребните уставни измени за вклучување на бугарската заедница во Уставот како малцинство.
„Тоа ќе го отвори патот за вистинско започнување на преговорите. Мислам, таа сега е земја опфатена со пристапниот процес, но всушност ги немаме започнато преговорите. Треба да ги започнеме наскоро за да ја одржиме земјата на вистинскиот пат“, порача Вајц во изјава за Европската новинска редакција (ЕНР), од која дел е и државната агенција МИА.
Како што потсети тој, Северна Македонија е блокирана од Бугарија, за жал, како што рече бидејќи „има многу прашања поврзани со идентитетот што го блокираат нејзиниот напредок“.
Софија се надева на „притисок“ од Будимпешта, Скопје на помош од Брисел
Уставните измени се дел од обврските што Скопје ги презема во компромисот што беше постигнат околу преговарачката рамка во 2022, откако претходно во 2020 Софија стави вето за почеток на преговорите. Северна Македонија одржа прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втора и за отворање на кластерите треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот, за што Софија очекува помош од Будимпешта.
Тоа јавно го побара и бугарскиот претседател Румен Радев откако на 20 октомври му беше домаќин на унгарскиот колега Тамаш Шујок.
„Го повикав претседателот Шујок и унгарската страна да ѝ помогнат на оваа земја со тоа што навистина ќе ги убедиме нашите браќа дека прифаќањето и вклучувањето на Бугарите во Уставот, почитувањето на европскиот консензус, отсуството на притисок и дискриминација врз Бугарите во РСМ, се неотповикливи услови за започнување преговори за членство во ЕУ“, рече Радев.
Упатувајќи го ваквото барање кон Будимпешта тој се повика на „пријателските односи“ меѓу Северна Македонија и Унгарија и „економските односи што се во нагорна линија“ меѓу двете држави.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ важи за блиска со унгарската Фидес на премиерот Виктор Орбан. Владите на двете држави изминатава година одржаа и две заеднички меѓувладини седници – една во Охрид и една во Будимпешта, а Северна Македонија зеде и една милијарда евра кредит од унгарската Експорт-импорт банка.
Во Будимпешта во азил и натаму е поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Додека Бугарија повикува на „убедувања“ од Унгарија кон македонската страна, во последните официјални пораки што се испраќаат од Скопје провејуваат очекувања за помош од Брисел.
„Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова очекува помош од Унијата во пронаоѓањето на излезно креативно решение за деблокада на македонските интеграции“, соопштија меѓу другото од кабинетот на шефицата на државата откако на 15 октомври таа се сретна со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Скопје.
Во слична насока беа и пораките од Владата од каде соопштија дека премиерот Христијан Мицкоски на средбата ја посочил решителноста да се забрза евроинтеграцијата, но и оти „државата очекува од ЕУ јасна и конкретна посветеност“.
Северна Македонија инсистира на гаранции дека уставните измени ќе бидат последните условувања од бугарска страна.
Претходно, Мицкоски на брифинг со новинарите најави дека очекува после новогодишните празници придвижување во делот на давањето гаранции дека уставните измени ќе бидат последното барање од Бугарија. За тоа, рече, треба притисок и од некоја посилна страна.
Постизборен период за фокус на евроинтеграциите
Фон дер Лајен, пак, за време на посетата на Скопје упати јасна порака до властите: „Топката е во вашиот двор“.
„Ние целосно ја поддржуваме Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Можете да сметате на нас. Следниот и единствен чекор пред почетокот на преговорите е јасен. Треба да ја направите договорената уставна промена“, рече претседателката на ЕК.
Додека политичарите испраќаат пораки за следните чекори за евроинтеграциите, свои очекувања имаат и аналитичарите. Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања коментирајќи ги очекувањата по локалните избори во пресрет на денот на гласање, за РСЕ посочи дека не очекува предвремени парламентарни избори меѓу другото и поради евентуалните активности околу преговарачкиот процес.
„Ако има предвремени парламентарни избори едноставно сè се одложува, меѓу другото и сите работи поврзани со евроинтеграциите и надворешната политика. Јас очекувам по изборите да има некакви иницијативи да се надминат проблемите што ги имаме во евроинтеграциите“, рече Божиновски за РСЕ.
Претходно и директорката на Институтот за европска политика – Скопје, Симонида Кацарска, во коментар за РСЕ потенцира дека завршувањето на локалните избори е „период во кој е повеќе од потребно да се врати евроинтеграцискиот процес во фокусот на сите институции на државата, како на политичко, така и на техничко ниво“.
Локалните избори ќе завршат на 2 ноември кога ќе се одржи втор круг од изборите во општините каде не се избра градоначалник во првиот круг на 19 октомври.
Пораки од Вајц и за остатокот од Западен Балкан
Покрај за евроинтеграцијата на Северна Македонија, европратеникот Вајц за ЕНР упати пораки и за останатите земји од Западен Балкан. Црна Гора ја истакна како земја која има шанса да стане 28 членка на ЕУ до 2029 година, а неа „ја следи и Албанија“.
За Босна и Херцеговина, Вајс посочи дека е во тешка ситуација поради нестабилноста и „недостигот на модерна граѓанска држава“, додека за Србија и Косово порача ќе мора да се помират и да се признаат меѓусебно или во спротивно ќе останат блокирани на нивниот пат кон Европската Унија.
Патот на Србија, според Вајц, не е блокиран само поради Косово туку и поради „сегашното назадување кога станува збор за владеењето на правото и демократските стандарди“.