Вести
Филипче бара оставки поради труењето во Трубарево, ВМРО-ДПМНЕ со контраобвинувања
По пожарот во фабриката за електричен и електронски отпад на компанијата „Ф Групација“ во скопското село Трубарево, во воздухот биле измерени високи количини на тешки метали и ПМ 10 честички, покажаа податоците на Министерството за животна средина.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека „се потврдило труењето во Трубарево“ и ја обвини Владата за, како што рече, лаги и задоцнета реакција.
Тој побара оставки од министрите за внатрешни работи и здравство, како и од директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, а од обвинителството – итна истрага.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ лажеше дека воздухот во Трубарево не е загаден и не презеде итни мерки за заштита на граѓаните. Властите се директно одговорни за труењето на луѓето“, изјави Филипче.
ВМРО-ДПМНЕ возврати со критики, обвинувајќи го Филипче за „лажна загриженост“.
„Наместо да глуми грижа, Филипче треба да им се извини на граѓаните за хаосот во здравствениот систем во негово време, за жртвите во корона кризата, недостатокот на медицинска опрема и пожарот во модуларната болница“, соопштија од партијата.
Мерењата направени на 13 и 14 септември регистрирале значително надминување на дозволените граници:
ПМ 10 честички изнесувале 92,65 микрограми на кубен метар (границата е 50), олово било 0,75 (граница 0,5), кадиум 59,1 нанограми (граница 5) и арсен 8,9 (граница 6). Единствено никелот бил во рамките на дозволеното. Според поновите мерења од 18 и 19 септември, состојбата на воздухот е стабилизирана.
види ги сите денешни вести
Расте бројот на жртви по пожарот во Хонг Конг, сопствениците на градежната компанија уапсени
Полицијата во Хонг Конг во четвртокот (27 ноември) ги уапси сопствениците на градежната компанија поради сомнение за убиство од небрежност по најголемиот пожар во градот во последните 80 години. Пожарот однесе најмалку 83 животи, а десетици лица се водат како исчезнати - јави Ројтерс.
До раните утрински часови, пожарникарите веќе во голема мера го ставија под контрола огнот што беснееше повеќе од 24 часа, разорувајќи го станбениот комплекс Ванг Фук Корт во северниот дел на Тај По. Комплексот бил во тек на реновација и обвиткан со бамбуски скелиња и зелена мрежа.
Повеќето жртви се пронајдени во два од вкупно осум блока во станбениот комплекс, изјави заменик директорот на Пожарникарските служби, Дерек Армстронг Чан.
Тој рече дека пожарникарите пронашле жители кои биле живи во неколку од зградите, но не даде дополнителни детали. Весникот South China Morning Post објави дека еден преживеан е пронајден на скалите во една од зградите.
Спасувачите се бореа со интензивна топлина и густ чад додека се обидуваа да стигнат до жителите за кои се стравуваше дека се заробени на горните катови на комплексот.
„Ќе продолжиме со прскање вода за да се намалат температурите“, додаде тој.
Полицијата уапси двајца директори и еден инженерски консултант од Prestige Construction, фирма ангажирана за одржување на зградите. Полицијата соопшти дека уапсените се сомничат за убиство од небрежност поради користење небезбедни материјали.
„Имаме причина да веруваме дека одговорните лица во компанијата биле сериозно небрежни, што доведе до оваа несреќа и предизвика пожарот да се прошири неконтролирано, резултирајќи со големи жртви“, соопшти полицијата.
Полицијата заплени документи за тендери, список на вработени, 14 компјутери и три мобилни телефони при претрес во канцеларијата на компанијата, соопшти владата.
Најголемиот пожар од 1948 година
Бројот на потврдени загинати се искачи на 83, соопштија хонгконгските итни служби. Тоа го прави најсмртоносниот пожар во Хонг Конг од 1948 година, кога во пожар во магацин загинаа 176 лица.
Владата во раните утрински часови во четврток соопшти дека 279 лица се водат како исчезнати, но тој податок не е ажуриран.
Владата ќе воспостави фонд од 300 милиони хонгконгски долари (39 милиони долари) за помош на жителите, додека некои компании веќе најавија донации.
На втората ноќ по пожарот, десетици евакуирани поставија душеци во трговскиот центар во близина додека волонтери делеа закуски и хигиенски средства.
Осумте блока од комплексот со 2.000 станови беа дом на повеќе од 4.600 луѓе.
Претседателот на Кина, Си Џинпинг, повика на „целосен напор“ за гаснење на пожарот и минимизирање на жртвите и загубите, пренесе државната телевизија CCTV. Раководството на владата на Хонг Конг и Комунистичката партија на Кина брзо реагираа за да покажат дека ѝ придаваат максимално значење на трагедијата.
Високиот ценовен раст на недвижности во Хонг Конг долго време предизвикува незадоволство, а трагедијата може да го зголеми незадоволството кон властите, и покрај обидите за затегнување на политичката и националната безбедност.
Србија го продолжи рокот за избор на нови работници во здравството на Косово
Неколку српски политички партии на Косово, кои на октомвриските избори добија советнички места во одделни општини со српско мнозинство, реагираа на одлуката на Министерството за здравство на Србија да го продолжи рокот до 15 јануари наредната година за избор на нови работници во своите институции што функционираат во српските средини.
Станува збор за конкурс за неколку стотици нови работни места, кој пред сè, а во пресрет на локалните избори на Косово на 12 октомври, го најави самиот претседател на Србија Александар Вучиќ, наведувајќи дека државата Србија се грижи за српската заедница на Косово.
Сега продолжувањето на рокот за избор на нови работници се образложува со големиот број пријавени кандидати.
Инаку, поддршка од официјален Белград има само Српска листа, која на локалните избори победи во сите десет општини со српско мнозинство. На февруарските парламентарни избори пак, освои девет од вкупно десет пратенички мандати резервирани за српската заедница.
Новите вонредни парламентарни избори ќе се одржат на 28 декември, затоа што Самоопределување, партијата што освои најмногу гласови на февруарските избори, но недоволно за самостојно да формира Влада, не доби поддршка од другите партии за формирање нови институции.
Така, продолжувањето на рокот за избор на работници во здравствените институции на Србија на Косово ќе се совпадне со предизборната кампања.
Поради тоа, Српската демократија на Александар Арсенијевиќ ја осуди оваа одлука, повикувајќи ги раководителите на здравствените институции да престанат да се однесуваат според партиски налози и предизборни калкулации, туку да работат во интерес на својата заедница.
Инаку, директор на Клиничко-болничкиот центар во Северна Митровица е претседателот на Српска листа, Златан Елек, но членови на Српска листа се на раководни позиции и во други здравствени институции.
Српската демократија во своето соопштение потсети дека ова не е првпат граѓаните да бидат „измамени за да ги поддржат челниците на Српска листа“.
Во пресрет на парламентарните избори во февруари годинава, Србија исто така имаше отворен конкурс за здравствените институции на Косово, но тој беше поништен поради протестите за „нетранспарентно“ и „партиско вработување на подобни лица“.
Истото сценарио, инаку, се повторува речиси во секоја предизборна кампања на Косово, кога Српска листа ветува работни места, станови или други бенефиции од буџетот на Србија.
Милија Бишевац, лидерот на Српското народно движење, исто така ја критикуваше одлуката за продолжување на рокот за избор на работници во српските здравствени институции, наведувајќи дека работните места се чуваат како „влог за уцена на граѓаните на претстојните избори“, и дека на крајот работата ја добиваат роднини или оние кои се „лојални“ на Српска листа.
Реагираше и Косовскиот сојуз на Горан Маринковиќ, оценувајќи дека станува збор за „злоупотреба на народот“.
Еуген Цаколи од невладиниот Косовски демократски институт претходно за РСЕ изјави дека „незаконските активности на институциите на Србија на Косово имаат јасни политички импликации за време на предизборната кампања“. Според него, тајмингот и пораката која се испраќа оставаат сомнеж дека станува збор за обид за „координирано влијание врз гласачите“.
Премиерот на Косово во оставка, Албин Курти во октомври ја обвини Србија дека се меша во локалните избори на Косово со тоа што ветува работни места и финансиски бенефиции.
Тој ја повика Европската унија да го осуди мешањето на Белград во изборите на Косово и да ја санкционира Србија поради тоа.
Од Европската унија не одговорија конкретно на овие обвинувања од Косово, но наведоа дека сите граѓани мора да имаат можност да го остварат своето право слободно да гласаат, без надворешни мешања и манипулации.
Курти: Првата муниција 'Made in Kosovo' ќе биде произведена кон крајот на 2026
Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти изјави дека првата муниција од фабриката што ќе биде изградена во Ѓаковица ќе биде произведена кон крајот на 2026 година.
Владата на Косово во петокот го одобри барањето за експропријација на земјиштето на поранешниот земјоделски комбинат Еренику кај Ѓаковица, за изградба на индустриска зона каде што ќе биде подигната фабриката за муниција.
„Со тоа го отвораме патот на терен за изградба на фабриката за муниција, прва од таков вид во Косово, која ќе ѝ служи на нашата војска, ќе ја зголеми нашата безбедност и дополнително ќе ги унапреди нашите одбранбени капацитети“, рече Курти на почетокот на седницата на Владата.
Во ноември минатата година, Владата најави започнување на процесот за отворање фабрика за производство на муниција и лабораторија за дизајнирање дронови.
Потоа, во декември 2024 година, Владата на Косово потпиша договор со турскиот производител „Makine ve Kimya Endüstrisi“ за основање фабрика за муниција во Косово.
„Изградбата на оваа фабрика, за која имаме потпишано договор со турскиот производител, ќе биде завршена во текот на наредната година. Првата муниција од оваа фабрика ќе биде произведена кон крајот на 2026 година. Покрај фабриката за муниција, оваа индустриска зона ќе им служи и на други инвеститори со кои сме во контакт и ќе произведуваме различни видови воени производи, воени и цивилни дронови ‘Made in Kosovo’“, рече Курти.
Тој наведе дека Косовските безбедносни сили, кои денес го одбележуваат својот ден, се опремени со модерна опрема.
Во период од четири години, вложени се повеќе од 430 милиони евра во набавка на вооружување за КБС, рече Курти.
Последните години, Косово го зголеми буџетот за одбрана и неодамна доби дронови, оклопни возила и друга опрема купена од различни американски производители.
КБС е моментално во процес на трансформација во војска. До завршувањето на овој процес, во 2028 година, се очекува овие сили да имаат над 7.500 активни припадници и резервисти, во споредба со нешто над 4.000 колку што имаат во моментов.
Загрижувачки ниска транспарентност на универзитетите – истражување на ФОП
Само два од седум универзитети објавуваат универзитетски гласник, кој е документ каде што се официјализираат сите одлуки на Сенатот и на Ректоратот. Ова е еден од заклучоците во истражувањето кое граѓанската организација Форум за образовни промени го спровела од јануари до август годинава.
Истражувањето нотира загрижувачки тренд на системска нетранспарентност на јавните универзитети во државава, од кои само три го објавуваат буџетот.
Врз основа на ваквите заклучоци, Форумот за образовни промени (ФОП) креираше Индекс на транспарентност на јавните универзитети.
Како што соопшти претседателот на ФОП, Бленди Ходаи, најтранспарентен според стандардите за креирање на Индексот на транспарентност е Универзитетот на Југоисточна Европа.
Второто место со ист број поени го делат Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје и Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.
На четврто место е Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, на петто и шесто, како делумно транспарентни, се Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и „Мајка Тереза“ во Скопје.
На последното место како целосно нетранспарентен е Државниот универзитет во Тетово.
Индексот на транспарентност на ФОП е креиран врз основа на анализа на содржините што универзитетите ги имаат објавено на нивните веб-страници и од директни контакти со универзитетите да одговарат на барање за пристап до информации и до документи кои се од јавен карактер и кои универзитетите законски мора да ги имаат објавено.
Како пример за таква информација е и буџетот на универзитетот кој, рече Ходаи, треба да биде објавен на универзитетската веб-страница, „а не за него да прашува некоја невладина организација или медиумите“.
„Транспарентноста на јавните универзитети е предуслов за добро управување и за квалитетно образование. Тие се финансираат од државниот буџет и од парите на даночните обврзници и имаат законска обврска да бидат отворени и отчетни кон граѓаните и кон студентите. Недостигот на транспарентност воедно е и недостиг на отчетност и на одговорност“, истакна Ходаи.
Истражувањето на ФОП содржи и заклучоци и препораки за надминување на слабостите, а како што рече Ходаи, „ова не е само мерен инструмент, туку повик за реформи и за создавање култура на транспарентност и отчетност и култура на квалитетно образование“.
Дека нивото на транспарентност на универзитетите е ниско, оваа граѓанска организација предупреди и во истражувањето кое го објави пред неколку месеци.
Тогаш, ФОП меѓу другото, препорача дека Универзитетите треба да го објават на своите веб-страници Правилникот за исплата на плати, надоместоци и додатоци на плата за вработените во универзитетите, заклучувајќи дека „поголемиот дел од буџетот што државата го издвојува за државните универзитети оди за плати“.
По претставка на родителите на загинатите во Кочани, закажана Анкетна комисија
За 9-ти декември е закажана седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права на која пратениците ќе дебатираат за политичката одговорност во случајот со трагедијата во дискотеката „Пулс“. Ова следува по поднесената претставка од родителите на загинатите во пожарот во Кочани. Анкетната комисија беше и едно од нивните барања кои ги испорачаа пред Законодавниот дом на триесеттиот протест познат како „Марш за ангелите“.
Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права и пратеник на Левица, Димитар Апасиев денеска (27 ноември) информираше дека станува збор за редовна седница на оваа Комисија, а не за надзорна или јавна расправа.
„За да не настане конфузија во јавноста, ова не е надзорна, ниту е јавна расправа, туку е редовна седница. Тоа е специфичен вид на седница на Комисијата кога таа постапува по претставка на здружение или на граѓани. Досега во парламентарната историја имало неколку такви случаи на постапување. Минатиот пат беше за надзорна и сѐ уште водиме управен спор со спикерот Гаши кој бил во право“, изјави Апасиев на денешната прес конференција.
Тој додаде дека доколку власта не дојде и нема кворум за работа, тогаш седницата ќе биде прекината.
„Ние како пратеничка група со шест пратеници, имаме право на по еден претставник во двете комисии – и во таа каде што ние сме иницијатори и во другата ние ќе учествуваме. Јас очекувам да се формираат и двете анкетни комисии веќе на наредната пленарна седница“, изјави Апасиев.
Како што рече тој, седницата е закажана на овој датум, со цел да не се поклопи со судското рочиште закажано на 10 декември. Според Апасиев, на седницата ќе може да се обратат и подносителите на претставката.
На прашањето дали иницијативата на власта за Анкетна комисија ќе биде ставена на Постојаната анкетна комисија со која тој раководи, Апасиев појасни дека таа ќе биде посебна Анкетна комисија, додека неговата е постојана како редовно работно тело.
„Таа ќе биде ад-хок комисија која треба да 45 дена или два месеци да заврши со квази истражни функции. Ние по закон и Деловник не смееме да истражуваме како Јавното обвинителство, но можеме да лоцираме политичка одговорност. Значи, мојата Комисија со која јас претседавам е Постојана анкетна комисија и таа редовно си работи без оглед на овие две, а овие две, едната од ВМРО-ДПМНЕ и другата од опозицијата се посебни анкетни комисии кои се ад-хок тела и кои сѐ уште не се формирани. Има само иницијатива“, рече Апасиев.
Информираше и дека нивната иницијатива за Анкетна комисија за Кочани која беше вратена од спикерот Гаши, веќе ја доработиле и ја спровеле до Пленумот.
Последната анкетна комисија која се формираше во Собранието се обиде да утврди политичка одговорност по објавувањето на аферата за злоупотреба на биолошката терапија на Клиниката за онкологија.
Расправата во оваа комисија по неколку месеци заврши брз утврдени заклучоци за политичка одговорност. Тогашната владејачка партија СДСМ, заклучоците на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи ги опиша во јавноста како „партиски заклучоци“, и без прецизна листа на лица кои би носеле политичка одговорност.
Претходно во разговор за РСЕ, поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски и поранешната пратеничка, Ѓулистана Марковска предупредија дека долгогодишната практика на македонските институции покажа дека анкетните комисии честопати служат како партиски механизам, а не како алатка за отчетност.
ФБИ го истражува мотивот на напаѓачот врз двајцата гардисти во близина на Белата куќа
Истражители, предводени од заедничката оперативна група на Федералното истражно биро (ФБИ) за борба против тероризмот, во четвртокот ги бараа причините што го навеле авганистанскиот имигрант да пука во двајца војници од Националната гарда само неколку блокови од Белата куќа, во, како што наведоа официјалните лица, „заседа“ во пресрет на Денот на благодарноста.
Двајцата војници, дел од милитаризираната мисија за спроведување на законот што претседателот Доналд Трамп ја нареди пред неколку месеци, а која службениците на Дистрикт Колумбија ја оспорија на суд, се хоспитализирани и се наоѓаат во критична состојба.
Осомничениот, кој беше ранет во размената на оган пред да биде уапсен, Министерството за внатрешна безбедност го идентификуваше како авганистански државјанин, Рахманулах Лаканвал.
Трамп, кој во моментот на нападот се наоѓал во својата резиденција на Флорида, објави снимена видео изјава во која пукањето го нарече „чин на зло, чин на омраза и чин на терор“. Тој наведе дека неговата администрација ќе ги „преиспита“ сите Авганистанци кои дошле во САД за време на мандатот на Џо Бајден.
Американската агенција за државјанство и имиграција подоцна соопшти дека на неопределено време ја суспендирала обработката на сите барања за имиграција на авганистански државјани „додека не се изврши дополнителна ревизија на безбедносните протоколи и проверките“.
Според податоците на Министерството за внатрешна безбедност, Лаканвал влегол во САД во 2021 година како дел од Операцијата „Сојузниците се добредојдени“, програма од времето на мандатот на Бајден за преселување на илјадници Авганистанци кои им помогнале на САД за време на војната во Авганистан и кои стравувале од одмазда од страна на талибанските сили што ја презедоа контролата врз нивната татковина по повлекувањето на САД.
NBC News, повикувајќи се на разговор со неименуван роднина на осомничениот, објави рано во четвртокот дека Лаканвал служел во авганистанската војска 10 години заедно со американските специјални сили и дека дел од тоа време бил стациониран во Кандахар.
Министерството за внатрешна безбедност не наведе други детали за неговото имиграциско досие.
Но функционер од администрацијата на Трамп, кој зборуваше под услов да не биде именуван, изјави дека Лаканвал поднел барање за азил во декември 2024 година и дека тоа било одобрено на 23 април оваа година, три месеци по стапувањето на функцијата на Трамп. Лаканвал (29), кој живеел во државата Вашингтон, немал позната криминална историја, рече функционерот.
Пукањето се случи на неколку блока од Белата куќа. Агентите на Тајната служба веднаш по пукањето ја ставија претседателската резиденција под безбедносна блокада како мерка на претпазливост.
Како одговор на пукањето, министерот за одбрана Пит Хегсет изјави дека претседателот побарал да бидат испратени уште 500 војници од Националната гарда за да им се придружат на повеќе од 2.000 војници на Гарда кои претходно биле ангажирани во главниот град.
Градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баузер, која јавно се судри со Трамп околу распоредувањето на трупите на Гардата во градот, им рече на новинарите неколку часа по инцидентот: „Ова е насочено пукање“.
На истиот брифинг за новинарите, Џеф Керол, извршен помошник-началник, изјави дека двајцата војници биле нападнати од „заседа“ и дека напаѓачот изгледа делувал сам.
Двајцата војници, припадници на Националната гарда на Западна Вирџинија, биле во „патрола со висока видливост“ пред влезот на метро-станицата кога осомничениот „се појавил зад аголот“, го извадил оружјето и веднаш пукал кон нив двајцата, рече Керол.
По размената на оган, други припадници на Националната гарда го совладале осомничениот, додаде тој.
Пукањето во средата се случи пет дена по одлуката на федералниот судија со која привремено се спречуваат трупите на Националната гарда да вршат должности на спроведување на законот во округот без одобрение од градоначалничката, но судијата го суспендираше дејството на оваа наредба до декември за да ѝ овозможи жалба на администрацијата на Трамп.
САД ги запреа барањата за имиграција на Авганистанци по пукањето во Вашингтон
Соединетите Американски Држави ги запреа сите барања за имиграција поврзани со Авганистан откако еден Авганистанец застрела и критично рани двајца припадници на Националната гарда недалеку од Белата куќа во Вашингтон на 26 ноември.
Осомничениот, кој беше ранет во размена на оган пред да биде уапсен од други војници на Националната гарда, е идентификуван од Министерството за внатрешна безбедност како 29-годишен Рахманула Лаканвал.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој беше во своето одморалиште во Флорида за да го прослави Денот на благодарноста во времето на нападот, објави претходно снимена видео изјава на својот профил на социјалните мрежи Truth подоцна на 26 ноември, нарекувајќи го пукањето „чин на зло, чин на омраза и чин на терор“.
Според Трамп, осомничениот пристигнал во Соединетите Американски Држави во септември 2021 година со еден од „тие летови“ за евакуација на Авганистанци откако Талибанците ја вратија контролата во земјата по повлекувањето на САД.
Тој исто така додаде дека неговата администрација ќе ги „преиспита“ сите Авганистанци кои дојдоа во Соединетите Држави за време на претседателствувањето на Џо Бајден. Агенцијата за државјанство и имиграција на САД подоцна потврди на X дека „со стапување во сила веднаш, обработката на сите барања за имиграција поврзани со авганистанските државјани е запрена на неодредено време во исчекување на понатамошен преглед на протоколите за безбедност и проверка. Заштитата и безбедноста на нашата татковина и на американскиот народ остануваат наш единствен фокус и мисија“.
Неколку американски медиуми објавија дека Лаканвал служел во Авганистанската армија една деценија, поддржувајќи ги американските специјални сили во земјата разурната од војна во тој период.
Се очекува нападот од 26 ноември, кој се случи во близина на метро станица на неколку блока од Белата куќа, исто така да стави нов фокус на потегот на Трамп да распореди национална гарда во неколку големи американски градови во наводен обид да ги намали стапките на криминал низ целата земја.
Како одговор на пукањето, министерот за одбрана Пит Хегсет рече дека уште 500 војници на Националната гарда ќе бидат додадени на 2.000-те што веќе се стационирани во главниот град на САД.
Градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баузер, која отворено се судри со претседателската администрација околу распоредувањето на Националната гарда во главниот град, го опиша нападот како „ужасен и несовесен“ и додаде дека „осомничениот е во притвор за ова целно пукање и ќе биде гонет според законот“.
Над 30 загинати и 200 исчезнати при пожар во зграда во Хонг Конг
Најмалку 36 лица загинаа, а 279 се водат како исчезнати откако најсмртоносниот пожар во Хонг Конг во последните три децении на 26 ноември зафати високи станбени згради облечени во запаливи бамбусови скелиња, соопштија властите.
Пожарот избувнал во северниот округ Таи По, во 32-катни кули. Причината за пожарот не беше веднаш позната, но беше предизвикана од зелена градежна мрежа и бамбусови скелиња, главен столб на традиционалната кинеска архитектура, но кои постепено се укинуваат во Хонг Конг од март годинава поради безбедносни причини.
Полицијата уапси тројца мажи под сомнение за убиство од небрежност поради пожарот, соопшти јавниот радиодифузен сервис РТК, без да даде дополнителни детали.
Работејќи во текот на ноќта, пожарникарите се бореа да стигнат до горните катови од станбениот комплекс Ванг Фук Корт, кој има 2.000 станови во осум блока, поради интензивната топлина.
Меѓу загинатите е и еден пожарникар, а 29 лица се во болница, изјави за новинарите градоначалникот на Хонг Конг, Џон Ли. Околу 900 лица се во осум засолништа.
„Приоритет е да се изгасне пожарот и да се спасат заробените жители. Вториот е да се обезбеди поддршка на повредените. Третиот е да се обезбеди поддршка и закрепнување. Потоа ќе започнеме темелна истрага“, им рече Ли на новинарите.
Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на „сите напори“ за гаснење на пожарот и минимизирање на жртвите и загубите, објави кинескиот државен радиодифузер CCTV.
Противпожарната служба соопшти дека пламените во три згради се под контрола доцна навечер, но четири останале нескротени.
Високите цени на недвижностите во Хонг Конг долго време беа причина за социјално незадоволство во градот, а трагедијата со пожарот може дополнително да го разгори незадоволството против властите пред градските избори на почетокот на декември.
Одделот за образование на градот соопшти дека најмалку шест училишта ќе бидат затворени во четврток поради пожарот и сообраќајниот метеж.
Ова беше најлошиот пожар во Хонг Конг од ноември 1996 година, кога 41 лице загина во зграда во Коулун. Пожарот беше предизвикан од заварување за време на внатрешно реновирање.
Јавната истрага доведе до сеопфатно ажурирање на градежните стандарди и прописите за противпожарна безбедност за високи канцеларии, продавници и домови.
Сомнеж за труење со храна кај деца во скопско училиште
Поради сомнеж за труење со храна, повеќе деца од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ 26 ноември не се појавиле на настава.
Деветмина пријавиле здравствени проблеми, а дел од нив биле примени на скопските клиники со стомачни тегоби и повраќање. Инспекциските служби по целодневни проверки ја затворија училишната кујна во Карпош.
„Земени се мостри и се вршат анализи. Првичните резултати се очекуваат утре“, изјави за директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска за Дојче веле.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат наредил вонредно чистење и здравствени прегледи на вработените во училиштето, а земени се и мостри од работните површини.
Директорката на „Димо Хаџи Димов“, Лела Николоска, во изјава за порталот „360 степени“, потврдила дека децата кои пројавиле симптоми се ученици од прво до петто одделение. Точниот број на засегнати ученици, како што изјави Николоска, е побаран од ИЈЗ за да се утврди колку деца пријавиле симптоми.
Таа истакнала дека бројката на отсутни ученици не може да се спореди со реалната состојбата бидејќи дел од учениците превентивно се задржани дома од своите родители, дел од претходно отсуствувале поради сипаници или бронхит.
„Од надлежните чекаме да видиме што ќе добиеме како насока за како понатаму да постапуваме“, вели Николоска за 360 степени.
Двајца ученици се хоспитализирани на Детската клиника. Децата се во стабилна состојба, но биле примени со симптоми на труење, стомачни болки и повраќање.
Како што објави „360 степени“, меѓу учениците кои побарале помош бил и помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски, кој два дена е на болничко лекување.
Училишната менза во Основното училиште Димо Хаџи Димов се снабдува со храна од приватната компанија Ванила Фуд. На нивната веб страница е објавена и фотографија на која е прикажано дека за време на летниот одмор, била реновирана мензата во тоа училиште.
Ова е втор случај на труење со храна во основни училишта во општината Карпош. Претходно во 2023 година, најмалку девет случаи на деца заразени со салмонела беа пријавени во три основни училишта во општината Карпош, каде што со храна беа снабдувани од приватната компанија Ванила Фуд.
Тогаш, по извршените контроли Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека се уредни резултатите од земените мостри од храна и суровини за подготовка на храна од сите училишни кујни во општина Карпош, каде што беа пријавени случаи на сомнежи на труење и беше спроведен вонреден инспекциски надзор.
Двајца припадници на американската Национална Гарда застрелани во близина на Белата куќа
Двајца припадници на американската Национална Гарда беа застрелани во близина на Белата куќа на 26 ноември, соопшти гувернерот на Западна Вирџинија, Патрик Морисеј. Полицијата во Вашингтон соопшти дека еден осомничен е во притвор и дека областа е обезбедена.
Гувернерот Морисеј, во објава на социјалната платформа Х објави дека членовите на Националната гарда починале од повредите.
Кратко потоа, тој објави дека информациите се сè уште контрадикторни и дека состојбата на членовите на Националната гарда е нејасна, откако претходно се велеше дека починале.
„Сега добиваме спротивставени извештаи за состојбата на нашите двајца членови на гардата и ќе дадеме дополнителни информации кога ќе добиеме поцелосни информации“, објави Морисеј, гувернерот на Западна Вирџинија.
Полицијата во Вашингтон соопшти дека осомничениот е во притвор по пукањето што се случи на еден блок од Белата куќа и дека областа е обезбедена, јавува новинската агенција Ројтерс.
Началникот на полициска станица во областа, Џеф Керол, на прес-конференција даде детали за нападот и како се одвивал.
Тој рече дека се случил во 14:15 часот по локално време (вечерните часови по централноевропско време), додека членовите на Националната гарда биле во „патроли со голема видливост во областа“.
„Осомничениот дошол зад аголот, ја кренал раката во која држел огнено оружје и пукал кон Националната гарда. Членовите на Националната гарда успеале, по пресметката да го совладаат лицето и да го приведат,“ изјави Керол.
Одговарајќи на прашања од новинарите, Керол рече дека нема индикации дека има други осомничени.
„Претседателот е известен“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Директорот на ФБИ, Кеш Пател, изјави дека се ангажирани и дека помагаат во истрагата.
Трамп е во своето одморалиште во Палм Бич пред државниот празник Денот на благодарноста кој во САД се одбележува на 27 ноември. Потпретседателот Џ.Д. Венс е во Кентаки.
Федералната администрација за воздухопловство на САД (FAA) соопшти дека летовите до Националниот аеродром Роналд Реган во Вашингтон беа накратко прекинати откако двајца припадници на Националната гарда беа застрелани во близина на Белата куќа, но воздушниот сообраќај оттогаш е обновен.
Краткиот прекин се случи еден ден пред државниот празник, што е меѓу најпрометните периоди во годината за воздушен сообраќај во Соединетите Држави.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете