Осум месеци по трагедијата во кочананската дискотека Пулс, во која загинаа 63 млади луѓе, и непосредно пред почетокот на судскиот процес, пратениците најавија дека ќе дебатираат за политичката одговорност во собраниска анкетна комисија.
Опозицијата поднесе предлог до Собранието, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе се согласи, под услов таа да се прошири за сите изминати трагедии.
Јавниот обвинител Љупо Коцевски смета дека политката треба да ги тргне рацете од оваа постапка, затоа што сега започна судска постапка во која ќе се бара кривична одговорност за системските пропусти кои доведоа пожарот да предизвика толку голем број на жртви.
„Мое лично мислење е дека во овој момент се води судска постапка и не би било целисходно да се води и анкетна комисија, имајќи в предвид дека таму може ќе се расправаат работи кои би биле дел од судската постапка, меѓутоа на политиката и оставаме таа да реши“, изјави Коцевски синоќа, на 19 ноември во интервју за ТВ Сител.
Вчера почна и судењето за пожарот во дискотеката во Кочани што се случи пред осум месеци, а во кој загинаа 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени.
Тој додаде дека судската постапка треба да биде транспарентна и да заврши, па евентуално тогаш, ако и натаму политичарите сметаат дека треба да се бара дополнително и политичка одговорност, тогаш да формираат анкетна комисија.
Иницијативата за анкетната комисија доаѓа со задоцнување, велат пак дел од поранешните пратеници и аналитичари, и ја отвораат стара дилема: дали анкетните комисии ја исполнуваат уставната цел како контролен механизам на извршната власт за утврдување политичка одговорност, или се претвораат во партиски судови со ограничен домет?
Анкетните комисии се привремени работни тела на Собранието кои имаат за цел извршување на посебни задачи. Според Уставот, наодите на анкетните комисии се основа за поведување постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции.
Оваа анкетна комисија за опозициската СДСМ која побара да се формира, претставува тест за зрелоста на општеството, додека за власта е само „уште една политичка некрофилија“.
Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, потсетува дека уставната улога на анкетната комисија е контролна. Таа е инструмент преку кој Собранието проверува дали носителите на јавните актуелни функции си ги извршиле обврските и дали пропустите довеле до последици како во случајот со Кочани.
„Анкетната комисија не е истражен орган. Не навлегува во судска или обвинителска работа. Таа утврдува само политичка одговорност,“ објаснува Петковски.
Поранешната пратеничка, Ѓулистана Марковска, која беше дел и од првиот состав на Собранието по осамостојувањето на државата во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека е спорен временскиот период кога ќе се реализира оваа анкетна комисија, затоа што сега, кога започнува и судскиот процес со барање на кривична одговорност, тоа ќе доведе до паралелизам.
Трагедијата, како што вели, веќе е предмет на голема судска постапка, со 15 обвинители и повеќе од 30 обвинети, а формирањето анкетна комисија сега може да изгледа како партиско надмудрување, а не како одговорен механизам.
„Комисијата може да се претвори во партиски суд. Пратениците таму најчесто настапуваат партиски, а не институционално. Искуството покажува дека таквите комисии се формираат или за да се заташка нешто, или за политички поени,“ предупредува Марковска.
Таа додава дека анкетни комисии има и треба да има само кога постои „сива зона“, случаи кога нема кривична одговорност, но постои политички пропуст.
Но, во Кочани, вели таа, веќе трае судски процес со јасни индиции за кривична вина, и патот на политичката одговорност веќе е компромитиран поради долгото одлoжување.
Со овој став не се согласува Петковски, кој беше претседател на Собранието од редовите на СДСМ.
Тој смета дека иако е задоцнетото формирањето на анкетна комисија, со искрени намери може да доведе од утврдување на политичка одговорност кај актуелни функционери, што е различно од кривичната одговорност која се бара во Судот.
„Тие се сосема две различни работи и не смеат да се мешат“, дециден е Петковски.
За Петковски, доцнењето од осум месеци е јасна одлука на власта да избегне политичка одговорност во моментот кога трагедијата беше свежа.
„Кога се случи несреќата, опозицијата, па дури и дел од владејачките партии бараа комисија. Но власта не сакаше ни да чуе“, вели тој.
Според Петковски, министерот за внатрешни работи требало да поднесе оставка веднаш по трагедијата, како чин на политичка и морална одговорност, нешто што, како што вели, е пракса во развиени демократии. Како пример го наведува случајот во Словенија, каде министер бил сменет и за многу помала последица, само една жртва.
И Петковски и Марковска предупредуваат дека долгогодишната практика на македонските институции покажа дека анкетните комисии честопати служат како партиски механизам, а не како алатка за отчетност.
Анкетната комисија за Онкологија заврши без заклучоци
Последната анкетна комисија која се формираше во Собранието се обиде да утврди политичка одговорност по објавувањето на аферата за злоупотреба на биолошката терапија на Клиниката за онкологија. Расправата во оваа комисија по неколку месеци заврши брз утврдени заклучоци за политичка одговорност. Тогашната владејачка партија СДСМ, заклучоците на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи ги опиша во јавноста како „партиски заклучоци“, и без прецизна листа на лица кои би носеле политичка одговорност.
Слична беше ситуацијата и со претходните анкетни комисии, како таа за аферата за прислушување која опфати масовно следење и прислушкување на политичари и јавни личности. Тогаш Европската комисија во нејзиниот извештај за напредокот на Северна Македонија укажа дека иако е формирана комисија, постојат „пречки во пракса“ за санкционирање на одговорните.
Анкетна комисија беше формирана и за случувањата на 24 декември 2012 година кога опозицијата беше исфрлена од парламентот, но потоа тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ рече дека извештајот го смета за „палома хартија“.
Поранешниот собраниски претседател Петковски потсетува дека до сега ниту едно парламентарното мнозинство не дозволило утврдување на политичка одговорност кај функционерите од нивните редови.
„Кај нас немаме демократија, кај нас имате класична партократија. Партиите владеат, тие што ќе кажат, што ќе се договорат. Демократијата подразбира за гласање за одговорност“, вели Петковски.
Марковска додава дека претходните анкетни комисии на кои се зборуваше за аферата на онкологија , за прислушувањето, за загадувањето, завршија без правен исход, со, како што вели, заклучоци оставени „во фиока“.
„За семејствата на 63-те загинати, политички игри не значат ништо“, додава таа.
Семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани на протести секоја сабота по несреќата бараат неселективна правда и гаранција дека институционалните пропусти и немарност никогаш повеќе нема да доведат до трагедија од вакви размери.