И Министерството за одбрана и приватните компании од областа на воената наменска индустрија се на иста линија дека треба да се зајакне сопственото производство на воена опрема и оружје во Северна Македонија.
Европскиот план за ревооружување и зајакнување на одбранбената подготвеност на европските земји до 2030 година го отвори прашањето за нивото на наменската индустрија во земјава, при што и домашните малкубројни компании и државата покажуваат подготвеност да работат заедно за нивен развој.
Во рамки на Групацијата за оружје, експлозивни и опасни материи, пиротехнички средства и програма за воена и цивилна намена при Стопанската комора членуваат помалку од 10 компании .
Тие работат во различни сфери од индустријата - од муниција, експлозивни и опасни материјали; трговија со пиротехнички средства и реализација на огномети, вооружување и воена опрема, производство на оружје и опрема и друго.
И веќе бараат реобнова на наменското индустриско производство како и формирање на сервисно-логистички центри за одржување на воените средства на Армијата.
Претседателот на Групацијата за оружје, Димитар Мангутов, вели дека со европскиот план ќе се мобилизираат над 800 милијарди евра, од кои 150 милијарди евра ќе бидат заеми за проекти за производство и набавка на оружје за инвестирање во одбраната и зајакнување на воените капацитети во земјите од Европа во следните 5 години.
„Сметаме дека ова е добар момент за реобновување на наменската индустрија во нашата земја, а не да се концентрираме исклучиво на набавки на одбранбени системи за потребите на државата. “, вели Мангутов.
Компаниите сметаат дека е потребно најпрвин да изработи стратегија.
„Потребно е да ги видиме нашите капацитети, машинскиот и човечкиот потенцијал, односно сето она со кое располагаме. Прашање е дали ние како општество сакаме да ја подигнеме оваа индустрија на едно повисоко ниво, односно да не се занимаваме само со трговија на воени средства, туку да го поттикнеме и самото производство“, рече Ентони Пешев, извршен директор на Стопанската комора.
Од Министерството за одбрана ги поддржуваат сите можности за инвестирање во оваа специфична индустрија, не само за зголемување на севкупните капацитети на НАТО, туку се влијае и на развојот и трансферот на технологии.
„Инвестирањето во сопствено производство, развој на опрема и вооружување е интерес и одлука во рамки на приватните компании. Сeкако дека Министерството за одбрана е подготвено да даде стручна поддршка во делот на развој на наменската индустрија на секоја компанија“, велат од одбраната.
Со ваквиот став е согласна и поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска. Но посочува дека државата мора финансиски да им помогне на приватните домашни компании, затоа што инвестициите во одбранбената индустрија се многу скапи.
„Бројот на компании кои се занимаваат со производство е многу мал. Мислам дека не е повеќе од две-три компании кои се занимаваат со производство и тоа дел од нив дури и ограничено би рекла, не произведуваат вооружување, муниција и други елементи, останатите најчесто прават увоз - извоз. Владата мора да побрза во привлекувањето на таквите инвеститори, без разлика дали се домашни или странски кои многу брзо ќе можат да го да земат дел од тој колач на на светскиот пазар“, вели Петровска.
Странски инвестиции во воената индустрија
Премиерот Христијан Мицкоски веќе најави странски инвестиции во воената индустрија. Тој во октомври во Велика Британија потпиша Меморанум за соработка во воената наменска индустрија со британско-американската компанија „Бурсток ЛТД", за инвестиција од 150 милиони долари, со очекување инвестициите во оваа област да достигнат милијарда долари.
Но, освен официјалните снимки од Лондон од потпишувањето на Меморандумот со Џорџ Базби, еден од основачите на „Бурсток ЛТД“, од македонската влада не откриваат што точно ќе биде инвестицијата и во која сфера од воената индустрија треба да даде придонес британско-американската компанија.
Таа во јавноста се претставува како меѓународна консултантска фирма со искуство во работењето во Обединетото Кралство, Европа и Блискиот Исток.
„Компанијата има долгогодишно искуство во областа на одбраната, дипломатијата, безбедноста и разузнавањето, консултантски услуги и управување со проекти, како и специјализирана во поморскиот и воздухопловниот комерцијален сектор. Компанијата обезбедува стратешки консултантски услуги за суверени влади и комерцијални субјекти низ Европа и Блискиот Исток“, стои на нивната официјална веб - страница.
Побаравме дополнителни информации и од компанијата во однос на инвестицијата во Северна Македонија, но одговор од компанијата „Бурсток ЛТД“ не добивме.
Барни Вајт-Спанер и историјата со Северна Македонија
Компанијата „Бурсток ЛТД“ е создадена во 2015 година од Барни Вајт-Спанер и Џорџ Базби. И двајцата во минатото за британската влада во многу различни земји, а се тесно поврзани и со регионот на Западен Балкан.
Во области каде делувале, наведено е дека имаат експертиза во многу комерцијални сектори и посебно познавање на одбраната, дипломатијата, безбедноста и разузнавањето.
Биографијата на Вајт Спанер покажува дека имал активна улога во критичниот период за државата во воениот конфликт во 2001 година.
Сер Берни Вајт Спанер е поранешен британски генерал и командант на НАТО во Северна Македонија за време на потпишувањето на Охридскиот рамковен договор пред 24 години.
Kомандувал за време на операцијата на НАТО „Неопходна жетва“, чија мисија беше собирање на нелегалното оружје по воениот конфликт.
По овие кризи, 17 години подоцна - Спанер и Базби се враќаат во Северна Македонија вклучувајќи голем број други западни дипломати преку новоформирана неформална организација која беше наречена "Група Охрид", која даваше јавна подршка на референдумот од 30 септември 2018 година за Преспанскиот договор.
Сега, тие се повторно се враќаат како потенцијални инвеститори, како што ги најави премиерот Мицкоски, со нивната компанија „Буртсок“ која влегува во македонската воена индустрија.
Во чекор со ЕУ за вооружување со дронови
Една од главните инвестиции во ревооружувањето на земјите на Европската унија со рекордни дополнителни буџети за одбрана се во дронската технологија и противдронската заштита. Вкупните буџетски издвојувања за одбрана во ЕУ се зголемија на 381 милијарди евра во 2025 година, а овој драматичен скок е директна последица на руска инвазија на Украина.
Од соседството, пак, Косово е последен пример за активно вооружување со набавката на илјадници турски беспилотни летала, што наиде на остри реакции од официјален Белград, додека вршителот на должноста премиер Албин Курти најави и создавање на сопствена индустрија за производство на дронови.
Ваквиот тренд на вооружување со дронови, велат дека го следат и од македонското Министерствто за одбрана односно дека процесот за модернизација и опремување на Армијата вклучува и набавка на беспилотни системи.
„Македонската Армија покрај финансиските средства наменети за модернизација и опремување, се опремува и со помош од сојузниците од НАТО и преку Европскиот мировен фонд. Во декември 2024 година, склучивме шест нови договори за набавка на опрема со нашиот стратешки партнер САД во кој покрај опремата за специјалните сили, за зајакнување на сајбер безбедност, лесно пешадиско вооружување е вклучено и набавка на дронови од типот PUMA и RAVEN“, изјавија од министерството.
Зошто не полета првиот македонски дрон?
Најави за производство на дронови имаше и во Северна Македонија, но завршија само како ветување.
Но, токму проект зад кој застана поранешната влада и ексминистерката Петровска, за кој државата одлучи да вложи пари во приватна компанија, заврши со неуспех.
Во декември 2023 година, владата предводена од Димитар Ковачевски најави производство на првите повеќенаменски македонски воени дронови во компанијата „АТС АММО“ во Самоков.
„Мултинаменски ќе бидат заради тоа што во денешно време повеќедимензионалноста или потребата од повеќе аспекти се повеќе се наметнува. Тие ќе бидат способни и да бидат испраќани во извидничко-разузнавачки мисии, а се разбира ќе бидат оспособени за борбени дејствија но и за употреба во цивилни цели“, рече тогаш Петровска.
Речиси две години подоцна, ексминистерката вели дека не знае која е причината зошто државното партнерство со АТС во Самоков не профионционирало, кое притоа самата го најавуваше како инвестиција со стратешко значење на државата.
Идејата, како што рече Петровска во интервјуто за РСЕ била полигонот Криволак да биде во функција како место каде би можеле да бидат тестирани овие дронови.
„Зошто не е таа се уште реализирана, јас од оваа перспектива и после година и нешто не би знаела да да одговорам. Меѓутоа, веројатно дали е можеби одлука на инвеститорот или одлука на владата“, изјави Петровска.
Од сегашното раководство на одбраната на чело со министерот Владо Мисајловски кусо велат дека не се запознаени со ваков проект.
„Министерот Мисајловски не затече разработен проект со македонска компанија во воената индустрија“, рекоа од кабинетот на Мисајловски.
Единствена фабрика во земјава од наменска воена индустрија која произведува малокалибарска муниција која е и регистрирана и учествува на НАТО-пазарот е АТС груп во која влегува поранешната фабрика за муниција „Сувенир“ во Самоков.